2] Осигурување на живот со штедење е комбинација на штедење и осигурување за случај на смрт нa едно или две осигурени лица (заемно осигурување). Намената на осигурувањето е на корисникот, односно корисниците за времетраење на осигурувањето да им се...
Триглав Осигурување Живот АД, Скопје
бул. 8-ми Септември бр. 16 1000 Скопје
ПГ-З-ЗЗВ 17-10
Општи услови за осигурување на живот со штедење
член 1: општи одредби
[1] Општите услови за осигурување на живот со штедење (во натамошниот текст: Општи услови) се составен дел на договорот за осигурување на живот со штедење, кој е склучен меѓу договарачот на осигурување (во натамошниот текст: договарач) и Триглав Осигурување Живот АД, Скопје (во натамошниот текст: осигурувач).
[2] Осигурување на живот со штедење е комбинација на штедење и осигурување за случај на смрт нa едно или две осигурени лица (заемно осигурување). Намената на осигурувањето е на корисникот, односно корисниците за времетраење на осигурувањето да им се обезбеди осигурена сума во еднократен износ или на рати.
[3] Со договорот за осигурување на живот со штедење договарачот се обврзува на осигурувачот да му плати одредени парични средства (премии), а осигурувачот се обврзува дека при настанувањето на осигурен случај ќе ги исполни обврските утврдени во договорот за осигурување.
[4] Изразите наведени во овие Општи услови ги имаат следниве значења:
- осигурувач е Триглав Осигурување Живот АД, Скопје;
- осигуреник е лице на кое се однесува осигурувањето и од чие доживување или смрт зависи исплатата на осигурената сума;
- понудувач е лице кое сака да склучи договор за осигурување и за таа цел поднесува писмена понуда до осигурувачот;
- договарач е физичко или правно лице, кое склучува договор за осигурување со осигурувачот;
- корисник е лице во чија корист се склучува осигурувањето и на кое му се врши исплата на осигурената сума за договорениот осигурен случај;
- полиса е исправа за склучен договор за осигурување на живот;
- премија е износот кој договарачот е должен да му го плати на осигурувачот врз основа на договорот за осигурување на живот;
- осигурен случај е иден, неизвесен настан независен од исклучивата волја на договарачот, кој може да предизвика штета и кој припаѓа во ризиците што осигурувачот ги покрива со својата дејност;
- сума на осигурување или осигурена сума е договорна обврска на осигурувачот, која се исплаќа во еднократен износ или на рати;
- основно осигурување е склучен договор за осигурување на живот;
- дополнително осигурување е осигурување кое е склучено заедно со основното осигурување;
- математичка резерва е вид на техничка резерва која се пресметува и издвојува за подмирување на идните обврски по однос на долгорочните договори за осигурување на живот.
[5] Осигурување на живот со штедење може да се склучи со или без лекарски преглед.
[6] Со осигурување на живот може да се осигурат здрави лица, и тоа со наполнети 14 до наполнети 65 години старост. Осигурувањето во секој случај завршува во календарската година кога
осигуреникот ќе наполни 75 години старост. Лицата кои не се целосно здрави, како и лицата постари од 65 години може да се осигурат само со дополнителна процена на ризик и одлука на осигурувачот. Ништовно е осигурувањето за случај на смрт на лице помладо од 14 години, како и на лице целосно лишено од деловната способност.
[7] Односите меѓу договарачот и осигурувачот, како и сите нивни права и обврски се одредени во писмениот договор. Составни делови на договорот за осигурување на живот со штедење се: понудата заедно со дополнувањата и изјавите, полисата, овие Општи услови, Општите и Посебните услови за дополнителните осигурувања, можни посебни писмени изјави на договарачот, осигурениците и осигурувачот, како и други прилози и додатоци кон полисата.
[8] Сите договори важат само ако се договорени писмено и ако при склучувањето, односно при промената на осигурувањето е извршена лична идентификација. Сите изјави кои осигурувачот или договарачот ги поднесуваат еден на друг важат од моментот, односно денот на прием. Ако се праќаат по пошта, како ден на прием се смета денот кога препорачаното писмо било предадено во пошта. Сите промени кои за последица имаат промена на обврската на осигурувачот започнуваат да важат од првиот ден на следниот месец по приемот на барањето.
[9] Осигурувачот може за договорите склучени со комуникациски средства да одреди осигурувањето да биде склучено со самото плаќање на премијата.
член 2: понуда и полиса
[1] Договор за осигурување на живот со штедење се склучува врз основа на писмена понуда. Понудата за осигурување на живот со штедење се поднесува во писмена форма на образец на осигурувачот. Понудата ги содржи суштинските елементи за осигурувањето.
[2] Понудата мора да се пополни целосно, вистински и точно и во неа мора да се наведат сите факти значајни за преземањето на ризиците и за склучувањето на договорот.
[3] Понудата за склучување на договор за осигурување на живот со штедење, која била поднесена до осигурувачот, го обврзува осигурувачот да му одговори на понудувачот во рок од 8 дена од денот кога ја примил понудата, а ако е потребен лекарски преглед, во рок од триесет дена по приемот на целосната документација. Ако осигурувачот во тој рок не ја одбие понудата, за која понудувачот се обврзал согласно Закон, а која не отстапува од условите според кои тој го врши предложеното осигурување, се смета дека понудата е прифатена и дека договорот е склучен оној ден кога понудата пристигнала кај осигурувачот.
[4] Понудата е составен дел на договорот за осигурување на живот со штедење и таа мора да биде потпишана од двете страни. Ако договарачот и осигуреникот не се исто лице, за важност на договорот, на понудата е потребен и потпис на осигуреникот.
[5] Осигурувачот ја издава полисата во еден примерок, според податоците од понудата. Во полисата мораат да бидат наведени податоците за осигурувачот, договарачот, односно осигуреникот, со податоци за раѓање, осигурени опасности, почеток и времетраење на осигурувањето, сума на осигурување/осигурена
сума, премија, корисници, табелата за намалени осигурени суми и откупните вредности, датум на изработка на полисата и потпис на овластено лице од осигурувачот. Ако полисата суштински се разликува од понудата и другите писмени изјави на договарачот, тој може писмено да достави приговор во рок од еден месец од приемот на полисата. Ако тоа не го стори, содржината на полисата важи.
член 3: времетраење на осигурувањето
[1] Осигурувањето започнува секогаш во 00:00 часот првиот ден од месецот кој следи по месецот на склучување на договорот, доколку поинаку не е договорено. Денот, месецот и годината на почеток и истекување на осигурувањето се наведени во понудата и полисата. Обврската на осигурувачот започнува од денот кој е наведен како почеток на осигурувањето, ако дотогаш е уплатена првата премија или првата рата, односно еднократната премија.
[2] Ако првата премија не е платена до почетокот на осигурувањето, осигурувачот доделува привремена осигурителна гаранција, и тоа од почетокот на осигурувањето до последниот ден во месецот на почетокот на осигурувањето. Осигурувањето во секој случај престанува ако целата прва премија не е платена до истекот на гаранцијата. Во тој случај осигурувањето повторно започнува од 24:00 часот оној ден кога првата премија ќе биде платена во целост, под услов да не се влошила здравствената состојба на осигуреникот од потпишувањето на понудата.
[3] Осигурувањето истекува во 00:00 оној ден кој на полисата е наведен како ден за истекување на осигурувањето, или при смрт на осигуреникот, односно на едно од осигурените лица.
[4] Договарачот има право во рок од 30 дена од примањето на известувањето за склучување на договорот и полисата за осигурување да отстапи од договорот за осигурување. Отстапувањето мора да биде писмено и поднесено до осигурувачот до истекот на рокот, при што се смета дека е поднесено во рок ако е предадено препорачано во пошта до истекот на рокот. Осигурувачот има право да ги пресмета фактичките трошоци поврзани со отстапувањето од договорот, и тоа во висина одредена во важечкиот ценовник на денот на склучувањето на договорот, а има право и на враќање на трошоците за преглед на осигуреникот, кои осигурувачот и` ги платил на здравствената установа по цена важечка на денот на извршувањето на прегледот.
член 4: обврски на осигурувачот
[1] Осигурувачот се обврзува на корисникот одреден во полисата за осигурување да му ја исплати осигурената сума за доживување, ако осигуреникот или двете осигурени лица (кај заемното осигурување) го доживее/доживеат договорениот период на осигурување. Ако осигуреникот или едно од осигурените лица (кај заемното осигурување) умре/умрат во времетраењето на осигурувањето, осигурувачот се обврзува на корисникот да му исплати осигурена сума за смрт или нејзин дел веднаш по смртта на осигуреникот или на еден од осигурените лица (кај заемното осигурување). Корисникот може да побара износот да му биде исплатен на рати.
[2] Ако осигуреникот или едно од осигурените лица (кај заемното осигурување) при осигурувањето, склучено без лекарски преглед, умре во првите шест месеци од почетокот на гаранцијата, осигурувачот е должен на корисникот веднаш по смртта на осигуреникот или на едно од осигурените лица (кај заемното осигурување) да му исплати половина од осигурената сума за случај на смрт.
[3] Без оглед на одредбите од вториот став на овој член, осигурувачот ќе изврши исплата на целата осигурена сума:
1) ако осигурувањето е склучено со лекарски преглед;
2) во случај на смрт на осигуреникот или на едно од осигурените лица (кај заемното осигурување) поради несреќа, бременост или породување;
3) при новото осигурување, склучено без лекарски преглед, со почеток најдоцна три месеци по доживувањето на претходното осигурување кај осигурувачот.
член 5: ограничувања и исклучувањa на обврските на осигурувачот
[1] Осигурувачот не исплаќа осигурена сума ако осигуреникот се самоубие во првата година од важноста на осигурувањето.
[2] Осигурувачот нема да изврши исплата на осигурената сума, туку дотогаш собрана математичка резерва:
1) ако осигуреникот во втората или третата година од траењето на осигурувањето изврши самоубиство или се обиде да го изврши, без оглед на тоа кога умрел од неговите последици;
2) ако осигуреникот умре поради воени случувања.
[3] Осигурувачот не ја исплаќа осигурената сума, ако смртта на осигуреникот намерно ја предизвикал корисникот. Ако дотогаш премијата била платена најмалку за три години, осигурувачот му исплаќа математичка резерва на договарачот, односно на
неговиот наследник.
член 6: обврски на договарачот и последици од нивното неисполнување
[1] Договарачот при склучувањето на договорот е должен на осигурувачот да му ги пријави сите околности кои се важни за оценувањето на опасноста и кои му се познати или не можеле да му останат непознати. За важни се сметаат особено оние околности за кои осигурувачот писмено прашал во понудата.
[2] Ако договарачот намерно поднел неточна пријава или намерно премолчил некоја околност од таква природа што осигурувачот не би го склучил договорот ако знаел за вистинската состојба на работите, осигурувачот може да бара поништување на договорот или може да одбие да ја исплати осигурената сума ако осигуреникот умре пред осигурувачот да дознае за неточноста на пријавата. Во случај на поништување на договорот, осигурувачот ги задржува наплатените премии и има право да бара плаќање на премијата за периодот на осигурувањето во кој побарал поништување на договорот.
[3] Ако договарачот на осигурувањето поднел неточна пријава, или пропуштил да го даде должното известување, а тоа не го сторил намерно, осигурувачот може, по свој избор, во рок од еден месец од дознавањето за неточноста или нецелосноста на пријавата, да изјави дека го раскинува договорот или да предложи зголемување на премијата сразмерно со поголемиот ризик. Договорот престанува по истекот на 14 дена откога осигурувачот својата изјава за раскинување му ја соопштил на договарачот на осигурувањето, а во случај на предлог од осигурувачот премијата да се зголеми, раскинувањето настапува согласно Законот за облигациони односи, ако договарачот на осигурувањето не го прифати предлогот во рок од 14 дена откако го примил.
[4] Ако договорот се раскине според одредбата од третиот став на овој член, осигурувачот е должен да ја исплати само математичката резерва.
[5] Ако осигурениот случај настанал порано, пред да биде утврдена неточноста или непотполноста на пријавата, или пред пропуштањето на должното известување, или подоцна, но пред раскинувањето на договорот, односно пред постигнувањето на спогодба за зголемување на премијата, осигурената сума се намалува во сразмерност помеѓу висината на платените премии и висината на премии кои би морале да бидат платени според вистинската опасност.
член 7: премии и осигурени суми, како и плаќање на премијата
[1] Договарачот и осигурувачот во понудата ја одредуваат осигурената сума и премијата особено од аспект на избраните тарифи на премии, староста на осигуреникот, полот и периодот на осигурување, односно периодот на плаќање на премијата.
[2] Осигурувањетоможе да се склучи на тој начин што премијата ќесе плаќа на рати, или на начин премијата да се плати во еднократен износ при склучувањето на осигурувањето. Договорената премија се плаќа месечно однапред, и тоа на први во месецот во кој достасува за наплата. Договарачот и осигурувачот можат да се договорат и за поинаква динамика на плаќање на премијата. На осигурувачот му припаѓа премија до крајот на месецот во кој
настанал осигурениот случај. Ако договарачот доцни со плаќање на една или повеќе премии, со плаќањето на премијата најпрво се подмируваат премиите достасани за наплата. За неплатените премии осигурувачот има право на законска затезна камата.
[3] Кај осигурувањата каде е договорено плаќање на премијата во еднократен износ, осигурувачот при настанувањето на осигурен случај ја задржува целата платена премија, без оглед на одредбата од вториот став на овој член.
[4] Премијата може да се плати во банка или пошта, а по исклучок може да се плати и на овластен претставник на осигурувачот. Ако се плаќа во пошта или банка, се смета дека е платена кај осигурувачот во 24:00 оној ден кога во пошта или во банка е потврдено плаќањето. Договарачот е должен на осигурувачот да му плати премија, а осигурувачот е должен да ја прими премијата од секое лице, кое за тоа има правен интерес.
[5] Ако премијата е договорена во странска валута, таа се пресметува во денарска противвредност по средниот валутен курс на Народна банка на Република Македонија, кој важи осмиот ден пред да достаса премијата за наплата.
член 8: последици поради неплаќање на премијата
[1] Ако премијата не е платена два месеца по пристигнувањето за наплата, осигурувачот може да го повика договарачот да ја плати премијата. Ако на барањето на осигурувачот, кое мора да му биде врачено со препорачано писмо, договарачот не ја плати достасаната премија за плаќање во рокот кој е одреден во писмото, а кој не смее да биде пократок од еден месец сметано од тогаш кога барањето му било врачено, а тоа не го стори ниту тој ниту некое друго заинтересирано лице, осигурувачот може – ако дотогаш биле платени премии најмалку за две полни години, кај осигурувањата со период на осигурување заклучно до 12 години, односно најмалку за три полни години кај осигурувањата со период на осигурување од 13 до 25 години –да му каже на договарачот дека ја намалува договорената осигурена сума без понатамошно плаќање на премијата (капитализација), а во спротивно дека го раскинува договорот. Осигурувачот не ги враќа премиите кои биле платени до раскинувањето на договорот.
[2] Намалена осигурена сума во смисла на првиот став од овој член по методите на актуарската математика се пресметува на тој начин што математичката резерва, која одговара на платената премија, се смета како еднократна премија, врз основа на која потоа се пресметува намалената осигурена сума.
[3] Во случај на капитализација престануваат да важат дополнителните осигурувања, кои се приклучени кон основното осигурување на живот.
член 9: ревалоризација
[1] Договарачот може еднаш годишно да побара ревалоризација на премијата во висина на зголемување на индексот на трошоците за живот во државите на Економската и монетарна унија на Европската унија (ЕМУ), објавени на страната на Европската централна банка (ЕЦБ). Во согласност со зголемувањето на премијата на осигурување, согласно методите на актуарската математика, повторно се врши пресметка на осигурените суми. Ревалоризацијата се прави само ако на денот кога се прави пресметката, од почетокот на осигурување е помината барем една година и ако до истекот на договорениот период на осигурување се останати повеќе од пет години. Ревалоризацијата може да се прави на предлог на договарачот или на предлог на осигурувачот.
член 10: мирување на осигурувањето
[1] Договарачот кој ги исполнува условите од првиот став на член 12 од овие Услови може за споменатиот период да го оствари правото на мирување на плаќањето на премијата (во продолжение: мирување).
[2] Договарачот го остварува правото од претходниот став врз основа на писмено барање, кое го поднесува до осигурувачот. Во барањето за мирување договарачот мора да ги наведе причините за ослободување од плаќање на премијата, како и саканиот период на траење на мирувањето.
[3] Мирувањето може да трае непрекинато најмногу една година. Договарачот може да бара мирување за времетраењето на осигурувањето најмногу двапати. Договарачот може да побара мирување втор пат ако од претходното мирување поминале барем две години и ако во тој период договарачот редовно ја плаќал премијата за осигурување.
[4] Во текот на мирувањето, обврската на осигурувачот е во висина на капитализираниот износ на осигурената сума, одреден во согласност со првиот став од член 8 од овие Услови. Во времето на мирување осигурувачот не гарантира за исплата на име дополнителни осигурувања.
[5] По истекот на периодот на мирување осигурената сума и премијата на осигурување одново се пресметуваат. Притоа се зема предвид дека за одредениот период премијата не била платена. Поради мирувањето, траењето на осигурувањето не се менува.
[6] Триесет дена пред истекот на договорениот период на мирување осигурувачот го повикува договарачот да продолжи со плаќање на премијата. Ако договарачот по истекот на мирувањето не ги подмири првите достасани за наплата премии, осигурувачот презема мерки во согласност со одредбите од членот 8 од овие Услови.
[7] Осигурувачот има право без образложение да го отфрли барањето за мирување.
член 11: зголемување на осигурената сума
[1] Договарачот и осигурувачот можат да се договорат осигурената сума на основното осигурување на живот да се зголеми, и тоа под услов договарачот да ја плати соодветно повисоката премија.
[2] Осигурената сума може без утврдување на здравствената состојба на осигуреникот да се зголеми најмногу за толку за новата осигурена сума да не биде двојно поголема од основната осигурена сума договорена при склучување на осигурувањето.
[3] Договарачот го остварува правото на зголемување на осигурената сума врз основа на писмено барање кое го поднесува до осигурувачот. Во барањето за зголемување договарачот мора да ги наведе причините заради кои бара зголемување на осигурената сума и мора да поднесе соодветни докази.
[4] Зголемување на осигурената сума договарачот може да побара во следните случаи:
1) раѓање на дете на осигуреникот;
2) склучување на брак на осигуреникот;
3) подигање на долгорочен кредит за купување на недвижен имот на осигуреникот. Во тој случај осигуреникот бара зголемување на осигурената сума во висина на разликата помеѓу земениот кредит и осигурената сума за случај на смрт во моментот на барањето, при што зголемувањето не може да биде поголемо од вториот став од овој член.
[5] Договарачот е должен барањето за зголемување на осигурената сума да го поднесе во рок од три месеци од остварување на случајот од четвртиот став на овој член. По истекот на тримесечниот рок договарачот нема право на зголемување.
[6] Ако осигуреникот во првата година по зголемувањето на осигурената сума умре поради болест, односно изврши самоубиство, осигурувачот ја исплаќа со договор утврдената осигурена сума договорена пред зголемувањето.
[7] Зголемување на осигурената сума не е можно во времето на мирување на плаќање на премијата и во случај на плаќање на премијата во еднократен износ.
член 12: откуп на осигурувањето
[1] На барање на договарачот, осигурувачот мора да ја исплати откупната вредност на полисата ако договорот не бил раскинат и ако од почетокот на осигурувањето до откупот поминало:
1) кај осигурувања со договорено траење на осигурување вклучително до 12 години – барем две години и премиите да се платени за најмалку две години и
2) кај осигурувања со договорено траење на осигурување од 13 до 25 години – барем три години и премиите да се платени за најмалку три години.
[2] Откупната вредност на полисата со исполнување на
минималните услови од првиот став на овој член изнесува 95 % од математичката резерва пресметана по методите на актуарската математика. Откупната вредност на осигурувањето во подоцнежниот период е еднаква на висината на математичката резерва во моментот на откупот, намалена за толкав сразмерен удел помеѓу 5 % и 0 % за по истекот на договореното траење на осигурувањето откупната вредност на осигурувањето да биде еднаква на 100 % од математичката резерва.
[3] Откупната вредност на дополнителната осигурена сума на име добивка изнесува 80 % од математичката резерва на име учество во добивката.
[4] Откупот на осигурувањата според првиот став на овој член се бара во следните случаи:
1) иселување од Република Македонија;
2) смрт на корисникот или член на потесното семејството;
3) 100-процентна трајна инвалидност или загуба на деловната способност, или потешка болест на осигуреникот;
4) раскинување на бракот при заемното осигурување на брачните другари, односно престанок на вонбрачната заедница;
5) непрекината невработеност на осигуреникот за период подолг од три месеци и
6) ако околностите при склучувањето на договорот се промениле така што поради тоа повеќе нема смисла тој да продолжи.
[5] Откуп на осигурувањето не е можен ако договарачот е ослободен од плаќање на понатамошните осигурителни премии.
[6] Правата на откуп не можат да ги остварат доверителите на договарачот, ниту пак корисникот. Осигурувачот откупната вредност му ја исплаќа на корисникот, ако одредувањето на корисникот е неотповикливо.
[7] Осигурувачот ја исплаќа откупната вредност на полисата во рок од три месеци од приемот на целосното барање за откуп. Обврската на осигурувачот при откупот на осигурувањето престанува во 00:00 часот оној ден кога откупната вредност е исплатена, односно најдоцна по истекот на месецот за кој е платена последната премија.
член 13: аванс
[1] Во случај договарачот да ги исполнува условите под кои има право да побара откуп, осигурувачот може на договарачот на негово барање однапред да му исплати дел од средствата, и тоа најмногу до откупната вредност на полисата (аванс), кој договарачот може подоцна да го врати. Договарачот го остварува правото на аванс врз основа на писмено барање кое го поднесува до осигурувачот.
[2] За примениот аванс договарачот мора да плати одредена камата. Ако договарачот задоцни со плаќањето на каматите достасани за наплата, се постапува исто како да побарал откуп. Враќањето на авансот и плаќањето на каматите не влијаат врз обврските на плаќањето на премијата.
[3] Ако настане осигурен случај, осигурувачот исплаќа осигурена сума намалена за износот на невратениот аванс, вклучително со каматите. Во случај на откуп на осигурувањето осигурувачот ја исплаќа откупната вредност на осигурувањето намалена за примениот аванс, вклучително со каматите. Ако откупната вредност е помала од примениот аванс и каматите, договарачот мора да ја врати разликата.
член 14: аванс при раѓање на дете
[1] Ако родителите имаат склучено заемно осигурување на живот или ако со осигурувањето на живот е осигурена само мајката, од осигурувањето со кое е осигурена мајката, за раѓање на дете осигурувачот предвремено ќе исплати дел од осигурената сума во висина од 10 % од осигурената сума за доживување, но не повеќе од 300 евра.
[2] Еднократниот износ за времетраењето на осигурувањето се исплаќа само еднаш, и тоа за дете кое се раѓа по првата година од траењето на осигурувањето со кое се осигурени родителите на детето. Ако се родат близнаци/близначки, тројки итн. може да се исплати еднократен износ за секое дете. Вкупниот износ на
авансот кој осигурувачот го исплаќа по сите полиси при раѓањето на детето не смее да надминува 500 евра.
[3] При настанувањето на осигурен случај за осигурување на живот, осигурувачот исплаќа осигурена сума намалена за примениот аванс. Во случај на откуп на осигурувањето, осигурувачот ја исплаќа откупната вредност на осигурувањето намалена за примениот аванс. Ако откупната вредност е помала од примениот аванс, договарачот мора да ја врати разликата.
член 15: обнова на осигурувањето
[1] Осигурувањето кое престанало да важи според првиот став од член 8 од овие Услови, односно е променето со намалена осигурена сума, на писмено барање на договарачот може да се обнови.
[2] Обврската на осигурувачот при обновеното осигурување започнува во 24:00 часот оној ден кога осигурувачот писмено потврдил дека го прифаќа барањето за обновување, под услови да се платени сите до тој ден достасани за наплата премии, вклучително со затезните камати и ако здравствената состојба на осигуреникот е добра за прием во осигурување. Одлуката за приемот или отфрлањето на барањето на обновување осигурувачот мора да му ја достави на договарачот во рок од осум дена од денот кога го примил таквото барање, односно во рок од осум дена од денот кога е исполнет и последниот услов за обновување. Ако осигурувачот во тој рок не го извести договарачот дека го отфрлил барањето за обновување, се смета дека тоа е прифатено.
[3] Ако осигуреникот умре во првата година по обновувањето на осигурувањето поради некоја болест која ја имал при поднесувањето на барањето за обновувањето на осигурувањето, а тогаш не ја кажал, осигурувачот намалената осигурена сума во смисла на првиот став од член 8 од овие Општи услови е должно да ја исплати само доколку премијата пред обновувањето на осигурувањето била платена најмалку за две, односно три години. Ако премијата не била платена за две, односно три години, осигурувачот нема никакви обврски.
[4] Ако договарачот бара обновување на осигурувањето во рок од три месеци по престанокот на осигурувањето, осигурувачот мора да го прифати барањето за обновување, без оглед на здравствената состојба на осигуреникот. Во овој случај одредбите од вториот и третиот став од овој член не важат.
[5] Осигурувачот исплаќа само математичка резерва ако осигуреникот во првата година по обновувањето на осигурувањето изврши самоубиство.
[6] Обновување на осигурувањето не е можно во случај на мирување на плаќањето на премијата.
член 16: располагање со правата од осигурувањето
[1] Сè додека не настапи осигурен случај, на договарачот му припаѓаат сите права од осигурувањето, освен ако договарачот се откажал од правото на промена на корисникот.
[2] Сите дадени изјави и одлуки од страна на договарачот се задолжителни за осигурувачот само доколку се доставени до осигурувачот пред да настапи осигурениот случај.
[3] Ако корисникот умре пред настанувањето на осигурениот случај, осигурената сума му припаѓа на следниот корисник, а ако тој не е одреден, на имотот на договарачот.
[4] Ако осигурувањето се однесува на животот на некој друг, за одредување на корисникот е потребна и негова писмена согласност.
член 17: остварување на права според договорот за осигурување
[1] При крајот на осигурувањето корисникот има право да избере помеѓу трите различни можности на исплата, и тоа:
1) исплата на еднократен износ
2) исплата на рати или
3) исплата на дел од осигурената сума во еднократен износ, а дел во облик на плаќање на рати.
[2] Лицето кое бара исплата според договорот за осигурување на живот, кога со договорот ќе настане предвидениот осигурен
случај, мора за тоа веднаш писмено да го извести осигурувачот и што е можно побрзо на свој трошок да ги набави и да ги поднесе следните документи:
1) полиса и доказ за последното плаќање на премијата;
2) извод од матичната книга на умрените, ако се работи за смрт, односно доказ за доживување, ако се работи за доживување;
3) документ од кој се очигледни податоците за раѓање на осигуреникот, ако тие не биле претходно поднесени;
4) доказ дека има право да бара исплата, ако тоа не е веќе очигледно од полисата;
5) осигурувачот може да бара и дополнителни докази кои се потребни за утврдување на правото на исплата.
[3] Ако не е поинаку одредено, осигурувачот мора својата обврска да ја исполни во рок од 14 дена од денот кога ги добил сите докази за постоењето на осигурен случај и истовремено е позната висината на обврските на осигурувачот.
[4] Ако сумата на осигурување е договорена во друга валута, исплатата се врши во денари, при што противвредноста се пресметува на денот на исплата по средниот курс на НБРМ.
член 18: учество во добивката
[1] Осигурувањето на живот со штедење учествува во добивка која е остварена врз основа на управување на портфолиото на овие осигурувања по критериумите кои ги прифаќа осигурувачот, во согласност со мерилата за формирање на математичка резерва и учество на договарачот во позитивниот резултат на овие осигурувања.
Висината и начинот на распределба на остварената добивка се одредува со одлука, односно со правилник на надлежниот орган на осигурувачот.
[2] Осигурувачот е должен по писмен пат да го извести договарачот за остварената добивка во која има учество, како и за висината на уделот во добивка, најдоцна до 30-ти јуни во тековната година.
[3] Уделот на годишно учество на осигурувањето на живот е сразмерен на уделот на тоа осигурување во целокупната добивка на портфолиото на осигурувањата на живот во деловната година. Основа за учество во вкупната добивка е уделот на издвоената математичка резерва во групата на математички резерви на тие осигурувања на последниот ден од деловната година.
[4] Уделот за учество во добивката секоја година по соодветни математичко актуарски методи се претвора во дополнителна осигурена сума на име добивка која се исплаќа при настанување на осигурен случај, заедно со исплатата на осигурената сума на основното осигурување на живот.
[5] Исплатата на соодветниот дел на добивка остварена во текот на осигурување се врши заедно со исплатата на договорената осигурена сума.
[6] Во последната година од траењето на осигурувањето, односно периодот на плаќање на премија, при исплата на осигурената сума се исплаќа и сразмерен дел од оценетото учество во добивка за тековната деловна година, во која осигурувањето престанува. Во случај на исплата на осигурена сума за случај на смрт, или престанок на осигурувањето поради откуп, или отстапување од договорот, за годината во која престанува осигурувањето не се пресметува добивка и не се придодава на осигурената сума.
член 19: дополнителни осигурувања
[1] Кон основното осигурување можат да се приклучат и дополнителни осигурувања, кои се регулираат со Општите и Посебни услови за тој тип на осигурување, или со посебни одредби на полисата за осигурување. Притоа важат следните ограничувања:
1) дополнителните осигурувања престануваат да важат во моментот кога престанува основното осигурување на живот, односно можат да престанат и пред истекот на основното осигурување на живот ако осигуреникот стане деловно неспособно лице или кај него настапи 100 % инвалидност, односно ако договарачот е ослободен од плаќањето на следните премии од основното осигурување;
2) премијата за основното осигурување и за дополнителните осигурувања е неделива. За плаќање на премијата
и последиците од неплаќањето на премијата на дополнителните осигурувања важат одредбите од овие Општи услови;
3) во случај на подоцнежно приклучување на дополнителното осигурување на осигурувачот му припаѓа осигурителна премија од приклучувањето на тоа осигурување па натаму; а при обновувањето на ова осигурување му припаѓа премија за времетраењето на осигурувањето.
[2] Задополнителните осигурувања коисе приклучени коносновното осигурување на живот не важат одредбите од член 10 (мирување на осигурувањето), член 11 (зголемување на осигурената сума), член 12 (откуп на осигурувањето), член 13 (аванс), член 14 (аванс при раѓање на дете) и член 18 (учество во добивката) од овие Услови. Исто така, осигурувачот нема обврски од првиот став на член 8 (капитализација) од овие Услови, без оглед на времето за кое биле платени премиите, а може во согласност со првиот став од членот 8 и да отстапи од договорот.
член 20: услуги на осигурувачот
[1] Договарачот мора за сите услуги кои ги бара посебно од осигурувачот, како што се промена на осигурувањето, издавање на дупликат од полиса, заложување на осигурителната полиса и друго, да плати однапред според ценовникот кој важи при секоја промена.
[2] Договарачот е должен да го пријави кај осигурувачот исчезнувањето на полисата веднаш откако дознал дека таа исчезнала и да го објави нејзиното исчезнување во Службен весник на Република Македонија.
[3] Осигурувачот ја заменува изгубената полиса во рок од 15 дена од денот на објавувањето на исчезната полиса во Службен весник на Република Македонија, односно од денот на правосилноста на судското решение.
член 21: застарување на побарувањата
[1] Побарувањата од договорите за осигурување на живот застаруваат во согласност со одредбите од Законот за облигациони односи.
член 22: заштита и обработка на личните податоци
[1] Договарачот на осигурувањето – физичко лице, односно осигуреникот, му дозволува на осигурувачот согласно прописите што го регулираат осигурувањето, правата на потрошувачите и заштитата на личните податоци, да ги обработува неговите лични податоци од договорот за осигурување во земјата и во странство. Осигуреникот му дозволува на осигурувачот за потребите за спроведување на договорот за осигурување да собира и обработува податоци за неговата здравствена состојба во земјата и во странство, вклучувајќи со тоа и овластените лица на осигурувачот да ја обработуваат здравствената документација на осигуреникот, да ги доставуваат податоците до осигурувачот, како и да вршат проверка на точноста и промените на личните податоци во здравствените установи и кај други правни и физички лица кои располагаат со тие податоци.
[2] Договарачот на осигурувањето – физичко лице, односно осигуреникот, му дозволува на осигурувачот и на неговиот договорен обработувач на личните податоци во согласност со прописите што ја регулираат заштитата на личните податоци, да ги користи личните податоци од првиот став на овој член само за потребите за спроведување на договорот за осигурување. Договарачот на осигурувањето само со давање на изречна согласност може да му дозволи на осигурувачот согласно со прописите што ја регулираат заштитата на личните податоци, да ги користи личните податоци од првиот став на овој член, освен податоците за здравствената состојба, во цели за обработка и непосреден маркетинг за себе и поврзани друштва во земјата и странство.
[3] Договарачот на осигурувањето – физичко лице, односно осигуреникот, може дозволата од претходниот став на овој член во секој момент бесплатно, трајно или привремено да ја отповика со писмено барање, пратено на адреса на осигурувачот.
[4] Личните податоци од став 1 и 2 од овој член, освен податоците
за здравствената состојба, можат да ги обработуваат и овластени лица за застапување и посредување, како и договорните обработувачи на лични податоци.
[5] Осигурувачот ги чува личните податоци во согласност со прописите за заштита на личните податоци и интерните акти за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци.
член 23: вонсудско решавање на спорови
[1] Страните се согласни сите спорови што ќе произлезат од овој договор да ги решаваат по мирен пат.
[2] Договарачот на осигурувањето и осигуреникот се согласни дека ќе го известат осигурувачот за сите спорни прашања, жалби и несогласувања кои произлегуваат од односот со него, и тоа без одложување. Известувањата во форма на приговор од овој став се доставуваат во писмен облик, од што со сигурност може да се утврди содржината на известувањето и времето на неговото праќање.
[3] Осигурувачот примениот приговор од став 2 на овој член ќе го проследи до Комисијата за приговори. Комисијата за приговори е должна да донесе одлука по приговор во писмен облик без одложување, но најдоцна во рок од 30 дена од денот на прием на приговорот.
[4] Против одлуката донесена по приговор од страна на Комисијата до осигурувачот може да се поднесе жалба, односно преставка до органот надлежен за вршење на надзор над осигурувачот – Агенцијата за супервизија на осигурување.
член 24: надзор над друштвото за осигурување
[1] Надзорно тело надлежно за надзор на осигурителното друштво е Агенцијата за супервизија на осигурување.
член 25: изјава за информираност
[1] Договарачот на осигурувањето/осигуреникот (или двајцата осигуреници кај заемното осигурување) со потписот на понудата изречно потврдуваат дека при склучувањето на договорот за осигурување од страна на осигурувачот писмено се известени за сите податоци согласно членовите 49 и 50 од Законот за супервизија во осигурувањето и дека пред склучувањето на осигурувањето им е оставено разумно време за донесување на конечна одлука за склучување на договорот за осигурување. Согласно ова, договарачот/осигуреникот (или двајцата осигуреници кај заемното осигурување) со потписот на понудата потврдуваат дека се известени и за правото за поднесување на жалба.
член 26: завршни одредби
[1] Во случај на судски спор, надлежен е стварно и месно надлежниот суд на Република Македонија, во седиштето на осигурувачот.
[2] За односите меѓу осигурувачот и договарачот кои не се уредени со овие Општи услови се применуваат законските одредби.
[3] Осигурувачот ќе го известува договарачот за сите промени во согласност со законските прописи.
[4] Осигурувачот не дава осигурително покритие, односно не ја покрива одговорноста на осигуреникот за настаната штета или не исплаќа какви било други поволности, без оглед на Договорот за осигурување, доколку таквата исплата или плаќањето на каква било друга поволност би го изложила Осигурувачот на некакви санкции, забрани или ограничувања врз основа на резолуциите на Обединетите нации или на трговски или економски санкции, на кршење на законите или прописите на Европската Унија, Обединетото Кралство или САД.
[5] Договарачот е должен без одлагање да го извести осигурувачот за секоја промена на своето име или презиме, односно назив на фирмата, доколку договарачот е правно лице, како и за адресата на фактичкото живеалиште, односно седиште на фирмата, доколку договарачот е правно лице.
[6] Овие Услови влегуваат во сила од моментот на нивното усвојување.