Contract
АКЦИОНЕРСКО ДРУШТВО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ВИНЕР - ВИЕНА ИНШУРЕНС ГРУП СКОПЈЕ
УСЛОВИ
ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ОД ОДГОВОРНОСТ НА ТУРИСТИЧКИ АГЕНЦИИ
(пречистен текст)
Усвоени и донесени со одлука на Управниот одбор на ВИНЕР Виена Иншуренс Груп АД Скопје
број 5276/0202/1/19 од 15.04.2019 год
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
ЗНАЧЕЊЕ НА ОДДЕЛНИ ИЗРАЗИ ВО ОВИЕ УСЛОВИ
Осигурувач - е правно лице кое според Законот за осигурување е регистрирано за обавување на дејности од осигурување во Република Македонија.
Договорувач - е лице кое со осигурувачот склучува договор за осигурување.
Осигуреник - е лице, односно туристичка агенција која стручно и професионално е ангажирана за водење
на туристичка дејност
Трето лице - е корисник на осигурување кога ќе претрпи имотна штета од дејноста на туристичката
агенција.
Извор на опасност - е ризик од кој може да произлезат последици од ненамерно прекршување на законските должности на туристичката агенција.
Полиса - е исправа за склученото осигурување.
Премија - е износ што осигуреникот го плаќа по договорот за осигурување.
Агрегат – претставува горна граница на обврски на осигурувачот за сите осигурени случаеви остварени во осигурителниот период ( една година ) како кумултивен износ на сите штетни настани.
ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ
ПРЕДМЕТ НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 1
Предмет на осигурување согласно на овие Услови е законската одговорност на туристичката агенција за имотна штета која ќе ја предизвикаат вработените во туристичката агенција на корисниците на туристичките услуги, а согласно Законот за туристичка дејност со сите измени и дополнувања и Законот за облигациони односи.
Со осигурување на законска одговорност, туристичката агенција е покриена за штети кои се настанати и пријавени за времетраење на осигурувањето, како последица од непредвидлив настан, неочекуван и непознат штетен настан како последица на пропуст или грешка од небрежност, при совесно и чесно обавување на законските должности.
ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Член 2
Осигурен случај според овие Услови се случаите кои ќе настанат за време на организирање и спроведување на туристички патувања, излети, екскурзии и други туристички аранжмани во земјата и странство; организирање и спроведување на туристички услуги со пакет аранжмани кои содржат најмалку две сместувања или услуги кога покрива период подолг од 24 часа, во кое е вклучено и сместување со ноќевање; давање на туристички информации; продавање и посредување при продажба на угостителски и други туристички услуги; организирање и спроведување на работите околу издавање на куќи, станови и соби на туристи; вршење на услуги со туристички водичи; продавање на превозни билети и осигурување на патници и туристи; организирање на културни и спортски манифестации;
продавање на сувенири, туристичка литература и друга стока што вообичаено се продава во туристичкиот промет; продавање на влезници за културни, спортски и други приредби.
Со договорот за осигурување опфатена и правната помош од осигурувачот во случаи кога ќе бидат поведени судски постапки од оштетени лица.
ШТЕТИ ИСКЛУЧЕНИ ОД ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 3
Со осигурувањето не се опфатени одговорност за штети :
1. Заради одговорноста на осигуреникот за намерно причинета штета и штети како последица на груба небрежност и пропуст
2. Ако е доведен во заблуда корисникот во однос на обем и квалитетот на понудените услуги.
3. заради војни дејствија, мерки на државни органи кои влијаат на настанување на осигурен случај, ако државата прогласила војна состојба, вонредна состојба или мораториум на подмирување на своите обврски и истите имаат последица за неликвидност и несолвентност на договорувачот.
4. заради штрајкови и xxxxxx на работа
5. како поседица на идиректни дејствија кои не зависат од осигуреникот.
6. ако патникот не ги извршил во потполност доворените обврски спрема осигуреникот според договорот за патување во склад со општите услови за патување.
7. ако договорт за патување помеѓу патникот и осигуреникот е заклучен спротивно на законот и на друг пропис, како и спротивно на Општите услови за патување.
8. ако патникот во самото место на туристичкото патување не го прифати решението кое го нуди осигуреникот, а кое одговара на уплатената услуга со програмот на патување.
9. заради откажување на патувањето од страна на патникот од било кои разлози, освен за разлози предвидени со општите услови за патување.
10. ако е штетата покриена со друг договор за осигурување.
11. како последица на загадување на околината.
12. ако штетата настанала како последица од давање на патникот погрешна усна информација
13. ако штетата настанала како последица од претење или присила
14. ако штетата настанала како последица на парична казна која осигуреникот или патникот се должни да ја платат.
15. чисто финансиска штета - штета која се состои непосредно во пари, а не е во никаква врска со штета на предмети, ниту со штета на лица, освен ако поинаку не е договорено и тоа е назначено во
полисата.
СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 4
1. Сумата на осигурување е горната граница на обврските на осигурувачот.
2. Минималната сума на осигурување на која може да се склучи договор за осигурување изнесува:
- 100.000 Евра за туристичка агенција со лиценца X
- 50.000 Евра за туристичка агенција со лиценца X
Доколку се договори осигурување со учество на осигуреникот во штета (франшиза) премијата се намалува согласно со висината на учеството во штетата.
Може да се договори и повисока сума на осигурување од минималната, според тарифата на премии.
3. Доколку настанат повеќе штети кои произлегуваат од ист штетен настан и кои временски се поврзани, а ја надминуваат сумата на осигурување, обврската на осигурувачот е до сумата на осигурување.
4. Осигурувањето е ограничено со исплата на една сума на осигурување во осигурителната година (годишен агрегат).
5. Со исцрпување на сумата на осигурување престанува обврската на осигурувачот за исплата на штети.
ОПШТИ ОДРЕДБИ
СКЛУЧУВАЊЕ НА ДОГОВОР ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 5
Договорот за осигурување е полноважен само ако е склучен во писмена форма.
Сите известувања и изјави што се даваат помеѓу договорните страни, а кои се однесуваат на одредбите од склучениот договор за осигурување, мора да бидат во писмена форма.
ПОЧЕТОК И ПРЕСТАНОК НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 6
Обврската на осигурувачот започнува по истек на 24-от час од денот кој во договорот за осигурување е означен како почеток на осигурувањето.
Обврската на осигурувачот престанува со истекот на 24-от час од денот кој во договорот за осигурување е наведен како ден на истек на осигурувањето.
Осигурувањето може да престане поради: престанок на договорот помеѓу двете страни- доброволно и постоење на законски пречки за обавување на функцијата.
ПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈА
Член 7
Договорувачот на осигурувањето, премијата за осигурување ја плаќа веднаш при склучување на договорот за осигурување, ако поинаку не е договорено.
ОБВРСКА НА ОСИГУРЕНИКОТ КОГА ЌЕ НАСТАНЕ ОСИГУРЕНИОТ СЛУЧАЈ
Член 8
Осигуреникот е должен да го извести осигурувачот најдоцна во рок од 3 дена од денот на пријавувањето на оштетното побарување од оштетеното лице.
Осигуреникот е должен на осигурувачот да му овозможи увид во документацијата со аргументирани факти кои се потребни за утврдување на причината и висината на штетата.
Осигуреникот е должен да го извести осигурувачот и да достави наод од надлежен орган, кога барањето за надомест на штета против него е истакнато преку суд.
Осигуреникот не е овластен без претходна согласност од осигурувачот да се изјаснува по барањето, а особено да го признае потполно или делумно, да се спогодува или да изврши исплата.
Ако оштетениот поднесе тужба за надомест на штета против осигуреникот, тој е должен да го извести осигурувачот писмено во врска со штетниот настан, како и да се договорат околу водењето на спорот.
Во случај кога оштетениот со барањето за надомест на штета непосредно ќе му се обрати на осигурувачот, осигуреникот е должен да даде писмена изјава за причината за настанување на шетата и е должен да ги презентира сите документи и факти со кои располага, а кои се неопходни за утврдување на одговорноста за причинетата штета и оцена на основаноста на барањето, обемот и висината на штетата.
До колку осигуреникот не се придржува на обврските од овој член, самиот ќе ги сноси штетните последици кои ќе настанат поради тоа, освен ако тие би настанале и да се придржувал кон обврските.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ ПО ПОДНЕСЕНО БАРАЊЕ ОД ОШТЕТЕНО ЛИЦЕ
Член 9
Во врска со поднесеното барање за надомест на штета од страна на оштетеното лице, осигурувачот има обврска:
- заедно со осигуреникот да преземе одбрана од неосновани и претерани барања за надомест на штета (правна заштита);
- да ја надомести настанатата штета (надомест на штета);
- да ги надомести трошоците по судската постапка (надомест на судските трошоци).
ПРАВНА ЗАШТИТА
Член 10
Осигурувачот во согласност со овие услови за осигурување му обезбедува на осигуреникот правна заштита и тоа во поглед на:
испитување и утврдување на одговорноста за штетен настан;
изнесува советодавни-консултативни ставови и насоки за постапување;
Доколку оштетниот води спор директно со осигуреникот, осигурувачот се обврзува дека за потребите на истиот може да се вклучи како замешувач, да дава изјави кои што смета дека ќе бидат од корист за задоволување или за одбрана од неосновано или претерано барање за надомест на штета, како и во насока на утврдување на постоење на осигуран случај и процена на висината на истата.
Како би добил правна заштита благовремено, осигуреникот е должен веднаш да го извести и запознае осигурувачот за сите предјавени или најавени оштетни побарувања упатени директно кон него или за секој поведен судски спор поврзан со предметно осигурување и е должен да се придржува строго до упатствата и насоките добиени од осигурувачот, во спротивно секое поинакво негово дејствување, со исклучок на правосилно утврдена правна работа нема да биде основ за обештетување.
Во случај осигурувачот на име надомест на штета да ја исплатил сумата на осигурување пред покренување на спорот, престанува и неговата обврска на правна заштита.
Осигурувачот може да даде согласност водењето на спорот да му се довери на осигуреникот кој е должен да се придржува на упатствата кога се работи за неосновани барања.
Осигурувачот може да одбие да води постапка за надомест на штета во име на осигуреникот, ако оцени дека нема место за давање правна заштита, односно доколку оцени дека штетниот настан не е осигуран случај.
НАДОМЕСТ НА ШТЕТА
Член 11
Осигурувачот го исплатува надоместот на штета во рок од 14 дена сметано од денот кога ја утврдил својата обврска и висината на таа обврска.
До колку при разгледување на барањето се утврди дека осигуреникот не ги доставил сите докази и факти битни за утврдување на основот и висината на штетата, осигурувачот нема да изврши исплата на штета.
НАДОМЕСТ НА ТРОШОЦИТЕ ПО ПОСТАПКАТА
Член 12
Ако спорот е воден со знаење и согласност на осигурувачот со осигурувањето се покриени и трошоците на спорот, доколку заедно со надоместот на штетата не ја надминуваат сумата на осигурување.
Трошоците за кривичната постапка, како и трошоците за застапување на осигуреникот, осигурувачот не е во обврска да ги надомести.
Кога ќе ја изврши својата обврска со исплата на сумата на осигурување, осигурувачот се ослободува од сите понатамошни давачки во име на надомест на штета и трошоци.
НЕПОСРЕДНО БАРАЊЕ ОД ОШТЕТЕНО ЛИЦЕ
Член 13
Ако оштетеното лице, своето барање и тужба за надомест на штета ги упати само спрема осигурувачот, осигурувачот е должен да го извести осигуреникот и да го повика да ги презентира сите потребни докази, а осигуреникот е должен да преземе мерки заради заштита на своите интереси.
До колку во случајот од претходниот став осигурувачот одлучи да исплати надомест на оштетениот во потполност или делумно, должен е за тоа да го извести осигуреникот.
УТВРДУВАЊЕ И ПРОЦЕНА НА ШТЕТА
Член 14
Штетата ја утврдуваат и проценуваат заедно осигуреникот и осигурувачот со оштетениот, односно нивни овластени претставници.
Штетата се утврдува и проценува врз основа на уредна документација достапна на увид на овластениот претставник на осигурувачот, а согласно на Законот за облигациони односи и Законот за туристички агенции.
ВЕШТАЧЕЊЕ НА ШТЕТА
Член 15
До колку при утврдување и проценување на штетата не се согласат договорните страни и оштетениот, може да побараат штетата да се утврди и процени по пат на вештачење.
Секоја од договорните страни и оштетениот писмено го именува својот вештак. За вештаци може да се именуваат лица кои се во работен однос со осигуреникот и осигурувачот, како и лице овластено од оштетениот (комисиска процена), а кои не учествувале во претходната проценка.
Пред почетокот на вештачењето, именуваните вештаци бираат трет вештак како претседател, а кој
е со високо образование и не е во работен однос кај договорните страни. Претседателот дава стручно мислење по спорните прашања на вештаците.
Предмет на вештачење можат да бидат само спорни факти. Кои спорни факти ќе бидат предмет на вештачењето, како и постапката за вештачење, конкретно ги определуваат договорните страни со писмен договор за вештачење.
Секоја договорна страна и ошттениот ги сноси трошоците за својот вештак, а за претседателот ги сносат сите страни рамномерно.
ВИСИНА НА НАДОМЕСТ НА ШТЕТА
Член 16
Висината на надоместот на штета не може да биде поголема од штетата што оштетениот ја претрпел со настанување на осигурениот случај.
Надоместот на штета и судските трошоци се исплатуваат најмногу до договорената сума на осигурување, со што престанува и обврската на осигурувачот.
ФРАНШИЗА
Член 17
1. Задолжителна франшиза во секој штетен настан од 250 ЕУР во денарска противвредност на денот на настанувањето на штетата, кога оштетено лице како трето лице се јавува физичко лице.
2. Во случај кога како оштетена страна се јавува правно лице или повеќе поединечни штетни побарувања кои се последица на иста причина, во тој случај задолжителното учество во секој штетен настан претставува:
a. Ако оштетното барање е за до 5 лица - франшиза од 30% од висината на штета
b. Ако оштетното барање е за од 5-15 лица – франшиза од 40 % од висина на штета
c. Ако оштетното барање е за од 15-50 лица – франшиза од 50 % од висина на штета
d. Ако оштетното барање е за од 50-100 лица – франшиза од 65 % од висина на штета
ПРАВО НА РЕГРЕС
Член 18
Осигурувачот задржува право на регрес од осигуреникот, во случај кога дополнително ќе се утврди дека штетата е предизвикана со намера, измама или грубо невнимание, а за која, на осигурувачот од страна на осигуреникот не му се презентирани точни и вистинити податоци, односно докази за надомест на штета.
ЗАСТАРУВАЊЕ НА ПОБАРУВАЊЕТО
Член 19
Побарувањата за надомест на штета по склучениот договор за осигурување, застаруваат во рок од три години, сметано од денот кога настапил осигурениот случај.
ТЕРИТОРИЈАЛНО ВАЖЕЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 20
Со осигурувањето се опфатени осигурени случаи што ќе настанат на територијата на цел свет.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 21
Постапка по приговори
Во случај осигурувачот и осигуреникот да не се согласат по однос на обемот и висината на штетата, осигуреникот има право на приговор во рок од 8 дена од приемот на писменото известување од осигурувачот, до Второстепената комисија за решавање на штети по приговор, која е должна во рок од 30 дена да одговори по приговорот.
Постапка по жалба
Договорувачот, односно осигуреникот во однос на работењето на Друштвото има право на жалба до Агенцијата за супервизија на осигурување како орган надлежен орган за супервизија на друштвата за осигуруавње.
Решавање на спорови
Евентуалните спорови кои би произлегле од договорот за осигурување, договорните страни ќе ги решаваат спогодбено, а доколку до спогодба не дојде надлежен е Основен суд Скопје 2 Скопје.