Contract
ОПШТИ УСЛОВИ ЗА ПРИСТАП И КОРИСТЕЊЕ НА ДИСТРИБУТИВНАТА МРЕЖА
1 ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1 Предмет на уредување
(1) Со овие Општи услови за пристап и користење на дистрибутивната мрежа (во понатамошниот текст: Општи услови) се уредуваат општите услови и начинот на пристап и користење на дистрибутивната мрежа, како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачите со електрична енергија (во понатамошниот текст: снабдувачи) и потрошувачите на електрична енергија (во понатамошниот текст: потрошувачи), а особено:
1) Начин и услови за испорака на електрична енергија;
2) Начинот на отчитување, пресметка, фактурирање и наплата на надоместокот за користење на дистрибутивниот систем;
3) Условите и постапката за исклучување на потрошувачите од дистрибутивната мрежа, по барање на снабдувачот;
4) Обештетување на потрошувачите во случај на прекин на испораката на електрична енегрија
Член 2
Примена на Општите услови
(1) Кон овие Општи услови должни се да се придржуваат:
1) Операторот на дистрибутивниот систем за електрична енергија (во понатамошниот текст: ОДС);
2) Снабдувач со електрична енегрија (во понатамошниот текст: Снабдувач);
3) Потрошувачи приклучени на дистрибутивниот систем
4) Потрошувачи приклучени преку електроенергетски постројки во сопственост на трети лица (изолирани индустриски дистрибутивни мрежи).
(2) Потрошувачите кои одлучиле да склучат договор за снабдување со електрична енергија со снабдувач или трговец на отворениот пазар на електрична енергија се должни во целост да ги почитваат овие Општи услови.
(3) Потрошувачите имаат право на пристап и користење на дистрибутивната мрежа на транспарентен, објективен и недискриминаторен начин.
Член 3 Дефиниции
(1) Дефинициите за одделни изрази, содржани во Законот за енергетика, Правилата за снабдување со електрична енергија и Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија, се применуваат и во овие Општи услови.
2 НАЧИН И УСЛОВИ ЗА ИСПОРАКА НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА
Член 4 Општи услови
(1) ОДС ќе врши дистрибуција на електрична енергија и моќност доколку:
1) Потрошувачот е приклучен на дистрибутивната мрежа согласно закон;
2) Потрошувачот има склучено Договор за снабдување со електрична енергија со снабдувач на електрична енергија или со трговец со електрична енергија.
Член 5
Место на испорака на електрична енергија
(1) Места на испорака на електрична енергија, преставуваат точките во кои ОДС врши испорака на електричната енергија и моќност на потрошувачот.
(2) Места на мерење се местата во кои ОДС има инсталирано мерна опрема и врши мерење на испорачаната електрична енергија и моќност на потрошувачот.
Член 6 Пресметковни мерни места
(1) Мерењето и отчитувањето на потрошената електрична енергија на секое пресметковно мерно место посебно го врши ОДС согласно Законот за енергетика, Законот за метрологија, Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија и Правилата за снабдување со електрична енергија.
(2) Податоците за пресметковните мерни места каде се мери испораката на електричната енергија од страна на ОДС, потошувачот или неговиот снабдувач е должен да му ги достави на ОДС, за што треба да пополни образец – Листа на мерни места, претходно изготвен од страна на ОДС.
(3) Ако потрошувачот или неговиот снабдувач побара испорака и мерење на електрична енергија преку нови мерни места кои не се вклучени во листата на мерни места од став 2 од овој член, потрошувачот или неговиот снабдувач се должни да го извести ОДС, за што треба да пополни образец – Пријава на мерно место, претходно изготвен од страна на ОДС.
Член 7
Испорака на електрична енергија и моќност
(1) Испораката на електрична енергија и моќност на потрошувачот се врши во рамки на одбрената максимална едновремена моќност од страна на ОДС, за секое мерно место на потрошувачот одделно.
(2) ОДС гарантира за квалитетот на испорака на електрична енергија до точката на разграничување помеѓу дистрибутивната мрежа и објектите на потрошувачот, односно електроенергетските објекти на трети лица на кои е приклучен објектот на потрошувачот.
(3) ОДС не гарантира за евентуална штета која би настанала доколку на потрошувачот му биде прекината испораката на електрична енергија од страна на трето лице - сопственик на електроенергетскиот објект.
(4) Потрошувачот е должен да поднесе барање за приклучување на електродистрибутивната мрежа сопственост на ОДС во случај на негово исклучување од страна на трето лице - сопственик на електроенергетскиот објект на кои е приклучен објектот на потрошувачот.
Член 8
Ниво на дозволено повратно влијание во дистрибутивната мрежа
(1) Потрошувачот е должен во целост да ги почитува Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија.
(2) Потрошувачот е должен во целост да ги почитува Техничките правила за проценка на повратни влијанија изготвени од страна на ОДС.
(3) Потрошувачот е должен да го користи дистрибутивниот систем во рамки на одобрената максимална едновремена моќност утврдена во Решението за согласноста за приклучуванье издадено од ОДС во согласност со Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија.
(4) Доколку потрошувачот не постапува во согласност со став (1) од овој член, ОДС има право да го исклучи потрошувачот од дистрибутивниот систем, во согласност со Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија.
Член 9
Ниво на квалитет на извршена услуга
(1) ОДС ќе врши дистрибуција на електрична енергија со квалитет согласно Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија.
(2) ОДС е одговорен за квалитет на електрична енергија која се дистрибуира преку дистрибутивната мрежа која е во негова сопственост, и тоа:
1) до точката на разграничување помеѓу дистрибутивната мрежа на ОДС и објектот на потрошувачот,
2) до точката на разграничување помеѓу дистрибутивната мрежа на ОДС и објектите на трети лица на кои е приклучен објектот на потрошувачот.
(3) По исклучок на став (1) од овој член, потрошувачот може да побара дистрибуција на електрична енергија со квалитет подобар од утврдениот согласно Мрежните правила за дистрибуција на
електрична енергија, при што трошокот за обезбедување на бараното ниво на квалитет паѓа целосно на товар на потрошувачот.
Член 10
Размена на податоци и информации помеѓу ОДС и потрошувачот
(1) ОДС ќе го извести потрошувачот:
1) доколку ангажира поголема моќност од одобрената максимална едновремена моќност од страна на ОДС;
2) за сите планирани прекини, во согласност со Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија и Правилата за снабдуванье со електрична енергија;
3) за промената на погонските услови во мрежата, при што потрошувачот е должен да го прилагоди нивото на заштита на заштитните уреди и опрема на електроенергетските уреди на овие промени;
4) за зголемувањето на cтруја на куса врска во високонапонската и/или среднонапоската мрежа ако тие вредности се поголеми од оние за кои се димензионирани заштитните уреди и опрема на електроенергетските уреди на потрошувачот, при што потрошувачот е должен да го прилагоди нивото на заштита на своите заштитни уреди и опрема на зголемувањето на струја на куса врска;
5) други случаи, согласно Законот за енергетика, Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија и Правилата за снабдување со електрична енергија.
(2) Потрошувачот е должен да го извести ОДС:
1) доколку воочи оштетување на мерната опрема од мерните места, неправилно функционирање на мерната опрема, кражба на мерната опрема или на останатата опрема, отстранување или оштетување на пломбата и оштетување на мерните ормари,
2) доколку ги промени карактеристиките на својата потрошувачка и на тој начин отстапува од одобрената максимална едновремена моќност и/или други обврски кои му се утврдени од страна на ОДС;
3) други случаи, согласно Законот за енергетика, Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија и Правилата за снабдување со електрична енергија;
(3) Потрошувачот може да се обрати до Центарот за односи со потрошувачи на ЕВН Македонија за да пријави дефект или да добие информации, советувања и услуги на на 0890 88888, 24 часа, 7 дена во неделата, 365 дена во годината.
Член 11
Размена на податоци и информации помеѓу ОДС и Снабдувач
(1) Снабдувачите и ОДС се должни да комуницираат и разменуваат податоци и информации заради обезбедување на пропишаниот квалитет на испорачаната електрична енергија и услугите што ги обезбедуваат операторите, при што секој снабдувач и ОДС се должни да изготват Протокол за комуникација и размена на податоци и информации во согласност со Правилата за снабдување со електрична енергија.
(2) ОДС ги доставува мерните податоци до снабдувачот во форма и на начин утврден од страна на ОДС.
(3) За мерните уреди каде ОДС не извршил отчитување, а за истите потрошувачот доставил измерени податоци во писмена форма до снабдувачот, истиот е должен да ги достави добиените мерни податоци до ОДС.
(4) Снабдувачот има право да побара од ОДС да изврши отчитување на мерните уреди на потрошувачите во случај на:
1) приговор на сметка или фактура за потрошена електрична енергија од потрошувачот кој се однесува на мерните податоци;
2) раскинување на Договор за снабдување со електрична енергија.
3) промена на сопственоста на oбjeктот или при давање под закуп од страна на сопственикот на трето лице;
(5) Во случај на непланиран прекин во испорака на електрична енергија подолг од 8 часа ОДС е должен да го извести снабдувачот преку електронска пошта или факс најмногу 24 часа од настанувањето на непланираниот прекин, особено за следното:
1) датум на настанување на прекинот;
2) време на започнување на прекинот;
3) времетраење на прекинот;
4) причина за настанување на прекинот;
5) xxxx кој е опфатен со прекинот;
(6) Во услови на виша сила ОДС треба да го информира снабдувачот за прекините во напојувањето со електрична енергија, реоните кои се опфатени, за проценетото времетраење на прекините, за времетраењето на прекините заради појава на дефекти во делови од дистрибутивната мрежа предизвикани од Виша сила, како и за други корисни информации, кои му се неопходни на снабдувачот, за негова комуникација со потрошувачите. Начинот на комуникација и размена на информации и податоци помеѓу двете страни во успови на виша сила може да биде преку електронска пошта или факс.
3 НАДОМЕСТОК ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ДИСТРИБУТИВНИОТ СИСТЕМ
Член 12
Цена за користење на дистрибутивниот систем
(1) Цена за користење на дистрибутивниот систем претставуваат тарифите за пресметковните елементи за секое мерно место на потрошувачот, во согласност со Тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија, кои се одобрени од страна на Регулаторната комисија за енергетика.
Член 13
Фактурирање и плаќање на надоместок за користење на дистрибутивниот систем
(1) Пресметката на надоместокот за користење на дистрибутивниот систем се врши по извршено отчитување или проценка на количините на испорачана електрична енергија од страна на ОДС за определен пресметковен период.
(2) ОДС ќе му достави фактура за користење на дистрибутивниот систем на потрошувачот во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на завршување на пресметковниот период.
(3) Потрошувачот е должен фактурата од став (2) од овој член да ја плати во рок од 20 (дваесет) дена од денот на завршување на пресметковниот период
(4) Во случај на доцнење во плаќањето на фактурите од страна на потрошувачот, ОДС има право да пресмета законска казнена камата.
(5) Потрошувачот има право да поднесе приговор на доставената фактура во писмена форма, заедно со објаснување на причините за приговорот во согласност со Правилата за снабдување со електрична енергија, во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на нејзиното доставување. Корисникот кој приговара делумно на пресметката од доставената фактура, е должен неспорениот дел од фактурата да го плати во рокот наведен во став (3) од овој член.
(6) Потрошувачот кој не добил фактура должен е од ОДС да побара копија од фактурата за испорачана електрична енергија.
(7) ОДС има право да врши исправка на пресметките за надоместокот за испорачана електрична енергија во случај на грешки во отчитувањето на мерните уреди, односно во случај на дефект на мерните уреди, во согласност со Правилата за снабдување со електрична енергија.
(8) ОДС има право да ја прекине испораката на електрична енергија во случај на неплаќање на фактурите, како и во други случаи согласно Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија и Правилата за снабдување со електрична енергија.
Член 14 Гаранција за плаќање
(1) Потрошувачот е должен доколку не го платил надоместокот за користење на дистрибутивниот систем за последниот месец, во рок од 15 дена да достави на ОДС соодветна гаранција за плаќање на обврските со износ од претходно неплатената фактура како и да го подмири направениот долг.
(2) Гаранцијата за плаќање од став (1) од овој член треба да биде инструмент за обезбедување на плаќањето прифатлив за ОДС во форма на депозит или банкарска гаранција. ОДС исто така може да одлучи да прифати инструмент за обезбедување на плаќањето во форма на залог, хипотека, нотарски заверена меница со извршна клаузула или задолжница.
(3) Доколку ОДС утврди дека доставениот инструмент за обезбедување наплаќање не е доволен или соодветен, има право да побара дополнителен или нов инструмент за обезбедување на плаќање од потрошувачот.
(4) Доколку потрошувачот не достави инструмент за обезбедување на плаќање во согласност со став (1) и
(3) од овој член, ОДС има право да ја прекине испораката на електрична енергија на потрошувачот.
(5) Доколку доставениот инструмент за обезбедување на плаќањето се активира, потрошувачот е должен да достави нов инструмент за обезбедување на плаќање согласно ставовите (1), (2) и (3).
4 ИСКЛУЧУВАЊЕ НА ПОТРОШУВАЧ
Член 15
Услови за исклучување на потрошувач
(1) ОДС има право го исклучи потрошувачот од дистрибутивниот систем во случај доколку:
1) Потрошувачот неовластено превзема електрична енергија од дистрибутивниот систем, во согласност со одредбите од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија;
2) Потрошувачот не се придржува на одредбите од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија;
3) ОДС има потреба да изврши контрола, баждарење, замена, вградување, дислокација на мерни уреди и опрема;
4) Потрошувачот не дозволува пристап на имотот кој е во негова сопственост или во негово владение заради спречување ОДС да врши мерење, отчитување, контрола, баждарење, замена, вградување, дислокација на мерни уреди и на опрема, или да утврдат дали се врши кражба на електрична енергија преку приклучокот;
5) Потрошувачот не извршил плаќање на надоместокот за користење на дистрибутивниот систем во рок и на начин утврден во овие Општи услови;
6) Снабдувачот со кој потрошувачот има склучено Договор за снабдување со електрична енергија поднел барање за негово исклучување, во согласност со одредбите од Правилата за снабдување со електрична енергија и овие Општи услови;
7) Нема договор за снабдување;
8) Исклучувањето на потрошувачот е наложено од страна на надлежен суд или друг надлежен орган;
9) користењето на електроенергетските објекти, опремата и инсталациите од страна на потрошувачот предизвикува непосредна опасност по животот и здравјето на луѓето и имотот;
10) Потрошувачот побара од ОДС да биде исклучен од дистрибутвниот систем;
(2) Во случај кога потрошувачот е приклучен на електроенергетски постројки во сопственост на трето лице (изолирани индустриски дистрибутивни мрежи), ОДС има право да го исклучи потрошувачот на барање на сопственикот на електроенергетските постројки на кои е приклучен објектот на потрошувачот.
(3) По престанувањето на причините за исклучување на потрошувачот од ставот (1) на овој член, ОДС ќе изврши повторно приклучување на потрошувачот.
(4) Потрошувачот е должен да плати надомест за повторно приклучување, во согласност со Ценовникот на услуги на ОДС.
Член 16
Потрошувачи на кои не смее да им се прекине испораката на електрична енергија
(1) ОДС ќе им ја прекине испораката на потрошувачите кои се дефинирани како потрошувачи на кои не смее да им се прекине испораката на електрична енергија согласно Правилата за снабдување со
електрична енергија доколку потрошувачите во период не подолг од 45 дена од денот на настанување на обврската за плаќање на фактурата не обезбеди гаранција за плаќање.
(2) Гаранцијата од ставот (1) треба да биде во износ од најмалку две претходно неплатени фактури.
(3) Доколку гаранцијата од ставот (1) се активира потрошувачот е должен истата во рок од 15 дена да ја надополни.
Член 17
Исклучување на потрошувач по барање на снабдувачот
(1) ОДС по барање на снабдувачот, ќе ја прекине испораката на електричната енергија на пресметковното мерно место во согласност со Правилата за снабдување со електрична енергија.
(2) За реализација на прекините на испорака на електрична енергија од ставот (1) на овој член, најмалку 3 дена пред истекот на секој календарски месец, снабдувачот до ОДС е должен да достави барање за прекин на испорака на образец претходно изготвен од страна на ОДС, во кое се наведени мерните места на потрошувачите на кои треба да им биде прекината испораката во месецот кој следи.
(3) ОДС во согласност со своите расположливи капацитети ќе изврши прекин на испорака на електрична енергија на мерните места содржани во барањето од став (1).
(4) Снабдувачот може да го повлече барањето за прекин на испорака од став (2) на овој член, најдоцна еден работен ден пред датумот предвиден за реализација на прекинот на испорака на електрична енергија.
(5) Во случај кога снабдувачот не го испочитувал рокот за повлекување на барањето за прекин на испорака на електрична енергија утврден во став (4) на овој член, односно истиот побарал повлекување на барањето по истекот на рокот, барањето за прекин на испорака ќе се смета за реализирано.
Член 18
Повторно приклучување на потрошувач по барање на снабдувачот
(1) Во случај кога причината за прекин на испорака на електрична енергија на потрошувачот престанала да важи, снабдувачот до ОДС ќе достави барање за повторно приклучување во кое се наведени мерните места на потрошувачите на кои е потребно повторно да им се воспостави испорака на електрична енергија.
Член 19
Надоместок за исклучување и повторно приклучување на корисник
(1) ОДС на Снабдувачот ќе му достави фактура за сите реалзирани исклучувања и повторни приклучувања на потрошувачите во текот на пресметковниот период во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на завршување на пресметковниот период.
(2) Снабдувачот е должен фактурата од став (2) од овој член да ја плати во рок од 20 (дваесет) дена од денот на завршување на пресметковниот период.
5 ОБЕШТЕТУВАЊЕ НА ПОТРОШУВАЧИТЕ ВО СЛУЧАЈ НА ПРЕКИН НА ИСПОРАКАТА НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА
Член 20 Обештетување на потрошувачите
(1) Во случај на ненајавен прекин во испораката на електрична енергија или во случај кога најавениот прекин ќе трае подолго отколку најавата, потрошувачот има право од ОДС да побара надоместок според условите пропишани во Правилата за снабдување на електрична енергија.
(2) ОДС не гарантира за евентуалната штета која би настанала доколку на потрошувачот му биде прекината испораката на електрична енергија:
1) од страна на трето лице - сопственик на електроенергетскиот објект или мрежа преку кој се врши дистрибуција на електрична енергија за потребите на потрошувачот;
2) како резултат на оштетување или дефекти на електроенергетски објекти или мрежа во сопственост на трето лице преку кои се врши дистрибуција на електрична енергија за потребите на потрошувачот;
3) како резултат на исклучување спроведено од страна на ОДС на електроенергетски објекти или мрежа во сопственост на трето лице преку кои се врши дистрибуција на електрична енергија за потребите на потрошувачот.
6 ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 21 Влегување во сила
(1) Овие Општи услови влегуваат во сила и истите ќе се применуваат со денот на нивно донесување.
(2) ОДС ќе објави овие Општи услови на својата интернет страна во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на нивно донесување.