Contract
Врховен суд на Република Македонија Договор за доживотна издршка Гзз.бр.183/02 Сентенца
Кога примателот на издршката со договор за доживотна издршка го пренел правото на сопственост на предметот на договорот на давателот на издршката, а таквиот договор не е раскинат, нема право повторно да располага со истиот.
Образложение
Барањето за заштита на законитоста е неосновано.
Од изведените докази во постапката првостепениот суд утврдил, а второстепениот суд прифатил, меѓу другото, дека тужителот бил внук на сега покојната X.X. која починала на 22.08.2000 година. Покојната Н. со тужителот на ден 5.09.1997 година заклучиле договор за доживотна издршка со кој договор меѓу другото Н. му го пренела правото на сопственост на тужителот и на нивата во површина од 3693 м2. Утврдено е дека на ден 7.07.2000 година покојната X. заклучила договор за купопродажба заверен под реден број 200/00 кај нотар Љ. Д. од С.Н. со кој договор предметната нива која што веќе била опфатена со договор за доживотна издршка, ја продала на сега тужениот.
Врховниот суд на Република Македонија оцени дека пониските судови со ваквото одлучување правилно го примениле материјалното право, односно одредбата од член 103 од Законот за облигациони односи (ЗОО) и член 3 од Законот за основните сопственосно правни односи и во се с# согласува и ги оценува како основани причините од кои тие се раководеле при одлучувањето.
Во барањето за заштита на законитоста се наведува дека пониските судови го поништиле договорот за продажба меѓутоа при тоа во поглед на ништовноста не навеле на кои принудни прописи таквиот договор бил спротивен, понатаму наведува дека погрешно е стојалиштето на пониските судови дека тужителот се стекнал со право на сопственост на предметната парцела во моментот на склучување на договорот затоа што одредбата од член 120 од Законот за наследување (ЗН) предвидува дека сопственоста врз имотот предмет на договорот за доживотна издршка преминува на давателот на издршката во моментот на смрта на примателот на издршката, што значи дека давателот на издршката не се имал стекнато со право на сопственост на имотот предмет на договорот, а примателот на издршката се до моментот на неговата смрт бил
сопственик на имотот и со него можел слободно да располага.
Согласно член 26 од ЗОО договорот е склучен кога договорните страни се спогодиле за суштествените состојки на договорот.
Согласно член 454 став 1 од истиот закон со договорот за продажба, продавачот се обврзува предметот што го продава да му го предаде на купувачот, така што купувачот да стекне право на располагање, односно право на сопственост, а купувачот се обврзува да му ја плати на продавачот цената.
Согласно член 120 став 1 од ЗН договорот со кој едниот договарач се обврзува да го издржува доживотно другиот договарач, а во кој другиот договорувач изјавува дека му го остава целиот свој имот или еден негов дел во наследувањето и претставува договор за отуѓување со надоместок на сите недвижни ствари што му припаѓаат на примателот на издршката во времето на склучување на договорот, чие признавање на давателот на издршката е одложено до смртта на примателот на издршката.
Во конкретниот случај покојната Н. располагала со предметната недвижност и склучила договор за доживотна издршка со тужителот. Со тоа што таа располагала со тој имот значи дека подоцнежното нејзино располагање е спротивно на принудните прописи независно од тоа што предавањето на овој имот на давателот на издршката е одложено до нејзината смрт. Xxxxx, купувачот кој при склучување договор за купопродажба бил во уверување дека недвижноста што ја купува е сопственост на продавачот неможе да стекне сопственост на таа недвижност, ако истата не била сопственост на продавачот туку на трето лице.
Како во случајот покојната X. со договорот за доживотна издршка располагала и со оваа парцела ја опфатила истата со тој договор и изјавила во тој договор дека таа парцела ќе му ја остави во наследство на давателот на издршката-сега тужителот, значи дека покојната Н. немала право пофторно да распоалга со истата таа парцела и да го склучува договорот за купопродажба со сега тужениот. Фактот што во случајот давателот на издршката не го запишал своето право во јавните книги не е од влијание за поинакво одлучување, при состојба да договорот за доживотна издршка ниту бил раскинат од страна на договорните страни ниту пак бил редуциран по однос на оваа спорна парцела.
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија, Гзз.бр.183/02 од 23.04.2003 година .