Contract
ПОСЕБНИ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ОД ОДГОВОРНОСТ НА ТУРИСТИЧКИТЕ АГЕНЦИИ
I.ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
Значења на одделни изрази
Одделните изрази во овие услови ги имаат следните значења: Осигурувач- е Акционерското друштво за осигурување Табак- Скопје.
Договорувач на осигурување- е правно или физичко лице кое со осигурувачот склучува договор за осигурување.
Осигуреник- е Туристичка агенција која врши туристичка дејност и чија законска одговорност е покриена со осигурување.
Трето лице- е корисник на осигурувањето кое ќе претрпи штета од вршителот на туристичката дејност.
Сума на осигурување- е највисок износ на обврската на осигурувачот.
Полиса- е исправа за склученото осигурување.
Премија за осигурување- е износ што договорувачот на осигурувањето односно осигуреникот го плаќа согласно договорот за осигурување.
Осигурен случај- иден неизвесен и независен од исклучивата волја на осигуреникот штетен случај, кој има за последица настанување на штета за кој надомест може да бара третото оштетено лице.
Извор на опасност- е туристичката дејност од која може да настане одговорност како ризик покриен со ова осигурување.
II.ОСНОВНИ ОДРЕДБИ ПРЕДМЕТ НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 1
Предмет на осигурување согласно на овие Услови е законската одговорност на туристичката агенција за имотна штета која ќе ја предизвикаат вработените во туристичката агенција на корисниците на туристичките услуги, а согласно Законот за угостителска и туристичка дејност и Законот за облигациони односи.
Со осигурување на законската одговорност, туристичката агенција е покриена за штети кои се настанати и пријавени за времетраење на осигурувањето, како последица од непредвидлив настан, неочекуван и непознат штетен настан како последица на пропуст или грешка од небрежност, при совесно и чесно обавување на законските должности.
Со надомест на штета поради пропуст или грешка на туристичката агенција се опфаќаат сите оштетени трети лица во времетраење на осигурувањето.
Со осигурувањето не се опфаќа одговорноста за штета, која е предизвикана со дејствија превземени со намера, измама и грубо невнимание од страна на вработените во туристичката агенција.
СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 2
1.Сумата на осигурување е горната граница на обврските на осигурувачот.
2.Минималната сума на осигурување на која може да се склучи договор за осигурување изнесува
-50.000 Евра за туристичка агенција со лиценца X
-15.000 Евра за туристичка агенција со лиценца Б
во денарска противвредност според средниот курс на Народна Банка на Р.Македонија на денот на склучувањето на осигурувањето.
Осигуреникот може да договори и повисока сума на осигурување од минималната, согласно тарифата на премии.
3.Доколку настанат повеќе штети кои произлегуваат од ист штетен
настан и кои временски се поврзани, а ја надминуваат сумата на осигурување, обврската на осигурувачот е до сумата на осигурување.
4.Осигурувањето е ограничено со исплата на една сума на осигурување во осигурителната година (годишен агрегат).
Со исцрпување на сумата на осигурување престанува обврската на осигурувачот за исплата на штети.
ИЗВОР НА ОПАСНОСТИ
Член 3
Туристичката агенција согласно Законот за угостителска и туристичка дејност, ги обавува следните должности од кои може да настанат штетни настани како последица на грешки или пропусти при совесно и чесно обавување на дејноста и тие се:
-организирање и спроведување на туристички патувања, излети, екскурзии и други туристички аранжмани во земјата и странство;
-организирање и спроведување на туристички услуги со пакет аранжмани кои содржат најмалку две сместувања или услуги кога покрива период подолг од 24 часа, во кое е вклучено и сместување со ноќевање;
-давање на туристички информации;
-продавање и посредување при продажба на угостителски и други туристички услуги;
-организирање и спроведување на работите околу издавање на куќи, станови и соби на туристи;
-вршење на услуги со туристички водичи;
-продавање на превозни билети и осигурување на патници и туристи;
-организирање на културни и спортски манифестации;
-продавање на сувенири, туристичка литература и друга стока што вообичаено се продава во туристичкиот промет;
-продавање на влезници за културни, спортски и други приредби и
-продавање на среќки на лотарија и уплатување на лото и спортска прогноза.
ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Член 4
1.Осигурен случај според овие услови се смета законската одговорност поради пропуст или грешка направени од небрежност од туристичката агенција при вршење на туристичката дејност.
2.Се смета дека пропуст или грешка направени од небрежност настапиле оној момент, кога требало да се превземе некоја од пропишаните законски должности, за да се спречи настанување на штетата.
3.Се смета дека осигурениот случај настанал во оној момент кога се остварил штетен настан врз основа на кој би можело да се истакне оштетно побарување од страна на корисникот на услугата за настанатата имотна штета.
4.Осигурениот случај треба да биде иден, неизвесен и независен од исклучивата волја на осигуреникот.
ШТЕТИ ИСКЛУЧЕНИ ОД ОСИГУРУВАЊЕ
Член 5
Од осигурување се исклучени штетите кои настанале:
1.Со намера, измама, превара и грубо невнимание од вработените лица во туристичката агенција;
2.Поради незапазување на договорените рокови;
3.Поради превземени обврски вон Законот за угостителска и туристичка дејност;
4.Со вршење на туристичка дејност без дозвола за работа поради неисполнети законски услови;
5.Од вршење на менувачки работи и давање под наем на возила и пловни објекти;
6.Поради престанок на вршење на функцијата туристичка дејност; 7.Одговорност на осигуреникот врз основа на договорно проширување на неговата одговорност и за случаи за кои инаку по законот не одговара;
8.Поради виша сила, пожар и некои други опасности;
9.Поради војна, политички немири, бунтови, терористички акции, манифестрации, демонстрации и друго;
10.За штети што ќе ги претрпи осигуреникот, брачниот другар на осигуреникот, децата и други лица кои што живеат со него во заедничко домаќинство и кои е должен да ги издржува;
11.За грешки кои биле познати во време на склучување на договорот за осигурување или неможеле да останат непознати; 12.Во сите случаи кога не може да се утврди одговорност на туристичката агенција во согласност со Законот за угостителската и туристичката дејност и другите законски и подзаконски акти и Посебните услови за осигурување од одговорност на туристичките агенции.
СКЛУЧУВАЊЕ НА ДОГОВОР ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 6
Договорот за осигурување се склучува врз основа на усмена или писмена понуда, а склучен е кога договорните страни ќе ја потпишат полисата за осигурување.
Ако осигурувачот во врска со примената писмена понуда побара било какво дополнување или измена, како ден на прием на понудата ќе се смета денот кога осигурувачот го примил бараното дополнување или измена.
Сите известувања и изјави што се даваат помеѓу договорните страни, а кои се однесуваат на одредбите од склучениот договор за осигурување, мора да бидат во писмена форма.
ПОЧЕТОК И ПРЕСТАНОК НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 7
Обврската на осигурувачот започнува по истек на 24-иот час од денот кој во договорот за осигурување е означен како почеток на осигурување.
Обврската на осигурувачот престанува со истек на 24-иот час од денот кој во договорот за осигурување е означен како ден на истек на осигурувањето.
Осигурувањето може да престане поради:
1.Престанок на вршење на туристичката дејност; 2.Одземање на дозвола за работа и
3.Во други случаи кога постојат законски пречки.
ПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈА
Член 8
Договорувачот на осигурувањето, премијата за осигурување ја плаќа веднаш при склучување на договорт за осигурување, ако поинаку не е договорено.
Ако е договорено премијата да се плаќа во рати, осигурувачот може да засмета законска камата, во случај кога премијата не е платена до денот на доспеаноста на договорената рата.
ПРОМЕНА НА УСЛОВИТЕ И ТАРИФАТА
Член 9
При промена на Условите и Xxxxxx, осигурувачот е должен да го извести договорувачот на осигурувањето писмено.
Извршените промени стапуваат на сила за наредниот период од осигурување.
ПРОМЕНА НА АДРЕСА И ИМЕ НА ФИРМА
Член 10
Договорувачот на осигурување е должен за секоја промена на адреса и назив на фирмата и седиштето, да го извести осигурувачот во рок од 15 дена од денот на извршената промена.
Ако договорувачот на осигурувањето не постапи според предходниот став, за важност односно валидност на известието упатено од страна на осигурувачот, доволно е осигурувачот да постапил според податоците со кои располагал во времето на известување.
ОБВРСКА НА ОСИГУРЕНИКОТ КОГА ЌЕ НАСТАНЕ ОСИГУРЕНИОТ СЛУЧАЈ
Член 11
Осигуреникот е должен да го извести осигурувачот најдоцна во рок од 3 дена од денот на пријавувањето на оштетното побарување од оштетениот.
Осигуреникот е должен на осигурувачот да му овозможи увид воцелокупната документација со уредна сметководствена евиденција и аргументирани факти кои се потребни за утврдување на причината и висината на штетата.
Осигуреникот е должен да го извести осигурувачот и да достави наод од надлежен орган, кога барањето за надомест на штета против него е истакнато преку суд.
Осигуреникот не е овластен без претходна согласност од осигурувачот да се изјаснува по барањето, а особено да го признае потполно или делумно, да се спогодува или да изврши исплата.
Ако оштетениот поднесе тужба за надомест на штета против осигуреникот, тој е должен да го извести осигурувачот писмено во врска со штетниот настан, како и да се договорат околу водењето на спорот.
Во случај кога оштетениот со барањето за надомест на штета непосредно ќе му се обрати на осигурувачот, осигуреникот е должен да даде писмена изјава за причината за настанување на штета и е должен да ги презентира сите документи од уредно водената евиденција и битните факти со кои располага, а кои се неопходни за утврдување на одговорноста за причинетата штета и оцена на основаноста на барањето, обемот и висината на штетата.
До колку осигуреникот не се придржува кон обврските од овој член самиот ќе ги сноси штетните последици кои ќе настанат поради тоа, освен ако тие би настанале и да се придржувал кон обврските.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ ПО ПОДНЕСЕНО БАРАЊЕ ОД ОШТЕТЕНИОТ
Член 12
Во врска со поднесеното барање за надомест на штета од страна на оштетеното лице, осигурувачот има обврска:
1.Заедно со осигуреникот да преземе одбрана од неосновани и претерани барања за надомест на штета (правна заштита);
2.Да ја надомести настанатата штета ( надомест на штета);
3.Да ги надомести трошоците по судска постапка (надомест на судските трошоци).
ПРАВНА ЗАШТИТА
Член 13
Обврската на осигурувачот за давање правна заштита опфаќа: 1.Испитување на одговорноста на осигуреникот за настанатата штета;
2.Водење спор во име на осигуреникот ако оштетениот остварува право на надомест на штета во процесната постапка;
3.Давање во име на осигуреникот изјави кои што смета дека ќе бидат од корист за задоволување или за одбрана од неосновано или претерано барање за надомест на штета.
Ако е поднесена тужба директно против осигуреникот, тој е должен веднаш да го извести осигурувачот и да се придржува на упатствата дадени од осигурувачот.
Во случај осигурувачот на име надомест на штета да ја исплатил сумата на осигурување пред покренување на спорот, престанува и обврската на правна заштита.
НАДОМЕСТ НА ШТЕТА
Член 14
Осигурувачот го исплатува надоместот на штета во рок од 14 дена сметано од денот кога е утврдена обврска и висината на таа обрска.
До колку при разгледување на барањето се утврди дека осигуреникот не ги доставил сите докази и факти битни за утрдување на основот и висината на штетата, осигурувачот нема да изврши исплата на штета се додека не се достави потребната документација.
НАДОМЕСТ НА ТРОШОЦИТЕ ПО ПОСТАПКАТА
Член 15
Ако спорот е воден со знаење и согласност на осигурувачот со осигурувањето се покриени и трошоците на спорот.
Трошоци за кривична постапка, како и трошоци за застапување на осигуреникот, осигурувачот не е во обврска да ги надомести.
Кога ќе ја изврши својата обврска со исплатата на сумата на осигурување, осигурувачот се ослободува од понатамошни давања на име надомест и трошоци.
НЕПОСРЕДНО БАРАЊЕ ОД ОШТЕТЕНОТО ЛИЦЕ
Член 16
Ако оштетеното лице, своето барање и тужба за надомест на штета го упати само спрема осигурувачот, осигурувачот ќе го извести за тоа осигуреникот и ќе го повика да му ги даде сите потребни докази, а осигуреникот е должен да преземе мерки заради заштита на своите интереси.
Доколку во случајот од претходниот став осигурувачот одлучи да му исплати надомест на оштетениот во потполност или делумно, должен е за тоа да го извести осигуреникот.
УТВРДУВАЊЕ И ПРОЦЕНА НА ШТЕТА
Член 17
Штетата ја утврдуваат и проценуваат заедно осигуреникот и осигурувачот со оштетениот, односно нивни овластени преставници.
Штетата се утврдува и проценува врз основа на уредна документација, достапна на увид на овластениот преставник на осигурувачот, а согласно на Законот за облигационите односи и Законот за угостителска и туристичка дејност.
ВЕШТАЧЕЊЕ НА ШТЕТА
Член 18
До колку при утврдување и проценување на штетата не се согласат договорените страни и оштетениот, може да побараат штетата да се утврди и процени по пат на вештачење.
Секоја од договорените страни и оштетениот писмено го именува својот вештак. За вештаци може да се именуваат лица кои се во работен однос кај нив,а кои не учествувале во претходната проценка.
Пред почетокот на вештачењето, именуваните вештаци бираат вештак за претседател, а кој е со високо образование и не е во работен однос кај договорните страни. Претседателот дава стручно мислење по спорните прашања на вештаците.
Предмет на вештачење можат да бидат само спорни факти. Кои спорни факти ќе бидат предмет на вештачењето, како и постапката за вештачење, конкретно ги определуваат договерените страни со писмен договор за вештачење .
Секоја договорена страна и оштетениот ги сноси трошоците за својот вештак, а за претседателот ги сносат сите страни рамномерно.
ВИСИНА НА НАДОМЕСТ НА ШТЕТА
Член 19
Висината на надоместот на штета не може да биде поголема од штетата што оштетениот ја претрпел со настанување на осигурениот случај.
Надоместот на штета и судските трошоци се исплатуваат најмногу до договорената сума на осигурувањето, со што престанува и обврската на осигурувачот.
ПРАВО НА РЕГРЕС
Член 20
Осигурувачот задржува право на регрес од осигуреникот, односно право на повраќај на штета од оштетениот, во случај кога дополнително ќе се утврди дека штетата е предизвикана со намера, измама или грубо невнимание, а за која, на осигурувачот од страна на осигуреникот, односно оштетениот не му се презентирани точни и вистински податоци, односно докази за надомест на штета.
ЗАСТАРУВАЊЕ НА ПОБАРУВАЊЕТО
Член 21
Барањето за надомест на штета причинета со повреда на должноста на туристичките агенции а поднесено од страна на оштетениот субјект, застарува согласно на одредбите од Законот за облигациони односи.
ТЕРИТОРИЈАЛНО ВАЖЕЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 22
Осигурувањето важи за сите земји во светот, освен ако поинаку не е договорено во полисата за осигурување.
НАДЛЕЖНОСТ НА СУДОТ ВО СЛУЧАЈ НА СПОР И ПРИМЕНА
НА ЗАКОНИТЕ
Член 23
За споровите кои ќе произлезат од примената на овие Услови ќе решава стварно надлежниот суд во седиштето на осигурувачот. За односите помеѓу договорените страни се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи, Општите услови за осигурување од одговорност и Посебните услови за осигурување од одговорност на туристичките агенции.
Општите услови за осигурување од одговорност, важат во оној дел кој не е во спротивност со Посебните услови за осигурување од одговорност на туристичките агенции.
ВАЖНОСТ НА УСЛОВИТЕ
Член 24
Овие Услови важат од 19.04.2006година кога и се донесени на III - та седница на Одборот на Директори на Друштвото.