Contract
|
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
(1) Општите услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај (незгода) и овие Дополнителни услови за осигурување на претплатници од последици на несреќен случај (во понатамошен текст: Дополнителни услови), се составен дел на договорот за осигурување на претплатници од последици на несреќен случај (незгода), што договарачот на осигурувањето ќе го склучи со Националната групација за осигурување АД Осигурителна полиса - Скопје, (во понатамошен текст: осигурувач).
(2) Договарач може да биде секое претпријатие кое сака да ги осигура своите претплатници.
(3) Лицата што се осигуруваат според овие Дополнителни услови осигурени се без оглед на нивната здравствена состојба, општата работна способност и годините на староста, како и без плаќање на зголемена премија во смисла на член 9 став (1) точка 4 од Општите услови освен лицата потполно лишени од деловна способност, кои во секој случај се исклучуваат од осигурувањето.
НАЧИН НА СКЛУЧУВАЊЕ НА ДОГОВОР
Член 2
(1) Ако во полисата поинаку не е договорено, осигурувањето започнува во 24,00 часот во оној ден кој како почеток на осигурувањето е означен во полисата за сите претплатници кои што тој ден биле редовни претплатници. За секој нов претплатник што се претплатил по почетокот на осигурувањето, осигурувањето започнува во 24,00 часот од
оној ден кога е извршена уплатата на касата на договарачот, односно во пошта или банка.
(2) За секој одделен претплатник осигурувањето престанува да важи во 24,00 часот во оној ден, кога го изгубил својството на претплатник.
ОБВРСКА НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 3
(1) Ако претплатник е правно лице (организација и слично), осигурувачот е во обврска само тогаш кога договарачот писмено му го соопштил името и презимето, занимањето и местото на престој на лицето на кое треба да се однесува осигурувањето или сите лица на кои се однесува осигурувањето или на сите лица според бројот на претплатниците, ако претплатата е колективна.
(2) Кога поодделен претплатник (физичко лице) има повеќе претплати кај ист договарач, за него во секој случај секогаш важи само едно осигурување.
НАЧИН И РОКОВИ ЗА ПРЕСМЕТУВАЊЕ И ПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈАТА
Член 5
(1) Пресметката на премијата се врши во рокот означен во полисата за осигурување според фактичкиот број на осигурените претплатници.
(2) Договарачот е должен договорената премија да му ја плаќа на осигурувачот за сето времетраење на осигурувањето во рокот договорен во полисата.
(3) Ако е договорено месечно плаќање, договарачот е должен да му достави
на осигурувачот пресметка на премијата до 30-ти секој месец за изминатиот месец на осигурувањето, и истовремено да му го дозначи вкупниот износ на премијата според пресметката без оглед дали премијата ја плаќа од свои средства или ја наплатува од претплатниците. Месечната премија се пресметува врз основа на бројната состојба на претплатниците на крајот на секој календарски месец.
(4) Месечната премија за ова осигурување е неделива. Таа се плаќа во полн месечен износ за секој претплатник без оглед кога започнало осигурувањето во текот на месецот за секој одделен осигуреник.
(5) Договарачот е должен да му ги стави на увид на осигурувачот евиденцијата и документацијата од која може да се утврди правилноста на извршената пресметка и дознака на премијата.
(6) Ако премијата се испраќа по пошта, се смета дека е платена во 24,00 часот оној ден на кој е уплатена во пошта, а ако се плаќа со xxxxxx, се смета дека е платена во 24,00 часот оној ден на кој е предаден вирманскиот налог во банка.
(7) Обврската на осигурувачот спрема секој осигуреник одделно постои и кога договарачот не ја уплатил премијата во предвидениот рок, ако осигурениот случај настане за време на траењето на осигурувањето во смисла на член 6 и 19 од Општите услови.
ОБВРСКА НА ОСИГУРУВАЧОТ КОГА ОСИГУРЕНИТЕ ЛИЦА
СЕ ПОМЛАДИ ОД 14 ИЛИ ПОСТАРИ ОД 75
ГОДИНИ
Член 6
(1) Ако поради несреќен случај настапи смрт на осигуреникот помлад од 14 години, осигурувачот е во обврска да исплати на име трошоци за погреб договорената осигурена сума за случај на смрт, но најмногу износот кој како максимален е утврден со Одлука на Одборот на директори на АД Осигурителна полиса - Скопје
(2) Кога лицето што претрпело несреќен случај е постаро од 75 години, осигурувачот е во обврска да исплати 50% од износот кој инаку требало да го плати.
ПРИЈАВА НА НЕСРЕЌЕН СЛУЧАЈ
Член 7
(1) Договарачот е должен да му го пријави на осигурувачот секој несреќен случај што ќе му настане на осигуреникот во рокот предвиден во членот 13 од Општите услови, и да му ги даде сите потребни известувања за разјаснување и утврдување, постоењето и висината на неговата обврска.
(2) Договарачот е во обврска да му издаде потврда за тоа дека лицето што претрпело несреќен случај, е опфатено со осигурувањето во својство на претплатник.
ПРАВНА ПОУКА
Член 8
Осигуреникот има право до Агенцијата за супервизија на осигурување како надлежен орган за супервизија на друштвото за осигурување, да достави претставка во однос на друштвото.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 9
Овие Дополнителни услови важат со Општите услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај, а доколку нивната содржина е во спротивност со содржината на Општите услови, важат овие Дополнителни услови.