Contract
Друштво за осигурување
ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје
УСЛОВИ
ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНО ОСИГУРУВАЊЕ НА СОПСТВЕНИЦИТЕ, ОДНОСНО КОРИСНИЦИ НА ПЛОВНИ ОБЈЕКТИ
ОД ОДГОВОРНОСТ ЗА ШТЕТИ НА ТРЕТИ ЛИЦА
Февруари 2022 година
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
Одделни термини во овие Услови за задолжително осигурување на сопствениците, односно корисниците на бродови и чамци на моторен погон од одговорност за штети причинети на трети лица, значат:
1. Осигурувач - Друштво за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје, со кое е склучен договорот за осигурување;
2. Договорувач на осигурување - лице кое со осигурувачот склучило договор за осигурување;
3. Осигуреник - лице чиј материјален интерес е осигурен;
4. Осигурен случај - настан кој би можел да доведе до остварување на оштетно побарување од страна на оштетениот;
5. Корисник - сопственик на брод на моторен погон и сите лица кои имаат право на располагање;
6. Сума на осигурување - износ на кој е склучен договорот за осигурување;
7. Премија - износ кој договорувачот на осигурувањето го плаќа врз основа на договорот за осигурување;
8. Полиса - исправа за договорот за осигурување;
9. Брод на моторен погон - брод, чамец или јахта впишани во соодветниот регистар, односно странски записник за бродот, и регистриран за спорт, забава и стопанска дејност а чија сила на моторот
преминува 1,5 Kw /2,04 КС.
ПРЕДМЕТ НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 1
Со овие Услови, согласно член 49 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот (Сл. весник бр. 88 од 19 Октомври 2005) се осигурува граѓанската одговорност на сопственикот, односно корисникот на брод или чамец на моторен погон со сила на моторот над 1,125 КЊ запишан и регистриран во бродскиот регистар за стопанска дејност, спорт и разонода, а за штети што може да ги причини на трети лица поради смрт, телесна повреда и нарушување на здравјето, уништување или оштетување на предмети, освен од одговорност за штети на предмети примени на транспорт.
Осигурувањето од став (1) на овој член не се однесува на патниците кои се превезуваат со бродот, односно чамецот на моторен погон, како и лицата кои по налог на сопственикот, односно корисникот на бродот, односно чамецот на моторен погон или за негова сметка, работат на извршување на транспортот
Осигурувањето од став 1 на овој член е задолжително и ќе се врши при регистрација, односно при продолжување на регистрацијата на бродот, односно чамецот на моторен погон.
ОБЕМ НА ПОКРИТИЕ
Член 2
(1) Осигурувачот е во обврска да ја надомести штетата за која постои одговорност на сопственикот односно корисникот на брод или чамец на моторен погон со јачина над 1,125 kW, која ќе ја причини на трето лице .
(2) Висината на надоместот за претрпената штета е утврдена во член 49 точка 4 во измените на законот за осигурување.
(3) Сумата на осигурување на која е склучен договорот за осигурување, е искажана во полисата за осигурување, и претставува горната граница на обврска на осигурувачот за сите давачки по еден осигурен случај, независно од бројот на оштетените лица и не може да биде помала од најнискиот законски лимит.
(4) Повеќе временски поврзани штети претставуваат еден случај, ако штетите резултираат од еден осигурителен случај.
(5) Оштетеното лице има право барањето за надомест на штета да го поднесе директно до осигурувачот.
(6) Осигурувачот не може спрема оштетеното лице да истакне приговор кое врз основа на закон, или договорот за осигурување би можело да го истакне спрема сопственикот, односно корисникот на бродот или чамец на моторен погон.
ИСКЛУЧУВАЊЕ ОД ОСИГУРУВАЊЕ
Член 3
Согласно овие Услови за осигурување, за трети лица не се сметаат и немаат право на надомест на штета:
- договорувачот на осигурување;
- сопственикот, сосопственикот, корисникот и секој друг сопственик на брод, односно чамец на моторен погон;
- возачот на бродот, односно чамецот на моторен погон и
- лица кои на недозволен начин го присвоиле бродот, односно чамецот на моторен погон и во случаите кога во моментот на незгодата не управувале со бродот, односно чамецот на моторен погон.
Член 4
(1) Осигурувачот не е во обврска да ги надомести оштетните побарувања кои:
- според склучениот договор за осигурување ја надминуваат сумата на осигурување на која е склучен договорот за осигурување и законските лимити.
- резултираат од штети предизвикани при војна, граѓанска војна, револуција, буна, востание или граѓански немири, кои настануваат при таков настан, од мини, торпеда, бомби или друго воено оружје, од заробување, запленување, ограничување или задржување и последиците од тие настани, или обид да се изврши саботажа или тероризам од политички причини, како и граѓански немири, насилство, или други слични настани, конфискација, реквизиција, или останати слични мерки кои ги спроведуваат, или е со намера да ги спроведе некоја власт, или друга слична организација која се бори за власт или пак, поседува власта.
- што се однесуваат на предмети доверени на осигуреникот или на некое друго осигурено лице, а особено ако тие предмети корисникот ги превезува, користи или чува;
(2) Ако во моментот на настанувањето на осигурениот случај, минимално пропишаната сума на осигурување од страна на Владата на Република Македонија е поголема од сумата на осигурување на која е склучен договорот, ќе се смета дека договорот е склучен на пропишаната сума на осигурување.
(3) Ако од еден осигурен случај има повеќе оштетени лица и вкупниот надомест на штета ја надминува релевантната сума на осигурување, правата на оштетените лица, спрема друштвото за осигурување,
сразмерно се намалуваат.
Член 5
Ако посебно не се договори, од осигурително покритие е исклучено оштетно побарување:
- кое настанало за време додека бродот, или чамецот на моторен погон бил мобилизиран, или реквириран од страна на власта и тоа од моментот на пристигнувањето на првото одредиште, до моментот на превземање на бродот или чамецот на моторен погон;
- кое настанало додека бродот или чамецот на моторен погон учествувал во натпревар (приредба) за постигнување на најголема брзина или најголема процесна брзина, односно при подготвување за такви приредби.
ГУБЕЊЕ НА ПРАВОТО ОД ОСИГУРУВАЊЕ
Член 6
(1) Осигуреникот го губи правото од осигурување доколку:
- овозможи со бродот или чамецот на моторен погон да се превезуваат лица на место кое не е определено за превоз на лица, за барањата кои тие лица ги поставиле;
- до штетниот настан дојде поради преоптоварување на бродот или чамецот на моторен погон;
- со бродот или чамецот на моторен погон управувало лице без соодветна дозвола за управување;
- лицето кое управувало со бродот, односно чамецот на моторен погон во моментот на штетниот настан, било под дејство на алкохол, дрога или наркотици.
Се смета дека лицето е под дејство на алкохол ако:
- со анализа на крвта, или друг метод на мерење на количеството на алкохол во организмот се утврди дека учеството на алкохолот во крвта изнесува 0,5 г/гк и повеќе (0,5‰и повеќе);
- по штетниот настан одбило да се подвргне на испитување на алкохолизираноста на крвта.
(2) Осигуреникот не ги губи правата од претходните одредби од овој член доколку:
- докаже дека не е виновен за постоењето на околностите кои го исклучуваат од осигурително покритие и
- докаже дека штетниот настан не е во причинска врска со фактот дека лицето кое управувало со брод или чамецот на моторен погон во моментот на сообраќајната незгода било под дејство на алкохол, дрога, наркотици.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРЕНИКОТ
Член 7
(1) Осигуреникот е во обврска, според своите можности да му помогне на осигурувачот во утврдување на одговорноста. Од тој аспект е должен да даде вистинити и целосни податоци за настанувањето на штетниот настан.
(2) Доколку против осигуреникот, или лицето за кое тој одговара е поднесено оштетно побарување, поднесена тужба за надомест на штета, или пак, е поднесен предлог за обезбедување на докази, во обврска е, без одлагање за тоа да го извести осигурувачот и да му ги достави сите документи кои ги содржи соодветното барање.
(3) Осигуреникот е во обврска водењето на парницата да му го препушти на осигурувачот.
(4) Осигуреникот е во обврска оштетните побарувања, истакнати против него, да му ги препушти на осигурувачот. Осигуреникот нема право оштетните барања истакнати против него да ги одбие или да ги признае без согласност на осигурувачот.
(5) Договорувачот на осигурувањето, односно осигуреникот, е должен сите известувања кои ги
доставува на осигурувачот писмено да ги потврди, а особено промена на името, називот и адресата.
(6) Повреда на обврските од овој член ќе има за последица намалување на обврските на осигурувачот за толку колку што изнесува настанатата штета причинета поради таа повреда.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 8
(1) Осигурувачот е должен во рок од 30 дена да ги подмири сите оправдани побарувања на оштетените лица за кои постои одговорност на осигуреникот, но најмногу до осигурената сума и да води грижа за заштита на осигуреникот од неосновани и претерани оштетни побарувања.
(2) Ако осигурувачот ја повреди оваа обврска, должен е на осигуреникот да му ја надомести претрпената штета.
(3) Осигурувачот е овластен, во име на осигуреникот, да дава изјави, кои според неговото мислење се потребни заради надомест на штетата или поради заштита од неосновани и преголеми барања.
(4) Трошоците за одбрана на осигуреникот во казнената постапка, ги надоместува осигурувачот, само во случај кога пристанал да ангажира бранител т. е. се согласил за надоместување на тие трошоци.
(5) Трошоците од граѓанската постапка, осигурувачот ги надоместува доколку постапката ја водел осигуреникот во согласност со осигурувачот и доколку осигуреникот бил застапуван од лице што го одредил осигурувачот. Овие трошоци се надоместуваат во полн износ, независно од висината на сумата на осигурување.
ТЕРИТОРИЈАЛНА ВАЖНОСТ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 9
Осигурителното покритие се однесува на пловење по внатрешни води на територијата на Република Македонија, ако поинаку не е договорено во полисата.
ПОЧЕТОК И ПРЕСТАНОК НА ОСИГУРИТЕЛНОТО ПОКРИТИЕ
Член 10
[1] Доколку не е поинаку договорено, осигурителното покритие од Договорот за осигурување започнува по истекот на 24 часот на денот што во полисата за осигурување е означен како почеток
на траење на осигурувањето, под услов до тој ден да е платена договорената премија или првата рата на премијата, а во спротивно, по истекот на 24 часот од денот кога премијата еплатена.
[2] Осигурителното покритие престанува по истекот на 24 часот на денот означен во полисата на осигурување како ден кога истекува осигурувањето.
[3] Осигурувањето се склучува за период од една (1) година, доколку не е поинаку договорено.
[4] Ако полисата за осигурување содржи само почеток на осигурувањето, Договорот за осигурување се продолжува од година во година, сè додека една од договорните страни не го откаже најмалку 3 месеци пред доспевањето на премијата.
РЕГРЕС НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 11
Во сите случаи кога осигуреникот го изгубил правото од осигурување, осигурувачот по извршената исплата на оштетеното лице, се стекнува со право на регрес спрема лицето одговорно за штетата и тоа, за исплатениот износ на надоместокот, каматата и трошоците.
УТВРДУВАЊЕ И ПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈАТА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 12
Осигурувачот, со Тарифата на премии усвоена од Управниот одбор, ја утврдува бруто премијата за осигурување на сопствениците, односно корисниците на бродови и чамци на моторен погон за штети предизвикани од трети лица.
[1] Договарачот на осигурувањето ја плаќа премијата одеднаш,освен ако не е поинаку договорено.
[2] Ако е договорено плаќање на рати, тогаш договарачот на осигурувањето ја плаќа првата рата во моментот на склучување на Договорот за осигурување или издавањето на лист на покритие, освен ако не е поинаку договорено.
[3] Осигурувачот има право сите доспеани неплатени рати од премијата да му ги одбие на осигуреникот при исплатата на штета. Кај тотална штета, сите неплатени рати од премијата доспеваат за наплата и се одбиваат од износот за надоместок на штета при исплатата.
[4] Ако на договарачот на осигурувањето му се признал попуст за времетраење на осигурувањето, а осигурувањето од кои било причини престанало пред истекот на тоа време, осигурувачот има право да ја наплати разликата до премијата што договарачот на осигурувањето би требало да ја плати кога Договорот за осигурување би бил склучен само за периодот до прекинувањето. Во случај да престане важноста на Договорот за осигурување поради неплаќање на доспеаната премија, договарачот треба да ја плати премијата за неплатеното време до денот на престанок на важноста на Договорот за осигурување. Ако до денот на престанок на осигурувањето настанал осигурен случај за кој осигурувачот исплатил оштета, договарачот на осигурувањето е должен да ја плати целокупната премија за тековната година на осигурување
ПОСЛЕДИЦИ ОД НЕПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈАТА
Член 13
[1] Ако премијата за осигурување не е платена до стасаноста, осигурувачот може да го извести договарачот да ја плати премијата за осигурување. Ако премијата за осигурување не е платена во рокот што е наведен во известувањето, а кој не може да биде пократок од триесет (30) дена, осигурувачот може да го раскине Договорот за осигурување без отказен рок, при што на осигурувачот му припаѓа стасаната премија за осигурување.
[2] Во случај на доцнење со плаќање на премијата, осигурувачот има право да пресмета и законска затезна камата.
[3] Со неплаќање на премијата за осигурување, договарачот не може еднострано да го раскине осигурувањето.
ПОВРАТ НА ПРЕМИЈА
Член 14
[1] Во случај на предвремено раскинување на Договорот за осигурување, осигурувачот е должен да врати дел од премијата за неискористеното време на осигурување, ако осигурената опасност престанала да постои по склучување на Договорот за осигурување.
[2] Ако осигурената опасност престанала да постои пред почетокот на покритието, осигурувачот ја враќа целокупната уплатена премија, намалена за манипулативните трошоци.
[3] Во другите случаи на престанување на важноста на Договорот за осигурување пред крајот на периодот за кој е платена премијата, на осигурувачот му припаѓа премија до денот до кој трае покритието, освен ако не е поинаку договорено.
[4] Враќање на премијата на барање на осигуреникот може да се изврши само врз основа на докази за исполнети услови за поврат на премија
ИЗМЕНИ НА УСЛОВИТЕ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ИЛИ ТАРИФАТА НА ПРЕМИИ
Член 15
[1] Ако осигурувачот ги промени условите за осигурување или тарифата на премии, треба да го извести договарачот на осигурувањето барем 60 дена пред почетокот на тековната година на осигурување.
[2] Договарачот на осигурувањето има право 60 дена по приемот на известувањето да го откаже Договорот за осигурување. Договорот престанува да важи со завршувањето на тековната година на осигурување.
[3] Ако договарачот на осигурувањето не го откаже Договорот за осигурување во рокот утврден во став 2 на овој член, следната година тој се менува согласно со новите услови за осигурување и тарифата на премии
ФОРМА НА ДОГОВОРОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ И НАЧИН НА ИЗВЕСТУВАЊЕ
Член 16
[1] Документацијата кон Договорот за осигурување и во врска со Договорот за осигурување мора да биде на македонски јазик и во пишана форма, или во договорена електронска форма, и стапува на сила од денот на прием.
[2] Сите известувања и изјави што треба да се дадат според одредбите на Договорот за осигурување мора да бидат во писмена форма.
[3] Како ден на прием се смета следниот работен ден после препорачано предадената пратка, пратена на последната дадена адреса од страна на примачот.
ПРОМЕНА НА СОПСТВЕНИКОТ НА БРОДОТ НА МОТОРЕН ПОГОН
Член 17
Ако за време на траењето на осигурувањето се промени сопственикот, односно корисникот на бродот или чамецот на моторен погон, премијата за осигурување за неискористеното време му се враќа на осигуреникот, а новиот сопственик т. е. осигуреник, треба да склучи нов договор за осигурување за период од една година и ќе плати премија за осигурување според новиот договор.
ЗАСТАРУВАЊЕ НА ПОБАРУВАЊАТА
Член 18
Побарувањата на осигуреникот или на корисникот на осигурувањето, односно на трето лице од договорот за осигурување , застаруваат согласно одредбите од Законот за облигациони односи.
ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
член 19 Информации во врска со обработка на лични податоци
[1] Идентитет и контакт на податоците на контролорот и офицерот за заштита на личните податоци: Контролор: Друштво за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје, Седиште во Скопје на ул. Мајка Тереза бр.1 влез 2, e-mail: xxxx@xxxxxxxxxxxxx.xxx.xx, Офицер за заштита на личните податоци: xxx@xxxxxxxxxxxxx.xxx.xx. Дополнителни податоци за офицерот за заштита на личните податоци може да најдете на интернет страницата на Друштвото xxx.xxxxxxxxxxxxx.xxx.xx.
член 20 Обработка и заштита на личните податоци
[1] Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје врши обработка (собирање, евидентирање, организирање, чување итн.) на лични податоци на осигуреници, договорувачи на осигурување, нивните законски застапници или полномошници во согласност со одредбите на Законот за заштита на лични податоци и другите релеванти позитивни законски прописи, применувајќи соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на безбедност на личните податоци. Собраните лични податоци се дел од збирките на лични податоци на Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје, а Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје во својство на контролор на личните податоци, истите ги користи согласно основните начела за обработка на лични податоци дефинирани во Законот за заштита на личните податоци.
член 20-а Правен основ за обработката на личните податоци
[1] Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје обработува лични податоци кои се неопходни при склучување на договорите за осигурување (полиси), врз основа на член 109 од Законот за супервизија на осигурување, а во согласност со Законот за заштита на личните податоци. [2] Личните податоци се неопходни за обработка од страна Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје со цел исполнување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за осигурување, односно обработката на истите претставува основа за оценување на осигурително покритие и степен на оштета.
член 20-б Цели за обработката на личните податоци
[1] Личните податоци (телефонски број и електронска адреса – e-mail), Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ги обработува со цел остварување на контакт заради ефикасно остварување на права и обврските кои произлегуваат од договорите за осигурување (полиси). Овие податоци за цели доставување на рекламни материјали, промоции, понуди како и за други цели на директен маркетинг од страна на Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ќе бидат искористени само доколку имате дадено согласност, преку одбирање на соодветната опција за согласност. [2] Со цел водење на постапка за надомест на штета и воспоставување на бази на податоци за настанати штети, оценување на осигурително покритие и степен на оштета Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје обработува и копии од документи во кои се содржани и лични податоци. [3] Личните податоци од став 1 и став 2 на овој член Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ги обработува само врз основа на претходна согласност од субјектот на личните податоци, а недавањето на согласност за обработка на овие податоци може да има за последица несоодветно оценување на осигурително покритие или степен на оштета или пак неисплаќање на оштетно барање. [4] Согласноста за обработка на личните податоци од ставот 3 на овој член може да се повлече во секое време преку доставување на известување за повлекување на согласност по пошта на следната адреса: ул. Мајка Тереза бр.2, 1000 Скопје, со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxx@xxxxxxxxxxxxx.xxx.xx. Со повлекување на согласноста за обработка на лични податоци Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ќе прекине со понатамошна обработка на личните податоци и истите ќе ги избрише од базите на податоци со што можат да настанат последици наведени во став 3 од овој член.
член 20-в Рокови на чување на лични податоци
[1] Личните податоци, Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ги чува во рок за цело времетраење на договорниот облигационен однос, односно најмногу до 10 години по истекот на договорот за осигурување или во случај на настанување на штета, 10 години по затворањето на
случајот на настанување на штетата, односно од денот на целосната исплата на надоместокот за настаната штета согласно член 109 став 8 од Законот за супервизија на осигурување. [2] По истекот на роковите од став 1 на овој член личните податоци ќе бидат избришани/уништени од базите на податоци на Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје и истите нема да се обработуваат за други цели.
член 20-г Права на субјектите на личните податоци
[1] Остварување на правата кои произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци (право на пристап, корекција, бришење, ограничување на обработката на лични податоци, приговор и преносливост), се врши преку доставување на барање на електронската адреса на офицерот за заштита на лични податоци: xxx@xxxxxxxxxxxxx.xxx.xx. На истата електронска адреса може да се достави барање во врска со сите прашања поврзани со обработката на личните податоци. [2] Доколку субјектот на лични податоци смета дека обработката на личните податоци за целите наведени во член 35-б, од страна на Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје не е во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци, или пак смета дека е повредено некое право за заштита на личните податоци, има право да поднесе барање за утврдување на прекршување на прописите за заштита на личните податоци до Агенцијата за заштита на личните податоци како надлежен орган за вршење на надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци на територијата на Република Северна Македонија.
член 20-д Пренос на личните податоци
[1] Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје може да изврши пренос на лични податоци во земји членки на Европската Унија, земји членки на Европскиот економски простор и трети земји. За вршење на преносот на лични податоци во земји членки на Европската унија и Европскиот економски простори се известува Агенцијата за заштита на личните податоци, а преносот на лични податоци во трети земји се врши по претходно добиено одобрени од страна на Агенцијата за заштита на личните податоци. При вршење на преносот на личните податоци се обезбедува високо ниво на технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци. Исто така, се обезбедуваат сите неопходни заштитни мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци преку стандардни клаузули за заштита на личните податоци кои се одобрени и објавени од страна на Европската комисија. Сите дополнителни информации во однос на заштитните мерки може да се добијат со поднесување на барање до по пошта на следната адреса: ул. Мајка Тереза бр.1 влез 2 со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxx@xxxxxxxxxxxxx.xxx.xx.
член 20-ѓ Обработка на лични податоци за цели на директен маркетинг
[1] Личните податоци за цели на директен маркетинг, Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ги обработува само врз основа на експлицитна согласност за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг за своите услуги. [2] Согласноста за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг може да се повлече во секое време, бесплатно, со писмено барање (доставено на следната електронска адреса: xxx@xxxxxxxxxxxxx.xxx.xx или по пошта до Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје, ул. Мајка Тереза бр.1 влез 2, 1000 Скопје, со назнака “До Офицерот за заштита на лични податоци”).
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
член 21
[1] За односите од договорот за осигурување се применува правото на Република Северна Македонија.
[2] За односите меѓу осигурувачот, договарачот и осигуреникот кои не се договорени во договорот за осигурување, се применува Законот за облигациони односи.
Постапка по приговори
Во случај осигурувачот и осигуреникот да не се согласат по однос на обемот и висината на штетата, осигуреникот има право на приговор во рок од 8 дена од приемот на писменото известување од
осигурувачот, до Второстепената комисија за решавање на штети по приговор, која е должна во рок од 30 дена да одговори по приговорот.
Постапка по жалба
Договорувачот, односно осигуреникот во однос на работењето на Друштвото има право на жалба до Агенцијата за супервизија на осигурување како орган надлежен орган за супервизија на друштвата за осигуруавње.
Решавање на спорови
Евентуалните спорови кои би произлегле од договорот з а осигурување, договорните страни ќе ги решаваат спогодбено, а доколку до спогодба не дојде надлежен е Основен суд Скопје 2 Скопје.
Овие Услови се донесени врз основа на Овластување на Oдборот на директори на Друштво за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје дадено на својата редовна седница на 15.11.2021 година со Одлука бр.0203-09/08 и ќе се применуваат од 23.02.2022 година.
Главен извршен директор
Суат Инан
Извршен директор Xxxxxx Xxxxxxxx