Самостојниот синдикат на vработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија е синдикат на повисоко ниво.
Врз основа на членовите 184 став 1; 187 став 1 и 188 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” бр. 34/14), Конгресот на Самостојниот синдикат на клинички центри и други здравствени организации во Република Македонија, одржан на ден 16. 05. 2014 год. во Дојран, донесе
СТАТУТ
НА САМОСТОЈНИОТ СИНДИКАТ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО
УНИВЕРЗИТЕТСКИ КЛИНИКИ, ЦЕНТРИ, КЛИНИЧКИ БОЛНИЦИ И ДРУГИ ЈАВНИ ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Статутот на Самостојниот синдикат ги утврдува: поимот Самостоен синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија; правниот статус; целта на здружувањето; внатрешна организација; називот; седиштето; подрачје на дејствување; симболот; органите и телата на синдикатот; мандатот и овластувањата; постапката на здружувањето и зачленувањето; престанувањето со работа на Синдикатот; членарината; донесувањето на Статутот и неговите измени, правилата и други општи акти; начин на стекнувањето на имот како и располагањето, начинот, условите и органите кои одлучуваат за поделба на имотот во случај на престанување со работа на Синдикатот и друго.
Член 2
Самостојниот синдикат на vработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија е синдикат на повисоко ниво.
Самостојниот синдикат на vработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија е асоцијација на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници
и други јавни здравствени установи во Република Македонија во кои се здружени заради остварување на нивните интереси и права на повисоко ниво (во натамошниот текст Самостоен синдикат).
Член 3
Самостојниот синдикат ги ужива сите права и слободи гарантирани со Уставот и закон. Самостојниот синдикат има право слободно да се здружува и соработува со меѓународни организации основани поради остварување на правата и интересите на синдикатите.
Член 4
Статутот на Самостојниот синдикат се темели врз начелата на демократско застапување и почитување на волјата на членовите.
ОСНОВАЊЕ И ЧЛЕНУВАЊЕ ВО САМОСТОЈНИОТ СИНДИКАТ
Член 5
Вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија имаат право по свој слободен избор да основаат синдикат (синдикална организација), како членка на Самостојниот синдикат под условите пропишани во овој Статут.
Член 6
Право да основаат синдикат од членот 5 од овој Статут, имаат најмалку 5 вработени во јавна здравствена установа.
Синдикатот донесува одлука за здружување во Самостојниот синдикат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на економските, социјалните и другите поединечни и колективни права и интереси на своите членови на повисоко ниво.
Член 7
Со донесување на одлуката за здружување во Самостојниот синдикат вработeните во јавните здравствени установи стануваат и членови на Самостојниот синдикат заради остварување на своите права и интереси на повисоко ниво.
СТАТУС, НАЗИВ И СЕДИШТЕ НА САМОСТОЈНИОТ СИНДИКАТ
Член 8
Самостојниот синдикат има статус на правно лице со сите овластувања во правниот промет, кој ги застапува правата и интересите на своите членки и вработeните членови на Самостојниот синдикат.
Член 9
Називот на Самостојниот синдикат е:
Самостоен синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија.
Кратенката што ќе ја користи Самостојниот синдикат е ССКЦ.
Член 10
Седиштето на Самостојниот синдикат е во Скопје на улица “Xxxxx Xxxxxx” xxxx 00.
Член 11
Подрачје на делување на Самостојниот синдикат е Република Македонија.
Член 12
Амблемот на Самостојниот синдикат е: знаме со бела и сина боја на кое е исцртана Ескулаповата палка со змија околу неа.
Член 13
Печатот на Самостојниот синдикат е во тркалезна форма со димензии 3,5х3,5цм во кој е содржан текстот со називот на синдикатот и амблемот во средина.
ЧЛЕНОВИ
Член 14
Вработените, членови на синдикалните организации во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија што се здружени во Самостојниот синдикат се и негови членови.
Во Самостојниот синдикат се води евиденција на членството.
Со престанувањето на членството во матичната синдикална организација, членка на Самостојниот синдикат, на членот му престанува членувањето и во Самостојниот синдикат.
Бришењето од евиденцијата се врши по добиено известување од членката на Самостојниот синдикат.
Член 15
Членувањето е доброволно, поединечно и се врши со потпишување пристапница (евидентен лист), образец со име и знак на овој Самостоен синдикат.
Содржината на потпишаната пристапница, начинот на евиденцијата, документирањето и архивирањето ја уредува Извршниот одбор.
ЧЛЕНАРИНА, ВИСИНА И НАЧИН НА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ЧЛЕНАРИНА
Член 16
Секој член е должен да плаќа членарина.
Висината и распределбата на членарината со одлука ја утврдува Советот на Самостојниот синдикат.
ЧЛЕНСКА КНИШКА
Член 17
Членот на Самостојниот синдикат добива членска книшка која служи за докажување на членството во Самостојниот синдикат.
Со издавањето на членска книшка членот влегува во единствената компјутерска евиденција на Самостојниот синдикат.
ПРЕСТАНОК НА ЧЛЕНУВАЊЕ ВО САМОСТОЈНИОТ СИНДИКАТ
Член 18
Членувањето во Самостојниот синдикат престанува со:
- истапување на синдикалната организација (подружница) - член од членството во Самостојниот синдикат, врз основа на писмено барање на синдикалната организација (подружница) - член и одлука на Самостојниот синдикат и
- со престанувањето на членството во синдикалната организација (подружница), членка на самостојниот синдикат.
Член 19
Членот кој не плаќа членарина континуирано 3 (три) месеци од неоправдани причини, се брише од евиденција на членување во Самостојниот синдикат.
Член 20
Исклучувањето на членот од Самостојниот синдикат се врши заради:
- злоупотреба на синдикална функција;
- пропаганда против Самостојниот синдикат;
- неовластено користење, отуѓување на средства и имот на Самостојниот синдикат и
- непочитување на правилата за време на штрајк.
Синдикалната организација (подружница) донесува одлука за исклучување и во рок од 15 дена од донесувањето ја доставува до членот на Самостојниот синдикат. Против одлуката на синдикалната организација (подружница) исклучениот член може да поднесе жалба до Советот на Самостојниот синдикат.
ПРИНЦИПИ НА ДЕЈСТВУВАЊЕ, ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА САМОСТОЈНИОТ СИНДИКАТ
Член 21
Принципи на дејствување на Самостојниот синдикат се:
- единство на интересите на членовите;
- заемност, солидарност и хуманост;
- демократско работење и одлучување;
- јавност во работењето;
- заштита на личните и колективните интереси;
- одговорност;
- почитување на меѓународните конвенции и договори.
Член 22
Цели и задачи на Самостојниот синдикат се:
- организирање синдикални организации во јавните здравствени установи врз основа на доброволно изразена волја на членовите;
- остварување на интересите, правата и барањата на членовите на Самостојниот синдикат - здравствени работници, здравствени соработници и другите вработени во јавните здравствени установи;
- подобрување на условите за работа, заштита при работа, заштита на животната и работната средина, како и посебна грижа за здравјето и животот на вработените во процесот на работата;
- учествува во донесување и потпишување на колективни договори и следење на нивното спроведување;
- покренува иницијативи, расправи и дава мислење по закони и други прописи со кои се уредува општествено-економската и социјалната положба на членовите;
- преговарање, иницирање, организирање и водење штрајк и согледување на ефектите од штрајкот;
- учество во работата на надлежните органи, здруженија и институции застапувајќи ги интересите на членовите;
- застапување, остварување и уредување на правата од работен однос на своите членови;
- преговарање за подобрување на условите за развивање, унапредување и заштита на инвентивната работа и творештво;
- основање фондови за материјална помош, солидарност, заемност, како и хуманост на членовите;
- информирање на своите членови како и јавноста за својата работа;
- синдикална заштита на своите членови;
- обезбедување просторни, технички и материјални услови за функционирање;
- обезбедување услови за континуирана синдикална едукација и друго.
- остварување на други цели и интереси на своите членови.
ВНАТРЕШНА ОРГАНИЗАЦИЈА НА САМОСТОЈНИОТ СИНДИКАТ
Член 23
Самостојниот синдикат е синдикална организација на повисоко ниво, која дејствува на територијата на Република Македонија, за остварување и задоволување на поединечните и заедничките интереси на членството.
Самостојниот синдикат е организиран на принципот на здружени синдикати (синдикални организации - подружници) од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата во:
- синдикални организации (подружници) во универзитетските клиники и центри;
- синдикални организации (подружници) во клиничките болници и
- синдикални организации (подружници) во другите јавни здравствени установи, согласно Законот за здравствена заштита.
Член 24
Синдикалните организации (подружници) што се здружени во Самостојниот синдикат се основен облик на организирање на членовите на Самостојниот синдикат. Тие се формираат заради остварување на единствените и заедничките интереси врз демократски основи и се конститутивен дел на Самостојниот синдикат.
Во една јавна здравствена установа може да се формира само една синдикална организација (подружница) како членка на Самостојниот синдикат.
Член 25
Синдикална организација (подружница) во јавна здравствена установа, членка на Самостојниот синдикат се основа врз принципот на потребите, условите и барањата на работниците.
Иницијатива за формирање на синдикална организација (подружница), како членка на Самостојниот синдикат покренуваат најмалку 5 работници во здравствена установа, во натамошниот текст синдикална организација.
Член 26
Задачи на синдикалната организација се:
- разгледување на општествено-економската, материјалната и социјалната положба на членовите;
- покренување иницијативи, барања и предлагање решенија за решавање на одделни прашања и надминување на одредени состојби;
- учество во дискусии по закони и други прописи што се однесуваат на општествено-економската, материјалната и социјалната положба на членовите;
- учество при донесување и спроведување на колективни договори и следење на нивното спроведување;
- учество при донесувањето акти со кои се регулира општествено- економската, материјалната и социјалната положба на членовите;
- заштитување на правата од работен однос и социјалните права;
- предлагање членови за органите на Самостојниот синдикат и други асоцијации, следење и оценување на нивната работа и покренување постапка за утврдување на нивната одговорност и отповик;
- разгледување на прашања за кои пред одлучување на органите на установата се бара претходно изјаснување на синдикатот;
- навремено и вистинито информирање на членовите;
- обезбедување просторни, технички и материјални услови за функционирање;
- обезбедување услови за континуирана синдикална едукација и друго.
Член 27
Синдикалните организации во здравствените установи донесуваат правила, со кои се уредуваат прашањата во врска со начинот на работење и делување на синдикатот, како и начинот на нивно застапување и претставување во органите и телата на Самостојниот синдикат.
ОРГАНИ НА САМОСТОЈНИОТ СИНДИКАТ
Член 28
Органи на Самостојниот синдикат се:
- Конгрес
- Совет
- Извршен одбор
- Надзорен одбор
- Статутарна комисија
Конгрес
Член 29
Конгресот е највисок орган на Самостојниот синдикат. Конгресот се одржува на четири години.
Критериумите за делегирање и бројот на делегатите на Конгресот ги утврдува Советот со посебна одлука.
Член 30
Надлежности на Конгресот се:
- донесува Статут како и измени и дополнувања на Статутот;
- врши верификација на измените и дополнувањата на Статутот донесени од Советот на Самостојниот синдикат меѓу два конгреса;
- усвојува деловник за работа;
- ги верификува мандатите на делегатите на конгресот;
- врши избор на работни тела на конгресот;
- усвојува извештај за работата на Претседателот и на Советот;
- усвојува програмски насоки за активностите на Самостојниот синдикатот;
- врши избор и ги разрешува Претседателот и членовите на Советот, Надзорниот одбор и Статутарната комисија;
- расправа по други прашања од значење на Самостојниот синдикат;
- врши и други работи утврдени со овој Статут.
Член 31
Конгресот работи на пленарна седница.
Конгресот полноважно работи ако на него присуствуваат повеќе од половина од делегатите.
Одлуките се донесуваат ако за нив се изјасни мнозинството од присутните делегати.
Член 32
Одлуката за одржување на Конгрес ја донесува Советот на Самостојниот синдикат.
За таа цел Советот на Самостојниот синдикат формира Организационен одбор, кој го одредува датумот и местото на одржувањето на Конгресот.
Датумот на одржување на Конгресот треба да биде најмалку 1 месец по донесување на Одлуката за одржување на Конгрес.
Вонреден конгрес
Член 33
Вонреден конгрес се свикува ако тоа го бараат најмалку една третина од членовите на Самостојниот синдикат, половината од синдикалните организации и Советот со одлука за која се изјасниле две третини од вкупниот број членови на Советот.
Доколку се исполнети условите од претходниот став (член 33, став 1), Советот на Самостојниот синдикат донесува одлука за одржување на Вонреден конгрес.
Вонредниот Конгрес се организира на начин утврден во член 32 од овој Статут.
Совет
Член 34
Советот на Самостојниот синдикат е највисок орган меѓу двата конгреса.
Советот има дваесет и седум члена што ги избира Конгресот на предлог на кандидациона комисија.
Критериумите за структурата на членовите на Советот се утврдуваат претходно со посебна одлука на Советот.
Доколку на некој член на Советот му престане функцијата по било кој основ меѓу двата конгреса на негово место Советот избира друг член чиј мандат трае до истекот на мандатите на другите членови на Советот.
Член 35
Со работатa на Советот раководи претседателот на Самостојниот синдикат кој по функција е и претседател на Советот.
Советот на предлог на Претседателот избира 4 Потпретседатели.
Во отсуство на Претседателот, Советот определува кој од потпретседателите ќе го заменува за време на неговото отсуство.
Доколку од било кои причини му престане функцијата на Претседателот на Самостојниот синдикат, до избор на нов Претседател, а најмногу за 6 месеци, функцијата претседател ја врши еден од потпретседателите на Советот именуван од Советот според азбучен ред.
Надлежности на Советот
Член 36
Советот на Самостојниот синдикат:
- донесува правила и други општи акти на Самостојниот синдикат;
- избира членови на Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на предлог на Претседателот;
- избира Потпретседатели на Самостојниот синдикат на предлог на Претседателот;
- по потреба формира одбори по дејности, по функционалност и за одделни потреби;
- по потреба формира комисии за одделни прашања;
- одлучува за активности кои се однесуваат за подобрување на економската и социјалната положба на членовите;
- се грижи и остварува заштита на правата од работниот однос на членовите;
- утврдува ставови по актуелни прашања од интерес на членовите;
- ја следи и ја координира работата на синдикалните организации, како и на органите на Самостојниот синдикат;
- донесува одлука за висината на членарината и нејзината распределба и други одлуки за финансирање и располагање со финансиските средства и за материјалното работење на Самостојниот синдикат;
- одлучува кои функции во Самостојниот синдикат ќе се извршуваат професионално, а кои волонтерски и одлучува за висината на наградата за нивното извршување;
- учествува во активностите за утврдување на најниската цена на работната сила во областа на своето делување;
- покренува иницијативи за склучување на колективни договори;
- формира групи за преговори за склучување на колективни договори, ја следи нивната активност и донесува одлука за склучување или несклучување колективен договор;
- организира облици на предупредување и притисок, вклучувајќи и генерален штрајк за остварување на правата на членовите;
- усвојува годишен извештај за работата, програмските насоки и извештај за материјално-финансиското работење и годишната завршна сметка.
- врши измени и дополнувања на Статутот меѓу два конгреса, освен за прашањата кои се однесуваат на статусот на Самостојниот синдикат;
- одлучува за поднесената оставка на претседателот на Самостојниот синдикат и одлучува за вршител на таа функција до одржување на конгрес;
- донесува одлука за редовен и вонреден Конгрес на Самостојниот синдикат;
- организира иницијатива за предлагање на можен Претседател на Самостојниот синдикат;
- подготвува програма и други акти за конгресот;
Член 37
Советот поднесува иницијатива и донесува одлука за поврзување со други синдикати и меѓународни организации.
Член 38
Советот работи кога на седницата присуствува мнозинство членови од неговиот состав, а одлуките ги донесува ако за нив се изјасни мнозинството од присутните членови.
Права и обврски на членот на Советот
Член 39
Членот на Советот има должност:
- активно да учествува во работата на Советот;
- да ги следи и да се информира за состојбите и проблемите во Самостојниот синдикат и да учествува во нивното разрешување и
- да поднесе писмена оставка доколку не ги прифаќа ставовите и одлуките на Советот.
Член 40
Советот може да го отповика и разреши членот поради неактивност, неоправдано отсуство од седниците (на најмалку три последователни седници на Советот), и ако не ги спроведува ставовите и одлуките како и задолженијата што ќе му ги довери Советот.
Член 41
Советот заседава по потреба, на барање на Извршниот одбор или кога тоа го бараат најмалку пет (5) синдикални организации.
Член 42
Претседателот на Самостојниот синдикат го избира Конгресот со мандат од четири (4) години. Тој раководи со работата на Советот и Извршниот одбор и го преставува Самостојниот синдикат.
Извршен одбор
Член 43
Извршниот одбор е извршен орган на Советот и пред него е одговорен за својата работа.
Извршниот одбор брои седум (7) члена, вклучително и Претседателот на Самостојниот синдикат;
Членовите на Извршниот одбор ги избира и разрешува Советот на предлог на Претседателот.
Претседателот на Самостојниот синдикат е и претседател на Извршниот одбор.
Надлежности на Извршниот одбор
Член 44
Надлежности на Извршниот одбор се:
- предлага конкретни активности за работа на органите и телата на Самостојниот синдикат;
- подготвува одлуки што ги донесуваат органите на Самостојниот синдикат;
- дава иницијативи и ставови за склучување колективни договори;
- презема конкретни активности за спроведување на одлуките и ставовите на Советот и другите органи;
- подготвува и xxxxxxxx финансиски план;
- донесува одлуки за материјално финансиско работење согласно со утврдениот финансов план;
- со посебна одлука, покрај Претседателот одредува други потписници на сметката и начинот на нејзиното работење; и
- донесува и спроведува други одлуки за тековните активности на Самостојниот синдикат.
Надзорен одбор
Член 45
Надзорниот одбор има пет (5) члена кои ги избира Конгресот.
Член 46
Надзорниот одбор ги извршува следните работи:
- врши контрола на материјално финансиското работење на Самостојниот синдикат и фондовите најмалку еднаш во текот на годината;
- составува извештај со констатации и го доставува до Извршниот одбор и Советот;
- соработува со надзорните одбори во синдикалните организации и им дава помош и упатства за остварување на контролната функција;
- врши контрола на распределба и употреба на финансиските средства и
- за својата работа поднесува извештај на Конгресот.
Статутарна комисија
Член 47
Статутарна комисија брои пет (5) члена кои ги избира Конгресот. Обврски на Статутарната комисија се:
- да се грижи за спроведување на Статутот и да донесува одлуки по поднесените иницијативи за измени на статутот;
- да посредува и арбитрира во споровите во синдикалните организации;
- да дава толкување за примена на одредбите на Статутот;
- да подготвува измени и дополнувања на Статутот x
- да поднесува извештај за својата работа на конгресот.
Претседател на Самостојниот синдикат
Член 48
Претседателот на Самостојниот синдикат го избира Конгресот со мандат од четири (4) години, со право на реизбор.
Мандатот на претседателот на Самостојниот синдикат му трае 4 години од денот на неговиот избор, односно реизбор.
Претседателот на Самостојниот синдикат истовремено е претседател на Советот и на Извршниот одбор.
Член 49
Претседателот на Самостојниот синдикат го претставува и застапува Самостојниот синдикат.
Претседателот на Самостојниот синдикат ги извршува следните работи:
- се грижи за донесување и спроведување на одлуките на Конгресот, Советот и Извршниот одбор и телата на Самостојниот синдикат;
- ја насочува политиката и активноста на Самостојниот синдикат согласно Статутот и програмата за работа;
- ја координира работата на органите на синдикатот;
- потпишува колективни договори;
- потпишува други правила и општи акти;
- извршува функција на претседател на штрајкувачки одбор или друг вид протест што го организира Самостојниот синдикат;
- остварува соработка со други синдикати и меѓународни организации;
- потписник е на сметката на Самостојниот синдикат заедно со другите потписници утврдени од Извршниот одбор;
- врши и други работи во согласност со Статутот и програмата на Самостојниот синдикат.
Потпретседатели на Самостојниот синдикат
Член 50
Самостојниот синдикат има четири (4) Потпретседатели.
Потпретседателите на Самостојниот синдикат ги избира Советот на предлог на Претседателот на Самостојниот синдикат.
Во отсуство на Претседателот, Советот определува кој од Потпретседателите ќе го заменува за време на неговото отсуство.
Доколку од било кои причини му престане функцијата на Претседателот на Самостојниот синдикат, до избор на нов претседател, а најмногу за 6 месеци, функцијата Претседател ја врши еден од Потпретседателите на Советот именуван од Советот.
Одбори на Самостојниот синдикат
Член 51
За целосно изразување на непосредните и специфични интереси и потреби на членовите на синдикатот, Советот формира одбори или комисии како форма на дејствување, за решавање на конкретни прашања и активности.
Член 52
Одборите односно комисиите се формираат со Одлука на Советот на предлог на Претседателот на Самостојниот синдикат.
Член 53
Работата на одборите односно комисиите се уредува со деловник што го донесува Советот.
Член 54
Членот на Одборот односно комисијата има право и обврска:
- активно да учествува во работата на одборот односно комисијата;
- да ги следи состојбите, проблемите и активностите во Самостојниот синдикат;
- да учествува во спроведувањето на ставовите, одлуките и заклучоците на Советот на Самостојниот синдикат и други права и обврски утврдени со Статутот и актите на Самостојниот синдикат.
Претседател на одбор односно комисија
Член 55
Одборот од својот состав избира претседател кој ги врши следните работи:
- ја насочува активноста на одборот согласно со програмата на Самостојниот синдикат во областа за која е основан;
- соработува со Претседателот на Самостојниот синдикат;
- присуствува на седниците на Извршниот одбор кога се разгледуваат прашањата од областа што ја покрива;
- учествува во преговори со надлежните органи и институции за прашањата што се од интерес на структурата што ја застапува и
- за својата работа е одговорен пред Советот на Самостојниот синдикат.
Односи на Самостојниот синдикат со други синдикати и асоцијации
Член 56
Поради остварување и застапување на пошироките интереси на своето членство Самостојниот синдикат соработува со други синдикати асоцијации и здруженија .
Штрајк
Член 57
За остварување на економските, социјалните и други права на своите членови Самостојниот синдикат организира штрајк и други облици на притисок, согласно закон. Самостојниот синдикат организира штрајк кога не се остваруваат барањата за склучување, измена и дополнување на колективен договор, за неисполнување и кршење на правата од работен однос и условите за работа.
Самостојниот синдикат може да организира штрајк на солидарност. Пред почетокот на штрајкот се спроведува постапка за помирување.
Член 58
Штрајкот може да биде организиран во установа, во дејноста или како генерален штрајк на ниво на Самостојниот синдикат.
Член 59
Иницијатива за поведување на штрајк може да поведе секоја синдикална организација, одбор, Извршниот одбор и Советот.
Член 60
Одлука за штрајк и генерален штрајк донесува Советот со избор на штрајкувачки одбор. Одлуката го содржи составот, правата и обврските на членовите.
Член 61
Доколку во текот на штрајкот или генералниот штрајк дојде до промени во однос на исполнување на барањата во штрајкот, Советот донесува одлука за натамошниот тек на штрајкот.
Видови помош на член на Самостојниот синдикат
Член 62
Членот на Самостојниот синдикат може да ги користи следните видови на помош:
- бесплатна правна помош;
- помош во вонредни состојби;
- еднократна парична помош;
- позајмица x
- друга помош.
Бесплатната правна помош е уредена со посебен правилник.
Корисници на помош, условите и висината се уредуваат со правилникот за Фондот основан за таа намена.
Финансирање и материјални средства на Самостојниот синдикат
Член 63
За извршување на функциите Самостојниот синдикат обезбедува средства од:
- членарина;
- подароци;
- донации;
- прилози;
- спонзорства x
- по други основи.
Самостојниот синдикат може да стекнува средства и со извршување стопанска дејност или давање услуги за што донесува одлука Советот на Самостојниот синдикат.
Член 64
Средствата од членарината ги пресметуваат и уплатуваат финансиските служби во установите каде што е вработен членот при исплата на платата.
Член 65
На синдикалната организација која повеќе од три месеци не уплатува членарина на Самостојниот синдикат и престанува статусот членка на Самостојниот синдикат.
Член 66
Самостојниот синдикат стопанската или услужната дејност ја извршува согласно закон по извршена регистрација во надлежниот суд.
Член 67
Самостојниот синдикат издава информативно гласило и има официјална ВЕБ страница и e-mail адреса.
Стручна служба на Самостојниот синдикат
Член 68
За извршување на стручните, административно техничките, финансиските и други работи за остварување на активностите на органите на Самостојниот синдикат може да се формира стручна служба.
Вработените во стручната служба засноваат работен однос во Самостојниот синдикат. Извршниот одбор именува раководител на стручната служба.
Правата, обврските и одговорностите на вработените во стручната служба се уредуваат со правилник.
Постапка за донесување на Статутот и негови измени, правилата и други општи акти
Член 69
Статутот на Самостојниот синдикат го донесува Конгресот со мнозинство на гласови од присутните делегати.
Пред донесување на Статутот неговиот предлогот се доставува на разгледување на синдикалните организации членки на Самостојниот синдикат.
Меѓу два конгреса измени и дополненија на Статутот врши Советот.
Член 70
Правила и други општи акти донесува Советот со мнозинство на гласови од присутните членови.
Правилата и општите акти се доставуваат до синдикалните организации.
Начин на стекнување, располагање со имотот и органите кои одлучуваат за имотот во случај на престанување со работа на Самостојниот синдикат
Член 71
Самостојниот синдикат, како правно лице, согласно законите од средствата со кои располага може да стекнува подвижен и недвижен имот.
Одлуки за стекнување и располагање со подвижен имот донесува Извршниот одбор. Одлуки за стекнува и располагање со недвижен имот донесува Советот на Самостојниот синдикат и за него се води евиденција и се запишува во јавните книги (катастар) како сопственост на Самостојниот синдикат.
Член 72
Во случај на престанување на работата на Самостојниот синдикат, на предлог на Извршниот одбор, Советот на Самостојниот синдикат врши поделба на подвижниот и недвижен имот согласно закон.
Преодни и завршни одредби
Член 73
Со донесување на овој Статут органите на Самостојниот синдикат се должни да ги усогласат правилата и општите акти со одредбите на овој Статут.
Член 74
Овој Статут стапува во сила од денот на неговото донесување.
Член 75
Со донесување на овој Статут престанува да важи Статутот на Самостојниот синдикат донесен на 18.10.2001 година.