Contract
|
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
1. “Осигурувач” - Национална групација за осигурување АД “ОСИГУРИТЕЛНА ПОЛИСА” Скопје со кој е склучен договор за осигурување.
2. “Договарач на осигурување “ - лице кое со осигурувачот склучува договор за осигурување.
3. “Осигуреник” - лице чиј посев, односно плод е осигурен и на кое му припаѓаат правата од осигурувањето.
4. “Премија” - износ кој се задржува и плаќа за осигурување по договорот за осигурување.
5. “Сума на осигурување” - сума на која посевот или плодот е осигурен, доколку од содржината на договорот за осигурување не произлегува нешто друго.
6. “Прашалник” - образец кој го пополнува Договарачот / Осигуреникот и кој ги содржи сите битни елементи за давање на понуда и изработка на полиса од страна на Осигурувачот.
7. “Понуда” - документ во кој се содржани сите податоци за осигурувањето, кој Осигурувачот го доставува до Договарачот / Осигуреникот пред склучување на Полиса за осигурување.
8. “Полиса” - документ за договор за осигурување.
9. “Лист на покритие” - потврда која привремено ја заменува полисата.
10. “Период на покритие” - период во кој полисата произведува правно дејство, односно период во кој доколку настане осигурен случај, Осигурувачот има обврска да исплати надомест. Надвор од периодот на покритие, Осигурувачот нема обврска за исплаќање на надомест на штета.
ОПШТИ ОДРЕДБИ
ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Член 1
(1) Настанот за кој се склучува осигурување (осигурен случај) мора да биде иден, неизвесен и независен од исклучивата волја на договарачот.
(2) Се смета дека настапил осигурен случај во оној момент кога една од осигурените опасности почнала да предизвикува штети на осигурените посеви и плодови, но само во рамки на периодот на покритие согласно овие Услови и полисата и само доколку пред почеток на покритието на полисата, не била предизвикана штета од осигурените опасности.
КОГА ДОГОВОРОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ Е СКЛУЧЕН
Член 2
(1) Договорот за осигурување е склучен кога Договарачот / Осигуреникот и Осигурувачот ќе потпишат полиса за осигурување или лист на покритие.
(2) Усмената понуда дадена на Договарачот / Осигуреникот за склучување на договор за осигурување не го обврзува ниту Договарачот / Осигуреникот ниту осигурувачот.
(3) Понуда се издава и врз основа на податоци од пополнет и потпишан прашалник од страна на Договарачот / Осигуреникот на образец утврден од страна на Осигурувачот. Прашалникот мора да ги содржи сите потребни податоци за издавање на понуда за осигурување. Договарачот / Осигуреникот ги пополнува податоците во прашалникот под полна кривична и материјална одговорност, а со својот потпис потврдува дека направил проверка на содржината и дека сите податоците се точни.
(4) Со потпишување на понудата од страна на Договарачот / Осигуреникот, тој потврдува дека сите податоци внесени во понудата се точни, дека е запознаен со содржината на понудата и Условите по кои е направена, осигурените ризици и премијата и дека е потполно согласен да се издаде полиса за осигурување. Полиса за осигурување се изготвува врз основа на потпишана писмена понуда за осигурување од страна на Договарачот / Осигуреникот. Доколку се утврди дека податоците во прашалникот се невистинити или грешни, понудата дадена од Осигурувачот се смета за неважечка.
(5) Во случај на пресметковни и други грешки од страна на Осигурувачот при изготвување на понудата, Осигурувачот го задржува правото за измена на понудата согласно важечките Услови и Xxxxxx.
(6) Доколку во периодот од давање на понуда до издавање на полисата настанат промени кои би влијаеле на преземениот ризик, како и за сите останати променети околности од значење за предметот на осигурување, Договарачот / Осигуреникот е должен истото да го пријави на Осигурувачот во писмена форма. Доколку истото не е пријавено, ќе се смета дека податоците во прашалникот се невистинити или грешни, со што Осигурувачот има право на промена на понудата, да не издаде полиса за осигурување или доколку полисата веќе била издадена да бара нејзино прекинување, како и да не исплати надомест на штета по истата.
ПОЛИСА И ЛИСТ НА ПОКРИТИЕ
Член 3
(1) Во полисата мора да бидат наведени: договорените страни, осигурениот предмет, ризикот опфатен со осигурување, траење на осигурувањето и периодот на покритие, сумата на осигурување или осигурувањето да е неограничено, премијата за осигурување, место и датум на издавање на полисата и потписи на договорените страни.
(2) Полисата за осигурување може привремено да биде заменета со лист на покритие во кој се внесуват битните елементи на договорот. Листот на покритието може да трае најмногу еден месец.
(4) Извршувањето на обврските од претходниот став мора да биде констатирано на полисата.
ТРАЕЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 4
Договорот за осигурување се склучува со одреден рок на траење, односно за време не подолго од една година и со точно утврден период на покритие. Периодот на покритие завршува на 31.10 во 24 часот во календарската година во која полисата е издадена, освен доколку во полисата не е утврдено поинаку.
Во полисата може да се утврди и пократко покритие согласно член 5 став (4) од овие Услови.
ПОЧЕТОК И ПРЕСТАНОК НА ОБВРСКИТЕ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 5
(1) Обврската на осигурувачот да исплати надомест од осигурување започнува од дваесетичетвртиот час на денот што е означен во полисата како ден на почеток на осигурувањето и доколку се исполнети условите од став (3) од овој член.
(2) Ако е договорено плаќање на премијата во одредени рокови или плаќање на премијата со вирман, обврската на осигурувачот за исплата
на надоместокот од осигурување започнува од дваесетичетвртиот час од денот кој во полисата за осигурување е означен како почеток на траење на осигурувањето и доколку се исполнети условите од став (3) на овој член.
(3) Покрај исполнетите услови од став (1) и (2) од овој член, почетокот на обврската на осигурувачот за надоместок од осигурување се одредува за одделни посеви и плодови според фазата за развој и тоа:
1. Кај лозјата, малините и хмелот по излегувањето на ластарот од пупката, односно по отворање на пупките најмалку 20%, со видливи зелени ливчиња.
2. Кај овошјето - кога ќе се исушат односно опаднат венечните ливчиња на 50% цветови од иста сорта.
3. Кај овошниот, лозовиот и шумскиот посадочен материјал, украсното шибје и младите шумски култури - од почетокот на вегетацијата, односно од моментот на никнување односно засадување.
4. Кај градинарските култури, тутунот и цвеќињата - од денот на расадувањето, а ако тие се произведуваат со сеење на постојано место од моментот на никнувањето.
5. Кај житариците и останатите посеви кои не се наведени во точките 1) до 4) од овој став - од моментот на никнување.
(4) Обврската на осигурувачот за надоместок од осигурување за одделни посеви и плодови престанува:
1. Кај житариците, маслените билки, конопот, ленот, добиточните билки и посевите оставени за семе - кога ќе бидат окосени, ожнеани, или на друг начин обрани.
2. Кај коренестите и кртолестите билки - кога коренот или кртолата ќе се извадат од земјата.
3. Кај овошјето, грозјето, хмелот и градинарските билки, плодот, односно родот да биде обран.
4. Кај овошниот, лозовиот и шумскиот посадочен материјал како и кај младите шумски култури, украсните жбунови и врбите за плетарство - по извршеното вадење или режење.
5. Во секој случај и за сите видови посеви и плодови, обврската на осигурувачот за надомест на штета престанува најдоцна до 31.10 во 24 часот во календарската година во која полисата е издадена.
ПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈА
Член 6
(1) Договарачот на осигурувањето е должен да ја плати премијата за осигурување, а осигурувачот е должен да ја прими исплатата на премијата од секое лице кое има правен интерес таа да биде платена.
(2) Премијата се плаќа во договорените рокови, а ако треба да се исплати наеднаш се плаќа при склучување на договорот за осигурување.
(3) Премијата осигуреникот може да ја плати на осигурувачот непосредно, на неговиот претставник во готово или со платежна картичка, вирмански преку банка или преку веб страната на осигурувачот, за што мора да поседува соодветен доказ (фискална сметка или вирман за извршената уплата).Во моментот на настанување на штетен настан, премијата доспева во целост без разлика дали при издавање на полисата било договорено плаќање веднаш, одложено плаќање или плаќање на рати или по основ на побарување на субвенција. Доколку премијата не е платена во целост, надоместот на штета ќе биде
исплатен по подмирување на целокупниот износ на премија по полисата.
(4) Доколку износот на субвенција наведен во полисата биде целосно одбиен од страна на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој или Агенцијата плати само дел од износот на субвецијата наведен во полиста, должната премија по полисата паѓа на терет на Договарачот согласно став (1) од овој член.
(5) Осигурувачот го задржува правото за наплата на должната премија преку сите расположливи законски средства за наплата, а во случај на неплаќање на премијата во утврдениот рок може да пресмета и наплати и законска казнена камата.
(6) Доколку полисата се издава со посредство на осигурителен брокер или застапник, договарачот / осигуреникот или брокерот / застапникот е должен вкупната премија по полисата да ја плати еднократно во целост, без оглед дали за премијата е одобрена државна субвенција или не, освен доколку во полисата не е поинаку наведено.
СПРЕЧУВАЊЕ НА ОСИГУРЕНИОТ СЛУЧАЈ И СПАСУВАЊЕ
Член 7
(1) Осигуреникот е должен да ги преземе пропишаните договорени и сите останати мерки потребни да се спречи настанувањето на осигурениот случај, а ако осигурениот случај настапи, должен е да преземе се што е во негова моќ да се ограничат неговите штетни последици.
(2) Ако осигуреникот не ја исполни својата обврска за спречување на осигурениот случај или обврската за спасување, а за тоа нема оправдување, осигурувачот нема обврска за надомест за штета.
(3) Кај покритие од ризикот пролетен мраз, Осигуреникот е должен доколку постои најава за ниски температури под 0 целзиусови
степени, во периодот на осигурително покритие или има температура под 0 целзиусови степени повеќе од еден ден, да изврши заштитно прскање на осигурените посеви и плодови со средство против измрзнување на насадот за што треба да поседува соодветен доказ. Во спротивно, надоместот за штета се намалува за 50%.
(4) Осигурувачот има право да врши контрола за извршувањето на одредбите за заштитните мерки од овој член.
(5) Ако со осигуреникот е договорен или му е одреден рок до кога мора да се спроведат мерките за спречување на остварувањето или зголемувањето на опасностите, надоместокот на осигуреникот му се исплатува и тогаш кога осигурениот случај настанал до истекот на договорениот рок, и ако штетата е во причинска врска со договорените пропишани односно одредени заштитни мерки.
НАЧИН НА ИЗВЕСТУВАЊЕ
Член 8
(1) Сите известувања и пријави кои договорените странки се должни да ги направат во смисла на одредбите од овие Услови, мора да се потврдат писмено ако се направени усно, по телефон или на некој друг начин.
(2) Како ден на известување, односно пријавување се смета денот кога е примено известување, односно пријавата.
Ако известувањето односно пријавата е пратена по пошта препорачано, како ден на прием се смета денот на предавањето во пошта.
(3) Договорите кои се однесуваат на содржината на договорот полноважни се само ако се склучени во писмена форма.
ПРОМЕНА НА АДРЕСАТА - НАЗИВОТ (ФИРМАТА)
Член 9
(1) Осигуреникот, односно договарачот на осигурувањето е должен за промените (измена)
на адресата на станот односно промена на името на фирмата и седиштето (работни простории) да го извести осигурувачот во рок од 15 дена од денот на настанатите промени.
(2) Доколку осигуреникот не го извести осигурувачот за промените од претходниот став, за полноважноста на известувањата што ги испраќа осигурувачот доволно е ако тој ги упати на осигуреникот со препорачано писмо според последните податоци за адресата на станот, работните простории, односно името на фирмата со која располага. Известувањето стапува полноважно на денот кога според редовниот тек на работите станало полноважно да немало промени во претходниот став.
ОСОБЕНИ ОСНОВИ ЗА ГУБЕЊЕ НА ПРАВОТО НА НАДОМЕСТОК
Член 10
Осигурувачот не е во обврска да го исплати договорениот надоместок ако штетата е предизвикана намерно или со измама од страна на договарачот на осигурувањето, осигуреникот или корисникот на осигурувањето.
Осигурувачот не е во обврска да го исплати надоместокот ако Договарачот / Осигуреникот не пријавил факти и информации кои се од особено значење при приемот во осигурување и кои можат да влијаат при настанување на штета.
ПРАВНА СИТУАЦИЈА ПО НАСТАНУВАЊЕ НА ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Член 11
(1) Оштетените посеви и плодови остануваат на Осигуреникот.
(2) По настанување на осигурен случај, преостанатите посеви или плодови, односно повторно насеаните (насадени) посеви и плодови, осигурени се на разликата помеѓу првобитната сума на осигурување и исплатениот надоместок.
ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ
ПРЕДМЕТ НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 12
(1) Осигурени се посеви (вклучувајќи пострни, подпосеви и меѓупосеви), плодови, ливадски треви, лековити билки, украсни билки и овоштарници и лозја, млади овоштарници и лозја пред стапување во род, овошен лозов и шумски посадочен материјал, млади шумски култури до наполнети 6 години, врби за плетарство и трски.
(2) Осигурано е кај посевите и плодовите наведени во полисата:
1. Кај житариците, маслодајните билки и останатитте култури оставени за семе зрната (семе), кај житариците може да се осигури и стеблото (слама и пченковината), а кај сиракот метлицата, доколку тоа посебно се договори.
2. Кај коренестите и кртолестите билки - коренот и кртолата.
3. Кај градинарските, лековити и украсни билки според целта на одгледување.
4. Кај конопот- стеблото, а ако се произведува за семе само семето, кај конопот за семе со осигурувањето може да се опфати и стеблото доколку тоа посебно се договори.
5. Кај ленот - стеблото и семето.
6. Кај хмелот - плодот.
7. Кај памукот - плодот (чаурата),
8. Кај афионот - семето и чаурата,
9. Кај тутунот - листот, ако се произведува за семе тогаш и семето доколку тоа посебно се договори,
10. Кај крмните растенија и ливадските треви - крмната маса, а кога се произведува за семе само семето.
11. Кај расадот - билките,
12. Кај овошјето и лозјето само плодот, односно родот, а ако посебно се
договори може да се осигури и стеблото, односно пенушката,
13. Кај младите шумски култури - стеблото.
14. Кај овошниот, лозовиот и шумскиот посадочен материјал, подлогите, калемите, резниците и садниците, како и калем гранчињата кај овошките и ластарите (виоки) кај лозјата - само во матични насади.
15. Кај врбите за плетарство - прачките.
16. Кај трските - стебленцето.
Доколку кај културите кај кои е можно да се осигури и стеблото, односно семето, не е тоа посебно наведено во полисата, ќе се смета дека е осигурен само плодот.
(3) Пострните посеви, подпосевите и меѓупосевите опфатени се со осигурување само во случај ако на полисата се посебно осигурани и ако за нив е платена посебна премија.
(4) Посевите и плодовите како и останатитте култури наведени во став (1) од овој член, еднаш веќе оштетени од ризикот од кој се врши осигурување не можат да бидат осигурени во истата година.
(5) Ако по склучувањето на договорот за осигурување се утврди дека осигурениот посев односно плод пред склучување на договорот за осигурување бил оштетен од ризикот кој е покриен со тоа осигурување, осигурувачот може да бара поништување на договорот и истиот нема обврска за надомест на штета.
ОСИГУРЕНИ ОПАСНОСТИ (РИЗИЦИ)
Член 13
(1) Осигурувачот е во обврска да плати надоместок од осигурување за штетите предизвикани со оштетување или уништување на осигурените посеви и плодови од основните опасности град, пожар и гром, додека посевите, односно плодовите се неожнеани односно необрани. Доколку посебно се договори согласно Посебните услови и се плати дополнителна
премија, тогаш со осигурувањето се покриени штети на осигурените посеви и плодови од дополнителните опасности поплава, луња и пролетен мраз.
(2) Осигурувачот е во обврска да плати надоместок од осигурување за штетите само за загуба на количински принос, а не и во квалитет, освен кај:
1. Конопот и ленот за влакно.
2. Сиракот за метла.
3. Овошен, лозов и шумски посадочен материјал и посадочен материјал од украсни жбуњови и дрва.
4. Врби за плетење, во кои случаи се надоместуваат и штетите во загуба на квалитет.
(3) Осигурувачот е во обврска да плати надоместок од осигурување и за штетите кои настанати во загуба на квалитет кај тутунот осигурен по Посебните услови.
(4) Осигурувачот е во обврска да плати надоместок од осигурување и за штети кои настанати со загуба на квалитет кај:
1. Посеви и плодови за производство на семе.
2. Овошје.
3. Асталско грозје, ако е договорено дополнително осигурување по Посебните услови и ако е платена соодветна дополнителна премија.
(5) Осигурување од дополителните ризици не е дозволено без осигурување од основните ризици.
(6) Осигурување на одредени ризици по избор на Договарачот / Осигуреникот во рамки на основните ризици не е дозволено.
ОПАСНОСТИ (РИЗИЦИ) КОИ НЕ СЕ ОПФАТЕНИ СО ОСИГУРУВАЊЕ
Член 14
Со осигурување не се опфатени штети кои ке настанат како последица на:
1. Војна, инвазија, дејства на странски непријатели, непријателски или воени операции (без оглед дали војна е објавена или не), граѓанска војна, побуна, револуција, востание, граѓански немири, имајки го во предвид учеството во или големината на востанието, воена или узурпаторска сила; или
2. а) биолошка или хемиска контаминација;
б) проектили, бомби, гранати, експлозивни средства;
в) поради секое дејство на тероризам, намерно делување или вадализам.
За примена на овој додаток дејство на тероризам значи, дејство, вклучувајќи, но не и ограничување на употреба на сила или насилство и/или закана со нив на лице или група на лица, без оглед дали дејствуваат сами или во корист на или во врска со било која организација(и) или влада(и) обврзани со политички, религиозни, идеолошки или етнички цели и причини вклучувајки и намера да се влијае на влада и/или да се изложи јавноста или дел од јавноста под страв.
За примена на а) контаминацијата значи контаминација, труење или превентива и/или ограничување на употреба на објект поради влијание на хемиски и/или биолошки материи.
Овој додаток исклучува и загуба, штета, цена или трошок од секаков вид директно или индиректно настанат од последица од или во врска со дејство преземено за контрола, превенција, уништување или на било кој начин се однесува за и/или 2 погоре. Ако преземачите на осигурување потврдат дека поради овој исклучок, штета, загуба, цена или трошок не се покриени со ова осигурување товарот за докажување на спротивното паѓа на осигуреникот.
3. Доколку се утврди дека осигурениот посев или плод пред заклучување на осигурувањето веќе бил оштетен од ризикот од кој се осигурува, Осигурувачот нема обврска за надомест на штета.
4. Поплава настаната како резултат на поројни дождови и затнати канали за одводни води.
5. Елементарни непогоди кои не се наведени во овие Услови, како и штети кои се предизвикани од растителни болести и инсекти, како и уништување од птици и животни.
6. Осигурувачот не е во обврска за исплата на надомест на штета која настанала од ризици кои не се наведени во полисата и/или во член 13 од овие Услови.
7. Исклучување на ризик од заразни болести 1.Во овие услови исклучена е било каква загуба, штета, одговорност, побарување, трошок од каква било природа, директно или индиректно, предизвикана од, придонесена од, што резултира од, произлегува од или е поврзана со заразната болест, страв или закана (без оглед дали е реална или перцепирана) од заразна болест, без оглед на која било друга причина или настан што придонесува за тоа во исто време или во која било друга низа.
2. Како што се користи овде, заразна болест значи секоја болест што може да се пренесе со помош на која било супстанца или агенс од кој било организам на друг организам кога:
2.1. супстанцијата или агенсот вклучува, но не ограничувајќи се на, вирус, бактерија, паразит или друг организам или каква било негова варијација, без оглед дали се смета за жив или не, и
2.2. начинот на пренесување, без разлика дали е директен или индиректен, вклучува, но не е ограничено на, пренесување преку воздух, пренесување преку телесни течности, пренесување од или на која било површина или предмет, цврста, течна или гасовита или помеѓу организми и
2.3. болеста, супстанцијата или агенсот може да предизвикаат или да се заканат со оштетување на здравјето на луѓето или благосостојбата на човекот или можат да предизвикаат или да се заканат со оштетување, влошување, губење на
вредноста продажба или губење на употребната вредност на имотот.
СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 15
(1) Посевите и плодовите се осигурени на износот што го одредува осигуреникот (сума на осигурување), но најмногу до висина на
очекуваната | вистинска | вредност | во |
соодветната | година, ако | поинаку не | е |
договорено. |
(2) Како основ за пресметување на вредноста на посевите односно плодот се зема висината на очекуваниот принос и слободната пазарна цена која се очекува да биде во соодветната година по жетвата, односно бербата, гарантираната цена ако така се договори, или цената договорена со организаторот на производството.
(3) Доколку очекуваниот принос при склучувањето на полисата е определен на нереално високо ниво, во случај на штета ќе се применува пресметка на реалниот принос утврден од страна на земјоделски стручњак (кој осигурувачот е должен да го одреди за свој претставник во процената на штетата согласно член 21 точка (1) став 2).
ОБВРСКА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА СИТЕ ПОСЕВИ И ПЛОДОВИ ОД ИСТ ВИД
Член 16
(1) Договарачот на осигурувањето е обврзан да ги осигури сите површини под посеви и плодови од ист вид. Тоа се однесува и на посевите и плодовите кои масовно се осигуруваат, доколку масовно осигурување поинаку не е договорено.
(2) Ако не се осигуруваат сите посеви, односно плодови од ист вид според претходниот став, надоместокот од осигурување се исплатува сразмерно помеѓу осигурената и стварната површина под тие посеви и плодови. Кога договорот за осигурување е склучен по бројот на стеблата или пенушките надоместокот од
осигурување се исплатува во сразмер помеѓу осигурениот и вистинскиот број на стеблата или пенушките.
(3) Ако во текот на траењето на осигурувањето настапи промена во структурата на осигурените површини, договарачот на осигурувањето е обврзан тоа без одлагање да го пријави на осигурувачот.
(4) Доколку договарачот на осигурувањето не ја изврши својата обврска за промените од претходниот став па со настанувањето на осигурениот случај се утврди неслагање помеѓу осигурените и стварно засеани површини, односно помеѓу осигурениот и стварниот број на стебла или пенушки, надоместокот од осигурување ќе се исплаќа по определбите од став (2) на овој член.
ПОНИШТУВАЊЕ И ПРЕКИН НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 17
(1) Доколку по склучувањето на договорот за осигурување се утврди дека пред почетокот на покритието на полисата била предизвикана штета врз осигурените посеви и плодови од опасности кои се опфатени со осигурувањето наведени во полисата, Осигурувачот има право да ја поништи полисата согласно член 12 став
(5) и да ги задржи односно наплати режиските трошоци за издавање на полисата.
(2) Ако осигурениот посев или плод за времето додека трае осигурувањето е целосно уништен со опасности кои не се опфатени со осигурувањето, Договарачот / Осигуреникот нема право да побара прекин на полисата, а премијата е должен да ја плати во целост.
(3) Ако осигурениот посев или плод биде целосно уништен (тотална штета со најмалку 70% оштетување) пред почетокот на обврската на Осигурувачот за исплата на надоместок од осигурување, Договарачот за тој посев не ја плаќа премијата за осигурувањето, што мора да биде потврдено со записник од страна на
стручно лице од Земјоделскиот Институт од Скопје.
(4) Во случај на уништување на осигурениот посев или плод од претходниот став, Договарачот / Осигуреникот мора да поднесе писмено барање до Архивата на Осигурувачот за отпишување на премијата најдоцна во рок од 15 дена, сметајќи од денот на штетата, а секако не подоцна од денот наведен како почеток на осигурувањето.
(5) Полисата за осигурување на посеви и плодови може да биде прекината во случај кога осигурената парцела е предмет на оттуѓување односно продажба, но под услов да не е пријавена штета по истата полиса.
(6) Договарачот / Осигуреникот мора да поднесе писмено барање за прекинување на осигурувањето од претходниот став најдоцна во рок од 15 дена, сметајќи од денот кога е склучен договорот за купопродажба на парцелата, со соодветна документација. Осигурувачот има право да го задржи, осносно наплати износот на премијата од почетокот на покритието на полисата до денот на прекинот на истата.
(7) При поврат на премија по било кој основ, Осигурувачот го задржува износот на режискиот дел од премијата (делот за вршење на дејноста на осигурување) утврден согласно интерните акти на Друштвото, а во зависност од изминатиот период од почетокот на осигурувањето до денот на барањето и во согласност со овој член, Осигурувачот задржува и сразмерен дел од премијата.
НЕДЕЛИВОСТ НА ПРЕМИЈАТА
Член 18
(1) Премијата од Тарифата на премии важи за еден период на осигурување, т.е. за времето од склучувањето на осигурувањето па до жетвата, односно бербата, доколку по Посебните услови за осигурување тоа не е поинаку регулирано но најмногу до една година.
(2) Утврдената премија за осигурување не може да се намали поради скратување на рокот на траење на осигурувањето, освен во случаите од член 17 на овие Услови.
(3) Ако посевот или плодот истовремено е осигурен од повеќе ризици, па во текот на траењето на осигурувањето дошло до остврување на некој од осигурените ризици, осигурувачот ја задржува вкупната премија за сите ризици.
ПРЕГЛЕД НА СОСТОЈБАТА НА ОСИГУРЕНИТЕ ПОСЕВИ И ПЛОДОВИ (РЕВИЗИЈА НА РИЗИЦИ)
Член 19
(1) Осигурувачот има право во текот на траењето на осигурувањето да врши преглед на осигурените посеви и плодови поради утврдување на состојбата во врска со обврските кои произлегуваат од склучениот договор за осигурување.
(2) Прегледот и утврдувањето на состојбата на посевите го вршат осигурувачот и осигуреникот заедно.
(3) По извршениот преглед од став (1) и (2) на овој член, се составува записник за утврдената состојба.
ОБВРСКА НА ОСИГУРЕНИКОТ КОГА ЌЕ НАСТАПИ ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Член 20
Кога ќе настапи осигурен случај врз основа на кој се бара надоместок, осигуреникот е должен да постапи според следното:
1. Веднаш, а најдоцна во рок од три дена по настанувањето на осигурениот сучај, да пријави на осигурувачот дека настанал осигурен случај.
2. Ако пријавата е направена усно или преку телефон мора веднаш, а најдоцна во рок од три дена да се потврди писмено.
3. Во пријавата за настанатиот осигурен случај, треба да се наведе денот и часот на
настанување, на кои посеви односно плодови и површини настанала штетата и тоа по видови на посеви и парцели.
4. Во случај посевите, односно плодовите да бидат оштетени за време на жетвата (бербата) осигуреникот е должен и пред процена на штетата да ја обави жетвата или бербата, со цел спречување на понатамошното зголемување на штетата.
5. Кога оштетениот посев или плод мора да се ожнее или обере, а процената на штетата сеуште не е извршена осигуреникот е должен да остави контролни примероци на долниот, средниот и горниот дел на парцелата дијагонално од најмалку по 10 м2 од оштетениот посев, односно плод необрано, а кај лозјата најмалку 10 пенушки, кај овошјата неколку стебла необрани на долниот, средниот и горниот дел од лозјето, односно овоштарниците дијагонално, кои ќе послужат како основ за процена на штетата, кај културите кај кои жетвата-бербата се врши машински - со комбајнирање осигуреникот мора да остави контролни примероци во вид на лента.
6. Осигуреникот е должен на осигурувачот да му ги даде сите податоци и докази со кои располага, а се неопходни за утврдување на причините, обемот и големината на штетата.
7. Во случај кога е настанат осигурен случај - пожар, задолжително да пријави во Министерството за внатрешни работи и да достави полициски записник.
8. За штети настанати како резултат на атмосферска појава град и пролетен мраз, Осигуреникот има обврска да достави писмен доказ за настанот издаден од Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија.
9. Доколку осигуреникот не постапи согласно своите обврски во делот на роковите за известување и пријава на штета, истиот е
должен да му ја врати можната штета на осигурувачот кој тој би ја претрпел како резултат на ненавремената пријава.
УТВРДУВАЊЕ И ПРОЦЕНА НА ШТЕТИ
Член 21
(1) По примање на пријавата за настанатиот осигурен случај, осигурувачот е должен да пристапи кон утврдување и процена на штетата. Утврдувањето и процената на штетата го вршат осигурувачот и осигуреникот. Осигуреникот може да овласти и друго лице да го застапува во процената.
Осигурувачот е должен за свој претставник во процената да одреди земјоделски стручњак.
(2) Осигуреникот е должен на покана на претставникот на осигурувачот да излезе на теренот поради процена на штетата или да овласти друго лице да го застапува во процената.
Ако тоа не го направи, претставникот на осигурувачот ќе изврши процена во присуство на независен вештак или стручно лице.
(3) Процената може да биде претходна (предпроцена) и конечна:
1. Кога процената е претходна (предпроцена) не се утврдува конечната висина на штетата, туку само се утврдува состојбата на посевите и плодовите, природата на оштетувањата и други елементи кои се од важност за конечно утвдување, односно процена на штетата. Ако оштетувањето е незначително и кога со сигурност може да се утврди дека конечниот процент на штета не може да биде поголем од 5%, веднаш се врши конечна пресметка.
2. Кај конечната процена на штетата се утврдува: дали се сите посеви, односно плодови од ист вид осигурени, големината на оштетената парцела,
колкав е процентот на штетата од настанатиот осигурен случај, и колкав би бил приносот ако плодовите односно посевите не биле оштетени од осигурениот случај.
3. Кога посевите и плодовите се оштетени со дејство на некоја друга опасност која не е опфатена со осигурување, се утврдува колкав е процентот на оштетување од таа опасност и за висината на тој процент се намалува висината на приносите кои би се добиле ако оштетување од тие ризици воопшто немало.
Доколку посевот е осигурен само од основни ризици, а за време на осигурителниот период настанало делумно оштетување од некој од дополнителните ризици, а по извесно време настане штета од основен ризик, потребно е покрај процентот на оштетување да се утврди и реалниот принос поради оштетувањата настанати од дополнителните ризици. Штетата ќе се пресмета согласно реалниот принос на посевот, а не по осигурениот принос. Осигуреникот нема парво на повраток на премијата поради тоа што во тој период бил осигурен од одредени ризици по кои можело да настане штета.
4. Културите кои се жнеат или берат, два или повеќе пати имаат повеќе откоси, утврдувањето и процената на шетата се вршат врз основа на бројот на бербите, процентот на оштетувањата и просечниот принос на оштетените берења. Исто така треба да се утврди колку плод е набрано од оштетените берби пред настанатото оштетување.
5. Ако еден ист посев или плод биде оштетен повеќе пати, процентот на штетата се утврдува според состојбата
на посевите или плодовите во последното оштетување.
6. При утврдување на површините под оштетените посеви и плодови, добиениот резултат се заокружува кај хектарот на 1 ар.
(4) Кога осигурувачот и осигуреникот не се сложуваат во процената, секој од нив има право да ангажира вешто лице на сопствен трошок, при што осигуреникот е должен, во смисла на член 20 точка 5 и 6 од овие Услови, да остави контролни парцели во оштетена состојба се додека не се изврши вештачење. Ако не постапи така, штетата се пресметува според првобитната процена на осигурувачот.
(5) Несогласувањето во процена на штетата, се констатира во записникот за процена на штети. Ако на процената не присуствувал осигуреникот или неговиот застапник, осигуреникот е должен своето несогласување со процентот писмено да го соопшти на осигурувачот во рок од три дена од денот на соопштување на резултатите од процената. Доколку осигуреникот не постапи така процената се смета полноважна.
(6) Осигурувачот и осигуреникот имаат право да бараат и вршат контрола на извршената процена според состојбата на самото место, а пред жетвата - бербата, освен процената на извршеното вештачење.
(7) Ако осигуреникот или осигурувачот не се сложуваат со наодот на утврдувањето при контролата на процената се пристапува кон вештачење во смисла на член 22 од овие Услови.
УТВРДУВАЊЕ НА НАДОМЕСТ ОД ОСИГУРУВАЊЕ
Член 22
(1) Висината на надоместокот од осигурување, се утврдува:
1. Од сумата на осигурување - ако вредноста на приносот е еднаква на
сумата на осигурување или поголема од неа.
2. Од вистинската вредност на реалните приноси - ако таа вредност е помала од сумата на осигурување.
(2) Вредноста на осигурените посеви, односно плодови се пресметува на тој начин што од утврдениот принос кој би се постигнал да немало никакви оштетувања, се одбива намалувањето на приносот поради евентуалното оштетување од опасностите кои не се опфатени со осигурување, и така добиениот принос се пресметува по договорената цена во полисата, а за договореното производство - по цените договорени со организаторот на производство.
(3) Кога штетата е делумна, на осигуреникот на име надоместок му се исплатува: во случаите од став (1) точка 1. од овој член, од сумата на осигурување, во случаите од став (1) точка 2. од овој член - од вредноста на приносот - онолку проценти за колку проценти посевите, односно плодовите се оштетени.
(4) Кога штетата е тотална, на осигуреникот на име надоместок му се исплатува:
1. Во случаите од став (1) точка 1. од овој член, износот на сумата на осигурување.
2. Во случаите од став (1) точка 2. од овој член, износот на вредноста на приносите,
овие износи се намалуваат за трошоците за производство, кои од настанувањето на штетата до завршувањето на жетвата или бербата нема да се остварат, земајќи, ги при тоа во предвид и трошоците непходни за отстранување на растителните остатоци.
(4) Ако настанал процент на оштетување од 70% и повеќе, се смета дека штетата е тотална.
(5) Трошоци за незвршени работи задолжително се одбиваат во секоја делумна или тотална штета од основни и дополнителни ризици и тоа:
• За штети со процент на оштетување до 20%, задолжително се одбива 10% од висината на штетата поради неизвршени работи;
• За штети со процент на оштетување од 21% до 39%, задолжително се одбива 15% од висината на штетата поради неизвршени работи;
• За штети со процент на оштетување од 40% до 69%, задолжително се одбива 20% од висината на штетата поради неизвршени работи;
• За штети со процент на оштетување од 70% до 100%, задолжително се одбива 25% од висината на штетата поради неизвршени работи.
(5) Кога младите или брзо засеаните посеви се тотално уништени, а според годишното време, временските услови и прикладноста на земјиштето место нив е можно да се засее истата култура, на осигуреникот му се исплатува аконтација на надоместокот од осигурување во висина до 20% од сумата на осигурување.
(6) Кога посевите или плодовите се тотално уништени, а според годишното време, временските услови и прикладноста на земјиштето, не е можно сеењето или садењето да се зврши со иста, туку со некоја друга култура, на осигуреникот му се исплатува аконтација на надоместок од осигурување во висина 35% од сумата на осигурување.
(7) Ако во смисла на став (6) и (7) од овој член, новонасеаниот односно насаден посев не успеал при околностите на кои осигуреникот не можел да влијае, или делумно успеал, надоместокот од осигурување се утврдува на следниот начин:
1. Ако посевот воопшто не успеал, се пресметува вкупниот износ на надоместокот во смисла на одредбите
од став (1), (2), (4) и (5) од овој член и на осигуреникот му се исплаќа разликата помеѓу исплатениот износ на аконтација по став (6) или (7) од овој член и вкупно утврдениот износ на надоместокот, при што не смее да се надмине износот од 70% од сумата на осигурување.
2. Ако посевот делумно успеал, првин се утврдува постигнатата вредност на засеаните, односно засадени култури и таа вредност се додава на исплатениот износ на аконтацијата од став (6) и (7) од овој член. Ако така добиениот износ биде помал од вредноста која осигурената култура би ја имала да не дошло до настанување на осигурениот случај на осигуреникот ќе му се надомести разликата до таа вредност.
(8) Износот на трошоците за производство во смисла на став (4) од овој член не се одбива кога се врши пресејување, односно пресадувње на тотално уништените посеви и плодови.
(9) Барањето за исплата на разлика на надоместок во смисла на став (8) од овој член, осигуреникот е должен писмено да му го поднесе на осигурувачот и тоа пред да се ожнее посевот или обере плодот, оправданоста на барањето договорно ја утврдуваат осигуреникот и осигурувачот.
(10) Доколку осигуреникот не изврши пресејување, односно пресадување во смисла на став (6) и
(7) од овој член, исплатената аконтација ќе се смета конечна со надоместокот од основот на осигурувањето.
(11) Во случај на настанување на штета, доколку премијата по полисата не е платена во целост (без разлика дали е користена државна субвенција), надоместот од штетата ќе биде исплатен по плаќањето на целокупниот износ на премијата по полисата.
ФРАНШИЗА
Член 23
(1) Ако е договорено осигуреникот да сноси дел од штетата (договорен самопридржај, франшиза), при настанување на осигурен случај надоместокот од осигурувањето ќе се утврди на тој начин што на осигуреникот отпаѓа дел од штетата во висина на договорениот самопридржај.
(2) Кај штети од основни ризици се одбива задолжителна франшиза од 20% од висината на штетата.
(3) Кај штети од дополнителни ризици се одбива задолжителна франшиза од 25% од висината на штетата.
НАДОМЕСТОК НА ТРОШОЦИ
Член 24
(1) Осигурувачот ги надоместува трошоците предизвикани со свесен обид да се отстрани непосредната опасност од настанување на осигурениот случај како и обидите да се ограничи неговата штетна последица само доколку осигуреникот тие обиди ги презел во согласност со осигурувачот.
(2) Ако осигурувачот одбие да даде согласност на предложените мерки од став (1) од овој член во случај на настанување на штетата обврзан е да го исплати надоместокот од договорот за осигурување во целост.
ПРИМЕНА НА ОПШТИТЕ УСЛОВИ
Член 25
Овие Услови се применуваат за осигурување на посеви и плодови доколку со Посебните услови не е поинаку регулирано, или доколку примената на Општите услови за осигурување на посеви и плодови не е во целина или делумно исклучена со Посебните услови.
ПРАВНА ПОУКА
Член 26
Осигуреникот има право до Агенцијата за супервизија на осигурување како надлежен орган за супервизија на друштвото за осигурување, да достави претставка во однос на друштвото.
ДАТУМ НА ПРИМЕНА
Член 27
Овие услови ќе се применуваат на сите ново склучени осигурувања како и на постојните осигурувања доколку се тие поповолни за
осигурениците.
Овие услови во пречистен текст стапуваат во сила од 01.01.2021 год.
Одбор на директори
Претседател М-р Xxxxxx Xxxxxx