Contract
Д. бр. 02-12520/42/1
30.12.2020 година
Општи услови за осигурување на воздухоплови (каско, законска одговорност спрема трети лица, законска одговорност спрема патниците)
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
член 1: општи одредби
[1] По овие услови се осигуруваат:
1) воздухопловите од целосна или делумна штета или штета што настанала од иден – независен случај (каско- осигурување);
2) законската одговорност на носителите на правата што располагаат со воздухопловите во општествена сопственост, односно сопствениците, за штети спрема трети лица;
3) законската одговорност на превозниците во домашен и меѓународен воздушен сообраќај спрема патниците.
[2] Секое од поединечните осигурувања (под а, б, в) мора посебно да се договори со плаќање на посебна премија, предвидена со Тарифата.
[3] Овие услови се темелат врз Законот за облигационите односи, Законот за супервизија на осигурувањето, како и останатите подзаконски акти донесени врз основа на овие закони, и на соодветен начин се применуваат на договорот за осигурување кој што го склучуваат договарачот на осигурувањето и осигурувачот.
[4] Општите услови се составен дел на понудата и договорот за осигурување што договарачот на осигурувањето, односно осигуреникот ќе го склучи со Триглав Осигурување АД, Скопје.
член 2: значење на поимите
[1] Во смисла на овие услови одделни изрази значат:
воздухоплов е секоја направа што може да се движи или одржува во воздух и што ги исполнува пропишаните услови за безбедна воздушна пловидба;
лет е времетраење што започнува во моментот кога моторната сила на воздушното летало е употребена во правец на полетување, па сè до моментот на запирање на воздушното летало и престанување со работа на моторот после слетување, односно кај едрилиците и слични воздухоплови што не ги движи моќта на моторот од моментот на активирање на одредени уреди на управување во правец на полетување, па сè до моментот на запирање после слетување;
укотвување е времетраење додека хидроавионот се наоѓа во пловна состојба укотвен или прицврстен, вклучувајќи го и заринкувањето и извлекувањето од вода;
на земја е време поминато кога воздухопловот не лета во смисла на xxxxxxx 2 од овој член;
домашен воздушен сообраќај е летање кое се одвива на територијата на Република Северна Македонија, вклучувајќи ги и полетувањето и слетувањето;
меѓународен воздушен сообраќај е летање при кое местото на полетување и местото на слетување се наоѓаат на територијата на две држави или на територијата на една држава, ако е предвидено меѓуслетување на територијата во друга држава; патник е лице што врз основа на договорот – карта, има право на патување со воздухопловот.
Осигурувач - Триглав Осигурување АД, Скопје, друштво за осигурување кој врз основа на склучениот договор за осигурување го презема осигурениот ризик;
Договарвач на осигурување - лице кое склучува договор за осигурување со осигурувачот;
Осигуреник - лице чиј предмет, односно имотен интерес се осигурува. Договарачот на осигурувањето и осигуреникот претставуваат исто лице освен кај осигурувањата за туѓа сметка;
Премија за осигурување - износ кој договарачот на осигурувањето го плаќа на осигурувачот; Полиса - исправа за склучениот договор за осигурување;
Франшиза - учество на осигуреникот во штета;
Износ на осигурување - највисок износ на обврска на осигурувачот за еден осигурен случај;
Надомест од осигурување - износ кој го плаќа осигурувачот врз основа на склучениот договор за осигурување, но по настанување на осигурен случај.
СОДРЖИНА И ОПСЕГ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
член 3: каско-осигурување на воздухоплови
[1] Осигурувачот има обврска, во рамките на осигурената сума, на осигуреникот да му надомести целосна или делумна штета на осигурениот воздухоплов поради непредвиден осигурен случај што ќе настане додека воздухопловот се наоѓа во:
1) летање;
2) на земја;
3) укотвено.
[2] Осигурувањето на воздухопловите го опфаќа трупот на воздухопловите, моторите со стандардните инструменти и опремата.
[3] Осигурувачот ќе го известува договарачот за сите промени во согласност со законските прописи.
член 4: опсег на осигурување
[1] Со осигурувањето се покриени и:
1) штетите настанати поради невнимание на наредбодавецот, пилотот и другите членови на екипажот на осигуреното воздушно летало;
2) трошоците на осигуреникот направени во правец на избегнување или смалување на штетата (трошоци за спасување), ако се направени разумно или во согласност со осигурувачот (под услов да се работи за настанати или идни настани што се последица од осигурениот случај);
3) трошоците за транспорт на оштетениот воздухоплов до местото на неговата поправка.
член 5: летала кои може да се осигураат
[1] Каско-осигурување на воздухоплови се овозможува под услов воздухопловот уредно да е запишан во Регистарот на впишани воздухоплови во Република Северна Македонија и за него да има уредено издадени дозволи (Уверение за регистрација, Уверение за летање и други дозволи) потребни во смисла на Законот за воздухопловство.
[2] Странски воздухоплови кои се од македонскиот авиопревоз или некое друго правно лице ангажирани под наем за извршување на воздушна пловидба за време пократко од шест месеци, а кое не е впишано во Регистарот на впишани воздухоплови во Република Северна Македонија , може да се осигуруваат по одредбите на овие Услови доколку е регистриран на прописен начин во земјата од каде потекнува.
член 6: одредување на вредност на воздушното летало
[1] Воздухопловот може да се осигурува на набавна или на стварна вредност. Под стварна вредност се подразбира набавна вредност намалена за соодветната амортизација.
[2] Ако не е поинаку договорено, осигурената сума во смисла на претходниот став е договорена вредност и воедно претставува сума на осигурување што е горна граница и обврска на осигурувачот.
член 7: процена и надомест на штета
[1] За процена на штетата осигуреникот е должен веднаш да повика претставници на осигурувачот заради утврдување на причините и обемот на штетата.
[2] Само со исклучителна согласност на надлежните авиооргани или стручњаци, за да не дојде до евентуално зголемување на штетата, според нивното мислење, процената на штетата може да се изврши на местото на настанот.
член 8: остварување на права од осигурување
[1] Во случај на целосна штета на осигурениот воздухоплов од осигурувањето се надоместува штетата во висина на неговата стварна вредност, односно во висина на договорената вредност доколку е вредноста договорена, но не повеќе од договорената сума на осигурување.
[2] Во случај на оштетување на некој од составните делови на осигурените воздухоплови, од осигурувањето се надоместува штетата во висина на трошоците направени за поправка и доведување на водухопловот во првобитна состојба, но не повеќе од осигурената сума. Исто така, нема да се надомести штета поради намалената вредност на воздухопловот до која дошло поради извршената поправка, односно замената на делови.
[3] Надоместот на штетата од претходниот став ќе се изврши без разлика дали со поправката на воздухопловот или со замена на деловите дошло до зголемување на вредноста на воздухопловот.
член 9: осигурување на законска одговорност спрема трети лица
[1] Осигурувачот се обврзува наместо осигуреникот – носител на правото да располага со воздухопловите во општествена сопственост, сопственикот, односно корисникот, да ги плати штетите настанати на трети лица по нивно оштетно побарување, и тоа:
1) за случај на смрт;
2) траен или делумен инвалидитет;
3) минлива телесна повреда или заболување;
4) штета на нивниот имот.
[2] Обврската на осигурувачот во смисла на претходниот став не може да ја надмине сумата што е договорена со полисата (сума на осигурување).
член 10: трошоци за судска постапка
[1] Осигурувачот ќе му ги надомести на осигуреникот и трошоците за судската постапка што ќе се води во согласност со осигурувачот, а со цел заштита на осигуреникот од неоправдани оштетни побарувања од трети лица.
[2] Доколку износот поради побивање на таквото оштетно побарување е исплатен од осигурената сума, тогаш обврската на осигурувачот да ги плати трошоците за судската постапка се ограничува на делот што е пропорционален помеѓу сумата за судските трошоци и осигурената сума.
член 11: проширување на одговорноста
[1] Осигурувањето на законска одговорност на осигуреникот спрема трети лица вклучува и законска одговорност на наредбодавецот и пилотот и на други членови на посадата на осигурените воздухоплови, но со тоа нема да се зголемува висината на осигурената сума предвидена во полисата.
член 12: сума на осигурување
[1] Сумата на осигурување претставува горна граница на обврските на осигурувачот по еден воздухоплов за сите штети настанати како последица на еден штетен настан.
[2] Со осигурувањето на законска одговорност спрема трети лица не се покриени штетите:
1) што ќе ги претрпи возачот на воздухопловите – пилотот, член на екипажот од осигурениот воздухоплов и други работници на осигуреникот или лица што работат во име на осигуреникот, за време на извршување на должностите или која било друга работа во, на или околу осигурениот воздухоплов;
2) штети на имотот на осигуреникот, односно имотот во негова употреба;
3) кои ќе ги претрпат патниците за времетраењето на превозот.
член 13: утврдување на штета
[1] Процената на штетата врз основа на законската одговорност спрема трети лица ја врши осигурувачот заедно со осигуреникот, односно доколку дојде до несогласување, процената ја врши суд.
[2] Осигуреникот не смее без согласност на осигурувачот да ја признае својата одговорност за штетите направени на трети лица. Доколку осигуреникот ја признае својата вина без согласност со осигурувачот, тоа не го обврзува осигурувачот кој е должен да плати надомест, но тој е должен само ако дополнително се утврди дека осигуреникот е стварно одговорен за настанатата штета.
член 14: осигурување на законска одговорност спрема патниците
[1] По одредбите од овој дел на Општите услови за осигурување на воздухоплови се осигурува законска одговорност на превозникот во домашен и меѓународен сообраќај спрема патниците.
[2] Со осигурувањето е покриена одговорноста на превозникот за штетите што ќе ги претрпат патниците поради:
1) смрт;
2) траен или делумен инвалидитет;
3) минлива телесна повреда;
4) оштетување на личните предмети и багаж.
член 15: важење на осигурувањето
[1] Одговорноста на превозникот е осигурена за време додека трае превозот.
[2] Времето на траење на превозот на патниците во воздушен сообраќај се смета од почетокот на подготвување и испраќање на патниците до завршување и подготвување за прием на патниците (испраќање на патниците од пристанишната зграда и испраќање или превоз до воздухопловите и обратно, испраќање или превоз на патниците од еден до друг воздухоплов и самиот превоз – лет во воздухопловот).
член 16: обврски на осигурувачот
[1] Осигурувачот се обврзува на осигуреникот да му надомести:
1) за одговорноста спрема патниците во домашен воздушен сообраќај сите суми кои осигуреникот би требало да ги плати или да им ги плати на оштетените во согласност со законските прописи што ја регулираат оваа материја;
2) за одговорноста спрема патниците во меѓународен воздушен сообраќај сите суми кои осигуреникот би требало да ги плати или да им ги плати на оштетените во смисла на меѓународните конвенции што ги ратификувала нашата земја.
[2] Надоместоците од претходниот став не може да бидат поголеми од сумата на осигурување.
член 17: трошоци за правна заштита
[1] Осигурувачот ќе му ги надомести на осигуреникот и сите судски трошоци разумно направени поради одбрана на осигуреникот од неосновани и претерани оштетни побарувања.
[2] Доколку сумата поради одбрана на таквите оштетни побарувања е поголема од осигурената сума, тогаш обврската на осигурувачот да ги плати трошоците за судската постапка е ограничена на делот кој е пропорционален во однос на сумата за судски трошоци и осигурената сума.
член 18: обврска на осигуреникот
[1] Осигуреникот е должен да му ги достави на осигурувачот сите оштетни побарувања на патниците со потребните докази за процена на штетата, односно на последиците од настанатиот осигурен случај.
член 19: ограничувања на обврските на осигурувачот
[1] Со осигурување на одговорност спрема патниците не се покриени штетите:
1) што ќе ги претрпи водачот на воздухопловите, пилотот, член на екипажот на осигурениот воздухоплов и други работници на осигуреникот, односно лице што работи во име на осигуреникот за време на извршување на своите должности, или на каква било работа во, на и околу осигурениот воздухоплов.
ЗАЕДНИЧКИ ОДРЕДБИ
член 20: исклучени ризици
[1] Исклучени ризици
Осигурувачот нема да му надомести на осигуреникот какво било осигурување или штета предизвикана:
1) за време додека со воздухопловот управувало лице што нема соодветна дозвола за работа (во смисла на Законот за воздухополовство и други важечки прописи) за управување со конкретниот тип на воздухоплов
(освен додека воздухопловот се вози по земја, а со него управуваат овластени механичари – квалификувани, што не се предвидени за летање);
2) учество на воздухопловни натпревари, изведување на акробатски, рекордни и слични летови што претставуваат специјални ризици (односно ако не е поинаку договорено со плаќање на дополнителна премија);
3) за време на пробни летања после конструирањето или реконструкцијата на осигурениот воздухоплов, со што се менуваат неговите својства (ако поинаку не е договорено со плаќање на дополнителна премија);
4) со користење на терени, аеродроми, леталишта што немаат одобрение од надлежен орган за слетување и полетување, освен во случај на виша сила или ако таква одлука донел пилотот што има соодветно овластување од надлежен орган за донесување на таква одлука;
5) превоз на воздухопловот со кое било превозно средство, освен ако превозот се врши како последица од настанатиот ризик осигуран по основа на каско-осигурување;
6) непридржување на пропишани, односно на соодветни мерки на претпазливост од страна на осигуреникот во правец на безбедност на воздухопловот за време додека се наоѓа на отворен простор;
7) со прием на поголем број патници или поголема количина на товар од капацитетот, односно од максимално дозволеното оптоварување на воздухопловот;
8) со остварување на хемиски ризик при употреба на воздушното летало за авиотретирање на земјоделски и шумски површини (доколку поинаку не е договорено, со доплата на премија);
9) трошоците за замена на дотраените и истрошените делови, трошоците за поправка од механичко кршење и застој на електронската, електричната хидраулика и машинските уреди, вредноста на моторот на воздухопловот на кој настанал дефект или оштетување како последица на механичко кршење во рамките на самиот мотор (исклучувањето не се однесува на дефектот или оштетувањето на воздухопловот настанато како последица на механичко кршење, односно дотраеност на материјалот);
10) додека воздухопловот се наоѓа надвор од географските граници назначени во полисата со исклучок и доколку не станува збор за виша сила;
11) грубо невнимание на осигуреникот. Штетите настанати поради грубо невнимание на водачот на воздухопловот, пилотот и другите членови на посадата со исклучок на штетите наведени под точка 2, 3, 4, и 6 покриени се со осигурување;
12) војна или на војната слични настани (било војната да е објавена или не), побуни, штрајкови, граѓански немири или слични настани, конфискација, узурпација, одзимање, присвојување или било која друга постапка на влада од пријателска или непријателска држава, правно или фактички призната или непризната, како и нивните органи (доколку поинаку не е договорено со Посебни услови);
13) противправно одземање, разбојништво (доколку не е договорено со Посебни услови).
член 21: обврски на осигуреникот
[1] Осигуреникот е должен:
1) при склучување на договорот за осигурување да ги пријави сите околности кои се важни за процена на опасноста;
2) за времетраење на осигурувањето да не презема, без согласност на осигурувачот, никави дејствија со кои што би се зголемила опасноста, и такви дејствија да не дозволува од трети лица;
3) за осигурен воздухоплов да ги води со Закон и други прописи предвидените исправи и книги и по барање на осигурувачот да ги прикаже на увид;
4) спрема осигурениот водухоплов да се однесува со внимание на добар стопанственик и да ги презема сите потребни мерки во правец на обезбедување и негова зашита.
5) да ги презема, по можност и во согласност со осигурувачот сите разумни мерки, во правец на обезбедување односно намалување на штетата;
6) за настанатата штета веднаш да го извести осигурувачот и да ги преземе сите мерки во правец на обезбедување на оштетениот водухоплов, на неговата опрема и прибор.
член 22: надомест на штета
[1] Осигурувачот е должен да ја надомести секоја штета кој има основ во согласност со овие Услови во рок од 30 дена по добивање на сите податоци и документи потребни за ликвидација на штетата.
[2] Рокот од претходниот став може да се продложи во случај кога исплатата на надоместокот зависи и од
надворешниот реосигурувач.
член 23: регрес
[1] Со исплата на надоместот на штета, на осигурувачот, во рамките на исплатениот надомест, се пренесуваат сите права што осигуреникот ги има спрема трети лица одговорни за настаната штета.
[2] Осигуреникот е должен да му обезбеди право за надомест на штетата од лицето одговорно за штетата и по барање на осигурувачот да го пренесе на него, како и да му овозможи на осигурувачот помош за остварување на тоа право.
член 24: подрачје на воздушна пловидба
[1] Кај осигурувањата по овие Услови се покриени летови што се одвиваат во нормални услови и околности во воздушниот простор на Република Северна Македонија, доколку поинаку не е договорено.
член 25: траење на осигурувањето
[1] Кај осигурувањата на одредено време, осигурувањето започнува во 00:00 часот во првиот, а завршува во 24:00 часот на последниот ден предвиден во полисата по средноевропско време.
[2] Осигурувањето на воздухопловите на одредено време почнува од моментот кога воздушното летало ќе се стави во движење поради извршување на осигуреното патување од местото на поаѓање (означено во полисата) и трае додека воздухопловот не заврши со движење непосредно после слетувањето во местото на дестинацијата (означено во полисата).
член 26: плаќање на премија
[1] Доколку не се договори поинаку, премијата се плаќа непосредно по склучување на договорот за осигурување, и тоа однапред во полн износ за цела година, односно за времетраењето на осигурувањето, ако осигурувањето е склучено со пократок рок на траење од една година.
[2] Премијата се плаќа во денари, или со девизни средства на плаќање, во согласност со важечките девизни прописи.
член 27: поврат на премија
[1] Ако осигуреното воздушно летало се наоѓа надвор од сообраќај најмалку триесет (30) дена непрекинато, односно непрекинато денови онолку колку што се предвидени со полисата, осигуреникот има право на враќање на премија, но само за деновите повеќе од триесет (30) дена, односно број на денови предвидени во полисата. Премијата за враќање претставува сумата добиена помеѓу разликата на полисираната премија за конкретното осигурување и премијата што по тарифата се наплатува за воздухопловот што е вон сообраќај. Ова не се однесува на воздухоплов на кое насанала штета која е покриена со ова осигурување, како и на воздухоплови осигурени на пократок рок од година дена.
член 28: пренос на правата од осигурување
[1] Доколку поинаку не се договори со осигурувањето по овие Услови е покриен само интересот на осигуреникот назначен во полисата.
[2] Осигуреникот не може, без согласност на осигурувачот, своите права од осигурувањето да ги пренесува на трети лица.
член 29: решавање спорови
[1] Доколку при примена на овие услови дојде до спор, тој ќе се решава пред суд, чија месна надлежност ќе се одреди спрема местото на издавање на полисата.
член 30: Информации во врска со обработка на лични податоци
[1] Идентитет и контакт на податоците на контролорот и офицерот за заштита на личните податоци:
Назив:Триглав Осигурување АД, Скопје
Седиште: бул.„8-ми Септември“ бр.16, Скопје
Офицер за заштита на личните податоци: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx
* Дополнителни податоци за офицерот за заштита на личните податоци може да најдете на интернет страницата на Друштвото xxxxx://xxx.xxxxxxx.xx/xx/xx-xxx/xxxxxxxx
член 31: Обработка и заштита на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје врши обработка (собирање, евидентирање, организирање, чување итн.) на лични податоци на осигуреници, договорувачи на осигурување, нивните законски застапници или полномошници во согласност со одредбите на Законот за заштита на лични податоци и другите релеванти позитивни законски прописи, применувајќи соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на безбедност на личните податоци. Собраните лични податоци се дел од збирките на лични податоци на Триглав Осигурување АД, Скопје, а Триглав Осигурување АД, Скопје во својство на контролор на личните податоци, истите ги користи совесно, законито и согласно целта за која се собрани.
член 32: цели за обработката на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје собира, обработува, чува, користи и доставува лични податоци кои се неопходни при склучување на договорите за осигурување (полиси), врз основа на член 109 од Законот за супервизија на осигурување, а во согласност со Законот за заштита на личните податоци.
[2] Личните податоци се неопходни за обработка од страна на Триглав Осигурување АД, Скопје со цел исполнување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за осигурување, односно обработката на истите претставува основа за оценување на осигурително покритие и степен на оштета.
член 33: цели за обработката на личните податоци
[1] Личните податоци (телефонски број и електронска адреса – e-mail), Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува со цел остварување на контакт заради ефикасно остварување на права и обврските кои произлегуваат од договорите за осигурување (полиси). Овие податоци за цели доставување на рекламни материјали, промоции, понуди како и за други цели на директен маркетинг од страна на Групацијата Триглав во Република Северна Македонија, ќе бидат искористени само доколку имате дадено согласност, преку одбирање на соодветната опција за согласност.
[2] Со цел водење на постапка за надомест на штета и воспоставување на бази на податоци за настанати штети, оценување на осигурително покритие и степен на оштета Триглав Осигурување АД, Скопје обработува и копии од документи во кои се содржани и лични податоци.
[3] Личните податоци од став 1 и став 2 на овој член Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува само врз основа на претходна согласност од субјектот на личните податоци, а недавањето на согласност за обработка на овие податоци може да има за последица несоодветно оценување на осигурително покритие или степен на оштета или пак неисплаќање на оштетно барање.
[4] Согласноста за обработка на личните податоци од ставот 3 на овој член може да се повлече во секое време преку доставување на известување за повлекување на согласност по пошта на следната адреса: „бул.8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје“ со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx. Со повлекување на согласноста за обработка на лични податоци Триглав Осигурување АД, Скопје ќе прекине со понатамошна обработка на личните податоци и истите ќе ги избрише од базите на податоци со што можат да настанат последици наведени во став 3 од овој член.
член 34: рокови на чување на лични податоци
[1] Личните податоци, Триглав Осигурување АД, Скопје ги чува во рок за цело времетраење на договорниот облигационен однос, односно најмногу до 10 години по истекот на договорот за осигурување или во случај на настанување на штета, 10 години по затворањето на случајот на настанување на штетата, односно од денот на целосната исплата на надоместокот за настаната штета согласно член 109 став 8 од Законот за супервизија на осигурување.
[2] По истекот на роковите од став 1 на овој член личните податоци ќе бидат избришани/уништени од базите на податоци на Триглав Осигурување АД, Скопје и истите нема да се обработуваат за други цели.
член 35: права на субјектите на личните податоци
[1] Остварување на правата кои произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци (право на пристап, корекција, бришење, ограничување на обработката на лични податоци, приговор и преносливост), се врши преку доставување на барање на електронската адреса на офицерот за заштита на лични податоци: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx. На истата електронска адреса може да се достави барање во врска со сите прашања поврзани со обработката на личните податоци.
[2] Доколку субјектот на лични податоци смета дека обработката на личните податоци за целите наведени во член 33, од страна на Триглав Осигурување АД, Скопје не е во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци, или пак смета дека е повредено некое право за заштита на личните податоци, има право да поднесе барање за утврдување на прекршување на прописите за заштита на личните податоци до Агенцијата за заштита на личните податоци како надлежен орган за вршење на надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци на територијата на Република Северна Македонија.
член 36: пренос на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје е дел од Групацијата Триглав. Личните податоци на субјектите на лични податоци се пренесуваат во рамките на Групацијата, односно во матичното друштвото Заваровалница Триглав каде што личните податоци се обработуваат само за цели на чување. При вршење на преносот на личните податоци се обезбедува високо ниво на технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци. Исто така, во рамките на Групацијата Триглав се обезбедуваат сите неопходни заштитни мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци преку стандардни клаузули за заштита на личните податоци кои се одобрени од страна на Европската комисија. Сите дополнителни информации во однос на заштитните мерки може да се добијат со поднесување на барање до по пошта на следната адреса: „xxx.0-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје“ со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx.
член 37: обработка на лични податоци за цели на директен маркетинг
[1] Личните податоци за цели на директен маркетинг, Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува само врз основа на експлицитна согласност за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг кои ги врши Триглав Осигурување АД, Скопје или поврзаните друштва од рамките на Групација Триглав во Република Северна Македонија за своите услуги и услугите на поврзаните друштва од рамките на Групација Триглав во Република Северна Македонија.
[2] Согласноста за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг може да се повлече во секое време, бесплатно, со писмено барање (доставено на следната електронска адреса: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx, или по пошта до Триглав Осигурување АД, Скопје, бул.„8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје, со назнака “До Офицерот за заштита на лични податоци”).
член 38: Санкциска клаузула – рестриктивна мерка за спречување на перење пари и финансирање тероризам
[1] Осигурувачот не дава осигурително покритие, односно не ја покрива одговорноста на осигуреникот за настаната штета или не исплаќа какви било други поволности, без оглед на Договорот за осигурување, доколку таквата исплата или плаќањето на каква било друга поволност би го изложила осигурувачот на некакви санкции, забрани или ограничувања врз основа на резолуциите на Обединетите нации, или на трговски или економски санкции, на кршење на законите или прописите на Европската Унија, Обединетото Кралство или САД.
член 39: приговор (вонсудско решавање на спорови)
[1] Договорните страни се согласни дека сите спорови што произлегуваат од овој Договор ќе се решаваат по мирен пат.
[2] Договарачот на осигурувањето, осигуреникот, односно корисникот на осигурување се согласни дека за сите спорни прашања, жалби и несогласувања кои произлегуваат од односот со осигурувачот ќе го известат истиот без одложување. Известувањата во форма на приговор од овој став се доставуваат во писмена форма, од што со
сигурност може да се утврди содржината на известувањето и времето на неговото праќање.
[3] Договарачот на осигурувањето, осигуреникот, односно корисникот на осигурување кој смета дека со одлуката (решението) на осигурувачот за отштетното побарување му се нарушени правата од осигурувањето, може да поднесе приговор до Комисијата за приговори (жалби) на осигурувачот.
[4] Комисијата за приговори (жалби) е должна да донесе одлука по приговорот во писмена форма, без одложување, но чнајдоцна во рок од 30 дена од денот на прием на приговорот.
член 40: меродавно право и судска надлежност
[1] За правата и обврските на договорните страни што не се регулирани со овие Услови, ќе се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи и Законот за супервизија на осигурување. Ако со овие Услови некое прашање е утврдено спротивно на законските прописи, ќе се применуваат одредбите од Законот.
[2] Споровите што настануваат помеѓу осигуреникот, на една страна, и осигурувачот, на друга страна, ги решава стварно и месно надлежниот суд според седиштето на осигурувачот.
член 41: надзор над друштвото за осигурување
[1] Орган надлежен за вршење надзор на осигурителното друштво е Агенцијата за супервизија на осигурување.
[2] Во случај осигуреникот да не е задоволен од односот на осигурувачот во текот на траењето на Договорот за осигурување, може да достави претставка до Агенцијата за супервизија на осигурување, како надлежен орган за надзор над работењето на осигурувачот.
член 42: застарување на барањата
[1] Побарувањата од договорите за осигурување застаруваат во согласност со одредбите од Законот за облигациони односи.
член 43: изјава за информираност
[1] Договарачот на осигурувањето/осигуреникот со потписот на договорот за осигурување/полисата изречно потврдуваат дека при склучувањето на Договорот за осигурување, од страна на осигурувачот писмено се известени за сите податоци согласно членовите 49 и 50 од Законот за супервизија во осигурувањето и дека пред склучувањето на осигурувањето им е оставено разумно време за донесување на конечна одлука за склучување на Договорот за осигурување. Согласно ова, договарачот/осигуреникот со потписот на договорот за осигурување/полисата потврдуваат дека се известени и за правото за поднесување на жалба.
член 44: преодна одредба
[1] Кај воздухопловите кои се реосигурани во странство во случај на колизија со одредбите во условите што ги предвидел странскиот реосигурувач со одредбите од овие услови ќе се применат одредбите од условите на странскиот реосигурувач.
член 45: влегување во сила
[1] Овие Општи услови со назнака УС-воз/20-12-мк влегуваат во сила со денот на нивното донесување, а ќе се применуваат од 01.01.2021 година