Contract
Друштво за осигурување
ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје
УСЛОВИ
ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ПРАВНА ЗАШТИТА
Февруари 2022 година
I ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Овие Услови се применуваат за осигурување на правна заштита и ги покрива трошоците за правна помош и судски спорови.
ЗНАЧЕЊЕ НА ОДДЕЛНИ ИЗРАЗИ
Член 2
Одделните изрази во овие услови ги имаат следните значења:
1. ОСИГУРУВАЧ - Друштво за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје
2. ДОГОВОРУВАЧ НА ОСИГУРУВАЊЕ - лице коешто со осигурувачот го склучува договорот за осигурување;
3. ОСИГУРЕНИК - лице чијашто одговорност е покриена со осигурувањето;
4. ТРЕТО ЛИЦЕ - лице кое не е субјект на договорот за осигурување,односно лице чија одговорност не е покриена со осигурувањето како и работник на осигуреникот;
5. СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ - највисок износ на обврската на осигурувачот за секој осигурен случај.
6. ПРЕМИЈА - износ што се плаќа за осигурување врз основа на договорот за осигурување;
7. ПОЛИСА - исправа на договорот за осигурување;
8. ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ - иден неизвесен и независен од исклучивата волја на осигуреникот штетен настан кој има за последица настанување на штета, за која надомест може да бара трето оштетено лице;
9. ИЗВОР НА ОПАСНОСТИ - дејност (занимање), ствари (подвижни и неподвижни), правен однос или одредено својство од кои може да настане одговорност кон трети лица како ризик покриен со ова осигурување.
II ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ
ПРЕДМЕТ НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 3
(1) Предмет на осигурување според овие услови е давање правна помош во судска и вонсудска постапка на осигуреникот.
(2) Вештачење и одредување на висината на предизвиканата штета. (3)
1. Истражување на одговорноста на осигуреникот за настанатата штета;
2. Водење на спорот во име на осигуреникот ако оштетениот го остварува правото на надомест на штета во парнична постапка;
3. Давање на сите изјави во име на осигуреникот кои ги смета за целисходни за задоволување или одбрана од неосновани или претерани барања за надомест на штета.
ПРАВНА ПОМОШ
Член 4
(1) Осигурувачот може да го довери водењето на спорот на осигуреникот кој во таков случај е должен да се придржува на упатствата и налозите на осигурувачот во врска со водењето на парницата.
(2) Осигурувачот може да го преземе водењето на парница или да стапи на место на осигуреникот или да учествува во парницата во својство на замешувач.
(3) Осигурувачот е овластен да одбие да води парница или да го препушти водењето на парницата на осигуреникот, ако оцени дека нема место за пружање на правна заштита со оглед на односот на висината на барањето за надомест на штета и висината на осигурената сума.
(4) Во случај осигурувачот на име на надомест на штета да ја исплати осигурената сума пред поведување на парница , престанува и неговата обврска за правна заштита.
ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Член 5
(1) Осигурен случај е иден, неизвесен и независен од исклучивата волја на осигуреникот, штетен настан, врз основа на кој трето оштетено лице би можело да бара надомест на штета.
Се смета дека осигурениот случај настанал оној момент кога таквиот настан почнал да се остварува.
(2) Како еден осигурен случај се сметаат и повеќе временски поврзани штети ако се тие последица на иста причина.
ВРЕМЕНСКО ВАЖЕЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 6
Осигурувачот е во обврска само тогаш ако осигурениот случај настане за време на важење на осигурувањето.
СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 7
(1) Сума на осигурување е горната граница на обврските на осигурувачот по еден осигурен случај, утврдена во тарифата.
(2) Сумата на осигурувањето, зависно од тоа како е договорено, може да се однесува само на еден од ризиците чл.3 од овие Услови или единствена сума на осигурување без оглед на видот на штетата.
(3) По настанувањето на осигурениот случај и исплата на оштетата осигурувањето останува и понатаму на сила во висина на сумата на осигурување од полисата.
РЕГРЕС
Член 8
Осигурувачот го задржува правот на регрес од осигуреникот, во случај кога дополнително ќе се утврди дека штетата е предизвикана со намера, измама или грубо невнимание, а за која од страна на осигуреникот не му се презентирани на осигурувачот точни и вистинити податоци, односно докази при обработката на барањето и надоместот на штета.
ПОЧЕТОК И ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ОБВРСКАТА НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 9
[1] Доколку не е поинаку договорено, осигурителното покритие од Договорот за осигурување започнува по истекот на 24 часот на денот што во полисата за осигурување е означен како почеток
на траење на осигурувањето, под услов до тој ден да е платена договорената премија или првата рата на премијата, а во спротивно, по истекот на 24 часот од денот кога премијата еплатена.
[2] Осигурителното покритие престанува по истекот на 24 часот на денот означен во полисата на осигурување како ден кога истекува осигурувањето.
[3] Осигурувањето се склучува за период од една (1) година, доколку не е поинаку договорено.
[4] Ако полисата за осигурување содржи само почеток на осигурувањето, Договорот за осигурување се продолжува од година во година, сè додека една од договорните страни не го откаже најмалку 3 месеци пред доспевањето на премијата.
[5] со исцрпување на агрегатот предвиден во тарифата.
ФОРМА НА ДОГОВОРОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ И НАЧИН НА ИЗВЕСТУВАЊЕ
Член 10
[1] Документацијата кон Договорот за осигурување и во врска со Договорот за осигурување мора да биде на македонски јазик и во пишана форма, или во договорена електронска форма, и стапува на сила од денот на прием.
[2] Сите известувања и изјави што треба да се дадат според одредбите на Договорот за осигурување мора да бидат во писмена форма.
[3] Како ден на прием се смета следниот работен ден после препорачано предадената пратка, пратена на последната дадена адреса од страна на примачот.
ИЗМЕНА НА НАЗИВОТ ИЛИ АДРЕСАТА (ФИРМА)
Член 11
(1) Договорувачот на осигурувањето, односно осигуреникот е должен за измените на името, називот или адресата, да го извести осигурувачот во рок од 15 дена од денот на настанувањето на промената.
(2) Ако договорувачот на осигурувањето, односно осигуреникот не го извести осигурувачот за промените од претходниот став, за полноважност на известувањата што ги испраќа осигурувачот, доволно е ако му упати на договорувачот на осигурувањето, односно осигуреникот препорачано писмо според последните податоци за адресата на станот, деловните простории, односно имињата и називите со кои располага. Известувањето станува полноважно на денот кога осигурувачот го примил истото.
ИЗМЕНИ НА УСЛОВИТЕ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ И ТАРИФАТА НА ПРЕМИИ
Член 12
[1] Ако осигурувачот ги промени условите за осигурување или тарифата на премии, треба да го извести договарачот на осигурувањето барем 60 дена пред почетокот на тековната година на осигурување.
[2] Договарачот на осигурувањето има право 60 дена по приемот на известувањето да го откаже Договорот за осигурување. Договорот престанува да важи со завршувањето на тековната година на осигурување.
[3] Ако договарачот на осигурувањето не го откаже Договорот за осигурување во рокот утврден во став 2 на овој член, следната година тој се менува согласно со новите услови за осигурување и тарифата на премии
ВАЖНОСТ НА ОПШТИТЕ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ИМОТИ
Член 13
На осигурувањата склучени според овие Услови се применуваат и Општите услови за осигурување на имоти до колку не се во спротивност со овие Услови.
ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
член 14 Информации во врска со обработка на лични податоци
[1] Идентитет и контакт на податоците на контролорот и офицерот за заштита на личните податоци: Контролор: Друштво за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје, Седиште во Скопје на ул. Мајка Тереза бр.1 влез 2, e-mail: xxxx@xxxxxxxxxxxxx.xxx.xx, Офицер за заштита на личните податоци: xxx@xxxxxxxxxxxxx.xxx.xx. Дополнителни податоци за офицерот за заштита на личните податоци може да најдете на интернет страницата на Друштвото xxx.xxxxxxxxxxxxx.xxx.xx.
член 15 Обработка и заштита на личните податоци
[1] Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје врши обработка (собирање, евидентирање, организирање, чување итн.) на лични податоци на осигуреници, договорувачи на осигурување, нивните законски застапници или полномошници во согласност со одредбите на Законот за заштита на лични податоци и другите релеванти позитивни законски прописи, применувајќи соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на безбедност на личните податоци. Собраните лични податоци се дел од збирките на лични податоци на Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје, а Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје во својство на контролор на личните податоци, истите ги користи согласно основните начела за обработка на лични податоци дефинирани во Законот за заштита на личните податоци.
член 15-а Правен основ за обработката на личните податоци
[1] Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје обработува лични податоци кои се неопходни при склучување на договорите за осигурување (полиси), врз основа на член 109 од Законот за супервизија на осигурување, а во согласност со Законот за заштита на личните податоци.
[2] Личните податоци се неопходни за обработка од страна Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје со цел исполнување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за осигурување, односно обработката на истите претставува основа за оценување на осигурително покритие и степен на оштета.
член 15-б Цели за обработката на личните податоци
[1] Личните податоци (телефонски број и електронска адреса – e-mail), Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ги обработува со цел остварување на контакт заради ефикасно остварување на права и обврските кои произлегуваат од договорите за осигурување (полиси). Овие податоци за цели доставување на рекламни материјали, промоции, понуди како и за други цели на директен маркетинг од страна на Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ќе бидат искористени само доколку имате дадено согласност, преку одбирање на соодветната опција за согласност. [2] Со цел водење на постапка за надомест на штета и воспоставување на бази на податоци за настанати штети, оценување на осигурително покритие и степен на оштета Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје обработува и копии од документи во кои се содржани и лични податоци. [3] Личните податоци од став 1 и став 2 на овој член Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ги обработува само врз основа на претходна согласност од субјектот на личните податоци, а недавањето на согласност за обработка на овие податоци може да има за последица несоодветно оценување на осигурително покритие или степен на оштета или пак неисплаќање на оштетно барање. [4] Согласноста за обработка на личните податоци од ставот 3 на овој член може да се повлече во секое време преку доставување на известување за повлекување на согласност по пошта на следната адреса: ул. Мајка Тереза бр.2, 1000 Скопје, со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxx@xxxxxxxxxxxxx.xxx.xx. Со повлекување на согласноста за обработка на лични податоци Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ќе прекине со понатамошна обработка на личните податоци и истите ќе ги
избрише од базите на податоци со што можат да настанат последици наведени во став 3 од овој член.
член 15-в Рокови на чување на лични податоци
[1] Личните податоци, Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ги чува во рок за цело времетраење на договорниот облигационен однос, односно најмногу до 10 години по истекот на договорот за осигурување или во случај на настанување на штета, 10 години по затворањето на случајот на настанување на штетата, односно од денот на целосната исплата на надоместокот за настаната штета согласно член 109 став 8 од Законот за супервизија на осигурување. [2] По истекот на роковите од став 1 на овој член личните податоци ќе бидат избришани/уништени од базите на податоци на Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје и истите нема да се обработуваат за други цели.
член 15-г Права на субјектите на личните податоци
[1] Остварување на правата кои произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци (право на пристап, корекција, бришење, ограничување на обработката на лични податоци, приговор и преносливост), се врши преку доставување на барање на електронската адреса на офицерот за заштита на лични податоци: xxx@xxxxxxxxxxxxx.xxx.xx. На истата електронска адреса може да се достави барање во врска со сите прашања поврзани со обработката на личните податоци. [2] Доколку субјектот на лични податоци смета дека обработката на личните податоци за целите наведени во член 35-б, од страна на Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје не е во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци, или пак смета дека е повредено некое право за заштита на личните податоци, има право да поднесе барање за утврдување на прекршување на прописите за заштита на личните податоци до Агенцијата за заштита на личните податоци како надлежен орган за вршење на надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци на територијата на Република Северна Македонија.
член 15-д Пренос на личните податоци
[1] Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје може да изврши пренос на лични податоци во земји членки на Европската Унија, земји членки на Европскиот економски простор и трети земји. За вршење на преносот на лични податоци во земји членки на Европската унија и Европскиот економски простори се известува Агенцијата за заштита на личните податоци, а преносот на лични податоци во трети земји се врши по претходно добиено одобрени од страна на Агенцијата за заштита на личните податоци. При вршење на преносот на личните податоци се обезбедува високо ниво на технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци. Исто така, се обезбедуваат сите неопходни заштитни мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци преку стандардни клаузули за заштита на личните податоци кои се одобрени и објавени од страна на Европската комисија. Сите дополнителни информации во однос на заштитните мерки може да се добијат со поднесување на барање до по пошта на следната адреса: ул. Мајка Тереза бр.1 влез 2 со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxx@xxxxxxxxxxxxx.xxx.xx.
член 15-ѓ Обработка на лични податоци за цели на директен маркетинг
[1] Личните податоци за цели на директен маркетинг, Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ги обработува само врз основа на експлицитна согласност за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг за своите услуги. [2] Согласноста за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг може да се повлече во секое време, бесплатно, со писмено барање (доставено на следната електронска адреса: xxx@xxxxxxxxxxxxx.xxx.xx или по пошта до Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје, ул. Мајка Тереза бр.1 влез 2, 1000 Скопје, со назнака “До Офицерот за заштита на лични податоци”).
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
член 16
[1] За односите од договорот за осигурување се применува правото на Република Северна Македонија.
[2] За односите меѓу осигурувачот, договарачот и осигуреникот кои не се договорени во договорот за осигурување, се применува Законот за облигациони односи.
Постапка по приговори
Во случај осигурувачот и осигуреникот да не се согласат по однос на обемот и висината на штетата, осигуреникот има право на приговор во рок од 8 дена од приемот на писменото известување од осигурувачот, до Второстепената комисија за решавање на штети по приговор, која е должна во рок од 30 дена да одговори по приговорот.
Постапка по жалба
Договорувачот, односно осигуреникот во однос на работењето на Друштвото има право на жалба до Агенцијата за супервизија на осигурување како орган надлежен орган за супервизија на друштвата за осигуруавање.
Решавање на спорови
Евентуалните спорови кои би произлегле од договорот за осигурување, договорните страни ќе ги решаваат спогодбено, а доколку до спогодба не дојде надлежен е Основен суд Скопје 2 Скопје.
Овие Услови се донесени врз основа на Овластување на Oдборот на директори на Друштво за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје дадено на својата редовна седница на 15.11.2021 година со Одлука бр.0203-09/08 и ќе се применуваат од 23.02.2022 година.
Главен извршен директор
Суат Инан
Извршен Директор Xxxxxx Xxxxxxxx