Contract
|
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
(1) Општите услови за осигурување на лица од последици од несреќен случај (незгода) и овие Дополнителни услови за доброволно осигурување на патници во јавниот превоз од последици од несреќен случај (незгода) (во натамошен текст: Дополнителни услови), се составен дел на договорот за доброволно осигурување на патници во јавниот превоз од последици на несреќен случај (незгода), што договарачот на осигурувањето ќе го склучи со Националната групација за осигурување АД "Осигурителна полиса" - Скопје, (во натамошен текст: осигурувач).
(2) Договарач на осигурување во смисла на овие Дополнителни услови, може да биде организација која се занимава со превезување патници и е овластена за таа дејност.
(3) Лицата што се осигуруваат според овие Дополнителни услови осигурени се без оглед на нивната здравствена состојба, општата работна способност и годините на
старост, како и без плаќање на зголемена премија во смисла на членот 9, став (3), точка 3 од Општите услови, освен лицата потполно лишени од деловна способност кои во секој случај се исклучуваат од осигурувањето.
(4) Според овие Дополнителни услови може да се склучи доброволно осигурување за сите патници во јавниот превоз по земја и по вода, освен за патници во воздушниот превоз.
ТРАЕЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 2
(1) Осигурувањето за секој патник започнува од моментот на купувањето возен билет и полисата за осигурување, за време на возењето, задржувањето на попатните станици па се до доаѓањето на станицата означена во возниот билет.
(2) Ако возниот билет и полисата за осигурување се купени во претпродажба, осигурувањето започнува од моментот на доаѓањето на одреденото место за патување (перон, чекална и сл.).
(3) Осигурувањето престанува во секој случај при напуштање на крајната или одредената станица, односно станицата во која патувањето е прекинато.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член З
(1) Со осигурувањето се опфатени патниците за несреќни случаи што ќе им настанат за време на возењето, при влегувањето во превозното средство, или излегувањето од него, потоа за време на задржувањето на станичниот и друг простор определен за задржување на патници.
(2) Осигурувањето важи за секој патник, само ако во моментот на несреќата поседува полиса за осигурување која е купена на касата на појдовната станица или друга овластена организација за продавање и ако полисата содржи ист датум со возниот билет, или, ако се докаже дека ја имал полисата по ова осигурување, а таа се уништила во моментот на несреќата, доколку со посебен договор оваа околност поинаку не е договорена.
(3) Патниците кои поседуваат месечни патни исправи, или исправи за повеќе патувања, а немаат посебна полиса која се издава со месечна претплатна карта, исто така, можат да бидат осигурени под услов за секое патување да купат посебна полиса на која датумот е идентичен со патната исправа, доколку оваа околност не е поинаку регулирана со посебен договор.
(4) Докажувањето дека некое лице било патник и дека е осигурен, паѓа на товар на корисникот на осигурувањето.
(5) Со осигурувањето не се опфатени лицата кои по својата службена должност се наоѓаат во превозното средство (возачи, кондуктери, контролори, придружници, лица во патна пошта, службени спроводници на МВР и сл.).
(6) Ако патникот поседува повеќе полиси за осигурување, осигурувачот спрема таквиот патник е во обврска само до износот на осигурените суми означени во една полиса за осигурување, додека другите полиси се сметаат за неважечки. Ваквото ограничување
задолжително ќе мора да биде содржано и во полисата.
(7) Осигурувањето на патниците кои патуваат со повратен возен билет, важи само ако и за повратникот е наплатена односно купена полиса за осигурување.
(8) Патниците што имаат месечни возни билети, или билети за повеќе патувања, исто така, можат да бидат осигурени под услов, за секое патување да купат посебна полиса чиј датум е еднаков со датумот на заверената возна карта ако со посебен договор не е поинаку регулирана оваа околност.
(9) Со осигурувањето е опфатено и оштетувањето, или уништувањето на багажот на осигурениот патник, а кое би настанало поради судир или хаварија на возилата.
Отуѓување, кражба или други оштетувања на предмети, не се опфатени со осигурувањето.
(10) За оштетување или уништување на багажот поради хаварија, осигурувачот е во обврска да ја надомести штетата на патникот само до висината на осигурената сума означена во полисата за осигурување.
(11) Со осигурувањето во смисла на овие Дополнителни услови, не се опфатени пари, скапоцености и накит.
НАЧИН И РОКОВИ ЗА
ПРЕСМЕТУВАЊЕ И ПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈА
Член 4
(1) Премијата се пресметува врз основа на вкупно продадените полиси за осигурување.
(2) Договарачот е должен на осигурувачот да му достави пресметка на премијата за договорениот пресметковен - временски период и истовремено да му го дозначи износот на вкупно пресметаната премија.
(3) Договарачот е должен на овластениот претставник на осигурувачот да му ги стави на увид сите книги и други евиденции од кои може да се утврди правилноста на извршената пресметка и дознака на премијата.
(4) Обврската на осигурувачот постои спрема секој осигуреник одделно и кога договарачот на осигурувањето не ја уплатил премијата во предвидениот рок, ако несреќниот случај настанал за времетраење на
осигурувањето во смисла на членовите 6 и 19 од Општите услови.
ОБВРСКА НА ОСИГУРУВАЧОТ КОГА ОСИГУРЕНИТЕ ЛИЦА
СЕ ПОМЛАДИ ОД 14 ГОДИНИ
Член 5
Ако поради несреќен случај настапи смрт на осигуреникот помлад од 14 години, осигурувачот е во обврска на име трошоци за погреб да ја исплати договорената сума во случај на смрт, но, најмногу износот кој како максимален е утврден со Одлука на Одборот на директори на Националната групација за осигурување АД "Осигурителна полиса" - Скопје.
ПРИJАВА НА НЕСРЕЌЕН СЛУЧАЈ
Член 6
(1) Ако настане несреќен случај, договарачот е должен да го пријави на осигурувачот во рокот предвиден во член 13 од Општите услови, секој настан кој според овие Дополнителни услови влијае на неговата обврска (несреќен случај), оштетување или уништување на багажот.
(2) Договарачот, исто така, е должен на осигурувачот кога ќе побара тој, да му ги даде сите потребни известувања за разјаснување и утврдување на постоење на основ и висина на неговата обврска.
ПРАВНА ПОУКА
Член 7
Осигуреникот има право до Агенцијата за супервизија на осигурување како надлежен орган за супервизија на друштвото за осигурување, да достави претставка во однос на друштвото.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 8
Овие Дополнителни услови важат со Општите услови за осигурување на лица од последици од несреќен случај, а доколку нивната содржина е во спротивност со содржината на Општите услови, важат овие Дополнителни услови.