Друштво за осигурување UNIQA Life а.д. Скопје, ул. ВМРО 3, 1000 Скопје, тел. 02 3228 820. факс 02 3215 128, www.uniqa.mk
Посебни услови за осигурување на живот во случај на смрт или доживување со еднократно плаќање на премија
Друштво за осигурување UNIQA Life а.д. Скопје, ул. ВМРО 3, 1000 Скопје, тел. 00 0000 000. факс 02 3215 128, xxx.xxxxx.xx
Овие услови се усвоени на редовна седница на Управен одбор одржана на 03.04.2019 година и со одлука бр.0202-30 се применуваат од денот на донесувањето.
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
1. Со овие Посебни услови за животно осигурување во случај на смрт и доживување со еднократна уплата на премија (во понатамошен текст Посебни Услови) се одредуваат меѓусебните односи на учесниците на договорот за животно осигурување со еднократна уплата на премија.
2. Овие Посебни услови се составен дел на договорот за животно осигурување во случај на смрт и доживување со еднократна уплата на премија што договорувачот на осигурувањето (во понатамошен текст договорувач) го склучува со друштвото УНИКА Лајф осигурување (во понатамошен текст осигурувач).
Член 2
Одделни поими кои се користат во овие Посебни услови го имаат следното значење:
Понуда е предлог за склучување на договор за животно осигурување и се поднесува во писмена форма во соодветен образец на осигурувачот. Барател е лице кое поднесува писмено понуда до осигурувачот.
Договорувач или имател на полиса е лице кое склучува договор за осигурување со осигурувачот. Ако се склучува взаемно осигурување на две лица, договорувач/имател на полиса на осигурувањето мора да биде еден од осигурените лица.
Осигуреник е лице на чии живот се однесува осигурувањето и од чие смрт или доживување зависи исплатата на договорената осигурена сума.
Корисник на осигурувањето е лице, правно или физичко лице, во чија корист е склучено осигурувањето, и на кое му се исплатува договорената осигурена сума.
Договорена Осигурена сума (во понатамошен текст Осигурена сума) е обврска на осигурувачот утврдена со договорот за осигурување/полисата за осигурување.
Полиса за осигурување е документ кој го потврдува договорот за осигурување на живот.
Премија за осигурување е износ што договорувачот е должен да му го плати на осигурувачот врз основа на договорот за осигурување на живот.
Член 3
1. Со договорот за осигурување на живот, договорувачот се обврзува на осигурувачот да му ја плати премијата на осигурувањето, а осигурувачот се обврзува, со настанување на осигурителниот случај, да му ја исплати на корисникот осигурената сума, односно нејзиниот дел.
2. Покрај осигурување на живот по овие Посебни услови можат да се договорат и дополнителни осигурувања за кои премијата се плаќа однапред за целата осигурителна година согласно дополнителните услови за осигурување.
3. Согласно овие Посебни услови можат да се осигурат здрави лица од навршена 14 (четиринаесетта) години на живот, па се до завршувањето на календарската година во која осигуреното лице навршило 65 (шеесетипет) години на животот.
4. Лицата од став (3) на овој член, во зависност од вредноста на осигурената сума, како и лица постари од 65 (шеесетипет) години и болни лица можат да се осигурат исклучително врз основа на извршен лекарски преглед, односно врз основа на процена на ризикот од страна на осигурувачот, со примена на одредбите од Посебните услови за осигурување на зголемени ризици (анормален ризик) со осигурување на живот.
5. Сите изјави и барања на договорните страни се поднесуваат во писмена форма, а се сметат дека се поднесени оној ден кога се примени од договорената страна до која се упатени. Во случај кога поднесокот се доставува по пошта, како ден на прием, за секоја договорена страна се смета датумот на поштенскиот жиг.
II. ПОНУДА
Член 4
1. Понудата за осигурување на живот, поднесена на образец на осигурувачот, е составен дел на договорот.
2. Понудата треба да биди целосно пополнето, вистинито и точно, и во неа мора да се наведат сите значајни факти за прием во осигурување и склучување на договор.
3. Осигурувачот има право, по прием на понудата, да побара дополнителни податоци за утврдување на дополнителни факти важни за прием во осигурување и склучување на договор, вклучувајќи и лекарски преглед на осигуреникот.
4. Осигуреникот мора да ја потпише понудата во случај кога договорувачот не е воедно и осигуреник.
Член 5
1. Xxxxxxx понуда за склучување на договорот го обврзува понудувачот 8 (осум) дена од денот кога осигурувачот ја примил понудата за осигурување без лекарски преглед , во случај кога е потребен лекарски преглед понудата е валидна за период од 30 (триесет) дена. Ако осигурувачот во тој рок не ја одбие понудата, која не отстапува од условите на осигурувачот, ќе се смета дека осигурувачот ја прифатил понудата и дека договорот е склучен.
2. Договорувачот, како и самиот осигуреник, должни се во писмена форма да го известат осигурувачот дали во периодот од поднесување на понудата за осигурување до склучување на договорот настапи зголемување на опасноста по здравјето или животот на осигуреникот, како што е потешко заболување или повреда на осигуреникот, промена на професијата или занимавање со спорт.
3. Осигурувачот го задржува правото да ја одбие понудата за осигурување без дополнително објаснување за причините за одбивање на понудата, а понудата со приложените документи, освен документите предадени во оригинал, не му се враќаат на осигуреникот/договорувачот.
III. ПОЛИСА
Член 6
1. Полисата за осигурување на живот содржи: назив и адресата на осигурувачот, име и презиме или назив и адреса на договорувачот, име и презиме и адреса на осигуреникот како и дата на раѓање, осигурен случај, почеток и истек осигурувањето, осигурена сума, премија на осигурување, корисник во случај на смрт или доживување и датум на издавање на полисата.
2. Потписите на договорувачот и осигуреникот во понудата за осигурување се сметаат како потписи на полиса.
3. Покрај понудата, полисата и овие Посебни услови, составен дел на договорот за осигурување се и Таблицата на откупни вредности на премија. Ако со осигурување на живот се договори и дополнително осигурување, составен дел на договорот се и дополнителните услови на осигурувачот за соодветното дополнително осигурување. Ако осигурувачот утврдил зголемен ризик во смисла на член 3 став (4) на овие Посебни услови, составен дел од договорот се и дополнителните услови за осигурување на зголемени ризици (анормални ризици) со осигурување на живот.
Член 7
1. Полисата за осигурување е валидна за лицата наведени во неа или одредени по наредба, а не за секое лице кое ја поднесува.
2. Осигурувачот издава полиса во еден оригинален примерок.
IV. ПОЧЕТОК И ИСТЕК (ТРАЕЊЕ) НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 8
1. Осигурувањето на живот започнува од 00:00 часот првиот ден во месецот кој следи по месецот на склучување на договорот и плаќање на премија за целиот период на осигурување.
2. Обврската на осигуреникот почнува од датумот на почетокот на осигурувањето согласно став (1) на овој член, и само ако до тој датум е
платена премијата за целиот период на осигурување.
3. Ако премијата не е платена до почетокот на осигурувањето или во договорениот период, обврската на осигурувачот почнува во 24:00 часот на денот кога премијата за целиот период на осигурување ќе биди платена, но не пред датумот кој е назначен како почеток на осигурувањето. Премијата за осигурување може да се плати во рок од 3 месеци од датумот назначен за уплата. Ако премијата не е уплатена во рок од овие 3 месеци, во тој случај договорот за осигурување не стапува на сила без посебно писмено одобрение од осигурувачот.
4. Обврската на осигурувачот трае до 00:00 часот на денот кој во полисата е наведен како ден на истек на осигурувањето.
V. ПРЕМИЈА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 9
1. Премијата за осигурување, како и висината на осигурената сума, ја утврдува договорувачот на осигурувањето врз основа на податоците од понудата, важечките ценовници, пристапна старост на осигуреникот, полот, професијата, спортот и период на осигурување.
2. Во случај на зголемен ризик може да се договорат дополнителни премии или посебни услови.
Член 10
Премијата за осигурување и осигурената сума може да се договорат во денари или друга валута. Премијата се плаќа во иста валута како што е договорена сумата на осигурување.
Член 11
1. Договорувачот е должен да ја плаќа премијата во договорените рокови и на договорениот начин, а осигурувачот ја е должен да ја прими премијата од секое лице кое има правен интерес премијата да биди платена.
2. Премијата се плаќа во благајните на експозитурите на осигурувачот или се уплатува преку пошта или банка. Премијата се смета за платена оној денот кога осигурувачот ја примил уплатата.
3. Премијата се плаќа во полн износ без намалување за трошоците на платниот промет.
VI. ОБВРСКИТЕ НА ДОГОВОРУВАЧОТ НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 12
1. Договорувачот е должен при склучување на договорот да му ги пријави на осигурувачот сите околности кои се значајни за оцената на ризикот, а кои му се познати или не можеле да му останат непознати.
2. Одредбата на став (1) од овој член се однесува особено на околностите за кои осигурувачот во понудата бара дополнителни податоци.
3. Договорувачот е должен, по барање на осигурувачот, да ги обезбеди од осигуреникот сите потребни податоци кои се однесуваат на него.
4. Ако договорот за осигурување, вклучувајќи го и взаемното осигурување на живот, се склучува во име или за сметка или во корист на трето лице, одредбите на ова поглавје и на поглавје VII од овие Посебни услови се однесуваат и на тоа лице, ако знаело дека податоците кои се нужни за оцена на ризик се непотполни или неточни.
Член 13
1. Договорувачот, како и самиот осигуреник, должни се за време на траење на осигурувањето да го известат осигурувачот за сите промени кои се битни за договореното осигурување, особено ако осигуреникот за време на осигурувањето ја промени професијата или започне да се занимава со некои спортови за кои осигурувачот пресметува дополнителна премија.
2. Договорувачот е должен во писмена форма да го извести осигурувачот за промена на адресата и местото на плаќање на премијата, најдоцна 3 дена по извршената промена. Осигурувачот го задржува правото да праќа известувања на последната пријавена адреса на договорувачот.
VII. НЕТОЧНИ ИНФОРМАЦИИ
Член 14
1. Ако договорувачот намерно дал неточни информации, или намерно премолчил некоја околност од таква природа што осигурувачот не би склучил договор да знае за правата состојба на работите, односно околностите, осигурувачот може да бара поништување на договорот за
време на првите две години од траењето на осигурувањето.
2. Во случај на поништување на договорот врз основа на став (1) од овој член, осигурувачот ја задржува наплатената премија за периодот на осигурувањето во кој побарал поништување на договорот, а преостанатиот дел од премијата го враќа на договорувачот.
3. Правото на осигурувачот утврдено во став (1) од овој член престанува ако во рок од 3 месеци од денот на дознавање на неточноста на премијата или за премолчувањето не му изјави на договорувачот дека има намера да се користи со тоа право.
Член 15
1. Ако договорувачот извршил неточна пријава, односно дал неточни податоци, или пропуштил да ги даде бараните известувања, а тоа не го извршил намерно, осигурувачот може за време на првата година од траењето на осигурувањето, по свој избор, во рок од месец дена од дознавањето за неточноста или непотполноста на пријавата, да изјави дека го раскинува договорот или да предложи зголемување на премијата во размер со зголемениот ризик.
2. Доколку договорот се раскинува врз основа на изјава на осигурувачот, осигурувањето престанува по истек на 14 дена од денот кога осигурувачот му ја соопштил на договорувачот својата изјава за раскинување на договорот, а во случај ако постои предлог за осигурувачот за зголемување на премијата, раскинувањето настапува врз основа на Законот, ако договорувачот не го прифати предлогот со плаќање на дополнителна премија во рок од 14 дена од денот на прием на предлогот.
3. Во случај на раскин на договорот врз основа на одредбите на овој член, осигурувачот е должен да врати дел од премијата кој се однесува на времето до крај на осигурувањето.
4. Ако осигурениот случај настане пред утврдувањето на неточноста или непотполноста на пријавата или после тоа, но пред раскинување на договорот, односно постигнувањето на спогодба за зголемување на премијата, осигурената сума се намалува пропорционално со платената премија и премијата која требало да се плати.
Член 16
1. Договорот за осигурување на живот е ништовен и осигурувачот е должен да ја врати примената премија ако за време на склучување на договорот се неточни пријавени годините на старост на осигуреникот , а неговите вистински години на старост ја надминуваат границата до која осигурувачот склучува договор за животно осигурување.
2. Ако е пријавено неточно дека осигуреникот има помалку години, а неговите вистински години на живот не ја надминуваат границата до која осигурувачот склучува договор за осигурување на живот, договорот е важечки, а осигурената сума се намалува во размер помеѓу договорената премија и премијата предвидена за осигурување на живот на лице кое има години колку и осигуреникот.
3. Ако осигуреникот има помалку години отколку што е пријавено при склучување на договорот, премијата се намалува на соодветниот износ, а осигурувачот е должен да ја врати разликата помеѓу наплатената премија и премијата на која има право.
VIII. ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 17
1. Осигурувачот има обврска врз основа на договореното осигурување да му исплати на корисникот:
(a) во случај на доживување по истекот на договореното траење на осигурувањето, осигурената сума;
(б) во случај на смрт на осигуреникот во договорениот период на осигурување, осигурената сума, без обзир на поминатото време од почетокот на осигурувањето.
2. Ако е договорено взаемно осигурување, осигурувачот му исплаќа на корисникот на осигурувањето осигурена сума според одредбите на став
(1) на овој член и тоа:
(a) во случај на доживување, кога двајцата осигуреници доживеат истек на договореното осигурување;
(б) во случај на смрт на едниот осигуреник или истовремена смрт на
двајцата осигуреници.
3. Осигурувачот има обврска во случаите од став (1) и (2) на овој член да ја исплати осигурената сума зголемена со до тогаш припишаниот удел во добивката, ако се исполнети предусловите за учество во распределбата на остварената добивка, утврдена со овие Посебни услови.
IX. ИСКЛУЧОЦИ И ОГРАНИЧУВАЊА НА ОБВРСКИТЕ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 18
1. Осигурувањето на лица помладо од 14 годишна возраст и лица потполно лишено од работна способност е ништовно.
2. Осигурувачот не е обврзан на корисникот да му ја исплати осигурената сума ако:
(a) Осигуреникот изврши самоубиство во првата година, а ако изврши самоубиство во втората или трета година од траењето на осигурувањето, се исплаќа дотогаш насобраната математичка резерва. По истекот на рокот од три години на траењето на осигурувањето, осигурувачот е обврзан да ја исплати осигурената сума за смрт заради болест и до тогаш препишаниот удел во добивката, ако се исполнети предусловите за учество во распределбата на остварената добивка, утврдени со овие Општи услови;
Корисникот намерно предизвикува смрт на осигуреникот, но ако дотогаш биле уплатени најмалку три годишни премии, осигурувачот е обврзан на договорувачот да му ја исплати дотогаш насобраната математичка резерва, или на неговите наследници ако договорувачот самиот е и осигуреник. (б) Oсигурениот случај настане при учество или тренинг на екстремни спортови (особено авто трки, качување по карпи и планини, одење во пештери, алпинизам, авијација и параглајдерство, падобрански скокови, банџи скокови, веслање на брзи води, ски алпинизам, ски борд, боречки вештини, нуркање ), ако дотогаш биле уплатени најмалку три годишни премии, осигурувачот е обврзан на договорувачот да му ја исплати дотогаш насобраната математичка резерва.
(в) Oсигурениот случај настане како последица на обид или извршување на абортус без препорака на лекар специалист, ако дотогаш биле уплатени најмалку три годишни премии, осигурувачот е обврзан на договорувачот да му ја исплати дотогаш насобраната математичка резерва.
(г) Во понудата за здравствената состојба осигуреникот прикрил одредени податоци или дал неточни податоци а поради кои осигурувачот не би го примил во осигурување, ако дотогаш биле уплатени најмалку три годишни премии, осигурувачот е обврзан на договорувачот да му ја исплати дотогаш насобраната математичка резерва.
Член 19
1. Ако посебно не се договори осигурителното покритие или за време на траењето на осигурувањето, договорувачот односно осигуреникот, не го извести осигурувачот согласно член 13 став (1) на овие Посебни услови за зголемениот ризик кој дополнително би се договорил со доплатена премија и би се вклучил со полното осигурително покритие кога осигурувачот би знаел за зголемениот ризик, осигурувачот, ако осигурениот случај настапил како последица на тој зголемен ризик, е должен да ја исплати само до тогаш насобраната математичка резерва.
2. Во секој случај, осигурувачот не е обврзан да ја исплати осигурената сума но само до тогаш насобраната математичка резерва, ако смртта на осигуреникот настапила:
(a) Како последица на војна или воени операции односно непријателства и ситуации слични на војна;
(б) Поради дејство на мини и бомби од сите видови или друго воено оружје;
(в) Како последица на востание, немири, бунт и насилства кои настануваат од такви настани;
(г) Со извршување на смртна казна.
X. ПРАВА НА ДОГОВОРУВАЧОТ НА ОСИГУРУВАЊЕТО ПРЕД НАСТАПОТ НА ОСИГУРЕНИОТ СЛУЧАЈ
Член 20
1. Договорувачот може најдоцна до 30 дена пред почетокот на новата осигурителна година да побара промени во полисата за осигурување.
2. Осигурувачот, од оправдани причини да го одбие понудата на договорувачот.
Член 21
1. Осигурувачот, може по барање на договорувачот , да ја исплати откупната вредност на полисата врз основа на Табелата на откупни вредности, ако е измината барем една година од почетокот на осигурувањето.
2. Ако од денот на поднесување на понудата за откуп на осигурувањето истекла најмалку половина од договореното траење на осигурувањето и за кое траење е платена договорената премија, осигурувачот има обврска до тогаш препишаниот удел во добивката да го пресмета во откупната вредност на полисата.
3. Обврската на осигурувачот при откуп престанува во 00:00 часот оној ден во кој е исплатена откупната вредност.
Член 22
1. На барање на договорувачот, осигурувачот може да одобри заем врз основа на склучениот договор.
2. Ако договорувачот не е осигуреник, заемот може врз основа на согласност на договорувачот да во побара и осигуреникот, во кој случај договорувачот воедно е и солидарен гарант на осигуреникот.
3. Осигурувачот и договорувачот на осигурувањето склучуваат договор за заем кои се бележи на полисата.
XI. УЧЕСТВО ВО ДОБИВКАТА
Член 23
1. Право на учество во добивката имаат сите договори за осигурување во случај на смрт или доживување.
2. Како остварена добивка се подразбира добивката што осигурувачот може да ја препише кон договорената осигурена сума. Висината на добивката се утврдува во согласност со математичките модели врз основа на остварен принос од инвестиции на вложената математичка резерва, гарантирана техничка каматна стапка во тарифите на премии и одлука од страна на органите на Друштвото .
3. Правото на учество во распределбата на остварената добивка на осигурувачот при осигурување на живот се стекнува со истек на рокот од 24 (дваесет и четири) месеци од датумот на почетокот на осигурувањето, а уделите во добивката се препишуваат после третата година од почетокот на осигурувањето.
4. Добивката која му припаѓа на Xxxxxxxxxx, се исплаќа заедно со осигурената сума во случај на доживувње. Ако договорот престане поради настанување на смрт на Осигуреникот или исплата на откупна вредност согласно член 21, Осигурувачот со исплата на осигурената сума во случај на смрт, односно откупната вредност, ќе ја исплати до тогаш собраната добивка.
5. Осигурувачот е должен еднаш годишно да го известува осигуреникот за неговото учество во добивката .
XII. ПРАВАТА ОД ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 24
1. Сите права од склучениот договор му припаѓаат на договорувачот , се додека не настане осигурен случај.
2. Сите изјави и барања на договорувачот се обврзувачки за осигурувачот доколку се дадени во писмена форма или на образец на осигурувачот, и примени се од страна на осигурувачот пред да настапи осигурениот случај.
3. Доколку осигуреникот умре пред да настане осигурениот случај, осигурената сума не му припаѓа на неговите наследници, туку на следниот корисник, а ако тој не е одреден, тогаш на имотот на договорувачот.
4. Своето право на осигурената сума корисникот може да ја пренесе на друго лице и пред настапот на осигурениот случај, но за тоа му е потребна писмена согласност од страна на договорувачот на осигурувањето во која мора да биде наведено името и презимето на лицето на кое се пренесува правото. Ако осигурувањето на живот се однесува на животот на некое друго лице, тогаш потребна е иста таква согласност и од тоа лице.
Пренесувањето на правата може да се изврши само со писмена согласност на осигурувачот.
XIII. ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Член 25
1. Осигуреникот или корисникот должни се по настапот на осигурениот случај да поднесат до осигурувачот писмена пријава во рок од 7 дена од денот на настанот.
2. Пријавата се пополнува на соодветен образец на осигурувачот и со неа се поднесуваат следните документи :
• оригинал полиса за животно осигурување
• доказ за датумот на раѓање на осигуреникот и копија од документ за идентификација.
3. Ако настапи смрт на осигуреникот:
(a) Извод од матична книга на умрените или некоја друга соодветна службена исправа која ја докажува смртта на осигуреникот;
(б) Xxxxxxxx извештај за времето, причината за настанување на смрт;
(в) Потврда од лекарот кој го лекувал умрениот;
(г) Решение за наследување, ако како корисник со полисата се одредени законски наследници;
(д) Доказ за роднинските врски, ако корисникот не е одреден со именување.
4. Осигурувачот има право да бара и друго докази потребни за утврдување на правото на исплата.
5. Подносителот на пријавата ги сноси трошоците кои настанале во врска со пријавувањето на осигурениот случај.
XIV. ИСПЛАТА НА ОСИГУРЕНАТА СУМА
Член 26
1. Осигурувачот е должен да ја исплати осигурената сума согласно со договорот во рок од 14 (четиринаесет) дена од денот кога ја примил пријавата на осигурениот случај со сите исправи и докази пропишани со член 25, став (2), (3) и (4) од овие Посебни услови.
2. Како исклучок, ако за утврдување на постоењето на обврската на осигурувачот и нејзиниот износ потребно е одредено време , односно ако не може да се утврди основаноста на постоење на обврската на осигурувачот или висината на надоместок, рок од став (1) на овој член почнува да тече од денот на утврдување на обврската и нејзината висина.
3. Осигурувачот во секој случај е должен да го исплати, по барање на овластено лице, неспорниот дел од својата обврска на име на аконтација, ако не е во можност да ја утврди вкупната обврска за исплата во рокот утврден од став (1) од овој член.
4. Ако во моментот на утврдување на обврската постои спор околу примената на даночните прописи и другите прописи со кои се утврдуваат задолжителните давања, осигурувачот ќе постапи согласно став (3) од овој член.
5. Ако осигурувачот не го исплати надоместокот во роковите и на начинот пропишан во став (1), (2) и (3) на овој член, должен е за задоцнети исплати да плати законска затезната камата.
6. Кога осигурувачот ќе ја исплати осигурената сума на лицето кое на неа би имало право во случај кога корисникот не би бил одреден од договорувачот, осигурувачот се ослободува од обврската на договорот ако во моментот на исплатата не знаел ниту можел да знае дека корисникот е одреден со тестамент или со некој друг акт кој не му е доставен. Корисникот има право да бара поврат на исплатата од лицето кое од осигурувачот ја примил осигурената сума, исто важи во случај на промена на корисникот.
7. Осигурувачот бара пред исплата на осигурената сума потпишување на изјава со која се утврдува исполнување на обврската на осигурувачот.
XV. КОРИСНИК
Член 27
1. Договорувачот го одредува корисникот во полисата.
2. Корисникот не мора да биди одреден по име, туку е доволно во полисата да се наведени нужните податоци за неговото одредување.
3. Кога за корисници се одредени децата или потомците, користа им припаѓа и на оние кои се родени подоцна, а користа наменета на
сопружникот му припаѓа на лицето кое било во брак со осигуреникот во моментот на неговата смрт.
4. Ако корисникот е малолетно лице, осигурената сума им се исплаќа на родителите, односно на законските старатели. Во случај на спор, осигурувачот има право да бара од родителите односно старателите да обезбедат решение од законодавното тело за старателство со кое се одредува лицето овластено за прием на договорената сума која му припаѓа на малолетното дете.
5. Договорувачот може да го именува лицето на кого му припаѓа правото на договорот и со еден подоцнежен правен акт , вклучувајќи и тестамент
6. Право на исплата на осигурената сума има само корисникот и тоа од самото склучување на договорот, без обѕир на тоа како и на кој начин е одреден за корисникот.
XVI. ВАЛУТА
Член 28
1. Ако премијата е доворена во странска валута, премија се уплаќа во денарска противвредност по среден курс на Народна Банка на Р.Македонија.
2. Осигурената сума доворена во странска валута и припишаната добивка се исплаќаат во денарска противвредност по среден курс на Народна Банка на Р.Македонија.
XVII. ИЗДАВАЊЕ НА ЗАМЕНСКА ПОЛИСА
Член 29
1. Договорувачот е должен да го пријави кај осигурувачот исчезнувањето на полисата веднаш откако дознал дека исчезнала полисата.
2. Осигуреникот може, за винкулирана или задолжена полиса или полиса на која е забележана некоја друга правна работа како за полиса до одредена висина на осигурена сума , односно да го условува издавањето на заменска полиса со доставување на правосилна судска пресуда со која исчезнатата изворна полиса се прогласува за неважечка.
3. Осигуреникот издава заменска полиса во рок од 15 дена од денот на објавување на исчезнатата полиса (во Службен весник на Р.Македонија).
4. Договорувачот ги сноси сам сите трошоци во врска со издавање на заменска полиса.
XVIII. НАДОМЕСТОЦИ
Член 30
1. Договорувачот е должен на осигурувачот однапред да му плати надомест за сите услуги кои посебно ги бара од осигурувачот во висина која тој ја одредува.
2. Договорувачот е должен, со договорената премија , да ги плати и сите трошоци, надоместоци и даноци предвидени со прописите.
XIX. ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИ
Член 31
Во случај кога осигуреникот, односно корисникот на осигурувањето смета дека друштвото за осигурување не се придржува кон одредбите од договорот за осигурување, истиот може да достави претставка до:
1. Организационата единица надлежна за решавање на спорови меѓу договорни страни во рамките на друштвото за осигурување (Комисија за постапување по преставки);
2. Службата за внатрешна ревизија во друштвото за осигурување;
3. Организацијата за заштита на потрошувачи и
4. Агенцијата за супервизија на осигурување.Друштвото за осигурување преку воспоставен систем и интерни процедури одлучува по поднесените преставки во рок од 30 дена од денот на поднесување на преставката.
Друштвото води регистар на доставени и решени преставки и за истите во законските рокови е должно да ја известува Агенцијата за супервизија на осигурувањето.
XX.ЗАШТИТА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
Член 32
Сите лични податоци со кои Друштвото располага како резултат на склучувањето на договорите за осигурување ќе бидат користени и
обработувани во согласност со Законот за заштита на личните податоци и во согласност со интерните акти за заштита на лични податоци кај УНИКА ЛАЈФ АД СКОПЈЕ.Согласно со Законот за супервизија на осигурувањето, член 107 и член 108, податоците за осигуреникот и полисата се доверливи.
XXI. ЗАВРШНА ОДРЕДБА
Член 33
За сето она што не е регулирано со овие Посебни услови, Законот за супервизија на осигурување и Законот за заштита на потрошувачите важат одредбите на Законот за облигациони односи.
Овие услови се усвоени на редовна седница на Управен одбор одржана на 03.04.2019 година и со одлука бр.0000-0000-00 се применуваат од денот на донесувањето.
Друштво за животно осигурување UNIQA Лајф а.д. Скопје бул. ВМРО 3, 1000 Скопје
тел. 00 0000 000. факс 02 3215 128