Contract
Врховен суд на Република Македонија Облигациони односи - Конвалидација Рев.бр.113/00
Сентенца
Ако во постапката за продажба на општествен стан умре носителот на станарското право и наследниците ја платиле продажната цена и го владеат станот, а продавачот не ја вратил примената цена и не бара иселување, се смета дека е склучен устен договор за продажба и дека согласно со член 73 од Законот за облигационите односи се конвалидира.
Образложение
Ревизијата е неоснована.
Имено, во текот на редовната постапка од изведените докази првостепениот суд утврдил, а второстепениот суд прифатил, меѓу другото, дека тужителката е ќерка на сега покојната А. X. и нејзин единствен наследник. Спорниот стан се наоѓа на ул."Ќ. А." бр.14/1-6 во површина од 34 м2. Со решение и договор од 14.5.1980 година овој стан бил доделен на користење на таткото на тужителката како носител на станарско право, а по неговата смрт на 10.9.1989 година со решение на Општинскиот секретаријат за урбанизам и комунално станбени работи на СО С. од 13.11.1990 година, за носител на станарското право била определена мајката на тужителката X.X. која пак, склучила договор за користење на стан со СИЗ за становање на град С. на 11.12.1990 година. Утврдено е дека покојната изразила волја да го купи станот и на 20.11.1992 година, до Владата на Република Македонија поднела барање за купување на станот со сите пропратни потребни докази меѓу кои и изјавата дека не поседува друг стан, куќа во приватна сопственост ниту куќа за одмор и рекреација. Во текот на постапката за утврдување на продажната цена на становите во општествена сопственост, X.X. починала на 15.1.1993 година. Образец за цената на станот бил изготвен на 18.2.1993 година, заведен на 22.2.1993 година на ПУИГ С. Тужителката на име на нејзината мајка на 24.2.1993 година извршила уплата за купување на станот во износ од 9.990 ДМ од депонираниот штеден влог во Југобанка АД С. и овие средства не се вратени. Инаку, тужителката до Комисијата на Владата поднела барање за овозможување купување на наведениот стан, но со допис на Владата на Република Македонија од 27.4.1995 година била известена дека согласно Законот за станбените односи не може да биде определена за носител на
станарското право, како и за тоа дека штом уплатата на средствата била извршена по смртта на нејзината мајка истите ќе и бидат вратени, со тоа што наведениот стан треба да го ослободи од предмети и клучевите да ги предаде на Службата за станбени прашања на Владата. Помеѓу мајката на тужителката и Владата на Република Македонија не бил склучен писмен договор за продажба по однос на наведениот стан. Тужителката на 26.5.1994 година во Подрачната единица Ц. на Министерството за урбанизам на записник за сослушување на странка дала изјава дека во наведениот стан нејзината мајка живеела сама, а дека по нејзиното стапување во брак таа се отселила од станот и заминала кај нејзиниот сопруг.
Врз основа на така утвредена фактичка состојба, пониските судови го уважиле тужбеното барање и утврдиле дека мајката на тужителката се стекнала со право на сопственост на спорниот стан по основ на устен договор за продажба и дека тој стан претставува оставина на покојната X.X.-мајка на тужителката. Ова, од причини што по претходно барање во писмена форма од мајката на тужителката и по претходно постигната согласност за битните елементи на договор - предмет и цена помеѓу мајката на тужителката и тужената бил склучен устен договор за продажба и дека тој договор произведува правно дејство со оглед на исполнувањето на понудените и прифатените договорни обврски - плаќање на цената са станот и владението на станот од мајката на тужителката во време на постигнување на согласноста за битните елементи на договорот.
По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, пониските судови со таквото одлучување правилно го примениле материјалното право, при што дале доволно образложени причини од кои се раководеле при одлучувањето кои во целост ги прифаќа и овој суд.
Согласно член 26 од Законот за облигационите односи, договорот е склучен кога договорните страни се спогодиле за суштествените елементи на договорот.
Согласно член 28 од истиот закон, волјата за склучување договор може да се изјави со зборови, со вообичаени знаци и со друго однесување од кое со сигурност може да се заклучи за нејзино постоење.
Согласно член 32 од истиот закон, понудата е предлог за склучување договор направен за определено лице, кој ги содржи сите суштествени елементи на договорот, така што со нејзиното прифаќање би можел да се склучи договорот. Во конкретниот случај, постапката за продажба на општествениот стан започнала од страна на мајката на тужителката како носител на станарското право, а тужениот со пресметување и утврдување на продажната цена и доставување на таков образец на цената на тужителката, фактички ја прифатил понудата.
Понатаму со уплаќањето на продажната цена во целост е исполнета обврската на купувачот, а од друга страна станот е предаден во владение, што значи дека се работи за полноважен договор за продажба во смисла на член 73 од Законот за облигационите односи. Оттука, како што прифатиле и пониските судови основано се смета дека мајката на тужителката по основ на устен договор за продажба е сопственик на предметниот стан. Имено, ако во постапката за продажба на општествениот стан почине носителот на станарското право, а наследниците продолжат да живеат во станот, се смета дека и таа постапка ја продолжуваат.
Дотолку повеќе што кога е уплатена продажната цена за станот парите се
примени од страна на тужениот, тие не се вратени, а во меѓувреме не е барано иселување на тужителката од тој стан.
Од напред изнесените причини неосновани се ревизиските наводи во таа смисла. Со оглед на тоа што не стојат причините поради кои ревизијата е изјавена, а во редовната постапка не е сторена суштествена повреда на одредбите од процесната постапка од член 354 став 2 точка 10 од ЗПП, на која повреда ревизискиот суд внимава по службена должност, а материјалното право е правилно применето, следуваше овој суд согласно член 393 од ЗПП, да одлучи како во изреката.
Согласно со член 475 од ЗПП ("Службен весник на РМ" бр.33/98), во случајов се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка од 1976 година.
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија, Рев.бр.113/2000 од 7.2.2001 година.