Contract
Триглав Осигурување Живот АД бул. 8-ми Септември бр. 18, кат 2 1000 Скопје
ПГ-У-НАЛ | 19/10 |
ОПШТИ УСЛОВИ ЗА ИНВЕСТИЦИСКО ОСИГУРУВАЊЕ НА ЖИВОТ
Член 1: ОПШТИ ОДРЕДБИ
(1) Општите услови за инвестициското осигурување на живот (во натамошниот текст: Општи услови) се составен дел на Договорот за инвестициско осигурување на живот, кој е склучен меѓу договарачот на осигурување (во натамошниот текст: договарач) и Триглав Осигурување Живот АД, Скопје (во натамошниот текст: осигурувач).
(2) Инвестициското осигурување на живот ги вклучува вложувањето, поврзано со фондовите, како и осигурувањето на живот за случај на смрт со загарантирана осигурена сума. Со инвестициското осигурување на живот договарачот презема инвестициски ризик, кој е поврзан со промената на вредноста на инвестициските удели, односно другите хартии од вредност на фондовите.
(3) Со Договорот за инвестициското осигурување на живот договарачот се обврзува на осигурувачот да му плати одредени парични средства (премии), а осигурувачот се обврзува дека при настанувањето на осигурен случај ќе ги исполни предвидените обврски утврдени со Договорот за осигурување. Со Договорот за инвестициско осигурување на живот може да бидат осигурени едно или две лица (заемно инвестициско осигурување на живот). Обврските на осигурувачот се детално објасенети во член 4.
(4) Изразите наведени во овие Општи услови го имаат следново значење:
− осигурувач е Триглав Осигурување Живот АД, Скопје;
− осигуреник е лице на кое се однесува осигурувањето и од чие доживување или смрт зависи исплатата на осигурената сума;
− понудувач е лице кое сака да склучи Договор за осигурување и за таа цел поднесува писмена понуда до осигурувачот;
− договарач е физичко или правно лице коешто склучува Договор за осигурување со осигурувачот;
− корисник е лице во чија корист се склучува осигурувањето и на кое му се врши исплата на осигурената сума за договорениот осигурен случај;
− полиса е исправа за склучен Договор за осигурување на живот;
− премија е износот кој договарачот е должен да му го плати на осигурувачот врз основа на Договорот за осигурување на живот;
− осигурен случај е иден, неизвесен настан независен од исклучивата волја на договарачот, кој може да предизвика штета и кој припаѓа во ризиците што осигурувачот ги покрива со својата дејност;
− осигурена сума во случај на доживување е вредност на инвестициското портфолио по истек на осигурувањето;
− загарантирана сума на осигурување или загарантирана осигурена сума е договорна осигурена сума која се исплаќа во случај на смрт на осигуреникот;
− основно осигурување согласно со овие Услови е склучен Договор за инвестициско осигурување на живот;
− дополнително осигурување е осигурување кое е склучено заедно со основното осигурување;
− математичка резерва е вид на техничка резерва која се пресметува и издвојува за подмирување на идните обврски по однос на долгорочните договори за осигурување на живот;
− друштво за управување со инвестициски фондови е
акционерско друштво со седиште во Република Северна Македонија кое има дозвола од Комисијата за хартии од вредност за вршење на работи за основање и управување со инвестициски фондови;
− инвестициска сметка е сметка на договарачот каде се водат податоците за платените премии и движењето на ВЕИ, како и вкупната вредност на имотот на договарачот;
− инвестициски фонд е здружени парични средства наменети за инвестирање, прибрани од инвеститори преку јавен повик или приватна понуда, со кои за сметка на инвеститорите управува друштво за управување со фондови;
− удели во инвестициски фонд се сразмерен пресметковен
дел од вкупната вредност од инвестицискиот фонд кој зависи од висината на влогот во инвестицискиот фонд;
− вредност на имотот на инвестициската сметка е вредноста на инвестициското портфолио односно производот од бројот на купените удели и цената на уделот на денот на пресметката;
− вредност на единица имот (ВЕИ) e цената на еден
инвестиционен удел на денот на финансирање;
− почетни единици имот се стекнатите единици имот на договарачот врз основ на уплатените премии за првите 24 месеци;
− пресметковен ден – последниот работен ден во месецот;
− ден на пресметка на премијата во единица имот – петтиот работен ден по плаќањето на премијата за осигурување.
(5) Инвестициското осигурување на живот може да се склучи со или без лекарски преглед.
(6) Со инвестициското осигурување на живот може да се осигурат здрави лица, и тоа со наполнети 14 години до наполнети 65 години старост. Осигурувањето во секој случај завршува во календарската година кога осигуреникот (односно постариот од осигурените лица кај заемното осигурување) ќе наполни 75 години живот. Лицата кои не се целосно здрави, како и лицата постари од 65 години, може да
се осигурат само со дополнителна процена на ризик и со одлука на осигурувачот. Ништовно (неважечко) е осигурувањето за случај на смрт на лице помладо од 14 години, како и на лице целосно лишено од деловната способност.
(7) Односите меѓу договарачот и осигурувачот, како и сите нивни права и обврски, се одредени во писмениот договор. Составни делови на Договорот за инвестициско осигурување на живот се: понудата заедно со дополнувањата и изјавите, здравствениот прашалник, полисата, овие Општи услови, Посебните услови за дополнителните осигурувања, можните посебни писмени изјави на договарачот, осигуреникот и осигурувачот, како и други прилози и додатоци кон полисата.
(8) Сите договори важат само ако се договорени писмено и ако при склучувањето, односно при промената на осигурувањето е извршена лична идентификација. Сите изјави кои осигурувачот или договарачот ги поднесуваат еден на друг важат од моментот, односно денот на прием. Ако се праќаат по пошта, како ден на прием се смета денот кога препорачаното писмо било предадено во пошта. Сите промени кои за последица имаат промена на обврската на осигурувачот започнуваат да важат од првиот ден на следниот месец по приемот на барањето.
(9) Осигурувачот може за договорите склучени со комуникациски средства да одреди осигурувањето да биде склучено со самото плаќање на првата премијата.
Член 2: ПОНУДА И ПОЛИСА
(1) Договор за инвестициско осигурување на живот се склучува врз основа на писмена понуда. Понудата за инвестициско осигурување на живот се поднесува во писмена форма на образец на осигурувачот. Понудата ги содржи суштествените елементи на Договорот.
(2) Понудата мора да се пополни целосно, вистински и точно и во неа мора да се наведат сите факти значајни за преземањето на ризиците и за склучување на Договорот.
(3) Понудата за склучување на Договор за инвестициско осигурување на живот, која била поднесена до осигурувачот, го обврзува осигурувачот да му одговори на понудувачот во рок од 8 дена од денот кога ја примил понудата, а ако е потребен лекарски преглед, тогаш во рок од 30 дена по приемот на целосната документација. Ако осигурувачот во тој рок не ја одбие понудата за која понудувачот се обврзал согласно условите според кои тој го врши предложеното осигурување, се смета дека понудата е прифатена и дека Договорот е склучен оној ден кога понудата пристигнала кај осигурувачот.
(4) Понудата е составен дел на Договорот за инвестициско осигурување на живот и таа мора да биде потпишана од двете страни. Ако договарачот и осигуреникот не се исто лице, заради важност на Договорот, на понудата е потребен и потпис на осигуреникот.
(5) Осигурувачот ја издава полисата во еден примерок, според податоците од понудата. Во полисата мораат да бидат наведени податоците за осигурувачот, договарачот, односно осигуреникот, со податоци за раѓање, осигурени опасности, почеток и времетраење на осигурувањето, загарантираната сума на осигурување/осигурена сума, премија, избрани фондови, називот на друштвото за управување со инвестициски фондови, корисници, табелата за намалени осигурени суми и откупните вредности, табелата на фактори за опасност за ризик од смрт, датум на изработка на полисата и потпис на овластено лице од осигурувачот. Ако полисата суштински се разликува од понудата и другите писмени изјави на договарачот, тој може писмено да достави приговор во рок од еден месец од приемот на полисата. Ако тоа не го стори, содржината на полисата важи.
Член 3: ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
(1) Осигурувањето започнува во 00:00 часот првиот ден од месецот кој следува по месецот на склучување на Договорот, доколку поинаку не е договорено. Денот, месецот и годината на почеток и на истекување на осигурувањето се наведени во понудата и полисата. Обврската на осигурувачот започнува од денот кој е наведен како почеток на осигурувањето, ако дотогаш е уплатена целосно првата премија. Осигурувачот може за договорите склучени на далечина да одреди осигурувањето да биде склучено со самото плаќање на премијата.
(2) Ако првата премија не е платена до почетокот на осигурувањето, осигурувачот доделува привремена осигурителна гаранција, и тоа од почетокот на осигурувањето, па до последниот ден во месецот на почетокот на осигурувањето. Осигурувањето во секој случај престанува ако целата прва премија не е платена до истекот на гаранцијата. Во тој случај, осигурувањето повторно започнува од 24:00 часот оној ден кога првата премија е платена во целост, под услов да не се влошила здравствената состојба на осигуреникот од потпишувањето на понудата.
(3) Осигурувањето истекува во 00:00 часот оној ден кој на полисата е наведен како ден на истекување на осигурувањето или при смрт на осигуреникот, односно на едно од осигурените лица (кај заемното осигурување). Почетокот, времетраењето и истекот на осигурувањето се дефинирани во понудата и полисата.
(4) Договарачот има право во рок од 30 дена од склучувањето на осигурувањето да отстапи (да се повлече) од Договорот за осигурување. Отстапувањето мора да биде писмено и поднесено до осигурувачот до истекот на рокот, при што се смета дека е поднесено во рок ако е предадено препорачано во пошта до истекот на рокот. Осигурувачот има право да ги пресмета фактичките трошоци поврзани со отстапувањето од Договорот, и тоа во висина во која тие се определени во важечкиот ценовник на денот на склучувањето на Договорот, а има право и на враќање на трошоците за извршениот лекарски преглед на осигуреникот кои осигурувачот ѝ ги платил на здравствената установа по цена важечка на денот на извршувањето на прегледот.
Член 4: ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
(1) Осигурувачот се обврзува на корисникот одреден во полисата за осигурување да му ја исплати осигурената сума за доживување ако осигуреникот или двете осигурени лица (кај заемното осигурување) го доживее/доживеат осигурениот период на осигурување. Осигурената сума за доживување е еднаква на вредноста на имотот на инвестициската сметка на договарачот, која е дефинирана во согласност со член 10 од овие Општи услови.
(2) Ако осигуреникот или едно од осигурените лица (кај заемното осигурување) умре во времетраење на осигурувањето, осигурувачот се обврзува на корисникот да му ја исплати загарантираната осигурена сума за смрт или нејзин дел веднаш по смртта на осигуреникот или на едно од осигурените лица (кај заемното осигурување).
(3) Ако осигуреникот или едно од осигурените лица (кај заемното осигурување) при осигурување склучено без лекарски преглед, умре во првите 6 (шест) месеци од почетокот на осигурувањето, осигурувачот е должен на корисникот веднаш по смртта на осигуреникот или на едно од осигурените лица (кај заемното осигурување) да му исплати половина од осигурената сума за случај на смрт.
(4) Без оглед на одредбите од став 3 на овој член, осигурувачот ќе изврши исплата на целата осигурена сума во првите 6 (шест) месеци:
1) ако осигурувањето е склучено со лекарски преглед;
2) во случај на смрт на осигуреникот или на едно од осигурените лица (кај заемното осигурување) поради несреќа, бременост или породување;
3) при новото осигурување, склучено без лекарски преглед, со почеток најдоцна 3 месеци по доживувањето на претходното осигурување кај осигурувачот.
(5) Без оглед на одредбите од претходниот став на овој член, во случај на смрт на осигуреникот, осигурувачот ја исплаќа вредноста на имотот на инвестициската сметка, ако таа ја надминува вредноста на загарантираната осигурена сума.
(6) Xxxxxxxxxx има право да побара осигурената сума да му се исплаќа на рати како месечна рента доколку Осигурувачот има производ кој се однесува на рентно осигурување. Притоа се земаат предвид условите за осигурување за таквите осигурувања кои важат на денот на поднесување на барањето.
Член 5: ОГРАНИЧУВАЊЕ И ИСКЛУЧУВАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ НА ОСИГУРУВАЧОТ
(1) Со договорот за осигурување не е опфатен ризикот од самоубиство на осигуреникот, ако тоа се случило во првата година од почетокот на осигурувањето. Оваа одредба се однесува и на обидот за извршување на самоубиство, без оглед на тоа кога умрел од последиците на обидот за самоубиство.
(2) Осигурувачот не ја исплаќа загарантираната осигурена сума, туку математичката резерва од договорот ако:
1) ако осигуреникот во текот на втората и третата година од почетокот на осигурувањето извршил самоубиство или пак се обиде да изврши самоубиство, без оглед на тоа кога умрел од последиците на самоубиството;
2) ако осигуреникот умрел поради војна, воени операции, односно непријателства и ситуации слични на војна, дејство на мини и бомби од сите видови или друго воено оружје, како последица на востание, немири, бунт или насилства кои настануваат или произлегуваат од такви настани.
(3) Осигурувачот не ја исплаќа загарантираната осигурена сума ако смртта на осигуреникот намерно ја предизвикал корисникот. Ако до моментот на смртта премијата била платена за најмалку три години, осигурувачот ја исплаќа дотогаш стекнатата откупна вредност на осигурувањето на договарачот, односно неговиот наследник.
Член 6: ОБВРСКИ НА ДОГОВАРАЧОТ И ПОСЛЕДИЦИ ОД НЕИСПОЛНУВАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ
(1) Договарачот при склучувањето на Договорот е должен на осигурувачот да му ги пријави сите околности кои се важни за оценувањето на опасноста и кои му се познати или не можеле да му останат непознати. За важни се сметаат особено оние околности за кои осигурувачот писмено прашал во понудата.
(2) Ако договарачот намерно поднел неточна пријава или намерно премолчел некоја околност од таква природа што осигурувачот не би го склучил Договорот ако знаел за вистинската состојба на работите, осигурувачот може да бара поништување на Договорот или може да одбие да ја исплати загарантираната осигурена сума ако осигуреникот умре пред осигурувачот да дознае за неточноста на пријавата. Во случај на поништување на Договорот, осигурувачот ги задржува наплатените премии и има право да бара плаќање на премијата за периодот на осигурувањето во кој побарал поништување на Договорот.
(3) Ако договарачот на осигурувањето поднел неточна пријава, или пропуштил да го даде должното известување, а тоа не го сторил намерно, осигурувачот може, по свој избор, во рок од 1 месец од дознавањето за неточноста или нецелосноста на пријавата, да изјави дека го раскинува Договорот или да предложи зголемување
на премијата сразмерно со поголемиот ризик. Договорот престанува по истекот на 14 дена откога осигурувачот својата изјава за раскинување му ја соопштил на договарачот на осигурувањето, а во случај на предлог од осигурувачот премијата да се зголеми, раскинувањето настапува согласно Законот за облигациони односи, ако договарачот на осигурувањето не го прифати предлогот во рок од 14 дена откако го примил.
(4) Ако Договорот се раскине според став 3 од овој член, осигурувачот е должен да ја исплати само дотогаш стекнатата откупна вредност на осигурувањето.
(5) Ако осигурениот случај настанал порано, пред да биде утврдена неточноста или непотполноста на пријавата, или пред пропуштањето на должното известување, или подоцна, но пред раскинувањето на Договорот, односно пред постигнувањето на спогодба за зголемување на премијата, загарантираната осигурена сума се намалува сразмерно на висината на платените премии и висината на премиите кои би морале да бидат платени според вистинската опасност.
Член 7: ДОГОВОР ЗА ОСИГУРЕНА СУМА И ПРЕМИЈА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
(1) Осигурената сума и премијата ја дефинираат договарачот и осигурувачот, според податоците во понудата, особено од аспект на избраните тарифи на премии, староста на осигуреникот и периодот на осигурување.
(2) Договорената премија на рати се плаќа месечно однапред, и тоа на први во месецот во кој достасува за наплата. Договарачот и осигурувачот можат да се договорат и за поинаква динамика на плаќање на премијата. На осигурувачот му припаѓа премијата до крајот на месецот во кој настанал осигурениот случај. Ако договарачот доцни со плаќањето на една или повеќе премии, со плаќањето на премијата најпрво се подмируваат неплатените премии достасани за наплата.
(3) Во случај ако договорената премија на последниот работен ден во месецот (пресметковниот ден) не е доволна за порамнување на достасаната премија за осигурување во случај на смрт, договорената премија може да се зголеми, во согласност со факторите за пресметка на премијата за ризик за опасност во случај на смрт.
(4) Без оглед на договорената висина и динамика на плаќање на договорената премија за осигурување, договарачот може, со претходна согласност од страна на осигурувачот, да уплати дополнителна еднократна уплата. Загарантираната осигурена сума не се менува поради дополнителните плаќања.
(5) Премијата може да се плати преку банка или во пошта. Договарачот е должен на осигурувачот да му плати премија, а осигурувачот пак е должен да ја прифати премијата од секое лице кое за тоа има правен интерес.
Член 8: ИЗБОР НА ФОНД СО КОЈ СЕ ВРЗУВА ВРЕДНОСТА НА ИМОТОТ
(1) Договарачот при склучување на инвестициското осигурување на живот избира од инвестициските фондови понудени од осигурителот, кои ќе бидат наведени во полисата за животно осигурување издадена при склучување на Договорот за инвестициското осигурување, како и друштвото за управување на инвестициски фондови кое ќе управува со нив. Вредноста на единица имот (ВЕИ) се врзува со цената на уделот на избраните фондови/фонд. ВЕИ на инвестициската сметка на договарачот зависи од движењето на вредноста на инвестициските удели, односно хартиите од вредност во кои инвестираат фондовите/фондот.
(2) Правата од Договорот за инвестициското осигурување на живот се непосредно поврзани со движењето на ВЕИ.
(3) Фондовите меѓу себе се разликуваат особено според степенот на ризик на инвестициите и инвестициската политика. Инвестициската структура на фондовите и степенот на ризик на инвестициите можат да се видат од проспектот на поединечниот фонд.
(4) Договарачот при склучувањето на Договорот ја дефинира распределбата на премијата помеѓу избраните фондови на кои се врзува ВЕИ и тие ќе бидат наведени во полисата за животно осигурување издадена при склучување на Договорот за осигурување, како и друштвото за управување на инвестициски фондови кое ќе управува со нив. Договарачот на осигурувањето може по писмен пат да побара од осигурителот промена на одбраниот инвестициски фонд/фондови, за да избере друг фонд/фондови, но само во рамки на фондовите со кои управува друштвото за управување со инвестициски фондови наведено во понудата и полисата која е издадена при склучување на Договорот за осигурување, или може да ја промени распределбата на вложувањето на премијата во одбраните инвестициски фондови само во рамки на фондовите со кои управува друштвото за управување со инвестициски фондови наведено во понудата и полисата која е издадена при склучување на Договорот за осигурување. Промената на инвестицискиот фонд се врши на пресметковниот ден во месецот по приемот на писменото барање, кое мора да му биде предадено на осигурувачот најмалку 8 (осум) дена пред крајот на месецот. Во спротивно, преносот на средства се врши на пресметковниот ден во следниот месец по приемот на барањето.
(5) Во случај на престанок со работа на фондот, осигурувачот ќе ги пренесе средствата во друг фонд само во рамки на фондовите со кои управува друштвото за управување со инвестициски фондови наведено во понудата и полисата која е издадена при склучување на Договорот за осигурување, но во таков фонд кој според карактеристиките и инвестициската политика најмногу одговара со заменетиот фонд. Осигурувачот го задржува правото да ги пресмета само вистинските трошоци за пренос.
(6) Осигурувачот е должен да го извести договарачот за преносот на средствата од претходниот став. Договарачот по приемот на писменото известување може да побара, по негов избор, средствата да се пренесат во друг фонд само во рамки на фондовите со кои управува друштвото за управување со инвестициски фондови наведено во понудата и полисата која е издадена при склучување на Договорот за осигурување.
(7) Сопственик на уделите во инвестицискиот фонд е Триглав Осигурување Живот АД, Скопје.
Член 9: ПРЕСМЕТУВАЊЕ НА ПРЕМИЈАТА ВО ЕДИНИЦИ ИМОТ
(1) Осигурувачот ја пресметува премијата, намалена за влезните трошоци на осигурувањето (чиста премија), во единици имот на инвестициската сметка, со земање предвид на ВЕИ на избраниот фонд во петтиот работен ден од плаќањето на премијата за осигурување, освен ако не е поинаку дефинирано. Се смета дека премијата е платена оној ден кога е евидентирана на сметката на осигурувачот.
(2) Бројот на единици имот на инвестициската сметка, врз основ на платената премија, се определува на тој начин што износот на чистата премија се дели со ВЕИ на избраниот фонд, кој важи на денот на пресметувањето. Единиците имот стекнати врз основ на уплатените премии за првите 24 месеци, претставуваат почетни единици имот на договарачот. Единиците стекнати со сите дополнителни уплати, вклучувајќи ги и дополнителните плаќања, се редовни единици.
(3) ВЕИ на инвестициската сметка зависи од видот на фондот и е еднаква на надворешната референтна вредност која е ВЕИ на инвестицискиот фонд односно цената на уделот на инвестицискиот фонд која е јавно достапна.
(4) ВЕИ на фондот, односно цената на уделот на фондот, се наоѓа на интернет-страницата xxx.xxxxxxxxxx.xx.
Член 10: ВРЕДНОСТ НА ИМОТОТ НА ИНВЕСТИЦИСКАТА СМЕТКА НА ДОГОВАРАЧОТ
(1) Осигурувачот за секој договарач ќе води инвестициска сметка. Во инвестициската сметка се водат податоците за платените премии и движењето на ВЕИ, како и вкупната вредност на имотот на инвестициската сметка на договарачот.
(2) Вредноста на имотот на инвестициската сметка на договарачот се пресметува на определен ден, на тој начин што бројот на единици имот на инвестициската сметка се множи со ВЕИ на поединечниот фонд, која важи на тој ден.
(3) Осигурувачот, на крајот од пресметковниот ден за тековниот месец, ја пресметува достасаната премија за наплата за дополнителните осигурувања, трошоците за водење на инвестициската сметка, провизијата за управување, како и премијата за ризик за случај на смрт. Пресметката се врши со намалување на соодветниот број на единици имот на инвестициската сметка на договарачот, и тоа:
1) премијата за дополнителни осигурувања се пресметува со намалување на бројот на единици имот, во противвредност на премијата достасана за наплата;
2) трошоците за водење на инвестициската сметка и провизијата за управување се пресметуваат со намалување на единиците имот, по пресметувањето на премијата за дополнителните осигурувања;
3)висината на провизијата за управување зависи од видот на фондот и е различна за почетните и редовните единици имот;
4) премијата за ризик во случај на смрт се пресметува по пресметувањето на провизијата за управување и трошоците за водење на сметката, на сметка на намалувањето на бројот на единици имот, во противвредност на таа премија. Се пресметува врз основ на староста на осигуреникот на пресметковниот ден, како и врз основ на разликата помеѓу загарантираната осигурена сума и вредноста на имотот на инвестициската сметка. Премијата за ризик во случај на смрт се пресметува само ако загарантираната осигурена сума ја надминува вредноста на имотот на инвестициската сметка на осигурувачот.
(4) Премијата за дополнителни осигурувања, трошоците за водење на сметката и премијата за ризик за случај на смрт се пресметуваат со намалување на бројот на редовните единици имот, а доколку такви не постојат, со намалување на бројот на почетните единици имот.
(5) Премијата за дополнителните осигурувања, трошоците за водење на инвестициската сметка и премијата за ризик за случај на смрт се пресметуваат во уделот на распределбата на премијата помеѓу фондовите.
(6) Ако премијата е договорена во странска валута, таа се пресметува во денарска противвредност по средниот валутен курс на Народна банка на Република Северна Македонија, кој важи осмиот ден пред да достаса премијата за наплата.
Член 11: ТРОШОЦИ
(1) Осигурувачот има право да пресмета влезни и излезни трошоци, трошоци за водење на инвестициската сметка, како и провизија за управување, која е дефинирана на полисата за осигурување.
(2) Осигурувачот пресметува влезни трошоци во согласност со важечкиот ценовник на осигурувачот.
(3) Осигурувачот пресметува трошоци за водење на инвестициската сметка во согласност со важечкиот ценовник на осигурувачот. Трошоци за водење на сметката се пресметуваат дури и во случај на капитализација на осигурувањето. Осигурувачот е должен претходно да го извести договарачот за промената на висината на трошоците за водење на инвестициската сметка.
(4) Осигурувачот има право при секое исплаќање од инвестициската сметка да пресмета излезни трошоци за осигурувањето во висина од еден процент од исплатата (осигурувачот не пресметува излезни трошоци за осигурувањето ако корисникот побара осигурената сума да му се исплаќа на рати како месечна рента). Осигурувачот има право да пресмета можна излезна провизија, којашто за осигурувачот ја пресметува правното лице кое раководи со фондот.
(5) Влезните трошоци, излезните трошоци и трошоците за водење на инвестициската сметка се наведуваат во полисата за осигурување. Посредните и непосредните трошоци, кои ја намалуваат вредноста на единиците имот на поединечниот фонд, а не се наведени во овој член, се достапни во кратката содржина на проспектот кој е јавно објавен на интернет-страницата на друштвото за управување со инвестициски фондови, за секој избран фонд.
(6) Осигурувачот при секоја исплата има право да ги пресмета сите даночни обврски во фондот во согласност со позитивните законски прописи.
Член 12: ПРОМЕНА НА РАСПРЕДЕЛБАТА НА СРЕДСТВА ПОМЕЃУ ФОНДОВИТЕ
(1) Ако од почетокот на осигурувањето изминале најмалку две години и се платени премиите за најмалку две години, договарачот може, во рамките на важечката понуда на осигурувачот, да побара средствата на инвестициската сметка да бидат пренесени на ВЕИ на друг фонд од истото друштво за управување со инвестициски фондови (пренос на средства).
(2) За пренос на средствата се пресметуваат трошоци за пренос, според ценовникот кој важи при секое барање за пренос.
(3) Преносот на средства се врши на пресметковниот ден, во месецот по приемот на писменото барање, кое мора да биде врачено до осигурувачот најмалку 8 (осум) дена пред крајот на месецот. Во спротивен случај, преносот на средства се врши на пресметковниот ден следниот месец по приемот на барањето.
Член 13: ПОСЛЕДИЦИ ПОРАДИ НЕПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈАТА
(1) Во случај кога премијата за тековниот месец не е платена, осигурувачот пресметува премија од вредноста на неговата инвестициска сметка за дополнителните осигурувања и премија за осигурување во случај на смрт, провизија за управување и трошоци за водење на инвестициската сметка на начин дефиниран во член 10, став 3. Намалувањето на единиците имот од инвестициската сметка на осигурувачот се врши во пропорционален дел со вредноста на имотот, врзан со поединечниот фонд.
(2) Ако премијата не е платена два месеци по достасувањето за наплата, осигурувачот може да го повика договарачот тој да ја плати премијата. Ако на барањето на осигурувачот, кое мора да му биде врачено со препорачано писмо, договарачот не ја плати достасаната премија за плаќање во рокот кој е одреден во писмото, а кој не смее да биде пократок од еден месец сметано од денот кога барањето му било врачено, а тоа не го стори ниту некое друго заинтересирано лице, осигурувачот може – ако дотогаш биле платени премии најмалку за две полни години – да му каже на договарачот дека осигурувањето е конвертирано во осигурување без понатамошно плаќање на премијата (капитализација), а во
спротивно го раскинува Договорот. Осигурувачот не ги враќа премиите кои биле платени до раскинувањето на Договорот.
(3) Во случај на капитализација, осигуреникот е осигурен во висина на вредноста на имотот на инвестициската сметка за случај на смрт и доживување, а дополнителните осигурувања кои се приклучени кон основното осигурување престануваат да важат.
Член 14: РЕВАЛОРИЗАЦИЈА
(1) Договарачот може секоја година да врши ревалоризација на премијата и загарантираната сума во висина на зголемување на индексот на трошоците за живот во државите на Економската и монетарна унија на Европската Унија (ЕМУ), објавени на страната на Европската централна банка (ЕЦБ) за периодот на тековната календарска година.
Ревалоризацијата се прави само ако на денот кога се прави пресметката е помината барем една година од почетокот на осигурувањето.
На ист начин се врши ревалоризација на премијата и осигурената сума на дополнителните осигурувања, освен дополнителното осигурување за тешки болести и повреди со постојана осигурена сума, каде согласно методите на актуарската математика, без дополнителни услови се врши прием во осигурување во согласност со зголемување на премијата на новопресметаната осигурена сума, при што се зема предвид останатото време за плаќање на премијата и тогашната старост на осигуреникот.
(2) За промена на висината на премијата, сумата на осигурување, како и сумата на осигурување за дополнителни осигурувања, осигурувачот писмено го известува договарачот. Договарачот може ревалоризацијата писмено да ја одбие во рокот кој е наведен во извештајот.
Член 15: МИРУВАЊЕ НА ПЛАЌАЊЕТО НА ПРЕМИЈАТА
(1) Договарачот кој ги исполнува условите од член 17, став 1 од овие Услови, може за споменатиот период да го оствари правото за мирување на плаќањето на премијата (во продолжение: мирување).
(2) Договарачот го остварува правото од претходниот став врз основа на писмено барање, кое го поднесува до осигурувачот. Во барањето за мирување договарачот мора да ги наведе причините за ослободување од плаќање на премијата, како и саканиот период на траење на мирувањето.
(3) Мирувањето може непрекинато да трае најмногу една година. Договарачот може да бара мирување за времетраење на осигурувањето најмногу двапати. Договарачот може да побара мирување по втор пат ако од претходното мирување поминале барем две години и ако во тој период договарачот редовно ја плаќал премијата за осигурување.
(4) Во текот на мирувањето, обврската на осигурувачот е во висина на капитализираниот износ на осигурената сума, одреден во согласност со член 13, став 3 од овие Општи услови. Во времето на мирување осигурувачот не гарантира за исплата на име дополнителни осигурувања.
(5) Триесет дена пред истекот на договорениот период на мирување, осигурувачот го повикува договарачот да продолжи со плаќањето на премијата. Ако договарачот по истекот на мирувањето не ги подмири првите премии достасани за наплата, осигурувачот се однесува во согласност со член 13 од овие Општи услови.
(6) Осигурувачот има право без образложение да го отфрли барањето за мирување.
Член 16: ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ОСИГУРЕНАТА СУМА
(1) Договарачот и осигурувачот можат да се договорат осигурената сума за основното осигурување да се зголеми, и тоа под услов договарачот да ја плати соодветно повисоката премија.
(2) Осигурената сума може без утврдување на здравствената состојба на осигуреникот да се зголеми најмногу за толку за новата осигурена сума да не биде двојно поголема од основната осигурена сума договорена при склучување на осигурувањето.
(3) Договарачот го остварува правото на зголемување на осигурената сума врз основа на писмено барање кое го поднесува до осигурувачот. Во барањето за зголемување договарачот мора да ги наведе причините поради кои бара зголемување и да поднесе соодветни докази.
(4) Зголемување на осигурената сума договарачот може да побара во следните случаи:
1) раѓање на дете на договарачот или осигуреникот;
2) склучување на брак на договарачот или осигуреникот, односно докажано постоење на вонбрачна зедница;
3) подигање на долгорочен кредит за купување на недвижен имот на осигуреникот. Во тој случај договарачот бара зголемување на осигурената сума во висина на разликата помеѓу земениот кредит и осигурената сума за случај на смрт во моментот на барањето, при што зголемувањето не може да биде поголемо од она што е дефинирано во став 2 на овој член;
4) ако договарачот или осигуреникот во времето на траење на осигурувањето заврши со школување или студирање, односно се стекне со повисоко образование, стручен или научен назив.
(5) Договарачот е должен да го поднесе барањето за зголемување на осигурената сума најдоцна во рок од три месеци од остварувањето на случајот од став 4 на овој член. По истекот на рокот од 3 месеци, договарачот нема право на зголемување.
(6) Ако осигуреникот во првата година по зголемувањето на осигурената сума умре поради болест, односно изврши самоубиство, осигурувачот ја исплаќа со договор утврдената осигурена сума договорена пред зголемувањето.
Член 17: ОТКУП НА ОСИГУРУВАЊЕТО
(1) По барање на договарачот, осигурувачот мора да ја исплати откупната вредност на полисата за инвестициско осигурување на живот ако Договорот не бил раскинат и ако од почетокот на осигурувањето до откупот поминале две години и ако премиите се платени за најмалку две години.
(2) Откупната вредност на полисата се пресметува на пресметковниот ден во месецот по приемот на писменото барање, коешто мора да биде доставено до осигурувачот најмалку 8 (осум) дена пред крајот на месецот. Во спротивно, откупната вредност на средствата се пресметува на пресметковниот ден следниот месец по приемот на барањето.
(3) Откупната ВЕИ на инвестициската сметка е различна за почетните единици и редовните единици, и тоа:
1) откупната вредност на почетните единици имот е еднаква на производот од ВЕИ на поединечниот фонд и откупниот фактор, кој може да се види во табелата за откупни фактори;
2) откупната вредност на редовните единици имот (сите единици имот, освен почетните единици имот) е еднаква на ВЕИ на поединечниот фонд.
(4) Откуп на осигурувањето според став 1 на овој член може да се бара во следните случаи:
1) иселување од Република Северна Македонија;
2) смрт на корисникот или на член од потесното семејство;
3) стопроцентна трајна инвалидност или загуба на деловната способност, или потешка болест на осигуреникот;
4) развод на бракот при заемното осигурување на брачните другари, односно престанок на вонбрачната заедница;
5) непрекината невработеност на договарачот за период подолг од три месеци и
6) ако околностите при склучувањето на Договорот се промениле така што поради тоа повеќе нема смисла тој да продолжи.
(5) Откуп на осигурувањето не е можен ако договарачот е ослободен од плаќање на понатамошните осигурителни премии.
(6) Правата на откуп не можат да ги остварат доверителите на договарачот, ниту пак корисникот. Осигурувачот откупната вредност му ја исплаќа на корисникот, ако одредувањето на корисникот е неотповикливо.
(7) Обврската на осигурувачот при откупот на осигурувањето престанува во 24:00 часот на денот на пресметување на откупната вредност.
Член 18: АВАНС
(1) Ако договарачот ги исполнува условите од член 17, став 1 и ако вредноста на редовните единици имот на инвестициската сметка го надминува износот на најниската исплата на аванс, која се одредува согласно важечката тарифа на премии на осигурувачот, договарачот може да побара исплата на аванс.
(2) Во случај на аванс, во првите петнаесет години од почетокот на осигурувањето се исплаќа дел од вредноста на имотот на инвестициската сметка, и тоа во висина до 90 % од вредноста на редовните единици имот. По истекот на петнаесет години од почетокот на осигурувањето, може да се исплати до 100 % од вредноста на редовните единици имот. Осигурувачот не исплаќа аванс за почетните единици (единици стекнати врз основ на уплатените премии за првите 24 месеци).
(3) Вредноста на исплатата се одредува на пресметковниот ден во месецот, по приемот на писменото барање, кое мора да биде врачено до осигурувачот најмалку 8 (осум) дена пред крајот на месецот. Во спротивен случај, вредноста на авансот се пресметува на пресметковниот ден следниот месец по приемот на барањето. Xxxxxxx договарачот може подоцна да го врати.
(4) Во случај на аванс, загарантираната осигурена сума се намалува за износот на исплатата. Исплаќањето на xxxxxxx, како и враќањето на xxxxxxx, не влијаат врз обврската за плаќање на премијата.
(5) Договарачот може повторно да побара исплата на аванс само ако од претходниот аванс изминале најмалку две години, а во меѓувреме тој редовно плаќал премија.
Член 19: ОБНОВА НА ОСИГУРУВАЊЕТО
(1) Осигурувањето кое престанало да важи според член 13, став 2 од овие Општи услови, односно е капитализирано, може да се обнови по писмено барање на договарачот.
(2) Обврската на осигурувачот при обновеното осигурување започнува во 24:00 часот оној ден кога осигурувачот писмено потврдил дека го прифаќа барањето за обновување, под услов да се платени сите премии што до тој ден се достасани за наплата и ако здравствената состојба на осигуреникот е добра за прием во осигурување. Одлуката за приемот или отфрлањето на барањето на обновување осигурувачот мора да му ја достави на договарачот во рок од 8 (осум) дена од денот кога го примил таквото барање, односно во рок од 8 дена од денот кога е исполнет и последниот услов за обновување. Ако осигурувачот во тој рок не го извести
договарачот дека го отфрлил барањето за обновување, се смета дека тоа е прифатено.
(3) Ако осигуреникот умре во првата година по обновувањето на осигурувањето поради некоја болест која ја имал при поднесувањето на барањето за обновување на осигурувањето, а тогаш не ја кажал, осигурувачот намалената осигурена сума во смисла на член 13, став 1 од овие Општи услови е должен да ја исплати само доколку премијата пред обновувањето на осигурувањето била платена најмалку за две години. Ако премијата не била платена за две години, осигурувачот нема никакви обврски.
(4) Ако договарачот бара обновување на осигурувањето во рок од 3 (три) месеци по престанокот на осигурувањето, осигурувачот мора да го прифати барањето за обновување без оглед на здравствената состојба на осигуреникот. Во овој случај одредбите од став 2 и став 3 од овој член не важат.
(5) Осигурувачот ја исплаќа само откупната вредност на имотот на инвестициската сметка на договарачот ако осигуреникот во првата година по обновувањето на осигурувањето изврши самоубиство.
Член 20: РАСПОЛАГАЊЕ СО ПРАВАТА ОД ОСИГУРУВАЊЕТО
(1) Сè додека не настапи осигурен случај, на договарачот му припаѓаат сите права од осигурувањето, освен ако договарачот се откажал од правото на промена на корисникот.
(2) Сите дадени изјави и одлуки од страна на договарачот се задолжителни за осигурувачот само доколку му се доставени пред да настапи осигурениот случај.
(3) Ако корисникот умре пред настанувањето на осигурениот случај, осигурената сума му припаѓа на следниот корисник, а ако тој не е одреден, на имотот на договарачот.
(4) Ако осигурувањето се однесува на животот на некој друг, за одредување на корисникот е потребна и негова писмена согласност.
Член 21: ИСПЛАЌАЊА СПОРЕД ДОГОВОРОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
(1) Лицето кое бара исплаќање според Договорот за инвестициско осигурување на живот, кога ќе настане предвидениот случај со Договорот, мора за тоа веднаш писмено да го извести осигурувачот и што е можно побрзо на свој трошок да ги набави и поднесе следниве документи:
1) xxxxxx и доказ за последно плаќање на премијата;
2) извод од матичната книга на умрените, ако се работи за смрт, односно доказ за доживување, ако се работи за доживување;
3) документ од кој се очигледни податоците за раѓање на осигуреникот, ако тие не биле претходно поднесени;
4) доказ дека има право да бара исплата, ако тоа не е веќе очигледно од полисата;
5) осигурувачот може да бара и дополнителни докази кои се потребни за утврдување на правото на исплата.
(2) Вредноста на имотот на инвестициската сметка на договарачот, при доживување, се пресметува на пресметковниот ден во месецот, а пред истекот на осигурувањето.
(3) Во случај на смрт на осигуреникот, осигурувачот ја исплаќа загарантираната осигурена сума, односно вредноста на имотот на инвестициската сметка на договарачот, ако таа ја надминува загарантираната осигурена сума. Вредноста на имотот на инвестициската сметка се пресметува на пресметковниот ден, по приемот на доказите за постоење и висина на обврските на осигурувачот.
(4) Ако не е поинаку одредено, осигурувачот мора својата обврска да ја исполни во рок од 14 дена од денот кога ги добил сите докази за постоење на осигурен случај и истовремено е позната висината
на обврските на осигурувачот. Рокот започнува да тече од приложувањето на последниот доказ за остварување на правото.
(5) Ако сумата на осигурување е договорена во друга валута, исплатата се врши во денари, при што противвредноста се пресметува на денот на исплата по средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија.
Член 22: ДОПОЛНИТЕЛНИ ОСИГУРУВАЊА
(1) Кон основното осигурување можат да се приклучат и дополнителните осигурувања, кои се регулираат со Општите и Посебни услови за тој тип на осигурување, или со посебни одредби на осигурување. Притоа важат следните ограничувања:
1) дополнителните осигурувања престануваат да важат во моментот кога престанува основното осигурување, односно можат да престанат да важат и пред истекот на основното осигурување ако осигуреникот стане деловно неспособно лице или кај него настапи 100-процентна инвалидност, односно ако договарачот е ослободен од плаќањето на следните премии од основното осигурување;
2) премијата за основното осигурување и за дополнителните осигурувања е неделива. За плаќање на премијата и за последиците од неплаќање на премијата на дополнителните осигурувања важат одредбите од овие Општи услови;
3) во случај на подоцнежно приклучување на дополнителното осигурување, на осигурувачот му припаѓа осигурителна премија од приклучувањето на тоа осигурување па натаму.
(2) За дополнителните осигурувања кои се приклучени кон основното осигурување на живот не важат одредбите од член 15 (мирување на осигурувањето), член 16 (зголемување на осигурената сума), член 17 (откуп на осигурувањето) и член 18 (аванс) од овие Општи услови. Исто така, осигурувачот нема обврски од член 13, став 2 (капитализација) од овие Општи услови, без оглед на времето за кое биле платени премиите, а може во согласност со член 13, став 2 и да отстапи од Договорот.
Член 23: УСЛУГИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
(1) Договарачот се обврзува за сите услуги кои посебно ги бара од осигурувачот, како што се промена на осигурувањето, издавање на дупликат од полисата, заложување на осигурителната полиса и друго, да плати однапред според важечкиот ценовникот во моментот на промената.
(2) Договарачот е должен да го пријави кај осигурувачот исчезнувањето на полисата веднаш откако дознал дека таа исчезнала и да го објави нејзиното исчезнување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
(3) Осигурувачот ја заменува изгубената полиса во рок од 15 дена од денот на објавувањето на нејзиното исчезнување во „Службен весник на Република Северна Македонија“, односно од денот на правосилноста на судското решение.
Член 24: ЗАСТАРУВАЊЕ НА БАРАЊАТА
(1) Побарувањата од договорите за осигурување на живот застаруваат во согласност со одредбите од Законот за облигациони односи.
Член 25: ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ
(1) Договарачот на осигурувањето – физичко лице, односно осигуреникот, му дозволува на осигурувачот, согласно прописите што го регулираат осигурувањето, правата на
потрошувачите и заштитата на личните податоци, да ги обработува неговите лични податоци од Договорот за осигурување во земјата и во странство. Осигуреникот му дозволува на осигурувачот за потребите за спроведување на Договорот за осигурување да собира и обработува податоци за неговата здравствена состојба во земјата и во странство, вклучувајќи во тоа и овластените лица на осигурувачот да ја обработуваат здравствената документација на осигуреникот, да ги доставуваат податоците до осигурувачот, како и да вршат проверка на точноста и промените на личните податоци во здравствените установи и кај други правни и физички лица кои располагаат со тие податоци.
(2) Договарачот на осигурувањето – физичко лице, односно осигуреникот, му дозволува на осигурувачот и на неговиот договорен обработувач на личните податоци, во согласност со прописите што ја регулираат заштитата на личните податоци, да ги користи личните податоци од првиот став на овој член само за потребите за спроведување на Договорот за осигурување. Договарачот на осигурувањето само со давање на изречна согласност може да му дозволи на осигурувачот, согласно со прописите што ја регулираат заштитата на личните податоци, да ги користи личните податоци од првиот став на овој член, освен податоците за здравствената состојба, во цели за обработка и непосреден маркетинг за себе и поврзани друштва во земјата и странство.
(3) Договарачот на осигурувањето – физичко лице, односно осигуреникот, може дозволата од претходниот став на овој член во секој момент бесплатно, трајно или привремено да ја отповика со писмено барање, пратено на адреса на осигурувачот.
(4) Личните податоци од став 1 и 2 од овој член, освен податоците за здравствената состојба, можат да ги обработуваат и овластени лица за застапување и посредување, како и договорните обработувачи на лични податоци.
(5) Осигурувачот ги чува личните податоци во согласност со прописите за заштита на личните податоци и интерните акти за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци.
Член 26: ВОНСУДСКО РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИТЕ
(1) Страните се согласни сите спорови што ќе произлезат од овој Договор да ги решаваат по мирен пат.
(2) Договарачот на осигурувањето и осигуреникот се согласни дека ќе го известат осигурувачот за сите спорни прашања, жалби и несогласувања кои произлегуваат од односот со него, и тоа без одложување. Известувањата во форма на приговор од овој став се доставуваат во писмен облик
од што со сигурност може да се утврди содржината на известувањето и времето на неговото праќање.
(1) Осигурувачот примениот приговор од став 2 на овој член ќе го проследи до Комисијата за приговори. Комисијата за приговори е должна да донесе одлука по приговор во писмен облик без одложување, но најдоцна во рок од 30 дена од денот на прием на приговорот.
(2) Против одлуката донесена по приговор од страна на Комисијата до осигурувачот може да се поднесе жалба, односно претставка до органот надлежен за вршење надзор над осигурувачот – Агенцијата за супервизија на осигурување.
Член 27: НАДЗОР НАД ДРУШТВОТО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
(1) Надзорно тело надлежно за надзор на осигурителното друштво е Агенцијата за супервизија на осигурување.
Член 28: ИЗЈАВА ЗА ИНФОРМИРАНОСТ
(1) Договарачот на осигурувањето/осигуреникот (или двајцата осигуреници кај заемното осигурување) со потписот на понудата изречно потврдуваат дека при склучувањето на Договорот за осигурување писмено се известени од страна на осигурувачот за сите податоци согласно членовите 49 и 50 од Законот за супервизија во осигурувањето и дека пред склучувањето на осигурувањето им е оставено разумно време за донесување на конечна одлука за склучување на Договорот за осигурување. Согласно ова, договарачот/осигуреникот (или двајцата осигуреници кај заемното осигурување) со потписот на понудата потврдуваат дека се известени и за правото за поднесување на жалба.
Член 29: ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
(1) Во случај на судски спор, надлежен е стварно и месно надлежниот суд на Република Северна Македонија, во седиштето на осигурувачот.
(2) За односите меѓу осигурувачот и договарачот кои не се уредени со овие Општи услови се применуваат позитивните законски одредби.
(3) Осигурувачот ќе го известува договарачот за сите промени во согласност со законските прописи.
(4) Осигурувачот не дава осигурително покритие, односно не ја покрива одговорноста на осигуреникот за настанатата штета или не исплаќа какви било други поволности, без оглед на Договорот за осигурување, доколку таквата исплата или плаќањето на каква било друга поволност би го изложила осигурувачот на некакви санкции, забрани или ограничувања врз основа на резолуциите на Обединетите нации или на трговски или економски санкции, на кршење на законите или прописите на Европската Унија, Обединетото Кралство или САД.
(5) Договарачот е должен без одлагање да го извести осигурувачот за секоја промена на своето име или презиме, односно назив на фирмата доколку договарачот е правно лице, како и за адресата на фактичкото живеалиште, односно седиште на фирмата, доколку договарачот е правно лице.
(6) Овие Општи услови влегуваат во сила од моментот на нивното усвојување.