UNITED NATIONS - NATIONS UNIES
UNITED NATIONS - NATIONS UNIES
К О Н В Е Н Ц И Ј А
E/ECE/253: E/ECE/TRANS/489
ЗА ДОГОВОРОТ ЗА МЕЃУНАРОДЕН ПАТЕН ПРЕВОЗ НА СТОКА (CMR)
склучена во Женева на 19 Мај 1956
П Р Е А М Б У Л А
Договорените страни,
Признавајќи ја пожелноста да се стандардизираат условите на договорот за меѓународен патен превоз на стока, особено во поглед на документите кои се употребуваат за таков превоз и во поглед на одговорноста на превозникот се договорија за следното:
ГЛАВА I
ОБЕМ НА ПРИМЕНА
Член 1.
1. Оваа Конвенција ќе се применува за секој договор за патен превоз на стока со надомест, со возила, кога местото на преземање на стоката и одредишното место, како што тоа е утврдено со договорот, се наоѓаат во две различни држави, без оглед на местото на седиштето и на националноста на странките.
2. Во смислата на оваа Конвенција под "возила" треба да се подразберат моторни возила, комбинирани возила, приколки и полуприколки, како што е дефинирано во членот 4 од Конвенцијата за патен сообраќај од 19.09.1949 год.
3. Оваа Конвенција ќе се применува и во случај кога превозот кој спаѓа во рамките на нејзината примена, се врши од страна на државите или државните установи или организации.
4. Оваа Конвенција нема да се применува:
а) за превози извршени врз основа на било која меѓународна поштенска конвенција;
б) за превоз на посмртни остатоци; в) за селидба на мебел.
5. Страните-потписнички се согласуваат да не менуваат ниту една одредба од оваа Конвенција со специјални договори меѓу две или повеќе страни, освен во случај да ја направат неприменлива за нивниот пограничен сообраќај или да дозволат употреба во транзитните операции на нивна територија на товарни листови кои го означуваат сопственикот на стоката.
Член 2.
1. Во случај возилото кое пренесува стока да се пренесува по еден дел од патот по море, со железница, по внатрешни водени патишта или по воздушен пат, и, освен во случај кога се применливи одредбите од членот 14, кадешто не се врши истоварување на стока од ова превозно средство, оваа Конвенција сепак ќе се применува на целиот пат на превозот. Меѓутоа, доколку се докаже дека има било каков губиток, штета или задоцнување во испораката на стоката кое се јавува во текот на превозот со други превозни средства не е предизвикано со пропуст при работата или пропуст на патниот превозник туку со некој настан кој единствено можел да се случи во текот на превозот и поради превозот на стока со тоа друго превозно средство, одговорноста на патниот превозник ќе биде утврдена не со оваа Конвенција туку со начинот на кој би била утврдена одговорноста на превозникот со друго превозно средство во случај договорот за превоз да биде склучен само помеѓу испраќачот и превозникот со друго превозно средство, согласно условите пропишани со закон за превоз на стока со тоа друго превозно средство. Доколку, пак, такви пропишани услови не постојат, одговорноста на патниот превозник ќе биде утврдена со оваа Конвенција.
2. Доколку патниот превозник е исто така и превозник со друго превозно средство, неговата одговорност ќе се утврдува исто така спрема ставот 1 од овој член, но на начин како тој да претставува два посебни превозници - патен превозник и превозник со други превозни средствa
ГЛАВАII
ЛИЦА ЗА КОИ ОДГОВАРА ПРЕВОЗНИКОТ
Член 3.
Во смисла на оваа Конвенција превозникот е одговорен за постапките и пропустите на неговите претставници и службеници и сите други лица чии услуги тој ги користи за извршување на превозот, кога таквите претставници, службеници и други лица постапуваат во рамките на своите работни места, како таквите постапки да се лично негови.
ГЛАВА III
СКЛУЧУВАЊЕ И ИЗВРШУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА ПРЕВОЗ
Член 4.
Договорот за превоз ќе биде потврден со преземањето на товарниот лист. Отсуството, не исправноста или губењето на товарниот лист нема да има влијание врз постоењето или валидноста на договорот за превоз кој ќе остане подложен на одредбите на оваа Конвенција
Член 5.
1. Товарниот лист ќе се издава во три оригинални примероци потпишани од страна на испраќачот и превозникот. Потписите можат да бидат отпечатени или заменети со печати на испраќачот и превозникот доколку тоа го дозволува законот на земјата во која е издаден товарниот лист. Првиот примерок ќе му се предава на испраќачот, вториот ќе ја следи стоката а треттиот ќе го задржи превозникот.
2. Кога стоката која се превезува треба да се утовари во различни возила или е од различен вид или е поделена во различни групи, испраќачот или превозникот ќе има право да бара посебен товарен лист за секое употребено возило или за секој вид или количина на стока.
Член 6.
1. Товарниот лист ќе ги содржи следните податоци:
а) датумот и местото на издавање на товарниот лист; б) името и адресата на испраќачот;
в) името и адресата на превозникот;
г) местото и датумот на преземање на стоката и местото одредено за испорака на стоката;
д) местото и адресата на приемачот;
ѓ) xxxxxxxxx опис на видот на стоката и начинот на пакување, и, во случај на опасни материи, нејзин општопризнат опис;
е) бројот на пакети и нивните специјални ознаки и броеви;
ж) бруто-тежината на стоката или поинаку изразена количина;
з) трошоците во врска со превозот (трошоци на превозот, дополнителни трошоци, царина и други издатоци направени од склучувањето на договорот до времето на испорака;
ѕ) потребните инструкции за царинските и другите формалности;
и) изјава дека превозот подлежи на одредбите на оваа Конвенција, без оглед на било кои спротивни прописи.
2. Во случаите кога е тоа применливо, товарниот лист ќе ги содржи и следните податоци:
а) ознака дека претовар не е дозволен;
б) трошоците кои ги презема на себе испраќачот;
в) износот за плаќање кој треба да се изврши во моментот на испорака;
г) декларација за вредноста на стоката и износот кој претставува посебен интерес за испораката;
д) инструкциите за превозникот од испраќачот во поглед на обезбедување на стоката;
ѓ) договорениот рок во кој треба да се изврши превозот;
е) список на документите кои му се предадени на превозникот.
3. Странките можат во товарниот лист да наведат било какви други поединости за кои сметаат дека се корисни.
Член 7.
1. Испраќачот ќе биде одговорен за сите трошоци, загуби и штети поднесени од страна на превозникот поради неточни и несоодветни:
а) податоци наведени во ставот 1, под б), г), д), ѓ), е), ж) и ѕ) од членот 6;
б) податоци наведени во став 2 од членот 6;
в) какви било други податоци или инструкции дадени од негова страна за да може да се преземе товарниот лист или за да тие можат да се внесат во него.
2. Доколку, на барање на испраќачот, превозникот ги внесе во товарниот лист податоците спомнати во став 1 од овој член, ќе се смета, освен ако не се докаже поинаку, дека тоа го сторил во име на испраќачот.
3. Доколку товарниот лист не ја содржи изјавата означена во став 1, под и), од членот 6, превозникот ќе биде одговорен за сите трошоци, загуби или штети претрпени заради такви пропусти од страна на лицето овластено да располага со стоката.
Член 8.
1. При преземањето на стоката, превозникот ќе ја контролира:
а) точноста на податоците наведени во товарниот лист во однос на бројот на колети и нивнитеознаки и броеви, и
б) воочливата состојба на стоката и нејзиното пакување.
2. Во случај кога превозникот располага со разумни средства за контролирање на исправноста на наведените податоци спомнати во ставот 1, под а), од овој член тој ќе ги впише своите резерви назначувајќи ги притоа причините на кои тие се засновани. Тој исто така ќе ги наведе и причините за какви било резерви кои истиот ќе ги направи во поглед на надворешната состојба на стоката и нејзиното пакување. Таквите резерви нема да го обврзат испраќачот освен ако тој изричито се согласил во товарниот лист дека го обврзуваат.
3. Испраќачот ќе има право да бара од превозникот да ја контролира бруто тежината на стоката или нејзината количина изразена на поинаков начин. Тој исто така може да бара да се контролира содржината на пакетот. Превозникот, пак, ќе има право да бара надоместување за тоа контролирање. Наодот од контролирањето ќе се наведе во товарниот лист.
Член 9.
1. Товарниот лист ќе претставува доказ "prima facie" за составување на договорот за превоз, условите на договорот и приемот на стоката од страна на превозникот.
2. Доколку товарниот лист не содржи специфични резерви направени од страна на превозникот ќе се смета, освен во случај да се покаже поинаку, дека изгледало дека стоката и нејзината амбалажа биле во добра состојба кога ги преземал превозникот и дека бројот на пакети, нивните ознаки и броеви одговарале на наведените податоци во товарниот лист.
Член 10.
Испраќачот ќе одговара пред превозникот за штетите направени на лицата, приборот и другата стока и за сите трошоци предизвикани заради лошото ракување со стоката , освен ако грешката била очигледна или му била позната на превозникот во времето на преземање на стоката и тој не направил никакви резерви во тој поглед.
Член 11.
1. За потребите на царинските и други формалности кои треба да се извршат пред испораката на стоката испраќачот ќе ги приложи со товарниот лист потребните документи или ќе му ги стави на располагање на превозникот и ќе му ги даде сите податоци кои тој ги бара.
2. Превозникот нема да биде обврзан да ја испитува исправноста или доволноста на таквите документи и податоци. Испраќачот ќе биде одговорен пред превозникот за секаква штета предизвикана поради недостаток, недоволност или неисправност на таквите документи и податоци, освен во случај на неисправна постапка или немарност од страна на превозникот.
3. Одговорноста на превозникот за последиците предизвикани од губење или неисправна употреба на документите наведени и приложени кон товарниот лист или депонирани кај превозникот ќе биде иста како и одговорноста на застапникот со тоа што надоместот кој треба да го плати превозникот не смее да го надмине износот на надомест во случај на губење на стоката.
Член 12.
1. Испраќачот има право на располагање со стоката особено во поглед на барање од превозникот да ја запре стоката при транзит, да го промени местото во кое треба да се изврши испораката или да ја предаде стоката на друг приемач од оној назначен во товарниот лист.
2. Ова право ќе престане да важи кога вториот примерок од товарниот лист ќе му се предаде на приемачот или кога приемачот го извршува своето право по став 1, член 13; од тоа време натаму превозникот ќе постапува по наредбите на приемачот.
3. Приемачот, пак, има право на располагање од моментот на преземањето на товарниот лист доколку испраќачот внесе таква напомена во товарниот лист.
4. Доколку, при извршувањето на своето право на располагање приемачот нареди предавање на стоката на друго лице, тоа друго лице нема право да наименува други приемачи.
5. Извршувањето на правото на располагање подлежи на следните услови:
а) испраќачот или, во случајот наведен во ставот 3 од овој член, приемачот кој сака да го изврши правото го поднесуваат првиот примерок од товарниот лист во кој се внесени новите упатства за превозникот, и го обезбеди превозникот против сите издатоци, загуби или штета предизвикани со извршувањето на таквата инструкција;
б) извршувањето на таквите инструкции да биде можно во време кога инструкциите ќе стигнат до лицето кое треба да ги изврши и истото ниту го попречува нормалното извршување на обврските преземани од страна на превозникот ниту ги прејудицира испраќачите или адресите на другите пратки;
в) инструкциите да немаат за последица раздвојување на пратката.
6. Во случај кога, согласно одредбите од ставот 5 под б) од овој член, превозникот не може да ги изврши инструкциите кои ги примил, тој за тоа веднаш треба да го извести лицето кое му ги дало инструкциите.
7. Превозникот кој нема да ги изврши инструкциите дадени под условите предвидени во овој член или кој нема да ги изврши без барање да му се поднесе првиот примерок од товарниот лист ќе биде одговорен пред лицето кое има право да постави барање за секоја штета или загуба предизвикани со тоа.
Член 13.
1. По приемот на стоката во местото одредено за испорака приемачот има право да бара од превозникот да му го предаде со потврда вториот примерок од товарниот лист и стоката. Доколку се забележи губење на стоката или доколку стоката не пристигне по истекувањето на рокот предвиден во член 19, приемачот има право да ги извршува во свое сопствено име правата од договорот за превоз.
2. Приемачот кој се користи со правата кои му се дадени по став 1 од овој член плаќа надоместоци предвидени со товарниот лист, но во случај на спор по тоа превозникот нема да биде обврзан да ја предаде стоката без полагање гаранција од страна на приемачот.
Член 14.
1. Ако од било кои причини не е возможно или стане невозможно извршувањето на договорот спрема условите наведени во товарниот лист, пред пристигањето на стоката во местото назначено за испорака, превозникот ќе бара инструкции од лицето овластено да располага со стоката согласно одредбите од член 12.
2. Меѓутоа, ако околностите се такви да дозволуваат извршување на превозот под условите поинакви од оние наведени во товарниот лист и доколку превозникот не бил во состојба да добие инструкции во разумен рок од лицето овластено да располага со стоката согласно одредбите од членот 12, тој презема мерки кои му изгледаат најдобри од интерес за лицето кое има право да располага со стоката
Член 15.
1. Во случај кога околностите ја спречуваат испораката на стоката по нејзиното пристигање во местото означено за испорака, превозникот ќе побара инструкции од испраќачот. Доколку приемачот одбие да ја преземе стоката, испраќачот ќе има право да располага со неа без обврска од поднесување на првиот примерок од товарниот лист.
2. Xxxx и кога одбил да ја преземе стоката приемачот сепак ќе може да бара предавање на стоката се додека превозникот не добие спротивни инструкции од испраќачот.
3. Кога околностите кои ја спречуваат испораката на стока ќе уследат откако приемачот преку извршувањето на своето право по став 3 издал налог стоката да му биде предадена на друго лице, ќе се применат ставотите 1 и 2 од овој член исто како приемачот да е испраќач, а тоа друго лице да е приемач.
Член 16.
1. Превозникот има право на надомест на неговите трошоци во врска со барањата на инструкциите како и сите трошоци поврзани со извршувањето на таквите инструкции освен ако таквите издатоци се предизвикани од погрешно постапување или немарност на превозникот.
2. Во случаите спомнати во ставот 1 од член 14 и 15 превозникот веднаш може да ја истовари стоката во име на лицето овластено да располага со неа и со тоа ќе се смета дека превозот е извршен. Тогаш превозникот ќе ја чува стоката за сметка на лицето кое е за тоа овластено. Тоа, пак, може да му ја довери стоката на трето лице и во тој случај нема да има никаква обврска освен во поглед на посветување на разумна грижа за изборот на таквото трето лице.
Трошоците по спроводницата и сите други издатоци паѓаат на товар на стоката.
3. Превозникот може да ја продаде стоката не чекајќи инструкции од лицето кое има право да располага со неа доколку стоката е лесно расиплива или нејзината состојба ја оправдува таквата постапка, или кога трошоците за чување се несразмерни на вредноста на стоката. Тој исто така може да пристапи кон продажба на стоката и во други случаи доколку по истекот на разумниот рок од лицето овластено да располага со стоката не прими спротивни инструкции за кои со право може да се очекува да бидат извршени од него.
4. Доколку стоката се продаде согласно овој член, противвредноста по одбивањето на трошоците кои се однесуваат на стоката ќе се стават на располагање на лицето овластено да располага со стоката. Доколку овие трошоци ја надминуваат противвредноста на продадената стока, превозникот има право на разлика.
5. Постапката во случај на продажба се одредува согласно законите или обичаите на местото каде што се наоѓа стоката.
ГЛАВА IV
ОДГОВОРНОСТ НА ПРЕВОЗНИКОТ
Член 17.
1. Превозникот е одговорен за целосно или делумно губење на стоката и за оштетување на истата кое ќе настапи од времето на превземањето на стоката до времето на нејзината испорака , како и за какво било задоцнување при испораката.
2. Превозникот пак ќе биде ослободен од одговорност доколку губењето, штетата или задоцнувањето предвизвикано од погрешна постапка или од немарност на барателот, со инструкциите на барателот кои не се дадени како последица на грешка или немарност од страна на превозникот, со природна грешка на стоката или околностите кои превозникот не можел да ги избегне или последиците кои не можел да ги спречи.
3. Превозникот нема да биде лишен од одговорност по дефектна состојба на возилото употребено од негова страна за превоз или поради погрешна постапка или немарност на лицето од кое евентуално го изнајмил возилото или застапникот или службеникот на последново лице.
4. Под условите од став 2 и 5 од член 18 превозникот ќе биде ослободен од одговорност во случај кога губењето или штетата ќе настапат по специјален ризик на заедничка една или повеќе од следните околности:
а) употреба на отворени непокриени возила, доколку нивната употреба е јасно договорена и назначена во товарниот лист;
б) недостаток или лоша состојба на амбалажата во случај на стока која по својата природа е подложна на растурање или оштетување доколку не е спакувана или уредно спакувана;
в) манипулација, утовар, складиштење или истовар на стоката од страна на испраќачот, приемачот или лицето кое постапува во име на испраќачот или приемачот;
г) природа на извесен вид на стока која е особено изложена на потполно или делумно губење или оштетување, особено по кршење, оксидирање, трулење, сушење, капење, нормално растурање, или дејство на молци или црви;
д) недоволност или несовршеност на ознаките или броевите на пакетите; ѓ) превоз на стоката.
5. Во случај кога по овој член превозникот нема никаква одговорност во поглед на некои од факторите кои предизвикуваат губење, штета или задоцнување, тој ќе биде одговорен само во онаа мерка доколку тие фактори за кои е одговорен по овој член придонеле кон губењето, штетата или задоцнувањето.
Член 18.
1. Должноста за докажување дека губењето, штетата или задоцнувањето уследило поради една од причините наведени во став 2 од член 17 паѓа на превозникот.
2. Кога превозникот ќе установи дека со оглед на околностите на случајот губењето или штетата можат да бидат препишани на еден или повеќе ризици спомнати во став 4 од член 17, ќе се претпостави дека тоа е вистинската причина. Сепак барателот во секој случај ќе има право да докажува дека губењето или штетата не можат навистина целосно или делумно да се препишат на еден од тие ризици.
3. Оваа претпоставка нема да се применува од околностите изложени во став 4 под а) од член 17, доколку постои невообичаен кусок на било кој колет.
4. Доколку превозот е извршен со возило специјално опремено за заштита на стоката против дејството на топлина, студ, промени во температурата или
влагата на воздухот, превозникот нема да има право да се користи со погодностите од став 4 под д) од член 17 освен ако докаже дека сите мерки за кои бил обврзан во конкретните околности во поглед на изборот, одржувањето и употребата на таква опрема биле преземани и дека постапил по сите специјални инструкции кои му биле издадени.
5. Превозникот нема да има право да бара погодности од став 4 под ѓ) од член
17 освен ако докаже дека сите мерки за кои нормално бил обврзан во конкретните околности биле преземени и дека постапил согласно на било какви специјални инструкции кои му биле издадени.
Член 19.
Ќе се смета дека задоцнувањето при испораката настапило кога стоката не е испорачана во договорениот рок или кога, во недостаток на договорен рок, вистинското траење на превозот со оглед на конкретните околности и особено во случај на делумен товар времето потребно за составување на целосен товар во нормални услови го надминува времето кое може да му се признае на еден совесен (вреден) превозник.
Член 20.
1. Фактот дека стоката не е испорачана во рок од 30 дена по истекот на договорениот рок или, доколку договорен рок не постои, во рок од 60 дена од денот кога превозникот ја преземал стоката ќе се смета за полноважен доказ за губење на стоката и лицето овластено да постави барање ќе може после тоа да ја смета за загубена.
2. Така овластеното лице може, примајќи надомест за изгубената стока, да постави писмено барање тоа да се извести веднаш во случај стоката да се пронајде во тек на една година по исплатувањето на надоместот. Нему ќе му се издаде писмена потврда дека поднело такво барање.
3. Во рок од 30 дена од приемот на таква забелешка, лицето овластено на горенаведениот начин може да бара да му се предаде стоката со плаќање на надомест кој произлегува од товарниот лист и исто така со враќање на надоместот кој го примил по одбивањето на сите трошоци вклучени во него, без прејудицирање на било какво барање за надомест за задоцнување при испораката по член 23, и кога е применливо, по член 26.
4. Во недостаток на барање спомнато во став 1 или во случај на било какви инструкции дадени во рок од 30 дена одредени во став 3, или доколку стоката не е пронајдена по истек на повеќе од една година од плаќањето на надоместот, превозникот ќе има право да постапи со неа согласно законот во местото каде што се наоѓа стоката.
Член 21.
Во случај стоката да му биде предадена на приемачот без наплата на франко трошоците кои превозникот требало да ги наплати по договорот за превоз, превозникот ќе одговара пред испраќачот за надоместот кој не може да биде поголем од износот на таквите издатоци не прејудицирајќи ги притоа неговите права да постави барање према приемачот.
Член 22.
1. Кога испраќачот му предава стока од опасна природа на превозникот, тој треба да го извести превозникот за точната природа на опасност и доколку е потребно да назначи какви мерки на претпазливост треба да се преземат. Доколку ова соопштение не е назначено во товарниот лист, тогаш товарот за докажување по друг пат дека превозникот ја познавал точната природа на опасност опфатена со превозот на спомнатата стока паѓа на превозникот или на приемачот.
2. Стока од опасна природа за која во околностите наведени во став 1 од овој член превозникот не знаел дека е опасна може каде било и како било да се истовари, уништи или направи неопасна од страна на превозникот без надомест. Уште повеќе, испраќачот ќе биде одговорен за сите трошоци, губењето или оштетувањето предизвикано со предавањето на стоката на превозникот за превоз или со нејзиниот превоз.Конвенција CMR . стр 10
Член 23.
1. Кога, според одредбите на оваа Конвенција, превозникот одговара за надоместување за потполно или делумно губење на стоката, тој надомест треба да се пресмета според вредноста на стоката во времето и во местото во кое стоката била примена за превоз.
2. Вредноста на стоката треба да се утврди према берзанската цена на стоката или, доколку таква цена не постои, према тековните пазарни цени или, доколку не постои берзанска цена на стоката или тековна пазарна цена, тогаш врз основа на нормалната вредност на стока од ист вид и квалитет.
3. Надоместот, пак, не може да надмине 25 франци по килограм бруто тежина на кусокот. "Франк" значи франк во злато со тежина 10/31 грама и финост 0,900.
4. Покрај тоа, трошоците на превозот, царината и другите трошоци во врска со превозот на стоката треба да се надоместат во целост во случај на потполно губење, а во случај на делумно губење во сооднос према губитокот и тука не спаѓаат никакви други оштети.
5. Во случај на задоцнување, доколку испраќачот докаже дека поради тоа е причинета штета, превозникот треба да плати надомест за таквата штета кој не може да го надмине износот на трошоците на превозот.
6. Поголем надомест може да се бара само во случај кога вредноста на стоката или специјалните интереси при испораката е декларирана према членовите 24 и 26.
Член 24.
Испраќачот може, со плаќање на договорениот додаток, во товарниот лист да декларира вредност на стоката преку границата поставена во став 3 од член 23 и во тој случај износот на декларираната вредност ќе го заменува тоа ограничување.
Член 25.
1. Во случај на оштета, превозникот ќе биде одговорен за износ кој претставува намалување на вредноста на стоката пресметан според вредноста на стоката по ставовите 1, 2 и 4 од член 23.
2. Надоместокот, пак, не може да го надмине:
а) износот кој се плаќа во случај на потполно губење, доколку целата пратка е оштетена;
б) износот кој се плаќа во случај на делумно губење, доколку е оштетен само еден дел од пратката.
Член 26.
1. Испраќачот може, со плаќање на договорениот додаток, да утврди износ на специјалниот интерес во пратката во случај на губење или оштетување или пречекорување на утврдениот рок со наведување на таквиот износ во товарниот лист.
2. Доколку се состави декларација на специјален интерес при испораката, надоместот за понатамошно губење или штета која е докажана може да се бара до износот на декларираниот интерес, независно од надоместот по членовите 23, 24 и 25.
Член 27.
1. Испраќачот ќе има право да бара камата која му припаѓа на износот на надомест кој се плаќа. Таа камата пресметана по стапка од 5% годишно ќе тече
од денот кога побарувачот поднел писмено барање до превозникот, или доколку такво барање не е поднесено, тогаш од денот кога е поведен спор.
2. Кога износите на кои се базира пресметувањето на надоместот не се изразени во валутата на државата во која се бара наплата, тогаш треба да биде направена конверзија по важечкиот курс на денот и во местото на исплата на надоместот.
Член 28.
1. Во случаите кога, по важечкиот закон, губењето, штетата или задоцнувањето во врска со превозот по оваа Конвенција даваат основ за вондоговорно побарување, превозникот ќе може да се користи со одредбите од оваа конвенција кои ја исклучуваат неговата одговорност или кои го утврдуваат или ограничуваат износот на должниот надомест.
2. Во случај да настапи вондоговорна одговорност за губење, штета или задоцнување од страна на едно од лицата во однос на кои превозникот е одговорен по членот 3 таквото лице може исто така да се користи со одредбите од оваа конвенција кои ја исклучуваат одговорноста на превозникот или го утврдуваат или ограничуваат износот на должниот надомест.
Член 29.
1. Превозникот нема да има право да се користи со одредбите од оваа глава кои ја исклучуваат или ограничуваат неговата одговорност или кои ја префрлаат должноста на докажување доколку штетата е предизвикана со негова намерна неисправна постапка или со такви пропусти од негова страна кои по постапката од надлежниот суд се сметаат за злонамерни.
2. Истата одредба ќе се применува доколку намерно неисправната постапка или пропуст е направен од страна на претставник или службеник на превозникот или од кои било други лица со чии услуги тој се користел за извршувањето на превозот кога таквите претставници, службеници или лица постапиле во рамките на својата служба. Понатаму, во таков случај тие претставници, службеници или други лица нема да имаат право да се користат со одредбите од оваа глава спомнати во став 1 во поглед на нивната лична одговорност.
ГЛАВА V
ПОБАРУВАЊА И ПОСТАПКИ
Член 30.
1. Доколку приемачот прими испорака на стока без потребниот преглед на нејзината состојба во присуство на превозникот или без упатување на резерви на превозникот со назначување на загубите или штетата, најдоцна во моментот на испорака, во случај на наизглед претрпени загуби или штета и во рок од 7 дена од испораката, исклучувајќи ги неделите и деновите на државни празници, во случај на загуби или штета која не е воочлива, фактот дека тој ја преземал стоката ќе се смета за "prima facie" доказ дека ја примил стоката во состојба како што е опишано во товарниот лист. Во случај на губење или штета која не е воочлива, спомнатите резерви треба да се направат писмено.
2. Кога состојбата на стоката е уредно прегледана од страна на приемачот и превозникот, докажување на спротивниот резултат од прегледот ќе се дозволи само во случај на губење или штета која не е воочлива и под услов приемачот уредно да направил резерви по писмен пат кај превозникот во рок од 7 дена изземајќи ги неделите и деновите на државни празници од датумот на прегледот.
3. Нема да се плаќа никаков надомест за задоцнување при испораката доколку не е направена резерва кај превозникот по писмен пат, во рок од 21 ден од моментот кога стоката му е ставена на располагање на приемачот.
4. При пресметувањето на роковите предвидени во овој член, датумот на испорака или датумот на прегледување или датумот кога стоката му е ставена на располагање на приемачот, према случајот, нема да се пресметува.
5. Превозникот и приемачот треба еден на друг да си ги дадат сите оправдани олеснувања за извршувањето на потребното прегледување или истрага.
Член 31.
1. Во правната постапка која произлегува од превоз по оваа конвенција, тужителот може да покрене постапка во секој суд на државата потписник означен со спогодба меѓу странките и покрај тоа, кај судовите во земјата на чија територија:
а) тужениот има свое редовно место на боравок, или има свое главно деловно седиште, или огранок или застапништво преку кое е направен договорот за превоз, или
б) се наоѓа местото каде превозникот ја преземал стоката или каде се наоѓа местото означено за испорака, и во ниту еден друг суд.
2. Во случај кога, во поглед на побарувањето на спомнатото во став 1 од овој член, претстои постапка пред суд кој е надлежен по овој став, или кога во
поглед на едно такво побарување е изречена пресуда од еден таков суд, нова постапка не може да се покрене меѓу наведените странки по ист основ, освен ако пресудата донесена од страна на судот кај кој е покрената првобитната постапка не може да се изврши во земјата во која е покрената новата постапка.
3. Кога пресудата донесена од страна на судот на една договорена страна во постапката наведена во став 1 од овој член ќе стане извршна во таа земја, истата ќе постане излишна и во сите други држави потписнички, кога ќе се исполнат потребните формалности во соодветната држава. Тие формалности нема да дозволат повторно отворање на спорот.
4. Одредбите од став 3 од овој член ќе се применуваат на пресуди по расправи, пресуди во отсуство или срамнувања со повредена наредба на судот, но нема да се применуваат на привремени наредби или при досудување на оштета покрај трошоците против тужителот кој целосно или делумно го губи спорот.
5. Обезбедување на трошоците нема да се бара во постапките кои произлегуваат од превоз на основа на оваа конвенција од страна на државјаните на државите потписнички кои имаат место на постојано боравење или имаат свое деловно седиште во една од тие земји.
Член 32.
1. Рок на застареност на правото за покренување постапка во врска со превозот по оваа Конвенција е 1 година. Меѓутоа, во случај на ненамерно неисправна постапка, или таков превид кој по мислење на надлежниот суд се смета ист со ненамерно неисправна постапка, рокот на застареност е 3 години. Рокот на застареност за покренување постапка започнува да тече:
а) во случај на делумно губење, оштетување или задоцнување, од денот кога била испорачана стоката;
б) во случај на целосно губење, од 30-тиот ден по истекот на договорениот рок или, доколку не бил договорен рокот, од 60-тиот ден по преземањето на стоката од страна на превозникот;
в) во сите останати случаи, од истекот на рок од 3 месеци по датумот на склучување на договорот за транспорт.
Во рокот не влегува денот назначен како појдовен ден на покренување на постапката.
2. Писменото барање го суспендира рокот за покренување на спор се до денот кога превозникот ќе го одбие барањето по пат на писмено соопштение и со
него ќе ги поврати приложените документи. Доколку барањето делумно се прифати, рокот за покренување на спор повторно ќе почне да тече само во поглед на тој дел на побарувањето кој сеуште е спорен. Должноста за докажување на приемот на барањето или одговорот и враќањето на документите е обврска на странката која се повикува на тие факти. Укинувањето на рокот за покренување на постапка нема да настапи по понатамошни барања кои се однесуваат на истиот предмет.
3. Под условите на одредбите од горниот став 2, продолжувањето на рокот за покренување на постапка ќе се одредува според законот на надлежниот суд. Тој закон ќе го регулира и стекнувањето на ново право за постапка.
4. Правото на постапка кое настанало поради застареност не може да се стекне со противбарање.
Член 33.
Договорот за превоз може да содржи клаузула за надлежност на некој арбитражен суд под услов таа клаузула да предвидува арбитражата да ја применува оваа Конвенција.
ГЛАВА VI
ОДРЕДБИ ЗА СУКЦЕСИВЕН ПРЕВОЗ ИЗВРШЕН ОД СТРАНА НА ПРЕВОЗНИКОТ
Член 34.
Доколку превозот по еден договор е извршен од страна на неколку патни превозници, секој од нив ќе биде одговорен за извршувањето на целокупната операција, вториот по ред превозник и секој следен превозник станува договорна странка во врска со превозот со превземањето на стоката и товарниот лист.
Член 35.
1. Превозникот на стоката при превземањето на стоката од претходниот превозник треба на истиот да му достави уредно потпишана и заверена потврда. Тој во свое име ќе ја внесе и адресата во вториот примерок од товарниот лист. Во случај кога за тоа има место, во тој примерок, како и во примениот примерок, тој внесува резерви аналогни на оние кои се предвидуваат во став 2 од член 8.
2. Одредбите од членот 9 ќе се применуваат на односите меѓу сукцесивните превозници.
Член 36.
Освен во случај на противбарање, законска постапка во поглед на одговорност за губење, оштетување или задоцнување единствено може да се поведе против првиот превозник, последниот превозник или превозникот кој го извршувал делот на превозот за време на кој се случил настанот кој предизвикал губење, оштетување или задоцнување; постапка може да се поведе истовремено против повеќе вакви превозници.
Член 37.
Превозникот кој го исплатил надоместот согласно одредбите на оваа Конвенција ќе има право на враќање на таквите надоместоци заедно со камата на истите и сите тршоци и издатоци поврзани со побарувањето спрема други превозници кој учествувале во превозот, под следните услови:
а) превозникот одговорен за губење или оштетување е единствено одговорен за надоместување било тоа да треба да се исплати од негова страна или од страна на други превозници.
б) кога губењето или штетата се предизвикани со постапки на двјца или повеќе превозници, секој од нив ќе исплати износ пропорционален на неговиот удел во одговорноста. Во случај да не е можно да се распредели одговорноста, а секој превозник ќе биде одговорен пропорционално на делот на плаќањето за превоз кој му припаѓа.
в) доколку не може да се утврди на кој превозник паѓа одговорноста за губење или оштетување, тогаш износот на надоместот треба да се распредели меѓу сите превозници на начин одреден во претходниот став б).
Член 38.
Доколку еден од превозниците е инсолвентен, тогаш делот на надоместот кој претставува негова обврска и кој не го исплатил треба да се подели меѓу останатите превозници по пропорционалниот удел на плаќањето за превоз кој им припаѓа.
Член 39.
1. Ниту еден превозник против кој е поставено барање за побарување по членовите 37 и 38 нема да има право да ја оспори важноста на плаќањето извршено од страна на превозникот кој поставува барање доколку за износот на надоместот утврден од страна на судските власти првиот наведен превозник бил уредно известен и му била дадена можност да се појави пред судот.
2. Превозникот кој сака да покрене постапка за стекнување на своето право на надомест може да го постави своето барање пред надлежниот суд во земјата во која еден од превозниците постојано престојува, или има свое главно деловно седиште или огранок или претставништво во кое е склучен договорот за превоз. Сите заинтересирани превозници можат да бидат тужена страна во истата постапка.
3. Одредбите од став 3 и 4 од член 31 ќе се применуваат на пресуди изречени по членовите 37 и 38.
4. Одредбите од член 32 ќе се применуваат за побарувања помеѓу превозниците. Рокот на застареност почнува да тече од денот на конечната судска пресуда за утврдување на износот на надомест кој се плаќа согласно одредбите на оваа Конвенција, или, доколку таква судска одлука не постои, од вистинскиот датум на исплатата.
Член 40.
Превозниците слободно можат да се договараат меѓу себе за одредби поинакви од оние предвидени во членовите 37 и 38.
ГЛАВА VI
БЕЗВРЕДНОСТ НА ОДРЕДБИТЕ СПРОТИВНИ НА КОНВЕНЦИЈАТ
Член 41.
1. Под условите на одредбите од член 40, било која одредба која посредно или непосредно ги крши одредбите на оваа Конвенција е неважечка и безвредна. Неважноста на една таква одредба не значи и неважење на другите одредби од договорот.
2. Неважечко и безвредно ќе биде особено користењето на осигурувањето од страна на превозникот или од било која друга слична клаузула или било која клаузула која ја пренесува обврската за докажување на друг.
ГЛАВА VIII ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 42.
1. Оваа конвенција е отворена за потпишување или пристапување од страна на државите членки на Економската Комисија за Европа и државите примени во
Комисијата во советодавно својство по став 8 од одредбите за надлежности на Комисијата.
2. Државите кои можат да учествуваат во некои активности на Економската Комисија за Европа према ставот 11 од одредбите за надлежности на Комисијата можат да станат држави потписнички на оваа Конвенција пристапувајќи и на истата по нејзиното влегување во сила.
3. Конвенцијата ќе биде отворена за потпишување заклучно до 31 Август 1956. После тоа таа ќе биде отворена за пристапување.
4. Оваа Конвенција ќе се ратификува.
5. Ратификацијата или пристапувањето ќе се изврши со депонирање на инструментите кај Генералниот Секретар на Обединетите Нации.
Член 43.
1. Оваа Конвенција ќе стапи во сила на 90-тиот ден по депонирањето на инструментите за ратификација или пристапување од страна на 5 држави спомнати во став 1 од член 42.
2. За секоја држава која ќе ја ратификува или ќе и пристапи на Конвенцијата по депонирањето на инструментите за ратификација или пристапување од страна на 5 држави, оваа Конвенција ќе стапи на сила 90-тиот ден по депонирањето на инструментите за ратификација или пристапување од страна на наведената држава.
Член 44.
1. Секоја држава потписничка може да ја откаже оваа Конвенција со нотификација на Генералниот Секретар на Обединетите Нации.
2. Откажувањето ќе има дејство 12 месеци по денот на примањето на нотификацијата за откажување од страна на Генералниот Секретар.
Член 45.
Доколку, по стапувањето во сила на оваа Конвенција, бројот на државите потписнички се намали како последица од откажување на помалку од 5, Конвенцијата ќе престане да биде во сила од денот кога ќе стапи во дејство последното од таквите откажувања.
Член 46.
1. Секоја држава при депонирањето на своите инструменти за ратификација или пристапување или во било кое време после тоа може по пат на нотифицирање упатено до Генералниот Секретар на Обединетите Нации да изјави дека оваа Конвенција ги опфаќа сите или која било од териториите за чии меѓународни односи е одговорна истата. Оваа Конвенција ќе се применува на територијата или териториите наведени во нотификацијата од 90-тиот ден по нејзиното примање од страна на Генералниот Секретар или, доколку тојден Конвенцијата сеуште не стапила во сила, тогаш во времето на нејзиното стапување во сила.
2. Секоја држава која поднела изјава по претходниот став за проширување на оваа Конвенција на било која територија за чии меѓународни односи е одговорна истата може да ја откаже Конвенцијата одвоено во поглед на територијата согласно одредбите од член 44.
Член 47.
Било каков спор меѓу две или повеќе држави потписнички кои нема да бидат во состојба да го решат по пат на преговори или на друг начин во поглед на толкувањето или примената на оваа Конвенција може да се покрене на барање на било која заинтересирана држава потписничка со решение на Меѓународниот Суд на Правдата.
Член 48.
1. Секоја држава потписничка во времето на потпишувањето, ратификувањето или пристапувањето кон оваа Конвенција може да изјави дека не се смета обврзана со членот 47 од Конвенцијата. Останатите држави потписнички нема да бидат обврзани со членот 47 во поглед на било која држава потписничка која направила таква резерва.
2. Секоја држава потписничка која направила резерва предвидена во ставот 1 може во секое време со нотифицирање на Генералниот Секретар на Обединетите Нации да ја повлече таквата резерва.
3. Нема да се дозволат никакви други резерви во поглед на оваа Конвенција.
Член 49.
1. По истекот на три години од денот на стапување во сила на оваа Конвенција секоја држава потписничка со нотифицирање на Генералниот Секретар на Обединетите Нации може да бара да се свика конференција за ревизија на Конвенцијата. Генералниот Секретар ќе ги извести сите држави потписнички за барањето и конференцијата за ревизија ќе биде свикана од негова страна доколку во рок од 4 месеци по денот на нотифицирањето од страна на
Генералниот Секретар најмалку 1/4 од државите потписнички ќе го извести за своето согласување со барањето.
2. Доколку се свика конференција согласно претходниот став, Генералниот Секретар ќе ги извести сите држави потписнички и ќе ги повика во рок од 3 месеци да поднесат предлози кои сакаат да бидат разгледани на конференцијата. Генералниот Секретар на сите држави потписнички ќе им го достави предложениот дневен ред на конференцијата заедно со текстовите на таквите предлози најмалку 3 месеци пред датумот на одржувањето на конференцијата.
3. Генералниот Секретар на било која конференција свика согласно овој член ќе ги покани сите држави наведени во ставот 1 од член 42, како и државите кои станале држави потписнички според ставот 2 од член 42
Член 50.
Покрај нотификациите предвидени во членот 49, Генералниот Секретар на Обединетите Нации ќе ги извести државите наведени во ставот 1 од член 42, како и државите кои станале држави потписнички според ставот 2 од член 42:
а) за ратификациите и пристапувањата по член 42;
б) за датумите на стапување во сила на оваа Конвенција согласно член 43; в) за откажувањата по член 44;
г) за престанувањето на оваа Конвенција согласно член 45; д) за примените нотификации согласно член 46;
ѓ) за декларациите и нотификациите примени согласно ставовите 1 и 2 од член 48.
Член 51.
По 1 Август 1956 година оригиналниот текст на оваа Конвенција ќе се депонира кај Генералниот Секретар на Обединетите Нации кој ќе им достави заверени автентични преписи на секоја од државите наведени во ставовите 1 и 2 од член 42.
Како потврда за тоа, долупотпишаните, уредно овластени за тоа, ја потпишаа оваа Конвенција.
Составено во Женева, на 19 Мај 1956 година, во енед примерок на англиски и француски јазик, при што двата текста се подеднакво автентични.
ПРОТОКОЛ ЗА ПОТПИШУВАЊЕ
Пристапувајќи кон потпишувањето на Конвенцијата за договорот за меѓународен патен превоз на стока, долупотпишаните, уредно овластени за тоа, постигнаа согласност за следната изјава и објаснување:
1. Оваа Конвенција не се однесува за сообраќајот помеѓу Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска од една и Република Ирска од друга страна.
2. По член 1, став 4 Долупотпишаните ќе пристапат кон приговори за конвенциите кои ги регулираат договорите за пренесување на мебел и комбиниран транспорт.
Како потврда за тоа, долупотпишаните, уредно овластени за тоа , го потпишаа овој Протокол.
Составено во Женева, на 20 Мај 1955 година во еден примерок на англиски и на француски јазик при што двата текста се подеднакво автентични.
Преведено од
j