Општи услови за користење на услугата CVS Mobile
Компанијата CVS Mobile МК д.о.о.е.л., Улица 16. македонске бригада 13б, 1000 Скопје (во натамошниот текст и понудувач на системот CVS Mobile или понудувач), на 17.9.2018 година ги издаде следниве
Општи услови за користење на услугата CVS Mobile
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овие Општи услови се уредува давањето услуги на претплатниците на
CVS Mobile.
ДЕФИНИРАЊЕ НА ПОИМИ
Член 2
Систем CVS Mobile е систем за следење, комуникација и за управување со возен парк. Системот е составен од програмска и од машинска опрема. Услуга CVS Mobile е услуга која му овозможува на претплатникот централен надзор над возниот парк и комуникација со возилата со помош на мобилната мрежа што ја нуди понудувачот.
Претплатник е корисник на услугата CVS Mobile кој има склучен претплатнички договор за користење на услугата CVS Mobile најмалку за една инсталација на модем GPS/GSM.
Мобилна мрежа е безжична телекомуникациска мрежа која овозможува поврзување на податоци и говорна врска меѓу корисникот на радиотерминална опрема во рамките на соодветната мобилна мрежа, како и со други телекомуникациски мрежи.
Концесионер е правно лице кое врши правна или реална контрола на севкупните функции што се потребни за обезбедување услуги на мобилната мрежа.
Услуги на мобилната мрежа се воспоставување говорни врски, пренесување податоци и други технички и комерцијални услуги што ги овозможува мобилната мрежа, а ги дава концесионерот.
SIM – Subscriber Identity Module (SIM-картичка) е картичка со впишан код на корисникот, која овозможува приклучување на мобилната
мрежа и го идентификува корисникот на мобилната мрежа. Во случај на услугата CVS Mobile, претплатничката картичка е сопственост на понудувачот.
Централна база на податоци е компјутерски центар на кој претплатникот му пристапува со користење посебна апликација и кој му овозможува на нарачателот графички преглед на положбата на возилата на дигитални карти, преглед на работењето на возилата, испраќање и примање извештаи, анализирање на претходните рути, изработка на различни извештаи, итн.
Опрема е севкупната машинска и програмска опрема која понудувачот ја вградува во возилата и таа претставува услов за успешно функционирање на услугата CVS Mobile. За опрема се сметаат апликацијата CVS Mobile MAP, модемот GPS/GPRS, комуникацискиот терминал, навигацискиот терминал, интерфејсите, сензорите, прекинувачите, каблите за поврзување, итн., но таа не се ограничува само на наведеното.
Модем GPS/GSM е единица која е составена од модул GPS/GPRS, SIM- картичка и антена за прием на сателитски сигнал и за пренос на радиосигнал.
Комуникациски терминал е единица која овозможува воспоставување комуникација до секое поединечно возило, односно претплатник каде што функционира апликацијата CVS MOBILE WEB.
Навигациски терминал е единица која овозможува воспоставување комуникација до секое поединечно возило, односно претплатник каде што функционира апликацијата, а дополнително овозможува и навигација.
GPS (Global positioning system) е систем за одредување на
геолокацијата со помош на сателитски сигнал.
Претплата е договорена цена за користење на услугата CVS Mobile. Закупнина е договорена цена за машинската опрема за услугата CVS Mobile.
Претплатнички договор е договор меѓу понудувачот и претплатникот како краен корисник, со кој се склучува претплатнички однос за користење на услугата CVS Mobile. Негов составен дел се и овие Општи услови и ценовникот на услугите на понудувачот. Претплатнички однос настанува со склучување претплатнички договор. Претплатнички договор се склучува во писмена форма на однапред отпечатен образец, при што евентуалните усни договори не се важечки.
Член 3
Покрај важечкото законодавство, односот меѓу понудувачот и претплатникот се уредува и со претплатнички договор, чиј составен дел се и овие Општи услови, како и упатства за употреба и важечки ценовници на услугите, кои содржат список на важечки цени на услугите. Овие Општи услови можат да бидат дополнети со посебни договори на договорните страни и, по правило, се обврзувачки како и договорите. Доколку Општите услови и посебните договори не се усогласени, важат посебните договори. Во текот на претплатничкиот однос може да се вгради дополнителна опрема и/или да се обезбедат дополнителни услуги CVS Mobile и врз основа на потпишан записник за монтирање или на друг писмен документ, без потреба од склучување нов претплатнички договор.
За користење на услугите на мобилната мрежа, покрај одредбите од овие Општи услови, важат и општите услови на концесионерот на мобилната мрежа кој се грижи за поврзаноста на возилата со Централната база на
податоци, доколку не се исклучени со овие Општи услови.
Претплатникот, при инсталирање на апликацијата CVS MOBILE WEB, потврдува дека е согласен со условите за крајниот корисник (End-Users Terms), со оглед на употребата на лиценцирани податоци GOOGLE MAPS и на лиценцирана програмска опрема. Со оваа потврда условите за крајниот корисник стануваат составен дел од Општите услови за користење на услугата CVS Mobile.
Член 4
За пристап до Централната база на податоци се користи апликацијата CVS Mobile MAP, посебно наменета за тоа, која на претплатникот му ја доставува и инсталира понудувачот на почетокот на претплатничкиот договор.
Понудувачот ќе го известува претплатникот за новите услуги кои ги овозможува системот, новите пакети, измените на пакетите, за цените и за измените на цените на услугите, како и за земјите во кои е достапна функционалноста на услугата CVS Mobile преку интернет-адресата xxxx://xxx,xxx-xxxxxx.xx
Понудувачот ќе ја обезбедува услугата CVS Mobile, која се заснова на технологијата на пренос GPRS или на други соодветни начини на пренос на податоци, сè додека концесионерот го обезбедува таквиот пренос. Доколку концесионерот трајно престане да го обезбедува преносот, понудувачот може без обврски, според сопствена процена, да се откаже од претплатничкиот договор или да обезбеди пренос преку друг концесионер.
За користење на услугата CVS Mobile претплатникот е должен да набави соодветна интернет-врска на сопствена сметка. Минималната брзина на интернет-врската за соодветен одѕив на системот е 64 kb/s (еден канал ISDN) или побрза и компјутер со интернет-пребарувач.
Претплатникот не смее да ја користи SIM-картичката која е интегрирана во модемите GPS/GSM или во друга опрема, во некој друг терминал или за друга цел од онаа што е утврдена во претплатничкиот договор. Претплатникот не смее да ја продаде опремата или да овозможи со негово посредство до неа да дојдат трети лица, ниту смее да им овозможи нејзино користење без оглед дали претплатникот ја купил или само ја најмил опремата, ни по престанок на претплатничкиот однос, освен доколку за тоа претходно не добил изречна писмена согласност од понудувачот.
Сите права на интелектуална сопственост за извршување на услугата CVS Mobile и на опремата се сопственост на понудувачот. Со претплатничкиот однос претплатникот не се здобива со какви било права на оваа интелектуална сопственост, освен правата на користење кои се изречно наведени во претплатничкиот договор и во овие Општи услови.
ПОЧЕТОК НА ПРЕТПЛАТНИЧКИ ОДНОС
Член 5
Претплатничкиот однос за користење CVS Mobile настанува со склучување претплатнички договор и почнува да важи за секое возило посебно од моментот на вклучување на возилото во системот CVS Mobile, што претплатникот го потврдува со потпишување на работниот налог. Моментот на вклучување на возилото во системот го означува и почетокот
на времетраењето на претплатничкиот однос утврден со претплатничкиот договор. На истиот се надоврзуваат сите права и обврски од претплатничкиот договор и од овие Општи услови.
Страните во претплатничкиот договор, меѓу другото, го определуваат
пакетот услуги (следење во рамките на Македонија и во странство), како и функционалностите на пакетот (следење, или следење и комуникација, или следење со комуникација и телеметрија, итн.), а опремата се најмува или претплатникот ја купува. Во претплатничкиот договор се утврдува и времетраењето на претплатничкиот однос.
Податоците што ги навел претплатникот во претплатничкиот договор мора да бидат реални, точни и целосни, бидејќи во спротивно претплатникот е материјално одговорен.
ЗАКУПНИНА И ПРЕТПЛАТА
Член 6
Цената на купувањето и на најмувањето на опремата на понудувачот и висината на претплатата на услугите на понудувачот се дефинирани во ценовникот кој е составен дел на претплатничкиот договор меѓу понудувачот и претплатникот.
Понудувачот ќе издаде фактура за услугите според овој договор до секој последен ден во месецот за тековниот месец. Рокот за плаќање за договорните услуги е 15 дена од датумот на издавање на фактурата. Куповната цена за плаќање на опремата во случај претплатникот да ја купува, претплатникот е должен да ја плати во рок од осум дена од монтирањето на опремата во возилата, освен ако со понудувачот на услугата не се договорил поинаку.
Месечната претплата претставува фиксен месечен паушал.
Понудувачот на услугата го задржува правото на промена на претплатата на услугите CVS Mobile и на менување на цените на закуп и на закупнината на опремата на понудувачот. Понудувачот на услугата благовремено ќе го извести нарачателот за измените на цените најмалку еден месец пред почетокот на важење на новите цени.
Член 7
Претплатата се пресметува на следниов начин:
- претплатата се пресметува за тековниот месец;
- за ново приклучување на возило во системот претплатата се пресметува од датумот на вклучување до последниот ден во месецот, на следниов начин: (претплата/30 дена x денови на користење = износ на делумна претплата).
Претплатникот е должен да ги намири сите трошоци (претплата), што настанале поради користење на CVS Mobile од страна на трето лице.
Претплатникот е должен да ги намири кон понудувачот на услугата сите трошоци за наплатување долг по неговите достасани обврски.
МОНТИРАЊЕ, ПРЕМОНТИРАЊЕ И ДЕМОНТИРАЊЕ
Член 8
Опремата ќе се вградува во возила на претплатникот според дополнително договорена динамика.
Член 9
Монтирањето, премонтирањето и демонтирањето на опремата можат да го вршат само овластени сервиси на понудувачот.
Монтирањето, премонтирањето и демонтирањето се пресметуваат во согласност со важечкиот ценовник на понудувачот, кој важи на денот на монтирањето, премонтирањето и демонтирањето. Понудувачот го задржува правото во секое време да го менува ценовникот за монтирање, премонтирање и за демонтирање.
Претплатникот ниту во еден случај не смее сам или преку трето лице, кое не е понудувач или овластен сервис на понудувачот, да монтира, премонтира или да демонтира опрема и одговара за севкупната штета што понудувачот или трето лице би ја претрпело поради прекршување на оваа забрана. Покрај тоа, во случај на прекршување на забраната од претходниот став, претплатникот е должен целата опрема што ја има најмено од понудувачот да ја откупи по целосна цена, односно за вредноста на нова опрема во согласност со важечкиот ценовник на понудувачот, кој важи на денот кога понудувачот бара купување од претплатникот.
Член 10
Во случај претплатникот да има во закуп опрема од понудувачот и да не плаќа закупнина или претплата, или да дојде до прекинување на договорот за услугата CVS Mobile, претплатникот е должен на понудувачот неодложно да му овозможи демонтирање на најмената опрема. Демонтирањето се пресметува во согласност со важечкиот ценовник што важи на денот на демонтирањето.
Во случај на прекинување на договорот, како време на прекинување на договорот се пресметува моментот кога понудувачот ја демонтирал целата најмена опрема. Претплатникот е должен, за времето од моментот кога понудувачот бара демонтирање на опремата, па сè до моментот кога понудувачот ја демонтирал севкупната најмена опрема, да му плати на понудувачот закупнина и претплата; висината на закупнината се определува пропорционално на времето. Времето на реалното прекинување на договорот не влијае на должноста на нарачателот за плаќање обврзувачки износи што се одредени од член 18 и 19 од овие услови.
Покрај тоа, во случај претплатникот да не ги исполни своите обврски од првиот став од овој член, се смета дека претплатникот сака опремата што ја има земено под закуп да ја купи по целосна цена, поради што понудувачот, по сопствена процена, може да му издаде фактура во вредност на новата опрема или да инсистира на демонтирање. Во последниов случај, сите трошоци за демонтирање и трошоците поврзани со тоа (на пример, судски постапки, односно интервенција од суд, други службени постапки, полиција, детективи, итн.) се на товар на претплатникот.
СЕРВИС
Член 11
Грешките во работата на системот CVS Mobile, кои не произлегуваат од причините наведени во член 15, понудувачот на услугата ќе ги отстрани во најкус можен рок.
Понудувачот на услугата обезбедува овластени сервиси за опремата. Само овластен сервис смее да врши сервисни работи на опремата.
Понудувачот го задржува правото, поради извршување итни сервисни работи на Централната база на податоци, повремено да ги исклучи услугите CVS Mobile. Во текот на овие исклучувања понудувачот ќе се залага тие да траат колку што е можно пократко. За таквите исклучувања понудувачот претходно ќе го извести претплатникот на интернет- страницата xxxx://xxx.xxx-xxxxxx.xx.
При неможност на користење на услугите CVS Mobile поради работи од претходните ставови од овој член, закупнината и претплатата не се намалуваат.
ГАРАНЦИЈА
Член 12
Во случај нарачателот да ја купи опремата, понудувачот на таа опрема дава двегодишна гаранција.
Периодот на гаранција за поединечни испорачани уреди е две години од датумот на монтирање на поединечните единици во возилата на претплатникот.
Гаранцијата не важи во случај на пренапонски појави (гром, индукции...) и на други временско-атмосферски пречки или во случај на виша сила. За виша сила се смета настапувањето на околности што го отежнуваат или го оневозможуваат исполнувањето на договорните обврски на едната или на другата договорна страна, и кои настанале по склучувањето на претплатничкиот однос, а договорните страни во времето на склучување на претплатничкиот однос не можеле да ги предвидат, спречат или да ги избегнат. Во случај на виша сила, договорната страна кај која настанала истата е должна по писмен пат да ја извести другата договорна страна за настапување или за престанување на вишата сила. Во случај на предизвикување штета како последица на виша сила, секоја договорна страна е должна да ги поднесе трошоците што настанале поради виша сила. Исто така, гаранцијата не важи доколку оштетувањето на уредите настанало поради механички оштетувања на уредите или поради постапување со уредите на начин што е во спротивност со ова упатство.
Гаранцијата, исто така, не го покрива нормалното користење на потрошниот материјал (батерии, надворешни антени, 12 V автомобилски приклучоци, осигурувачи, итн.).
ОБВРСКИ И ОДГОВОРНОСТИ НА ПРЕТПЛАТНИКОТ
Член 13
Претплатникот:
- се обврзува дека ќе ги користи услугите во согласност со упатствата за употреба;
- самиот одговара за изборот, заштитата и за користењето на пристапните лозинки што се потребни за користење на услугата. Претплатникот мора да ја смени лозинката при првата употреба;
- е обврзан да го извести понудувачот за сомневање за злоупотреба на неговата лозинка од страна на трето лице. Понудувачот веднаш бесплатно ќе му даде нова лозинка на претплатникот;
- е одговорен за сите физички оштетувања или отуѓувања (кражба) на опремата во случај на закуп, иако оштетувањата или отуѓувањата се последица на дејства на трети лица. Во случај на оштетување или на отуѓување, претплатникот е должен да ги плати трошоците за поправање, односно за нова опрема.
Претплатникот се обврзува дека:
- ќе ги намири сите сметки за користените услуги (купување,
закупнина, претплата, итн.) во рокот што е наведен на фактурата;
- ќе се погрижи за безбедност на податоците за приклучување, односно за користење на услугата CVS Mobile, кои му се дадени, и во случај на губење или на кражба веднаш ќе го извести за тоа понудувачот;
- внимателно ќе ги заштитува податоците и ќе ги намири сметките за користените услуги во случај да ги користи трето лице;
- ќе му ја надомести штетата на понудувачот што настанала како последица на прекршување на Општите услови, на претплатничкиот договор или на важечките прописи;
- ќе води сметка за заштитата на доверливите податоци и на содржината на услугите.
Член 14
Претплатникот не смее да ја користи услугата CVS Mobile за цели со кои на кој било начин би биле прекршени правата на поединци или на начин кој не е дозволен со закон, односно за постигнување незаконски цели.
Претплатникот мора да му соопшти на понудувачот за секоја предвидена измена во начинот на работа на системот на претплатникот, која би влијаела на квалитетот на функционирањето на услугите на понудувачот, по писмен пат преку електронска пошта, најмалку два дена однапред. Без претходно писмено и изречно одобрение од понудувачот, претплатникот не смее да ги изврши предвидените промени.
Претплатникот мора да му соопшти на понудувачот за секоја планирана измена во системот на претплатникот, која би влијаела на менувањето на техничките параметри и на поставките на системот CVS Mobile (менување на компјутерскиот систем, заменување, менување и надградување на машинската или на програмската опрема, начин на поврзување по должината на комуникациската мрежа и друго), најмалку 30 (триесет) дена пред измената. Без претходно писмено и изречно одобрение од понудувачот, претплатникот не смее да ги изврши планираните промени.
Претплатникот не смее да посегне во системот CVS Mobile на начин кој би имал за последица технички или други пречки во работата и во интегритетот на системот. Претплатникот мора да ги има предвид сите правила за чување и за заштита на системот CVS Mobile и на податоците и не смее да се обидува да изврши упад во заштитениот дел на системот CVS Mobile, да врши услуги на системот со неодобрена опрема или да им пристапува на податоците за кои не е овластен.
Претплатникот е должен веднаш да пријави (по телефон, телефакс или електронска пошта) на начин кој е договорен, односно претставен во упатствата на изведувачот, за сите пречки при употребата на системот.
Во случај на прекршување на одредбите од овој член, претплатникот е должен на понудувачот или на трети лица да им ја надомести целата настаната штета. Покрај тоа, во случај на прекршување на забраната од овој член, претплатникот е должен целата опрема на понудувачот, која тој ја има под закуп, да ја откупи по целосна цена, односно за вредноста на нова опрема, во согласност со важечкиот ценовник на понудувачот, кој важи на денот кога понудувачот бара купување од претплатникот.
Во случај на прекршување на одредбите од овој член, претплатникот е должен на понудувачот или на трети лица да им ја надомести целата настаната штета. Покрај тоа, во случај на прекршување на забраната од овој член, нарачателот е должен целата опрема на понудувачот, која тој ја има под закуп, да ја откупи по целосна цена, односно за вредноста на нова опрема, во согласност со важечкиот ценовник на понудувачот, кој важи на денот кога понудувачот бара купување од претплатникот.
ОДГОВОРНОСТ НА ПОНУДУВАЧОТ НА УСЛУГАТА
Член 15
Понудувачот не одговара за штетата што ќе ја претрпи претплатникот поради:
- непочитување на одредбите од овие Општи услови, на договорот или на изречните упатства на понудувачот;
- упатствата за употреба на вградената (купена или најмена) опрема;
- непочитување на општите услови на концесионерот;
- грешки, пречки во работата или нефункционирање на мобилната мрежа на концесионерот;
- нефункционирање на системот во странски мобилни мрежи;
- грешки, пречки во работата или нефункционирање на интернет- врската меѓу Централната база на податоци и претплатникот;
- грешки, пречки во работата или нефункционирање на системот GPS, како и во случај сигналот GPS, од која било причина на која понудувачот на услугата не може да влијае, да не е со задоволителен квалитет.
Понудувачот не одговара за загубата на податоците што се зачувани во модемот GPS/GSM или во друга вградена опрема, во случај модемот или опремата, од која било причина, да бидат исклучени од електричната инсталација на возилото или поради механичко оштетување на единицата (на пример, во случај на сообраќајна незгода) да се изгубат податоци. Понудувачот на услугата не одговара за штетата што може да настане поради обелоденување или неовластено користење на податоци во случај на:
- упаѓање во компјутерскиот систем,
- губење или разоткривање на корисничката лозинка,
- несовесно чување на корисничката лозинка.
Понудувачот не одговара и не гарантира за штета и за грешки што би произлегле од програмската опрема на системот CVS Mobile или од грешки во работата на мрежата GSM и GPRS.
Во никој случај понудувачот не е одговорен за никаква штета, вклучувајќи и не ограничувајќи се на штета настаната поради губење добивка, прекин на работење, губење деловни информации или други материјални или нематеријални штети, која произлегува од користење или од неможност за користење на услугите CVS Mobile.
Во никој случај обесштетувањето не може да ги надмине износите на просечната месечна претплата на оштетениот претплатник во последната половина година пред штетниот настан, односно во соодветно пократок период доколку претплатничкиот однос сè уште не трае половина година. Во други случаи понудувачот одговара само за штета што е предизвикана намерно или поради сериозна небрежност, а одговорноста на понудувачот за евентуално предизвикана штета е ограничена само до висината на обична штета (односно, намалување на имот). При откривање грешки и неправилности, односно настанување штета, претплатникот мора да настапи со соодветна мера за намалување на штетата.
ПРОБНИ ИНСТАЛАЦИИ
Член 16
Претплатникот и понудувачот на услугата можат, од причина за утврдување на соодветноста на услугата CVS Mobile, да договорат понудувачот да монтира опрема во некои возила на претплатникот (пробни возила) и да му овозможи на претплатникот користење на услугата CVS Mobile на определено време. Времетраењето на пробниот период го наведуваат претплатникот и понудувачот на услугата во пробниот договор за користење на услугата.
Претплатникот е должен, најдоцна осум дена пред изминување на пробниот период, да го извести понудувачот на услугата 1. дека ќе склучи претплатнички договор и притоа ја наведува услугата за која сака да се претплати, и/или дека ќе ја купи или земе под закуп опремата, или 2. дека нема да склучи претплатнички договор и притоа го наведува датумот кога понудувачот на услугата може да ја демонтира опремата од неговите пробни возила. Датумот на демонтирање мора да биде определен во период до изминување на пробниот период.
Доколку претплатникот не ги исполни своите обврски од претходниот став од овој член, се смета дека претплатникот склучил со понудувачот претплатнички договор за најмување на неопределено време, за вградената опрема со избраниот пакет и со почеток на траење на претплатничкиот однос од датумот на изминување на пробниот период и во согласност со моментно важечкиот ценовник.
СОПСТВЕНИЧКО ПРАВО И ПРЕТХОДЕН ОТКУП НА ОПРЕМА
Член 17
Опремата што претплатникот ќе ја најми или ќе се вгради во возилото на претплатникот претставува сопственост на понудувачот и поради тоа, по изминувањето на претплатничкиот однос, претплатникот е должен веднаш да му ја врати на понудувачот.
Договорните страни можат кога било во периодот на траење на
претплатничкиот договор и/или по неговото завршување да се договорат за откупување на опремата.
ПРЕКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОР, ОНЕВОЗМОЖУВАЊЕ ПРИСТАП ДО ПОДАТОЦИ И ОТКАЖУВАЊЕ НА ДОГОВОР
Член 18
Нарачателниот договор се склучува за време трајање кое е наведено во договорот, важноста започнува да тече следниот ден по потпишување на договорот. Ако време траењето на договорот не е неведено, тоа значи дека договорот се склучува на неодредено време.
Во случај, ако договорот е склучен на неодредено време, отказен рок за престанак на договорот е 30 дена. Во случај на прекин на договорот од страна на нарачателот пред да изминот 24 месеци од договорот, нарачателот е должен да ја плати демонтажата на опремота во висина од 50 ЕУР без ДДВ по камион.
Ако нарачателниот договор се склучува за одредено време, кое е наведено во договорот, а нарачателот го откаже тој договор пред истекот на време траењето на договорот, нарачателот е дожен да во рок од 8 дена ги измири сите обврски кон изведувачот на услугите, и штетата кое настанола со прекинивање на дооговорот до одредениот датум на договорот.
Доколку не дојде до предвремен прекин на договорот, се пресметува нормалното стање на опремата на денот на престанок на важечкиот договор.
По изминување на договорениот период од договорот, помегу нарачателот, и изведувачот на услугите, договорот автоматски се продолжува како нов договор помеѓу странките со исти услови како претходниот договор меѓу договорените страни, освен во случај да една од страните 30 дена пред истекот на договорот не изјави дека сака да го раскине договорот.
Во тој случај договорот може автоматски повеќепати да се продолжи.
Овој член од договорот важи, освен ако странките не се договорат поинаку или бо писмена форма.
Во сите случаи на прекинување на договорот во согласност со овој член, претплатникот, исто така, е должен целосно да ги намири сите обврски од претплатничкиот и од закупничкиот/куповниот однос, настанати до денот кога претплатничкиот однос вистински престанал, односно до моментот кога претплатникот бил исклучен од услугата CVS Mobile, т.е. во случај на најмување опрема, кога истата му е вратена на понудувачот.
Секоја од договорните страни може го откаже претплатничкиот однос без отказен рок, доколку утврди дека спротивната страна ги прекршува одредбите од овие Општи услови, претплатничкиот договор или одредбите од важечките прописи.
Понудувачот може во кое било време, без отказен рок, да го откаже претплатничкиот однос доколку против претплатникот е започната или завршена постапка на принудно порамнување, стечај, ликвидација, бришење од судскиот регистар или друга постапка поради несолвентност или принудно престанување со работа, или доколку понудувачот на некој друг начин утврдил дека претплатникот има или би можел да има проблеми во смисла на работењето и на исполнувањето на договорените обврски.
Член 19
Понудувач може претплатнички договор да го пренесе на која било друга компанија во сопственост на групацијата CSV mobile или во компанија којашто ја контролира CSV Mobile без претходно добиена согласност во писмена форма од претплатникот и за тоа ќе го извести претплатникот. Со прифаќањето на овие општи услови и одредби, претплатникот се дава претходна согласност за таквиот пренос. Секој друг вид на пренос на договорот за претплата бара согласност во писмена форма од другата договорна страна. Во спротивно, таквиот пренос е ништовен. Договорот за претплата ги обврзува сите договорни страни, нивните правни наследници, правни застапници и овластени лица.
Член 20
Понудувачот го задржува правото, во случај претплатникот да не ги намирува сите свои достасани обврски, да оневозможи пристап до податоците во Централната информациска база на податоци, и тоа за возилата на претплатникот кои имаат инсталиран систем CVS Mobile. Во периодот додека е оневозможен пристап до податоците, претплатникот е должен наспроти тоа да му ги плати на понудувачот своите обврски (претплата, закупнина и друго), определени со договорот и со важечкиот ценовник. По севкупната отплата на сите достасани обврски, понудувачот е должен на претплатникот повторно да му овозможи пристап до податоците во Централната информациска база на податоци, при што понудувачот не одговара за податоците во периодот кога на претплатникот му бил оневозможен пристап до Централната база на податоци.
Доколку претплатникот не ги намири своите обврски во рок од три месеци откако ќе достасаат, понудувачот има право да ги исклучи SIM-картичките од мобилната мрежа. Таквото исклучување значи и откажување на претплатничкиот однос од страна на понудувачот без отказен рок. Во случај на такво откажување на договорот од страна на понудувачот, за претплатникот настануваат истите последици што се утврдени во став 4, односно став 5 од член 18 (врзување на 24 или на 36 месеци) од овие Општи услови; притоа, не е важно кога понудувачот ја исклучува SIM- картичката, односно кога отстапува од договорот, а, исто така, не е важно кога ќе измине периодот од три месеци на неплаќање од страна на претплатникот; и доколку понудувачот ја исклучи картичката, односно отстапи од договорот или доколку периодот од три месеци измине по
изминувањето на периодот на врзување, тоа не влијае на обврската на претплатникот за плаќање од став 4, односно став 5 од член 18 од овие услови.
УСЛОВИ ЗА ИСКЛУЧУВАЊЕ УСЛУГА
Член 21
Понудувачот може, поради заштита на интересите на претплатникот или спречување злоупотреба кон претплатникот, привремено да спречи употреба на услугата CVS Mobile, во случај на сомневање за злоупотреба или доколку со претплатникот не може да воспостави контакт.
Понудувачот го исклучува модемот GPS/GSM од мобилната мрежа доколку понудувачот или концесионерот, односно неговите договорни партнери утврдат дека претплатничката картичка се користи во модем GPS/GSM или во кој било друг терминал што е украден, злоупотребен или отуѓен на противправен начин, или ако утврдат дека претплатничката картичка се користи на некој друг терминал што не е модем GPS/GSM.
Во случај на уништување, загуба или кражба на модемот GPS/GSM или на друга вградена опрема, претплатникот е должен веднаш, по писмен пат, за тоа да го извести понудувачот, а во случај на кражба и полицијата.
Во случај на пријава за уништување, загуба или кражба на модемот GPS/GSM или на друга вградена опрема, понудувачот ќе оневозможи користење на SIM-картичката. Понудувачот ќе го направи тоа најдоцна за
24 часа по применото известување од претплатникот. Евентуалните трошоци за извршените услуги во периодот до вистинското исклучување паѓаат на товар на претплатникот.
Во случај на уништување, загуба или кражба на модемот GPS/GSM или на друга вградена опрема, претплатникот е должен на понудувачот да му плати износ што одговара на вредноста на нова опрема, според моментно важечкиот ценовник на понудувачот.
ЗАШТИТА НА ПОДАТОЦИ
Член 22
Податоците, кои се однесуваат на претплатничкиот однос, се деловна тајна на понудувачот.
Понудувачот ќе ги собира, обработува и ќе ги користи податоците во врска со претплатничкиот однос во согласност со прописите за чување лични податоци и ќе ги користи само за склучување, извршување, менување и за прекинување на договорот со претплатникот, пресметување на услугите, издавање сметка и евентуално известување на претплатникот за новитетите во понудата.
Понудувачот ќе ги користи добиените податоци само за непречено спроведување на претплатничкиот однос и за анализи на пазарот и за известувања наменети за подобрување на понудата на претплатниците и на корисниците.
Со прифаќање на овие општи услови и одредби, клиентот му дава согласност на давателот на услугите за понатамошна обработка, анонимност и употреба на податоците за следење за целите на аналитиката на транспортот или да ги разменува тие податоци коишто се сметаат за анонимни за обработка кај трети лица за целите на аналитиката на транспортот.
Заради непречено спроведување на претплатничкиот договор, претплатникот му дава овластување на понудувачот дека смее, со цел непречено спроведување на претплатничкиот договор и наплатување на долгот на евентуално достасаните отворени побарувања што ги има кон претплатникот, кога било и од кој било орган, институција, работодавец, банка или од друг раководител на лични податоци да ги добие бараните податоци, со цел проверување на податоците наведени во договорот за склучување претплатнички однос, односно утврдување на нивните измени.
Сигурноста на пренесување на податоците преку мобилната мрежа и на разговорите за време на воспоставената врска зависи од техничките можности и од условите на концесионерот и на неговите договорни партнери.
Понудувачот се грижи за тоа податоците на претплатникот во Централната база на податоци да бидат обезбедени со соодветни мерки и технички методи. Пристап до овие податоци имаат само претплатникот, соодветните државни органи, доколку за тоа имаат законска основа, и понудувачот како оператор на системот, за потребите на сервисирање на системот, нудење корисничка поддршка и составување месечни извештаи за претплатникот.
Заради проверување на идентитетот и чување на податоците, претплатникот е должен при инсталирањето нова апликација, на барање на понудувачот, да се идентификува со бројот на претплатничкиот договор.
Претплатникот сам е одговорен бројот на претплатничкиот договор да го чува како доверлив податок.
Понудувачот на услугата може, поради сопствена промоција, да објави податок за постоење на претплатничкиот договор и за бројот на инсталираните модеми GPS/GSM, односно друга вградена опрема, и основни податоци за претплатникот (назив, седиште, лице за контакт, број на телефон за контакт и електронска адреса за контакт).
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 23
Текстот на овие Општи услови се испраќа на адресата што е наведена во претплатничкиот договор, односно на нова адреса, која едната од договорните страни писмено ќе ѝ ја соопшти на другата договорна страна. Со тоа врачувањето се смета за извршено, иако адресантот не го презел текстот.
Договорните страни ќе ги решаваат спогодбено евентуалните спорови што би произлегле од претплатничкиот договор. Во спротивно, за споровите е надлежен судот во Љубљана.
Член 24
Понудувачот го задржува правото на промена на Општите услови, под услов за измените да ги извести претплатниците најмалку осум дена пред стапувањето во сила, и тоа така што ќе ги објави новите општи услови на интернет-страницата xxxx://xxx.xxx-xxxxxx.xx.
Доколку претплатникот не е согласен со измените, односно со дополнувањата на Општите услови, може да се откаже од претплатничкиот договор. Откажувањето влегува во сила веднаш.
Доколку понудувачот не добие изјава за откажување во рок од 30 дена од датумот кога го известил претплатникот за измените и за дополнувањата во согласност со првиот став од овој член, се смета, а претплатникот тоа изречно го потврдува, дека претплатникот ги прифаќа и е согласен со измените, односно со дополнувањата и со општите услови, а договорниот однос по изминувањето на 30 дена од објавувањето на измените и на дополнувањата се проценува во согласност со изменетите, односно со дополнетите општи услови.
Член 25
Со потпишувањето на претплатничкиот договор претплатникот потврдува дека со неговото потпишување ги добил и е запознат со содржината на овие Општи услови и дека е согласен со нивната содржина, како и со ценовникот и со описот на услугата и со другите прилози на претплатничкиот договор и ги прифаќа сите обврски на име на истите.
Скопје, 17.09.2018