Contract
ЗАКОН ЗА ЕЛЕКТРОНСКА ТРГОВИЈА
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1 Предмет на уредување
Со овој закон се уредуваат услугите на информатичко општество поврзани со електронската
трговија, одговорностите на давателите на услуги на информатичко општество, комерцијалната комуникација и правилата во врска со склучувањето на договорите во електронски облик.
Член 2 Примена на Законот
Одредбите од овој закон не се применуваат на:
- оданочувањето;
- заштита на личните податоци;
- нотарската дејност или слични професии што вклучуваат директна и посебна врска меѓу корисникот и соодветен надлежен орган на државната управа;
- застапувањето корисник и бранење на неговите интереси во судот и
- игрите на среќа со парични вложувања, вклучувајќи ги и лотариите и трансакциите за обложувања во согласност со одредбите од прописите кои ја уредуваат оваа област.
Член 3 Дефиниции
Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
1. Услуги на информатичко општество се услуги што се обезбедуваат за надомест на далечина, преку електронски средства и на лично барање на примателот на услугата. „На далечина“ означува дека услугата се обезбедува без истовремено присуство на две страни. “Преку електронски средства“ значи дека услугата се испраќа од почетната/изворната точка и се добива на крајната дестинација
преку електронска опрема за процесирање (вклучително и дигитална компресија) и чување на податоци и се испраќа, пренесува и добива во целост преку кабел, радиобранови, оптички средства или други електромагнетни средства. „На лично барање на примателот на услугата“ значи дека услугите се обезбедуваат преку пренос на податоци на лично барање. Услугите на информатичкото општество содржат особено продажба на призводи и услуги, услуги за пристап до информаци или огласи преку Интернет и пристап до услугите на јавна комуникациска мрежа, пренос на податоци или чување на податоците на примателот во јавната комуникациска мрежа;
2. "Давател на услуги" е домашно и странско физичко или правно лице кое дава услуги на информатичко општество;
3. „Примател на услугите“ е секое физичко или правно лице кое од професионални или од други причини користи услуги на информатичкото општество, со цел да побара информација или истата да
ја направи достапна;
4. „Потрошувач“ е секое физичко лице кое користи услуги на информатичко општество за цели надвор од неговaтa трговскa дејност или професија;
5. „Регулирани професии“ се оние професии, односно професионални дејности за кои условите за вршење се утврдени со закон;
6. „Електронски потпис“ е низа на податоци во електронски облик кои се содржани или се логично поврзани со други податоци во електронски облик и е наменет за утврдување на автентичност на
податоците и за утврдување на идентитетот на потписникот;
7. „Комерцијална комуникација“ е форма на комуникација креирана со цел директно или индиректно да промовира прозводи, услуги или углед на трговското друштво или на лице кое врши трговска или
занаетчиска дејност.
Следново, само по себе, не претставува комерцијална комуникација:
- соопштување на информации што овозможуваат директен пристап до дејноста на физичкото или правното лице, особено во врска со името, адресата и адресата на електронската пошта и
- комуникации во врска со производи, услуги или угледот на физичкото или правното лице остварени на друг а не електронски начин, особено кога е тоа без финансиски надоместок;
8. „Договори во електронски облик“ се договори кои правните или физичките лица, во целост или делумно, ги склучуваат, праќаат, примаат, раскинуваат, откажуваат, пристапуваат кон нив и ги
прикажуваат по електронски пат, користејќи електронски, оптички или слични средства, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на пренесување преку интернет;
9. „Основан давател на услуги" е давател на услуги кој врши економска активност преку основање трговско друштво на неопределено време, при што присуството и употребата на технички средства и
на технологии потребни за давање на услугата, самите по себе, не претставуваат основање на давателот на услугата и
10. „Координирана област" се барања утврдени во правниот систем на земјите членки на Европската унија кои се однесуваат на давателите на услуги на информатичкото општество или на услугите на информатичкото општество, без разлика дали имаат општа природа или се специјално креирани за
нив, при што:
а) координираната област се однесува на барањата што давателот на услугата треба да ги исполни, а се во врска со:
- започнување дејност на услуги на информатичкото општество, како што се барањата за квалификација, за овластување или за нотификација и
- вршење дејност на услуги на информатичкото општество, како што се барањата за однесувањето на давателот на услугите, барањата во врска со квалитетот или содржината на услугата, вклучувајќи ги
и оние што се однесуваат на рекламирањето и на договорите, или барањата во врска со одговорноста на давателот на услугите и
б) координираната област не опфаќа барања како што се:
- барања што се однесуваат на производите како такви,
- барања што се однесуваат на испорака на производи и
- барања што се однесуваат на услуги што не се даваат преку електронски средства.
I-a СЛОБОДА НА ДАВАЊЕ УСЛУГИ НА ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО
Член 4
Давање услуги на информатичко општество
(1) Давател на услуги на информатичко општество во Република Македонија е должен да постапува и да дава услуги во согласност со законите и другите прописи на Република Македонија.
(2) Услугите за информатичко општество од давател на услуги основан во земја членка на Европската унија нема да се ограничуваат од причини кои спаѓаат во координираната област,
доколку со овој закон поинаку не е утврдено.
Член 5 Исклучоци од примена
Одредбите на членот 4 став (2) од овој закон не се применуваат во следниве подрачја:
- авторски и сродни права и правата од индустриска сопственост;
- емисија на електронски пари;
- активности на осигурителните друштва;
- слобода на страните да го изберат правото на државата кое ќе се применува за нивниот договор;
- договорни обврски во врска со потрошувачки договори;
- валидност на договорите со кои се создаваат или пренесуваат права на недвижен имот и
- дозволивост на небарана комерцијална комуникација преку електронска пошта.
Член 6
Принцип што исклучува претходно овластување
(1) За давање на услуги на информатичко општество не е потребна посебна дозвола, одобрение или концесија.
(2) Без да е во спротивност со одредбата од ставот (1) на овој член давателот на услуги мора да ги добие оние одобрувања, кои не се однесуваат посебно и исклучиво на услуги за информатичко
општество или кои треба да се добијат во согласност со други прописи.
Член 6-а
Ограничување на давање услуги на информатичко општество
(1) По барање на физичкото или правно лице чии права се повредени од одредена услуга на информатичко општество, Министерството за економија, Министерството надлежно за работите од областа на електронските комуникации, Агенцијата за електронски комуникации (во натамошниот текст: надлежни органи) или судот треба да преземат мерки за ограничување на слободата на давање
услуги на информатичко општество на давателите на услуги кои нанесуваат или можат да нанесат штета, доколку мерките се потребни поради:
- јавен интерес, особено заштита, истражување, откривање кривично дело и поведување на постапка по истото, вклучувајќи ја и заштитата на малолетниците и борбата против секаков вид поттикнување омраза врз основа на раса, пол, религија или на националност, и повреди на човечкото достоинство кога станува збор за индивидуални лица,
- заштита на јавното здравје,
- јавна безбедност, вклучувајќи ја и заштитата на националната безбедност и одбраната и
- заштита на корисниците, вклучувајќи ги и инвеститорите.
(2) Мерките од ставот (1) на овој член се преземаат во случај кога услугата на информатичкото општество е во спротивност со целите наведени во ставот (1) од овој член или која претставува
сериозен ризик спротивен на тие цели;
(3) Мерките треба да се сразмерни на целите од ставот (1) на овој член.
(4) Пред да се преземат мерките за ограничување на слободата на давање услуги на информатичко општество на даватели на услуги со седиште во земјите членки на Европската унија и без да е во
спротивност со судските постапки, вклучувајќи ги и истражните дејствија и актите што се извршуваат во рамките на една кривична истрага, надлежните органи се должни да:
- побараат од другата држава да преземе мерки, доколку таа не презела такви мерки, или тие не биле соодветни и
- ги известат надлежните органи на другата земја членка и Европската комисија за своите намери да преземе такви мерки.
(5) Надлежните органи, во случај на итност, можат да отстапат од обврските утврдени во ставот (4) од овој член и да преземат мерки за ограничување на слободата на давање на услуги на
информатичко општество на даватели на услуги со седиште во земја членка на Европската унија.
(6) Во случајот од ставот (5) на овој член, надлежниот орган е должен во најкраток можен рок да го извести надлежниот орган на земјата членка на Европската унија во која е седиштето на давателот на услугата и Европската комисија за мерката, наведувајќи ги причините поради кои смета дека станува
збор за итност.
(7) Одредбите на ставовите (4), (5) и (6) од овој член не се применуваат на судовите и на судските одлуки.
(8) Мерките со кои се ограничува слободата на давање услуги на информатичко општество треба да се укинат веднаш по престанок на постоење на причината поради која се преземени, врз основа на барање на физичкото или правното лице чии права се повредени, односно на барање на Европската
комисија.
II. ИНФОРМИРАЊЕ И КОМЕРЦИЈАЛНА КОМУНИКАЦИЈА
Член 7
Информации што треба да се обезбедат
(1) Давателот на услуги на информатичко општество на примателот на услуги и надлежните органи на државната управа во Република Македонија е должен да ги направи лесно, директно и постојано
достапни најмалку следниве информации:
- име, односно фирма на давателот на услугата,
- седиште на правното лице, давател на услугата или адреса доколку е физичко лице,
- податоци за давателот на услугата врз основа на кои примателот на услугата може на директен и ефикасен начин да стапи во контакт со него, вклучително електронската адреса,
- трговскиот регистар во кој е внесен давателот на услуги и бројот на неговата регистрација или еквивалентните средства на идентификација во тој регистар, кога давателот на услугата е заведен во трговски или друг соодветен регистар;
- податоци од надлежниот орган, доколку давателот на услугата подлежи на обврска за издавање на лиценци или друг вид на одобренија и
- даночен број ако давателот на услуга е обврзник на ДДВ.
(2) Покрај информациите од ставот (1) на овој член давателот на услуги на информатичко општество кој врши регулирана професија е должен да ги направи достапни и следниве информации:
- податоци за институцијата кај која е регистриран давателот на услугата;
- професионалниот назив и земјата во која е стекнат тој назив и
- упатување на професионалните правила во земјата во која ја врши дејноста и начинот на пристап до нив.
(3) Ако давателот на услуги на информатичко општество ги наведува цените на производите и услугите, тие треба да бидат наведени јасно и недвосмислено, особено треба да се наведе дали во нив
се вклучени трошоците на испорака, даноците и манипулативните трошоци кои имаат влијание на наведената цена.
Член 8 Комерцијална комуникација
Давателот на услуги е должен да обезбеди дека податоците од комерцијалната комуникација која е
дел од услугите на информатичкото општество или ја сочинуваат истата се во согласност најмалку со следниве услови:
- комерцијалната комуникација да може јасно да се идентификува како таква во моментот кога корисникот ќе ја прими;
- јасно да може да се идентификува физичкото или правното лице во чие име се прави комерцијалната комуникација и
- секоја промотивна понуда од комерцијалната комуникација (вклучувајќи попусти и подароци), може јасно да се идентификува како таква и условите кои треба да бидат исполнети за давање на понуда од комерцијалната комуникација да бидат лесно достапни и јасно и недвосмислено претставени.
Член 9
Небарана комерцијална комуникација
Користењето на електронската пошта со цел за доставување на небарана комерцијална комуникација е дозволено само со претходно прифаќање од страна на корисникот кон кој тој вид на комуникација е упатена, во согласност со Законот за електронските комуникации.
III. ДОГОВОРИ СКЛУЧЕНИ ПО ЕЛЕКТРОНСКИ ПАТ
Член 10
Форма и важност на договорите во електронски облик
(1) Договорите можат да се склучат по електронски пат, односно во електронски облик.
(2) Понудата и прифаќањето на понудата можат да се даваат по електронски пат, односно во електронски облик.
(3) На договорот склучен во електронски облик нема да му се оспори полноважноста поради тоа што е направен со електронска порака, односно во електронски облик.
(4) Кога за полноважноста и склучувањето на договорот е потребен потпис на лицето, ќе се смета дека тој услов е исполнет со електронска порака потпишана со електронски потпис во согласност со
прописите за електронски потпис.
(5) Одредбите од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член не се применуваат на договорите:
- регулирани со прописите за семејството и за наследувањето,
- кои создаваат или пренесуваат права на недвижен имот, со исклучок на правата на закуп,
- за кои според закон има потреба од вклучување на судови, нотари или слични професии и
- за дадена гаранција и за дополнително обезбедување, од страна на лица кои дејствуваат за цели надвор од нивниот трговски, работен или професионален ангажман.
Член 11
Супсидијарна примена на прописите
Доколку со овој закон поинаку не е определено, на договорноправните односи кои произлегуваат или се поврзани со договорите склучени по електронски пат или во електронски облик, се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи.
Член 12
Информации што треба да се обезбедат за склучување на договор
(1) Давателот на услугата на информатичкото општество е должен на примателот на услугата пред склучување на договор, на јасен, разбирлив и недвосмислен начин да му ги обезбеди следниве
информации:
- различните технички постапки што треба да се следат за да се склучи договорот;
- содржината на договорот;
- општите услови на работење ако се составен дел на договорот;
- дали склучениот договор давателот на услугите ќе го архивира и дали истиот ќе биде достапен;
- техничките средства за препознавање и поправање на погрешно внесени податоци пред да се направи нарачката и
- понудените јазици за склучување на договор.
(2) Давателот на услугата треба да ги наведе сите релевантни кодекси на добра пракса на кои е потписник и информациите за тоа како тие кодекси можат да се користат по електронски пат.
(3) Одредбите содржани во договорите во електронски облик што ги склучуваат давателите на услуги на информатичкото општество мораат да бидат ставени од страна на давателите на
располагање на корисниците на услуги на начин кој овозможува складирање и репродуцирање на истите.
(4) Договорните страни кои не се потрошувачи во меѓусебно договорените односи можат да договорат отстапување од одредбите од ставот (1) на овој член.
(5) Одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член не се однесуваат на договорите склучени преку електронска пошта или на неа соодветна форма на лична комуникација.
Член 13
Нарачка и потврда за прием на нарачката
(1) Примателот на услугата кога прави нарачка по електронски пат е должен да побара од давателот на услугата да му достави потврда за прием на нарачката на примателот со посебна електронска
порака без одлагање и по електронски пат.
(2) Давателот на услуги му става на располагање на примателот на услугите соодветни, ефикасни и достапни технички средства со кои му овозможува да ги препознае и да ги поправи погрешно
внесените податоци пред да ја направи нарачката, освен во случај кога страните што не се потрошувачи поинаку не се договорат.
(3) Нарачката и потврдата за прием се сметаат за примени кога истите им се достапни на страните до кои се адресирани.
(4) Одредбите од ставовите 1 и 2 на овој член не се однесуваат на договори склучени исклучиво преку размена на електронска пошта или на неа соодветна форма на лична комуникација.
Член 14 Склучување на договор
(1) Договорот во електронски облик се смета за склучен во оној момент кога понудувачот ќе ја прими електронската порака која содржи изјава на примателот дека ја прифаќа содржината на
договорот.
(2) Понудата и прифаќањето на понудата се сметаат за примени кога истите им се достапни на страните до кои се адресирани.
IV. ОДГОВОРНОСТ НА ПРИМАТЕЛОТ И НА
ДАВАТЕЛОТ НА УСЛУГИ НА ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО
Член 15 Заеднички одредби
(1) Кога се даваат услуги на информатичкото општество, а се состојат од пренос на информации
дадени од примателот на услугите преку комуникациска мрежа или од обезбедување пристап до комуникациска мрежа, давателот на услугата не одговара за пренесената информација, под услов давателот:
- да не го иницира преносот,
- да не го избира примателот на преносот и
- да не ја избира или да не ја менува информацијата содржана во преносот.
(2) Самиот пренос и обезбедување пристап наведен во одредбата од ставот (1) на овој член вклучува автоматско, посредничко и преодно складирање на пренесената информација доколку ова се врши со единствена цел да се изведе пренос преку комуникациска мрежа и под услов информацијата да не е
складирана подолго отколку што е потребно за пренос на истата.
Член 16
Автоматско, посредничко и привремено складирање
Давателот на услугата кога дава услуги на информатичкото општество кои се состојат од пренос на информации дадени од примателот на услугите преку комуникациска мрежа, не одговара за автоматското, посредничкото и привременото складирање на таа информација изведено со единствена цел за поефикасен натамошен пренос на информацијата до други приматели на услугите, на нивно барање, под услов давателот да:
- не ја менува информацијата,
- ги исполнува условите за пристап до информацијата;
- ги почитува правилата што се однесуваат на ажурирањето на информацијата,
- не ја попречува законската употреба на технологија која се употребува со цел да добие податок за употребата на информацијата и
- дејствува брзо заради отстранување или оневозможување пристап до информацијата што ја складирал откако ќе дознае дека информацијата при нејзиниот првичен извор на пренос била отстранета од мрежата или бил оневозможен пристапот до неа, или дека суд или друг надлежен орган го наредил тоа отстранување или оневозможување.
Член 17 Складирање
(1) Давателот на услугата на информатичкото општество, кој ги складира податоците дадени од
страна на примателот на услугата, не одговара за содржината на податоците складирани на барање на примателот на услугите, под услов:
- давателот да не знае за нелегалната активност или податок,
- да не е свесен за фактите или за околностите под кои е забележана нелегалната активност или податок или
- давателот, веднаш штом дознае, да дејствува брзо со цел да го отстрани или да го оневозможи пристапот до податоците.
(2) Одредбата од ставот (1) на овој член не се применува кога примателот на услугите дејствува по овластување на давателот на услугите или давателот и примателот претставуваат поврзани друштва.
Член 18 Линкови
Давателот на услугата кој преку електронско упатување отвора пристап до други податоци не е
одговорен за тие информации, ако:
- нема сознание ниту можел да знае за нелегалните активности на примателот на услугата или за содржината на податоците во тие информации и
- веднаш штом дознае дека се работи за нелегални активности или податоци да ги отстрани или да го оневозможи пристапот до истите.
Член 19 Заштита на правото
И покрај одредбите од членовите 14, 15, 16 и 17 на овој закон судовите и другите надлежни органи и институции во Република Македонија во согласност со законите на Република Македонија, по барање на овластените лица, им наложуваат на давателите на услуги на информатичкото општество и нивните приматели да ја отстранат и спречат повредата на важечките прописи и врз основа на нив да преземат и други мерки согласно со закон.
Член 20
Обврски на давателот на услуги на информатичко општество
(1) Давателот на услугите при давање на услуги на информатичко општество не е должен да ги проверува податоците кои ги складирал, пренел или ги направил достапни, односно да ги испитува
околностите кои упатуваат на нелегалните активности на примателот на услугите.
(2) Давателот на услуги на информатичко општество е должен да ги информира надлежните органи на државната управа ако утврди дека:
- постои основано сомнение примателот на услугата при користење на неговите услуги да презема недозволени активности и
- постои основано сомнение примателот на неговите услуги да даде недозволени податоци.
(3) Давателот на услуги на информатичко општество е должен во најкус можен рок да достави на надлежните органи на државната управа на нивно барање, информации што овозможуваат идентификација на примателите на нивните услуги со кои имаат договори за складирање.
IV -a СОРАБОТКА И КОДЕКС НА ДОБРА ПРАКСА
Член 20-а
Точка за контакт, начин на соработка и известување
(1) Надлежните органи ја вршат функцијата на точка за контакт, функцијата за меѓународна соработка и информирање и на активности на поттикнување и советодавни активности утврдени со
овој закон.
(2) Надлежните органи утврдуваат една или повеќе точки за контакт и ги доставуваат податоците за контакт на земјите членки на Европската унија и на Европската комисија. Точката за контакт соработува со точките за контакт на другите земји членки на Европската унија и со Европската
комисија и треба да биде постојано достапна по електронски пат.
(3) Точката за контакт од ставот (2) на овој член обезбедува давателите и примателите на услуги на информатичко општество да:
- добијат општа информација за договорните права и обврски, како и за механизмите за жалба и за отштета што се на располагање во случај на спорови, вклучувајќи ги и практичните аспекти вклучени во употребата на тие механизми,
- добијат податоци за органите, асоцијациите и за организациите од кои можат да добијат натамошни информации или практична помош и
- помош и информации што ги побарале другите земји членки или Европската комисија по електронски пат.
(4) Надлежните органи иницираат до органите на државната управа надлежни за работите од овие области:
- изготвување на кодекс на добра пракса за трговски, професионални и за кориснички здруженија или организации,
- изготвување на кодекс на добра пракса во врска со заштита на малолетниците, заштита на правата на лица со посебни потреби и заштита на човечкото достоинство,
- обезбедување достапност на овие кодекси на добра пракса по електронски пат согласно со прописите кои го уредуваат правото на пристап до информации и
- обезбедување достапност на информации за процена за примената на кодексите на добра пракса и за нивното влијание врз праксата, навиките или обичаите поврзани со електронската трговија.
(5) Надлежните органи ја известуваат Европската комисија за сите донесени значајни управни или судски одлуки во врска со спорови поврзани со услугите и со праксата на информатичкото
општество, со користењето и со навиките во врска со електронската трговија.
V. НАДЗОР И ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР
Член 21
Надзор и инспекциски надзор
(1) Надзор над спровeдувањето на овој закон вршат Министерството за економија, Министерството надлежно за работите од областа на електронските комуникации и Агенцијата за електронски
комуникации во согласност со нивните надлежности утврдени со закон.
(2) Инспекциски надзор над спроведување на одредбите од членовите 8, 9 и 20 од овој закон врши Агенцијата за електронски комуникаци преку надлежни инспектори согласно со одредбите од
Законот за електронски комуникации и овој закон.
(3) Инспекциски надзор над спроведување на одредбите од членовите 7 и 12 од овој закон врши Државниот пазарен инспекторат преку надлежни инспектори согласно со одредбите од Законот за
Државен пазарен инспекторат и овој закон.
(4) Заради спроведување на инспекцискиот надзор, давателите на услуги на информатичкото општество се должни на инспекторите да им овозможат пристап до електронската опрема и уреди и
без одложување да достават потребни податоци и документација во врска со предметот на инспекцискиот надзор.
(5) Органите за инспекциски надзор од ставовите (2) и (3) на овој член подготвуваат квартални извештаи за извршените контроли и истите ги објавуваат на нивните веб страници.
VI. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ И ВОНСУДСКО РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИ - АРБИТРАЖА
Член 22 Прекршочни одредби
(1) Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 600 до 1.000
евра во денарска противвредност за мали трговци, од 1.500 до 2.500 евра во денарска противвредност за средни трговци и од 2.500 до 4.000 евра во денарска противвредност за големи трговци, ќе му се изрече за прекршок на правното лице давател на услуги на информатичко општество, ако:
1) не ги обезбеди информациите од членот 7 на овој закон;
2) не обезбеди согласност на податоците со условите утврдени во членот 8 од овој закон и
3) на примателот на услугата пред склучување на договорот не му ги обезбеди информациите утврдени во членот 12, став 1 од овој закон.
(2) Глоба во износ од 50 до 100 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 100 до 200 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 200 до 300 евра во денарска противвредност за
средни трговци и од 300 до 400 евра во денарска противвредност за големи трговци, ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице, давател на услуги на информатичко општество, за дејствијата од ставот (1) на овој член.
(3) Глоба во износ од 50 до 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице давател на услуги на информатичко општество, за прекршоците од ставот (1) на овој член.
(4) Глоба во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на трговец поединец давател на услуги на информатичко општество, за прекршоците од ставот (1) на овој член.
Член 22-а
(1) Глоба во износ од 500 до 600 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 1.000 до
1.500 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност за средни трговци и од 3.500 до 5.000 евра во денарска противвредност за големи
трговци, ќе му се изрече за прекршок на правното лице давател на услуги на информатичко општество, ако:
1) не обезбеди пристап до одредбите содржани во договорот во електронски облик на начин кој ќе овозможи складирање и репродуцирање на истите утврдени со членот 12 став (3) од овој закон;
2) не ги извршува обврските утврдени со членот 20 ставови (2) и (3) од овој закон и
3) не овозможи пристап до електронската опрема и уреди и без одлагање не достави потребни податоци и документација за вршење на инспекцискиот надзор согласно со членот 21 став (4) од овој
закон.
(2) Глоба во износ од 100 до 150 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 150 до 250 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 250 до 350 евра во денарска противвредност за
средни трговци и од 350 до 500 во денарска противвредност за големи трговци ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице, давател на услуги на информатичко општество, за дејствијата од ставот (1) на овој член.
(3) Глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице давател на услуги на информатичко општество, за прекршоците од ставот (1) на овој член.
(4) Глоба во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на трговец поединец давател на услуги на информатичко општество, за прекршоците од ставот (1) на овој член.
(5) За дејствијата од ставот (1) на овој член на правното лице давател на услуги на информатичко општество ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење одделна дејност во траење од
три месеци до две години.
(6) Покрај глобата од ставот (2) на овој член, на одговорното лице во правното лице давател на услуги на информатичко општество ќе се изрече и прекршочна санкција забрана на вршење на професија, дејност или должност во траење до една година, за повторување на прекршоците од
ставот (1) на овој член.
(7) Покрај глобата од ставот (4) на овој член, на трговец поединец давател на услуги на информатичко општество ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на вршење на професија, дејност или должност во траење до една година, за повторување на прекршоците од ставот (1) на
овој член.
Член 22-б
За прекршоците утврдени во членовите 22 и 22-а од овој закон, на правното лице, давател на услуги на информатичко општество, надлежниот инспектор или овластеното лице за вршење на непосреден надзор, пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка ќе спроведе постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен налог согласно со Законот за прекршоците.
Член 22-в
За прекршоците утврдени со овој закон прекршочна постапка води, прекршочна санкција изрекува надлежниот суд.
Член 22-г
Одмерувањето на висината на глобите на правното лице се врши согласно со Законот за прекршоците.
Член 23
Вонсудско решавање на спорови - арбитража
(1) Давателот на услуги на информатичко општество и примателот на услуги за решавање на меѓусебните спорови можат да договорат надлежност на арбитража.
(2) За постапката пред арбитража или друг орган за вонсудско решавање на спорови, се применуваат прописите со кои се уредуваат овие области.
VII. ПРЕОДНА И ЗАВРШНА ОДРЕДБА
Член 24 Преодна одредба
Одредбите на членовите 6-а ставови (4), (5), (6), (7) и (8) и 20-а од овој закон ќе се применуваат со
денот на пристапување на Република Македонија во Европската унија.
Член 25 Завршна одредба
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република
Македонија“.
Измени од 11.02.2011:
ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЕЛЕКТРОНСКА ТРГОВИЈА
Член 1
Во Законот за електронска трговија („Службен весник на Република Македонија" број 133/2007), во членот 3 точката 2 се менува и гласи:
„ 2. "Давател на услуги" е домашно и странско физичко или правно лице кое дава услуги на информатичко општество; ".
Во точката 7 алинеја 2 сврзникот „и" се заменува со запирка.
Во точката 8 точката на крајот на реченицата се заменува со точка и запирка и се додаваат две нови точки 9 и 10, кои гласат:
„ 9. „Основан давател на услуги" е давател на услуги кој врши економска активност преку основање трговско друштво на неопределено време, при што присуството и употребата на технички средства и на технологии потребни за давање на услугата, самите по себе, не претставуваат основање на давателот на услугата и
10. „Координирана област" се барања утврдени во правниот систем на земјите членки на Европската унија кои се однесуваат на давателите на услуги на информатичкото општество или на услугите на информатичкото општество, без разлика дали имаат општа природа или се специјално креирани за
нив, при што:
а) координираната област се однесува на барањата што давателот на услугата треба да ги исполни, а се во врска со:
- започнување дејност на услуги на информатичкото општество, како што се барањата за квалификација, за овластување или за нотификација и
- вршење дејност на услуги на информатичкото општество, како што се барањата за однесувањето на давателот на услугите, барањата во врска со квалитетот или содржината на услугата, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на рекламирањето и на договорите, или барањата во врска со одговорноста на давателот на услугите и
б) координираната област не опфаќа барања како што се:
- барања што се однесуваат на производите како такви,
- барања што се однесуваат на испорака на производи и
- барања што се однесуваат на услуги што не се даваат преку електронски средства."
Член 2
По членот 3 се додава нова Глава I-а која гласи: „СЛОБОДА НА ДАВАЊЕ УСЛУГИ НА ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО".
Член 3
Членот 4 се менува и гласи:
„(1) Давател на услуги на информатичко општество во Република Македонија е должен да постапува и да дава услуги во согласност со законите и другите прописи на Република Македонија.
(2) Услугите за информатичко општество од давател на услуги основан во земја членка на Европската унија нема да се ограничуваат од причини кои спаѓаат во координираната област,
доколку со овој закон поинаку не е утврдено."
Член 4
Членот 5 се менува и гласи:
„Одредбите на членот 4 став (2) од овој закон не се применуваат во следниве подрачја:
- авторски и сродни права и правата од индустриска сопственост,
- емисија на електронски пари,
- активности на осигурителните друштва,
- слобода на страните да го изберат правото на државата кое ќе се применува за нивниот договор,
- договорни обврски во врска со потрошувачки договори,
- валидност на договорите со кои се создаваат или пренесуваат права на недвижен имот и
- дозволивост на небарана комерцијална комуникација преку електронска пошта."
Член 5
Во членот 6 се додава нов став (2), кој гласи:
„(2) Без да е во спротивност со одредбата од ставот (1) на овој член давателот на услуги мора да ги добие оние одобрувања, кои не се однесуваат посебно и исклучиво на услуги за информатичко општество или кои треба да се добијат во согласност со други прописи."
Член 6
По членот 6 се додава нов член 6-а, кој гласи:
„Член 6-а
Ограничување на давање услуги на информатичко општество
(1) По барање на физичкото или правно лице чии права се повредени од одредена услуга на информатичко општество, Министерството за економија, Министерството за транспорт и врски,
Агенцијата за електронски комуникации (во натамошниот текст: надлежни органи) или судот треба да преземат мерки за ограничување на слободата на давање услуги на информатичко општество на давателите на услуги кои нанесуваат или можат да нанесат штета, доколку мерките се потребни поради:
- јавен интерес, особено заштита, истражување, откривање кривично дело и поведување на постапка по истото, вклучувајќи ја и заштитата на малолетниците и борбата против секаков вид поттикнување омраза врз основа на раса, пол, религија или на националност, и повреди на човечкото достоинство кога станува збор за индивидуални лица,
- заштита на јавното здравје,
- јавна безбедност, вклучувајќи ја и заштитата на националната безбедност и одбраната и
- заштита на корисниците, вклучувајќи ги и инвеститорите.
(2) Мерките од ставот (1) на овој член се преземаат во случај кога услугата на информатичкото општество е во спротивност со целите наведени во ставот (1) од овој член или која претставува
сериозен ризик спротивен на тие цели;
(3) Мерките треба да се сразмерни на целите од ставот (1) на овој член.
(4) Пред да се преземат мерките за ограничување на слободата на давање услуги на информатичко општество на даватели на услуги со седиште во земјите членки на Европската унија и без да е во
спротивност со судските постапки, вклучувајќи ги и истражните дејствија и актите што се извршуваат во рамките на една кривична истрага, надлежните органи се должни да:
- побараат од другата држава да преземе мерки, доколку таа не презела такви мерки, или тие не биле соодветни и
- ги известат надлежните органи на другата земја членка и Европската комисија за своите намери да преземе такви мерки.
(5) Надлежните органи, во случај на итност, можат да отстапат од обврските утврдени во ставот (4) од овој член и да преземат мерки за ограничување на слободата на давање на услуги на
информатичко општество на даватели на услуги со седиште во земја членка на Европската унија.
(6) Во случајот од ставот (5) на овој член, надлежниот орган е должен во најкраток можен рок да го извести надлежниот орган на земјата членка на Европската унија во која е седиштето на давателот на услугата и Европската комисија за мерката, наведувајќи ги причините поради кои смета дека станува
збор за итност.
(7) Одредбите на ставовите (4), (5) и (6) од овој член не се применуваат на судовите и на судските одлуки.
(8) Мерките со кои се ограничува слободата на давање услуги на информатичко општество треба да се укинат веднаш по престанок на постоење на причината поради која се преземени, врз основа на
барање на физичкото или правното лице чии права се повредени, односно на барање на Европската комисија."
Член 7
Во членот 7 став (1) алинејата 4 се менува и гласи:
„- трговскиот регистар во кој е внесен давателот на услуги и бројот на неговата регистрација или еквивалентните средства на идентификација во тој регистар, кога давателот на услугата е заведен во трговски или друг соодветен регистар".
Член 8
По членот 20 се додава нова Глава IV-а која гласи: „СОРАБОТКА И КОДЕКС НА ДОБРА ПРАКСА" и нов член 20-а, кои гласат:
„Член 20-а
Точка за контакт, начин на соработка и известување
(1) Надлежните органи ја вршат функцијата на точка за контакт, функцијата за меѓународна соработка и информирање и на активности на поттикнување и советодавни активности утврдени со
овој закон.
(2) Надлежните органи утврдуваат една или повеќе точки за контакт и ги доставуваат податоците за контакт на земјите членки на Европската унија и на Европската комисија. Точката за контакт соработува со точките за контакт на другите земји членки на Европската унија и со Европската
комисија и треба да биде постојано достапна по електронски пат.
(3) Точката за контакт од ставот (2) на овој член обезбедува давателите и примателите на услуги на информатичко општество да:
- добијат општа информација за договорните права и обврски, како и за механизмите за жалба и за отштета што се на располагање во случај на спорови, вклучувајќи ги и практичните аспекти вклучени во употребата на тие механизми,
- добијат податоци за органите, асоцијациите и за организациите од кои можат да добијат натамошни информации или практична помош и
- помош и информации што ги побарале другите земји членки или Европската комисија по електронски пат.
(4) Надлежните органи иницираат до органите на државната управа надлежни за работите од овие области:
- изготвување на кодекс на добра пракса за трговски, професионални и за кориснички здруженија или организации,
- изготвување на кодекс на добра пракса во врска со заштита на малолетниците, заштита на правата на лица со посебни потреби и заштита на човечкото достоинство,
- обезбедување достапност на овие кодекси на добра пракса по електронски пат согласно со прописите кои го уредуваат правото на пристап до информации и
- обезбедување достапност на информации за процена за примената на кодексите на добра пракса и за нивното влијание врз праксата, навиките или обичаите поврзани со електронската трговија.
(5) Надлежните органи ја известуваат Европската комисија за сите донесени значајни управни или судски одлуки во врска со спорови поврзани со услугите и со праксата на информатичкото
општество, со користењето и со навиките во врска со електронската трговија."
Член 9
Во членот 21 се додава нов став (4), кој гласи:
„(4) Органите за инспекциски надзор од ставот (2) на овој член подготвуваат квартални извештаи за извршените контроли и истите ги објавуваат на нивните веб страници."
Член 10
Членот 22 се менува и гласи:
„(1) Глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице давател на услуги на информатичко општество, ако:
1) не ги обезбеди информациите од членот 7 на овој закон;
2) не обезбеди согласност на податоците со условите утврдени во членот 8 од овој закон и
3) на примателот на услугата пред склучување на договорот не му ги обезбеди информациите утврдени во членот 12 став (1) од овој закон.
(2) Глоба во износ од 700 до 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршоците од ставот (1) на овој член на одговорното лице кај правното лице давател на услуги на информатичко
општество.
(3) Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече за прекршоците од ставот (1) на овој член на физичко лице давател на услуги на информатичко општество."
Член 11
По членот 22 се додаваат два нови члена 22-а и 22-б, кои гласат:
„Член 22-а
(1) Глоба во износ од 3000 до 5000 евра, во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице давател на услуги на информатичко општество, ако:
1) не обезбеди пристап до одредбите содржани во договорот во електронски облик на начин кој ќе овозможи складирање и репродуцирање на истите утврдени со членот 12 став (3) од овој закон;
2) не ги извршува обврските утврдени со членот 20 ставови (2) и (3) од овој закон и
3) не овозможи пристап до електронската опрема и уреди и без одлагање не достави потребни податоци и документација за вршење на инспекцискиот надзор согласно со членот 21 став (5) од овој
закон.
(2) Глоба во износ од 900 до 1.800 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршоците од ставот (1) на овој член на одговорното лице кај правното лице давател на услуги на информатичко
општество.
(3) Глоба во износ од 600 до 1.200 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече за прекршоците од ставот (1) на овој член на физичко лице давател на услуги на информатичко општество.
(4) За дејствија од ставот (1) на овој член надлежниот суд може да изрече прекршочна санкција привремена забрана на вршење на дејност давање на услуги на информатичко општество во траење
од една до пет години на правното лице давател на услуги на информатичко општество.
(5) За дејствија од ставот (1) на овој член надлежниот суд може да изрече прекршочна санкција привремена забрана на вршење на должност давање на услуги на информатичко општество во
траење од една до пет години на одговорното лице во правното лице давател на услуга на информатичко општество.
Член 22-б
За прекршоците утврдени со овој закон државниот инспектор е должен да му предложи на сторителот на прекршокот постапка за порамнување согласно со Законот за прекршоци пред да поднесе барање за прекршочна постапка до надлежниот суд."
Член 12
Членот 24 се менува и гласи:
„Одредбите на членовите 6-а ставови (4), (5), (6), (7) и (8) и 20-а од овој закон ќе се применуваат со денот на пристапување на Република Македонија во Европската унија."
Член 13
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија".
Измени од 24.06.2015:
ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЕЛЕКТРОНСКА ТРГОВИЈА
Член 1
Во Законот за електронска трговија („Службен весник на Република Македонија“ број 133/2007 и 17/11), во членот 6-а став (1) зборовите: „Министерството за транспорт и врски“ се заменуваат со зборовите: „Министерството надлежно за работите од областа на електронските комуникации“.
Член 2
Во членот 21 став (1) зборовите: „Министерството за транспорт и врски“ се заменуваат со зборовите: „Министерството надлежно за работите од областа на електронските комуникации“.
Ставот (2) се менува и гласи:
„Инспекциски надзор над спроведување на одредбите од членовите 8, 9 и 20 од овој закон врши Агенцијата за електронски комуникаци преку надлежни инспектори согласно со одредбите од Законот за електронски комуникации и овој закон.“
По ставот (2) се додава нов став (3), кој гласи:
„(3) Инспекциски надзор над спроведување на одредбите од членовите 7 и 12 од овој закон врши Државниот пазарен инспекторат преку надлежни инспектори согласно со одредбите од Законот за Државен пазарен инспекторат и овој закон.“
Ставот (3) станува став (4).
Во ставот (4) кој станува став (5) зборовите: „ставот (2)“ се заменуваат со зборовите: „ставовите (2) и (3)“.
Член 3
Во членот 22-а став (1) во точката 3) зборовите: „став (5)“ се заменуваат со зборовите: „став (4)“.
Член 4
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Измени од 05.11.2015:
ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЕЛЕКТРОНСКА ТРГОВИЈА
Член 1
Во Законот за електронска трговија („Службен весник на Република Македонија“ број 133/2007, 17/11 и 104/15), во членот 22 став (1) воведната реченица се менува и гласи:
“Глоба во износ од 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, односно трговец поединец давател на услуги на информатичко општество, ако:“
Ставот (2) се менува и гласи:
“Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правното лице, односно на трговецот поединец давател на услуги на информатичко општество ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице, односно на одговорното лице во трговецот поединец, за дејствијата од ставот (1) на овој член.“
Ставот (3) се менува и гласи:
“Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице давател на услуги на информатичко општество, за прекршоците од ставот (1) на овој член.“
Член 2
Во членот 22-а став (1) воведната реченица се менува и гласи:
“Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, односно трговец поединец давател на услуги на информатичко општество, ако:“.
Ставот (2) се менува и гласи:
“Глоба во износ од 30% од одмерената глоба на правното лице, односно на трговецот поединец давател на услуги на информатичко општество ќе му биде изречена на одговорното лице во
правното лице, односно на одговорното лице во трговецот поединец, за дејствијата од ставот (1) на овој член.“
Ставот (3) се менува и гласи:
“Глоба во износ од 500 до 750 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице давател на услуги на информатичко општество, за прекршоците од ставот (1) на овој член.“
Ставот (4) се менува и гласи:
“За дејствијата од ставот (1) на овој член на правното лице, односно на трговецот поединец давател на услуги на информатичко општество ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење одделна дејност во траење од три месеци до една година.“
Ставот (5) се менува и гласи:
“Покрај глобата од ставот (2) на овој член, на одговорното лице во правното лице, односно одговорното лице во трговец поединец давател на услуги на информатичко општество ќе се изрече и прекршочна санкција забрана на вршење на определена должност во траење од три месеци до една година.“
Член 3
Членот 22-б се менува и гласи:
„Член 22-б
(1) За прекршоците утврдени во членовите 22 и 22-а од овој закон, на правното лице, односно на трговецот поединец давател на услуги на информатичко општество, надлежниот инспектор или овластеното лице за вршење на непосреден надзор, пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка ќе спроведе постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен
налог.
(2) Кога надлежниот инспектор, или овластеното и лице за вршење на непосреден надзор, ќе констатира прекршок од ставот (1) на овој член составува записник во кој се забележуваат битните
елементи на прекршокот, времето, местото и начинот на сторување на прекршокот, описот на дејствието на прекршокот и лицата затекнати на самото место. Записникот го потпишува овластеното службено лице и сторителот. Доколку сторителот го признае прекршокот надлежниот инспектор или овластеното лице ќе му издаде прекршочен платен налог заради наплата на глобата за прекршокот.
(3) По приемот и потпишувањето на прекршочниот платен налог, сторителот на прекршокот е должен да ја плати глобата во рок од осум дена од приемот на прекршочниот платен налог, на
сметката означена во платниот налог.
(4) Сторителот на прекршокот кој ќе ја плати глобата во рокот од ставот (3) на овој член, ќе плати половина од изречената глоба, за кое право се поучува во правната поука.
(5) Ако сторителот на прекршокот не ја плати глобата во рокот од ставот (3) на овој член, за прекршоците утврдени во членовите 22 и 22-а од овој закон, надлежниот инспектор, или
овластеното лице за вршење на непосреден надзор, поднесува барање за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд.
(6) Надлежните инспектори, односно овластените лица за вршење непосреден надзор, се должни да водат евиденција за издадените прекршочни платни налози и за исходот на покренатите
постапки.
(7) Во евиденцијата од ставот (6) на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следниве податоци име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на прекршочниот платен налог кој му се
издава и исходот на постапката.
(8) Личните податоци од ставот (7) на овој член се чуваат пет години од денот на внесување во евиденцијата.
(9) Формата и содржината на прекршочниот платен налог ја пропишува министерот за економија.“
Член 4
По членот 22-б се додаваат два нови члена 22-в и 22-г, кои гласат:
„Член 22-в
За прекршоците утврдени со овој закон прекршочна постапка води, прекршочна санкција изрекува надлежниот суд.
Член 22-г
Одмерувањето на висината на глобите на правното лице, односно на трговец поединец се врши согласно со Законот за прекршоците.“
Член 5
Подзаконскиот пропис утврден со овој закон ќе се донесе најдоцна во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 6
Се овластува Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија да утврди пречистен текст на Законот за електронска трговија.
Член 7
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Измени од 10.02.2020:
ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЕЛЕКТРОНСКА ТРГОВИЈА
Член 1
Во Законот за електронска трговија („Службен весник на Република Македонија“ број 133/2007, 17/11, 104/15 и 192/15), во членот 22 став (1) воведната реченица се менува и гласи:
„Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 600 до 1.000 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 1.500 до 2.500 евра во денарска противвредност за средни трговци и од 2.500 до 4.000 евра во денарска противвредност за големи трговци, ќе му се изрече за прекршок на правното лице давател на услуги на информатичко општество, ако:“.
Ставот (2) се менува и гласи:
„Глоба во износ од 50 до 100 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 100 до 200 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 200 до 300 евра во денарска противвредност за средни трговци и од 300 до 400 евра во денарска противвредност за големи трговци, ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице, давател на услуги на информатичко општество, за дејствијата од ставот (1) на овој член.“.
Ставот (3) се менува и гласи:
„Глоба во износ од 50 до 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице давател на услуги на информатичко општество, за прекршоците од ставот (1) на овој член.“.
По ставот (3) се додава нов став (4), кој гласи:
„(4) Глоба во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на трговец поединец давател на услуги на информатичко општество, за прекршоците од ставот (1) на овој член.“.
Член 2
Во членот 22-а став (1) воведната реченица се менува и гласи:
„Глоба во износ од 500 до 600 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 1.000 до
1.500 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност за средни трговци и од 3.500 до 5.000 евра во денарска противвредност за големи
трговци, ќе му се изрече за прекршок на правното лице давател на услуги на информатичко општество, ако:“.
Ставот (2) се менува и гласи:
„Глоба во износ од 100 до 150 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 150 до 250 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 250 до 350 евра во денарска противвредност за средни трговци и од 350 до 500 во денарска противвредност за големи трговци ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице, давател на услуги на информатичко општество, за дејствијата од ставот (1) на овој член.“.
Ставот (3) се менува и гласи:
„Глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице давател на услуги на информатичко општество, за прекршоците од ставот (1) на овој член.“.
Ставот (4) се менува и гласи:
„Глоба во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на трговец поединец давател на услуги на информатичко општество, за прекршоците од ставот (1) на овој член.“.
Ставот (5) се менува и гласи:
„За дејствијата од ставот (1) на овој член на правното лице давател на услуги на информатичко општество ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење одделна дејност во траење од три месеци до две години.“.
По ставот (5) се додаваат два нови става (6) и (7), кои гласат:
„(6) Покрај глобата од ставот (2) на овој член, на одговорното лице во правното лице давател на услуги на информатичко општество ќе се изрече и прекршочна санкција забрана на вршење на
професија, дејност или должност во траење до една година, за повторување на прекршоците од ставот (1) на овој член.
(7) Покрај глобата од ставот (4) на овој член, на трговец поединец давател на услуги на информатичко општество ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на вршење на професија, дејност или должност во траење до една година, за повторување на прекршоците од ставот (1) на
овој член.“.
Член 3
Членот 22-б се менува и гласи:
„За прекршоците утврдени во членовите 22 и 22-а од овој закон, на правното лице, давател на услуги на информатичко општество, надлежниот инспектор или овластеното лице за вршење на непосреден надзор, пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка ќе спроведе постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен налог согласно со Законот за прекршоците.“.
Член 4
Членот 22-г се менува и гласи:
„Одмерувањето на висината на глобите на правното лице се врши согласно со Законот за прекршоците.“.
Член 5
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.