Contract
Друштво за осигурување
ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје
ПОСЕБНИ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ВО СЛУЧАЈ НА НЕМОЖНОСТ ЗА ВРАЌАЊЕ НА КРЕДИТ ОДОБРЕН ОД СТРАНА НА ДЕЛОВНА БАНКА ПОРАДИ
НЕВРАБОТЕНОСТ
Јануари, 2023 година
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
Член 1
(1) Овие Посебни Услови за осигурување во случај на неможност за враќање на кредит одобрен од страна на деловна банка поради невработеност (во понатамошниот текст: Посебни Услови) се составен дел на договорот за осигурување поради неможност за враќање на кредит одобрен од страна на деловна банка (во понатамошниот текст: договор за осигурување) кој договорувачот на осигурувањето го склучува со друштвото за осигурување (во понатамошниот текст: осигурувач) и се применуваат заедно со Општите Услови за осигурување во случај на неможност за враќање на кредит одобрен од страна на деловна банка (во понатамошниот текст: Општи Услови).
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 2
(1) Со овие Посебни Услови се регулираат односите помеѓу договорувачот на осигурувањето и осигурувачот во случај на осигурување поради неможност за враќање на кредит одобрен од страна на деловна банка по остварување на осигуран случај невработеност на осигуреникот кој настапил во периодот на осигурителното покритие.
(2) Во смисла на овие Посебни Услови, за престанување на работен однос се смета само невработеност на осигуреникот која настанала не по вина на осигуреникот, односно кога се врши откажување на договор за вработувањеод деловни причини. Под отказ на договор за вработување од деловни причини од страна на работодавецот се смета:
- отказ на договорот за вработување поради престанок на потребата за извршување одредена работа под услови од договорот за вработување поради економски, организациски, технолшки, структурни и слични причини од страна на работодавецот;
Под отказ на договор за вработување од деловни причини во смисла на овие Посебни Услови се смета и откажување на договорот за вработување поради покренување постапка за престанување со работа на работодавецот (стечајна постапка, постапка на ликвидација и други случаи на престанок на правно лице)
(3) Во смисла на овие Посебни Услови, за невработено се смета лицето:
1) кое нема заснован работен однос со договор за вработување на неопределено или определено време кај работодавацот или со договор за отстапување на привремена работа кај работодавач корисник преку Агенција за привремени вработувања;
2) кое не е ангажирано за вршење на работи надвор од работниот однос врз основа на договор за привремена или повремена работа, договор на дело, договор за застапување и посредување и сл., кое не се бави со хонорарна или самостојна работа, кое на друг начин нема остварено право на работа и не остварува приходи од рента на основ на договор за закуп и сл.;
3) кое се води во евиденција на невработени во Агенција за вработување на Република Северна Македонија и кое активно бара вработување, што се докажува со потврда од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија;
4) кое остварува право на паричен надомест за време на невработеност во согласност со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (Службен весник на РМ бр.37/97 и сите негови последователни измени и дополнувања), што се докажува со потврда од Агенцијатаза вработување на Република Северна Македонија, на кое задолжително се наведува датумот кога невработеното лице стекнало право на паричен надомест, или потврда од други надлежни државни институции.
ОСИГУРАН СЛУЧАЈ
Член 3
(1) Осигуран случај се смета неспособноста на осигуреникот да ги подмирува обврските по договорот за кредит поради невработеност, доколку во текот на траењето на договорот за осигурување, осигуреникот стекне статус на невработено лице во согласност со член 2. - од овие Посебни Услови и со тоа остане континуирано невработен подолго од
договорениот период на чекање во согласност со Општите Услови и овие Посебни Услови.
(2) Во смисла на овие Посебни Услови, за престанување на работен однос се смета само недоброволна невработеност на осигуреникот која настанала за време на осигурителното покритие, под услов да не е предизвикана со случаи настанати пред склучување на договорот за осигурување.
РЕ-ПЕРИОД НА ЧЕКАЊЕ
Член 4
(1) Во согласност со овие Посебни Услови, при договарање на осигурувањето може да се договори “ре-период на чекање”. Договорениот “ре-период” се дефинира во договорот за осигурување.
(2) Под поимот “ре-период на чекање” се подразбира договорен временски период кој мора да постои измеѓу два осигурани случаи при што осигуреникот мора да биде континуирано вработен. Само во овој случај, под континуирано вработување се смета договор за вработување на неопределено време или договор за вработување на определено време. Доколку не е поинаку договорено, ре-периодот на чекање изнесува 1 (една) година.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 5
(1) Со договорот за осигурување осигурувачот се обврзува дека, во случај на настапување на осигуран случај невработеност на осигуреникот, на корисникот на осигурувањето ќе му исплати надомест од осигурувањето кој е еднаков на износите на месечни рати на кредитот во согласност со договорот за кредит за секои 30 (триесет) денови на невработеност, максимално 6 (шест) месеци, освен доколку поинаку не се договори во договорот за осигурување (полиса). Доколку поинаку не се договори, обврската на осигурувачот по еден осигуран случај трае максимум 6 (шест) месеци.
(2) Осигурувачот е во обврска да исплати надомест само доколку невработеноста настанала поради деловни причини (економски, технолошки, структурни и организациски причини) независно дали истиот е формализиран преку отказно решение или спогодба за престанок на работен однос. При спогодбен престанок на работниот однос не се применува условот опишан во член 2, став 3, точка 4._
ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 6
(1) Со договорот за осигурување се договорува ограничување на обврските на осигурувачот во смисла на број и износи на рати на кредитот по еден осигуран случај и за целиот период на траење на договорот за осигурување.
(2) Доколку при прием во осигурување осигуреникот бил вработен со договор на определено време, осигурувачот е во обврска за надомест само до истек на договорот на определено. Доколку осигуреникот приложи доказ за продолжување на договорот, продолжува осигурителното покритие се до истекот на новиот договор.
(3) Максимална обврска на осигурувачот се 2(ДВА) осигурени случаи во текот на траење на договорот за кредит.
ИСКЛУЧУВАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 7
(1) Исклучени се сите обврски на осигурувачот по овие Посебни Услови доколку невработеноста настанала како последица на следните околности:
1) доброволна невработеност поради поднесување на барање за престанок на работниот
однос од страна на работникот (едностран престанок) или поради спогодбено престанување на работниот однос односно поднесување на барање за доброволен технолошки вишок од страна на работникот;
2) пензионирање и сл.;
3) невработување поради отказ на договор за вработување од страна на работодавацот, предизвикан од однесување на вработениот, т.е. осигуреникот/корисникот на кредит, и тоа:
- доколку вработениот по своја вина не ги извршува работните обврски утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавацот и договор за вработување (отказ на договор за вработување од лични причини на страна на работникот);
- доколку вработениот не ги почитува односно ги прекрши работниот ред и дисциплина или не ги исполнува работните обврски утврдени со закон, колективен договор, со акт на работодавацот и договор за вработување (причини на вина за отказ на договорот за вработување); т.е. доколку неговото однесување е такво што не може да го продолжи работењето кај работодавачот;
- доколку вработениот направи кривично дело на работа или во врска со работата;
4) престанок на работниот однос поради престанок на работната дозвола;
5) престанок на работниот однос поради сторено кривично дело на осигуреникот;
6) невработеност која е последица на истекот на времето за коесто бил склучен договорот за вработување на определено време;
7) невработеност на осигуреникот кој е самовработен, а неговата дејност се уште функционира;
8) отказ кој на вработениот му е соопштен пред датумот на потпишување;
9) завршување на периодот на обука или пробна работа;
10) истек на договорот со кој остварува работа надвор од работниот однос;
11) спогодбен прекин на работен однос.
(2) Исклучени се сите обврски на осигурувачот по овие Посебни Услови доколку работодавачот и осигуреникот се иста личност, како и доколку се поврзани како членови на семејство во било која смисла (родители на осигуреникот, деца на осигуреникот, брачен другар на осигуреникот, брат/сестра на осигуреникот).
ПРИЈАВА НА ШТЕТА ВО СЛУЧАЈ НА НАСТАНУВАЊЕ НА ОСИГУРАН СЛУЧАЈ И ИСПЛАТА НА НАДОМЕСТ ОД ОСИГУРУВАЊЕ
Член 8
(1) По настанување на осигуран случај, осигуреникот или корисникот на осигурување поднесува пријава за штета односно барање за исплата на надомест од осигурување и ги поднесува следните документи:
1) писмен отказ од кој е видлив престанокот на работниот однос, како и останати исправи кои, согласно позитивните законски прописи, служат за доказ за престанок на работниот однос;
2) потврда од работодавачот со кој се потврдува дека при договарање на осигурувањето во моментот на почнување на осигурувањето осигуреникот бил вработен по основ на договор за вработување на неопределено време во приватен и/или јавен сектор, и тоа најмалку 40 (четириесет) часа неделно, како и останати исправи кои, согласно позитивните законски прописи, служат како доказ дека лицето било вработено во моментот на почнување на осигурувањето, освен доколку поинаку не се договори во договорот за осигурување (полиса);
3) копија од потпишан договор за кредит;
4) план за отплата на кредитот односно потврда за минимална уплата или уплати (месечен извод), и тоа од денот на настанување на осигураниот случај со примена на член
3. од овие Посебни Услови, кои ги спрема и заверува овластен претставник на договорувачот на осигурувањето;
5) Потврда за статусот на невработеност и право на паричен надомест за време на невработеноста, издадена од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
(2) Осигуреникот/корисникот на осигурувањето е обврзан дека во текот на траењето на
исплатата на надомест од осигурување од страна на осигурувачот, секој месец ќе доставува на осигурувачот оригинална потврда за невработеност и право на паричен надомест за време на невработеноста издадена од Агенција за вработување на Република Северна Македонија, или нејзина заверена копија. Наведената потврда осигуреникот/корисникот на осигурувањето е должен да ја достави на осигурувачот најдоцна до 10-ти (десетти) во месецот за претходниот месец.
(3) Во случај осигуреникот за претходниот месец да достави непотполна документација, осигурувачот ќе исплати надомест за претходниот месец по комплетирање на доставената пријава за настанување на осигуран случај во согласност со овие Посебни Услови. Во тој случај, осигурувачот нема обврска за плаќање на казнени камати и било какви други евентуални трошоци кои произлегуваат од доцнење на плаќањето на надоместот од осигурување кон Банката како корисник на осигурувањето.
(4) Покрај наведените документи, осигурувачот има право од осигуреникот, договорувачот на осигурувањето или било кое друго правно или физичко лице кое бара надомест од осигурувањето, да побара дополнителни објаснувања и докази, како и тоа, на свој трошок, да преземе мерки со цел утврдување на останати важни околности во врска со пријавениот настан кој довел до настанување на осигуран случај, доколу смета дека се потребни за утврдување на обврските на осигурувачот.
Завршни одредби Член 9
(1) За се она што не е регулирано со овие Посебни Услови се применуваат одредбите на Општите Услови за осигурување во случај на неможност за враќање на кредит одобрен од страна на деловна банка.
(2) Доколку постои несогласување кај одредени одредби со Општите Услови за осигурување во случај на неможност за враќање на кредит одобрен од страна на деловна банка, на односите од договорот за осигурување ќе се применуваат одредбите од овие Посебни Услови.
Овие Посебни Услови се донесени од страна на Xxxxxxxx одбо, врз основа на Одлука Бр. 0203-03/19 од 28.12.2022 година, и стапува во сила сметано од 01.01.2023 година.
УПРАВЕН ОДБОР
Претседател на управен одбор Xxx Xxxxxxxxx
Член на управен одбор Xxxxx Xxxxxxx
__ Член на управен одбор Xxxx Xxxxxxxx