Contract
АКЦИОНЕРСКО ДРУШТВО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ВИНЕР - ВИЕНА ИНШУРЕНС ГРУП СКОПЈЕ
ОПШТИ УСЛОВИ
ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ИМОТИ
(пречистен текст)
Усвоени и донесени со Одлука на Управниот одбор на ВИНЕР – Виена Иншуренс Груп АД Скопје Арх.бр. 764/0202/1/23 од 24.01.2023
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
Овие услови се применуваат за осигурување на имоти со исклучок на оние видови на осигурување имоти кои изричито ја исклучуваа примената на овие Услови.
Пооделни изрази во овие Услови значат:
ОСИГУРУВАЧ - Акционерско друштво за осигурување ВИНЕР – Виена Иншуренс Груп Скопје;
ДОГОВОРУВАЧ НА ОСИГУРУВАЊЕ - лице кое со Осигурувачот склучува договор за осигурување;
ОСИГУРЕНИК - лице на кого имотот му е осигурен и на кого му припаѓаат правата од осигурувањето;
ПРЕМИЈА - износ кој се здружува, односно плаќа за осигурување по договор за осигурување;
СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ - износ на кој имотот, односно имотниот интерес е осигурен, ако од содржината на договорот за осигурување не произлегува нешто друго;
ЛИСТ НА ПОКРИТИЕ - потврда која привремено ја заменува полисата; ПОЛИСА – исправа за договорот за осигурување.
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ Поим на осигурен случај
Член 1
(1) Под поим осигурен случај се подразбира иден, неизвесен и независен случај од исклучивата волја на Договорувачот / Осигуреникот.
Склучување на договор за осигурување Член 2
(1) Договорот за осигурување на имот може да склучи лице кое има интерес да не настане осигурен случај затоа што би претрпел материјална загуба.
(2) Договорот за осигурување е склучен кога договорните страни ќе ја потпишат полисата за осигурување или листот на покритие.
(3) Договорот за осигурување е ништовен, ако во моментот на неговото склучување веќе настанал осигурениот случај, или тој бил во настанување или било извесно дека ќе настапи, или ако веќе тогаш престанала можноста тој да настане.
Полиса и Листа на покритие Член 3
(1) Во полисата или листот на покритие за осигурување мора да биде наведено следното:
• договорни странки;
• матичен број;
• осигурениот предмет;
• заверена спецификација на осигурената опрема која задолжително мора да биде со сериски број, марка, тип, година на производство, и набавена вредност (фактура за набавка) на осигурената опрема;
• јасна дефинирана осигурена сума (вредност) - дали осигурената сума (вредноста) на која се осигурени е книговодствена вредност, новонабавна вредност или вредноста е поинаку утврдена;
• ризикот опфатен со осигурувањето со тарифа и тарифна група;
• траење на осигурувањето и периодот на покритието;
• сумата на осигурувањето;
• премијата или придонесот;
• датумот на издавањето на полисата и
• потписи на договорните страни (за правни субјекти и печат)
• останати одредби согласно ЗСО
(2) Осигурувачот е должен да го предупреди Договорувачот на осигурувањето дека општите и посебните услови на осигурување се составен дел на договорот и ќе му го предаде нивниот текст, ако тие услови не се печатени на самата полиса.
(3) Обврската од ставот 2 на овој член е констатирана и на самата полиса.
(4) Во случај на несогласување на некоја одредба од општите и посебните услови и некоја одредба од полисата, ќе се примени одредбата од полисата.
(5) Според спогодбата на договарачите, полисата може да гласи на определено лице по наредба или на доносител.
Склучување на договори за осигурување од името на друг без овластување
Член 3
(1) Тој што ќе склучи договор за осигурување од името на друг без негово овластување, му одговара на Осигурувачот за обврските од договорот се додека оној во чие име е склучен договорот не ќе го одобри.
(2) Заинтересираниот може да го одобри договорот и откако настанал осигурен случај.
(3) Ако одобрението е одбиено, договарачот на осигурувањето должи премија за периодот на осигурувањето во кој осигурувачот е известен за одбивање на одобрението.
Осигурување за туѓа сметка или за сметка на оној на кого се однесува
Член 4
(1) Во случај на осигурување на туѓа сметка или за сметка на оној за кого се однесува, обврските за плаќање на премијата и другите обврски од договорот е должен да ги извршува договарачот на осигурувањето, но тој не може да ги има правата од осигурувањето, дури и кога држи полиса, без согласност од лицето чиј интерес е осигурен и на кому тие му припаѓаат.
(2) Договорачот на осигурувањето не е должен да му ја предаде полисата на заинтересираното лице додека не му бидат надоместени премиите што ги исплатил на осигурувачот, како и трошоците за договорот.
(3) Осигуреникот има право на првенствена наплата на овие побарувања од надоместот како и право да бара нивна исплата непосредно од осигурувачот.
(4) Осигурувачот може на секој корисник на осигурувањето за туѓа сметка да му ги истакне сите приговори што врз основа на договорот ги има договарачот на осигурувањето.
Надосигурување Член 5
(1) Ако при склучување на договорот една страна се послужила со измама и така договорила сума на осигурување поголема од вистинската вредност на осигурениот предмет, другата страна може да бара поништување на договорот.
(2) Во случајот наведен во претходниот став, совесниот осигурувач ги задржува примените премии и има право на ненамалена премија за тековниот период.
Дополнително намалување на вредноста Член 6
Ако осигурената вредност се намали за време на траењето на осигурувањето, секоја договорна страна има право на соодветно намалување на сумата на осигурувањето и на премијата, почнувајќи од денот кога своето барање за намалување и го соопштила на другата страна.
Повеќекратно и двојно осигурување Член 7
(1) Ако некој предмет е осигурен кај двајца или повеќе осигурувачи од ист ризик, за ист интерес и за исто време, така што збирот на сумите на осигурувањето да не ја преминува вредноста на тој предмет (повеќекратно осигурување), секој осигурувач одговара за извршувањето во целост на обврските настанати од договорот што го склучил тој.
(2) Кога ќе настане осигурениот случај, Договорувачот на осигурувањето / Осигуреникот е должен да го извести за тоа секој осигурувач на истиот ризик и да му ги соопшти имињата и адресите на другите осигурувачи, како и сумите на осигурувањето на одделните договори склучени со нив.
(3) По исплатата на надоместот на Осигуреникот, секој осигурувач поднесува дел од надоместот во сразмер во кој стои сумата на осигурувањето на која се обврзал тој спрема вкупниот збир на сумите на осигурувањето, па осигурувачот кој платил повеќе има право да бара од другите осигурувачи надомест на повеќе платеното.
(4) Ако Договорувачот на осигурувањето склучил договор за осигурување со кој настанало двојно осигурување незнаејќи за порано склученото осигурување, тој може, без оглед на тоа дали поранешното осигурување го склучил тој или некој друг, во рок од еден месец откако дознал за тоа осигурување, да бара соодветно намалување на сумата на осигурувањето и на премиите на подоцнежното осигурување, но Осигурувачот ги задржува примените премии и има право на премија за тековниот период.
(5) Ако до двојното осигурување дошло поради намалување на вредноста на осигурениот предмет за време на траењето на осигурувањето, Договорувачот на осигурувањето има право на соодветни намалувања на сумите на осигурувањето и на премиите, почнувајќи од денот кога своето барање за намалување во писмена форма му го соопштил на Осигурувачот.
(6) Ако при настанувањето на двојно осигурување Договорувачот на осигурувањето постапил несовесно, секој осигурувач може да бара поништување на
договорот, да ги задржи примените премии и да бара ненамалена премија за тековниот период.
Подосигурување Член 8
Доколку се утврди дека вредноста на осигурениот предмет била поголема од сумата на осигурувањето, износот на надоместот што го должи Осигурувачот се намалува сразмерно, односно на Осигуреникот ќе му се надомести само оној дел од вистинската штета кој одговара на сразмерот помеѓу сумата на осигурување и вистинската вредност на осигурените ствари со примената на начелото на пропорција. Начелото на пропорција се применува затоа што Осигуреникот осигурал само дел од вредноста на своите ствари и на тој дел платил премија за осигурување додека за останатиот дел од вредноста бил неосигуран и осигуреникот сам го сноси ризикот на тој дел.
Оштета = (Сума на осигурување)/(стварна вистинска вредност) X Стварна вистинска штета
Начелото на сразмер – пропорција не се применува кај штетите кои осигурувањето е заклучено на сума на осигурување на прв ризик.
Траење на договорот за осигурување Член 9
Договор за осигурување може да се склучи:
• со одреден рок на траење и
• со неодреден рок на траење, кој перманентно се продолжува од година во година, а врз основа на повеќегодишен договор за осигурување.
Член 10
(1) Ако поинаку не е договорено, договорот за осигурување произведува свое дејство почнувајќи од 24 часот од денот што е означен во полисата како ден на почетокот на траењето на осигурувањето, па се’ до 24 часот на последниот ден на рокот за кој е договорено осигурувањето.
(2) Ако рокот на траењето на осигурувањето не е определен со договор, секоја страна може да го раскине договорот со денот на стасаноста на премијата, известувајќи ја писмено другата страна најдоцна три месеци пред стасаноста на премијата.
(3) Ако осигурувањето е склучено на рок подолг од пет години, секоја страна може по истекот на овој рок при отказен рок од шест месеци писмено да и изјави на другата страна дека го раскинува договорот.
(4) Со договорот не може да се исклучи правото на секоја страна да го раскине договорот како што е напред изложено.
Осигурување на имот Член 11
(1) Осигурување на имот може да склучи секое лице кое има интерес да не настане осигурениот случај, зошто инаку би претрпело некоја материјална загуба.
_ Акционерско друштво за осигурување ВИНЕР - Виена Иншуренс Груп Скопје
(2) Право од осигурувањето можат да имаат само лицата кои во моментот на настанувањето на штетата имале материјален интерес да не настане осигурениот случај.
Член 12
(1) Со осигурување на имот се обезбедува надомест за штетата која би настанала во имотот на Осигуреникот поради настапувањето на осигурениот случај.
(2) Износот на надоместот не може да биде поголем од штетата која осигуреникот ја претрпел со настапувањето на осигурениот случај, а најмногу до износот на осигурената сума, односно агрегат, утврдени согласно Општите и Посебните услови на имот.
(3) Кај осигурувањето на посеви и плодови и на други производи на земјата износот на штетата се утврдува согласно Општите услови за осигурување на посеви и плодови.
(4) Полноважни се одредбите на договорот со кои износот на надомест се ограничува на помал износ од износот на штетата.
(5) При утврдувањето на износот на штетата се зема предвид пропуштената добивка само ако е тоа договорено и истото е посебно назначено на полисата за осигурување
(6) Ако со договорот за осигурување вредноста на осигурениот предмет е утврдена, надоместот се определува според таа вредност, освен ако Осигурувачот докаже дека договорената вредност значително е поголема од вистинската вредност, а за таа разлика не постои оправдана причина (како на пример, осигурување на употребуван предмет на вредноста на таков нов предмет или осигурување на субјективната вредност, овој став претставува подосигурување).
Процес на арбитража во случај на спор Член 13
(1) Доколку по било кој основ од договор за осигурување дојде до спор, двете страни (Осигуреникот и Осигурувачот) ќе започнат меѓусебни преговори во траење од најмногу еден месец. Доколку во рокот од еден месец преговорите не завршат со договор за настанатиот спор меѓусебните преговори ќе продолжат и во наредните месец дена, ако за тоа се согласни и двете страни.
(2) По исцрпувањето на рокот за меѓусебни преговори, двете страни пристапуваат кон Арбитража. Арбитражата е водена од Арбитражна Комисија. Арбитражната Комисија се состои од три члена, од кои по еден делегира секоја од двете страни во рок од 7 (седум) дена по исцрпувањето на рокот за преговори. Членовите на Арбитражната Комисија, делегирани од двете страни, именуваат Претседател на Арбитражната Комисија во рок од 15 (петнаесет) дена. Претседателот треба да биде стручен за областа за која се води арбитража, со најмалку 4 (четири) години работно искуство во таа област. Доколку двете страни не се договорат за името на Претседателот на Арбитражната Комисија, тој ќе биде именуван од страна на една од следните институции: Соодветно факултетско образование што ја покрива областа на спорот, Бирото за судски вештачења или Стопанска комора на РСМ.
(3) Ниту една страна нема право да отповика свој член од Арбитражната Комисија до завршувањето на нејзината работа, која не може да трае подолго од 3 (три) месеци од денот на именувањето на нејзиниот Претседател. По исклучок од претходниот рок, Арбитражната Комисија го продолжува своето работење само со писмена согласност на двете страни.
_ Акционерско друштво за осигурување ВИНЕР - Виена Иншуренс Груп Скопје
ул. Железничка бр.41, 1000 Скопје, Р. С. Македонија
Тел.x000 (00) 00 00 000 Факс.x000 (00) 00 00 000 е-пошта: xxxxxx@xxxxxx.xx 5
(4) Арбитражната Комисија своите одлуки ги носи со мнозинство гласови. Двете страни се обврзуваат дека ќе ги почитуваат одлуките на Арбитражната Комисија како конечни и неотповикливи. До завршувањето на меѓусебните преговори, евентуално и на работата на Арбитражната Комисија и двете страни се откажуваат од поведување судски спорови по предметот на Арбитражата, како и од пресметка на камати по основ на спорните побарувања.
(5) Трошоците за Арбитражата ќе ги делат и двете страни подеднакво.
(6) Доколку Арбитражната Комисија не успее да го реши спорот, тој ќе се решава пред надлежниот суд во Скопје.
Надлежност во случај на спор Член 14
Во случај на спор помеѓу Договорувачот на осигурувањето / Осигуреникот и Осигурувачот надлежен е Граѓанскиот суд Скопје.
Должност за плаќање и примање на премија Член 15
(1) Договорувачот на осигурувањето е должен да ја плати премијата на осигурувањето, а Осигурувачот е должен да ја прими уплатата на премијата од секое лице кое има правен интерес таа да биде платена.
(2) Премијата се плаќа во договорените рокови, а ако треба да се исплати одеднаш, се плаќа при склучувањето на договорот.
(3) Место на плаќањето на премијата е местото во кое Договорувачот на осигурувањето има свое седиште, односно живеалиште, ако со договорот не е определено некое друго место.
Член 16
(1) Ако Договорувачот на осигурувањето премијата што доспеала по склучувањето на договорот не ја плати до доспеаноста, ниту тоа го стори некое друго заинтересирано лице, договорот за осигурување престанува според самиот закон по истекот на рокот од 30 дена од кога на Договорувачот на осигурувањето му е врачено препорачано писмо од Осигурувачот со известување за стасаноста на премијата, но со тоа што тој рок да не може да истече пред да поминат 30 дена од доспеаноста на премијата.
(2) Кај повеќегодишните осигурувања договорот за осигурување престанува според самиот закон ако премијата не биде платена во рок од 1 (една) година од втасаноста.
Враќање на премија Член 17
1. Ако предметот на осигурување е уништен пред почетокот на обврските на Осигурувачот, на Договорувачот на осигурување му се враќа износот на наплатената премија намалена за износот на трошоците за издавање на полисата;
2. Ако предметот на осигурување е уништен по почетокот на обврските на Осигурувачот од ризици опфатени со осигурување, на Осигурувачот му припаѓа
_ Акционерско друштво за осигурување ВИНЕР - Виена Иншуренс Груп Скопје
ул. Железничка бр.41, 1000 Скопје, Р. С. Македонија
Тел.x000 (00) 00 00 000 Факс.x000 (00) 00 00 000 е-пошта: xxxxxx@xxxxxx.xx
целиот износ на премијата пресметан со полисата за осигурување и истата доспева за наплата веднаш во целост;
3. Доколку до моментот на прекин на полисата не била настаната штета премијата може да се врати под услов истатда е платена во целост и доколку нѐ се изминати повеќе од 8 месеци од периодот на почетокот на осигурувањето, во спротивно на Осигурувачот му припаѓа целиот износ на премијата.
4. При прекин на полиса, во случаи предвидени со овие Услови, покрај доказот за прекин на полисата, Договорувачот / Осигуреникот, доставува и барање за прекин / изјава за немање штета.
III ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Измена на Условите за осигурување и Xxxxxxxx за премии Член 18
(1) Осигурувачот има право да прави измени во Условите за осигурување и Тарифата на премии.
(2) Ако Осигурувачот ги измени Условите за осигурување или Тарифата на премии, должен е за тоа писмено, или на друг погоден начин, да го извести Договорувачот на осигурувањето / Осигуреникот пред склучување на новата полиса, односно при обнова на претходната.
(3) Ако Договорувачот на осигурувањето не го откаже договорот за осигурување поради сменетите услови и тарифи, договорот за осигурување во почетокот на наредниот период на осигурувањето се менува во сообразност со извршените измени во Условите за осигурување, односно Тарифата на премии.
Намалување и зголемување на премијата (бонус и малус)
Член 19
(1) Во видовите на осигурување и по условите утврдени со пооделните услови и Тарифи по класи на осигурување и видови на продукти, Договорувачот на осигурувањето, односно Осигуреникот, стекнува право на бонификација во вид на намалување на премијата за наредниот временски период на осигурување (бонус).
(2) Износот на бонусот или малусот се пресметува од премијата за последната осигурителна година, а согласно условите и тарифите по класи на осигурување и видови на продукти.
Исплата на надомест или договорена сума Член 20
(1) Осигурувачот е должен да го исплати надоместот или сумата определена со договорот при настанување на осигурен случај, а во договорениот рок кој не може да биде подолг од 14 дена по комплетирањето на документацијата.
(2) Ако за утврдување на постоењето на обврската на Осигурувачот и на нејзиниот износ е потребно извесно време, овој рок почнува да тече од денот кога е утврдено постоењето на неговата обврска и нејзиниот износ.
(3) Осигурувачот ќе го исплати надоместот од настанат осигурен случај согласно овие Општи услови и Условите за оној вид на осигурување, според кој е склучен договорот за осигурувањето, како и врз основа на критериумите за извид и процена на висината на штета.
(4) Утврдениот надомест не може да биде поголем од штетата која осигуреникот ја претрпел со настанувањето на осигурениот случај, а најмногу до износот на осигурената сума, односно агрегат, утврдени согласно Општите и Посебните услови.
Член 21
Исплатата на надоместок на носителите на залогот и други права:
• по настанувањето на осигурениот случај, заложни права и други права кои порано постоеле на осигурениот предмет имаат за предмет долговен надоместок како во случај на осигурување на сопствени предмети, така и во случај на осигурување на туѓи предмети, поради обврска на нивното чување и враќање, па Осигурувачот не може да исплати надоместок на осигуреникот без согласност на носителот на тие права.
• овие лица може да бараат непосредно од Осигурувачот, во границите на сумата на осигурувањето и според законскиот ред, да им ги исплатат нивните побарувања.
• меѓутоа, ако во моментот на исплатата Осигурувачот не знаел ниту можел да знае за тие права, извршената исплата на надоместокот на Осигуреникот останува правосилна.
Член 22
Ако Договорувачот на осигурувањето, Осигуреникот или корисникот предизвикал осигурен случај намерно или со измама, осигурувачот не е обврзан на никаков надоместок или исплата на штета.
Договорено самоучество (франшиза) Член 23
Ако е договорено во полисата за осигурување учество на Осигуреникот да сноси еден дел од штетата (договорно самоучество-франшиза), при настанување на осигурен случај, Осигурувачот ќе го утврди надоместот така што висината на штетата ќе ја намали за износот на договореното самоучество, односно франшизата.
Утврдување и процена на штета Член 24
(1) По приемот на пријавата за настанат осигурен случај, Осигурувачот е должен истата да ја евидентира и најдоцна во рок од 14 дена да побара од Осигуреникот да ја комплетира со потребната документација, по што ќе пристапи кон утврдување и процена на штетата.
(2) доколку Осигурувачот тоа не го стори во предвидениот рок од став 1 на овој член, Осигуреникот може да почне со отстранување на штетата под услов претходно комисиски да се утврди причината за настанување на осигурениот случај и обемот на оштетувањето.
(3) Осигуреникот може и пред истекот на рокот предвиден во став 1 на овој член да почне да ја отстранува штетата, ако тоа е неодложно потребно за извршување на дејноста на Осигуреникот, но по претходно одобрение од страна на Осигурувачот.
(4) Обемот на штетата го утврдува стручно лице-овластен проценител/цензор зависно од видот на штетата, а во присуство на овластени претставници на Осигурувачот и Осигуреникот.
(5) Осигурувачот го задржува правото да побара дополнителна документација доколку е потребно заради утврдување на штетата.
(6) Доколку некој дел е оштетен и е составен дел на апарат или опрема и е потребно за поправка истиот да се замени, а делот повеќе не се произведува или не може да се набави истиот сразмерно се надоместува во процент со кој учествува во однос на целиот апарат.
(7) Тотална штета на апарати и опрема се подразбира кога машината, апаратот или опремата се целосно оштетени повеќе од 70% во однос на целиот апарат или кога поправката ја надминува рентабилноста на поправката во зависност од степенот на амортизација и остатоците.
Не се смета дека штетата е тотална ако апаратот не може да се поправи од причина ако повеќе не се произведуваат составни и резерни делови од истиот или не може да се набават делови неопходни за поправката.
Амортизација на деловите и машините се пресметуваат согласно службен весник во зависност во која категорија спаѓаат.
Максимална техничка амортизација за делумни и тотални штети изнесува ТА 80%. Остатоци кај тотални штети се лимитирани до 40% од вкупната вредност.
(8) Сите подобрувања и модификации на опремата и апаратите односно на осигурената ствар Осигурувачот нема обврска да ја надомести.
(9) Доколку заменетиот дел не се врати на Осигурувачот истиот може да ја намали вредноста при пресметката до 30% од нованабавната вредност на истиот или пак предметот ќе се смета за некомплетен се’ до доставување на заменетиот дел.
(10) За деловите дефинирани во пооделни услови и покрај тоа што има откуп на амортизација за истите се одбива истата согласно условите.
(11) Деловите и предмети дефинирани како исклучоци во пооделните услови не се предмет на осигурување и не можат да бидат предмет на барање на надомест на штета.
Член 25
(1) Осигурувачот не одговара за штетата што Договорувачот на осигурувањето, Осигуреникот или на корисникот на осигурувањето ја причиниле намерно.
(2) Осигурувачот не одговара за штетата на осигурениот предмет која потекнува од неговите недостатоци, освен ако е договорено поинаку.
Штети што не се покриени со осигурувањето Член 26
(1) Осигурувачот не е должен да надомести штета, ако таа е предизвикана поради:
1. Војна, инвазија, дејства на странски непријатели, непријателски или воени операции (без оглед дали војна е објавена или не), граѓанска војна, буна, револуција, востание, граѓански немири имајќи го предвид учеството во или големината на востанието, воената или узурпаторска сила; или
2. а) биолошка, радиоактивна, нуклеарна и/или хемиска контаминација; б) проектили, бомби, гранати, експлозивни средства;
в) поради секое дејство на тероризам или вандализам.
г) штети настанати како директна или индиректна последица на сајбер(интернет) напади односно сите ризици од сајбер(интернет) основ не се предмет на осигурување.
д) индиректна или директна употреба на азбест или други супстанци, кои содржат азбест, без оглед на количината или формата.
(2) За примена на овој додаток дејство на тероризам значи дејство, вклучувајќи, но не и ограничување на употреба на сила или насилство и/или закана со нив на лице или група на лица, без оглед дали дејствуваат сами или во корист на или во врска со било која организација(и) или влада(и) обврзани со политички, религиозни, идеолошки или етнички цели и причини вклучувајќи и намера да се влијае на влада и/или да се изложи јавноста или дел од јавноста под страв.
Преминување на правата на Осигуреникот спрема одговорното лице врз осигурувачот (суброгација)
Член 27
(1) Со исплатата на надоместот од осигурувањето сите права од Осигуреникот спрема лицето кое по која и да е основа одговорно за штетата, преминуваат врз Осигурувачот според самиот закон, а до висина на исплатениот надомест.
(2) Ако по вина на Осигуреникот е оневозможено ова преминување на правата врз Осигурувачот, во целост или делумно, Осигурувачот се ослободува во соодветна мера од својата обврска спрема Осигуреникот.
(3) Преминувањето на правата од Осигуреникот врз осигурувачот не може да биде на штета на Осигуреникот, па ако надоместот што Осигуреникот го добил од Осигурувачот од каква и да е причина е понизок од штетата што ја претрпел, Осигуреникот има право од средствата на одговорното лице да му се исплати остатокот на надоместот пред да се исплати побарувањето на Осигурувачот врз основа на правата што преминале врз него.
(4) По исклучок од правилото за преминување на правата на Осигуреникот врз Осигурувачот, овие права не преминуваат врз Осигурувачот ако штетата ја причинило лице во сродство во права линија со Осигуреникот или лице за чиишто постапки Осигуреникот одговара, или кое живее со него во исто домаќинство или лице кое е работник на Осигуреникот, освен ако тие лица штетата ја причиниле намерно.
(5) Ако некое од лицата споменати во став (4) на овој член било осигурено од одговорност, Осигурувачот може да го бара од неговиот Осигурувач надоместот на износот што му го исплатил на Осигуреникот.
IV ПРАВА И ОБРСКИ НА ОСИГУРЕНИКОТ
Должност за пријавување Член 28
Договорувачот на осигурувањето е должен при склучување на договорот да му ги пријави на Осигурувачот сите околности што се од значење за оцена на ризикот, а што му се познати или не можеле да му останат непознати.
Намерна неточна пријава или премолчување Член 29
(1) Ако Договорувачот на осигурувањето намерно направил неточна пријава или намерно премолчил некоја околност од таква природа што Осигурувачот не би склучил договор ако знаел за вистинската состојба на работите, Осигурувачот може да бара поништување на договорот, а во таков случај Осигурувачот нема никаква обврска по тој договор.
(2) Во случај на поништување на договорот од причините наведени во став (1) од овој член, Осигурувачот ги задржува наплатените премии и има право да бара исплата на премијата за периодот на осигурувањето во кој побарал поништување на договорот.
(3) Правото на Осигурувачот да бара поништување на договорот за осигурување престанува ако тој во рок од три месеци од денот на дознавањето на неточноста на пријавата или за премолчувањето не му изјави на Договорувачот на осигурувањето дека има намера да го користи тоа право.
Ненамерна неточност или нецелосност на пријавата Член 30
(1) Ако Договорувачот на осигурувањето направил неточна пријава, или пропуштил да го даде должното известување, а тоа не го сторил намерно, Осигурувачот може, по свој избор, во рок од еден месец од дознавањето за неточноста или нецелосноста на пријавата, да изјави дека го раскинува договорот или да предложи зголемување на премијата сразмерно со поголемиот ризик.
(2) Договорот во тој случај престанува по истекот на 14 дена од кога Осигурувачот својата изјава за раскинување му ја соопштил на Договорувачот на осигурувањето, а во случај на предлог на Осигурувачот премијата да се зголеми, раскинувањето настапува според самиот закон ако Договорувачот на осигурувањето не го прифати предлогот во рок од 14 дена од кога го примил.
(3) Ако осигурениот случај настанал пред да е утврдена неточноста или нецелосноста на пријавата или по тоа, но пред раскинувањето на договорот, односно пред постигнување на спогодба за зголемување на премијата, надоместокот се намалува во сразмер меѓу стапката на платените премии и стапката на премиите што би требало да се платат според вистинскиот ризик.
Член 31
Одредбите од претходните два члена за последиците од неточна пријава или премолчувањето на околностите значајни за оцена на ризикот се применуваат и во случаи на осигурувања склучени од името и за сметка на друг, или во корист на трет
или за туѓа сметка, или за сметка на оној на кого се однесува, ако овие лица знаеле за неточноста на пријавата или за премолчувањето на околностите значајни за оцена на ризикот.
Член 32
(1) Осигурувачот, кому во моментот на склучувањето на договорот му биле познати или не можеле да му останат непознати околностите што се од значење за оцена на ризикот, а кои Договорувачот на осигурувањето неточно ги пријавил или ги премолчил, не може да се повикува на неточноста на пријавата или на премолчувањето.
(2) Истото важи во случај кога Осигурувачот дознал за тие околности за време на траењето на осигурувањето, а не ги користел законските овластувања.
Зголемување на ризикот Член 33
(1) Договорувачот на осигурувањето е должен кога е во прашање осигурување на имот да го извести Осигурувачот за секоја промена на околностите која може да биде од значење за оцена на ризикот.
(2) Тој е должен без одложување да го извести Осигурувачот за зголемувањето на ризикот, ако ризикот е зголемен со некоја негова постапка, а ако зголемувањето на ризикот се случило без негово учество тој е должен да го извести во рок од 7 дена од кога дознал за тоа.
(3) Ако зголемувањето на ризикот е толкаво што Осигурувачот не би склучил договор ако постоела таква состојба во моментот на неговото склучување, тој може да го раскине договорот.
(4) Ако зголемувањето на ризикот е толкаво што Осигурувачот би склучил договор само со поголема премија да постоела таква состојба во моментот на склучувањето на договорот, тој може на Договорувачот на осигурувањето да му предложи нова стапка на премијата.
(5) Ако Договорувачот на осигурувањето не се согласи со нова стапка на премијата во рок од 14 дена од приемот на предлогот на новата стапка, договорот престанува според самиот закон.
Кога осигурениот случај настане во меѓувреме Член 34
Ако осигурениот случај настане пред да биде известен Осигурувачот за зголемувањето на ризикот или откако е известен за зголемувањето на ризикот, но пред да го раскине договорот, или да постигне спогодба со Договорувачот на осигурувањето за зголемување на премијата, надоместот се намалува во сразмер меѓу платените премии и премиите што би требало да се платат според зголемениот ризик.
Член 35
Доколку во краток временски период настане штета од иста причина и веќе имал таква штета, а не ги отстранил причините за настанување на претходната штетата и не презел мерки за отстранување на истата, односно причината за штета се повторува, тогаш ваквата штета не претставува осигурен случај.
Намалување на ризикот Член 36
(1) Во случај кога по склучувањето на договорот за осигурување настанало намалување на ризикот, Договорувачот на осигурувањето има право да бара соодветно намалување на премијата, сметајќи од денот кога за намалувањето го известил Осигурувачот.
(2) Ако Осигурувачот не се согласи со намалувањето на премијата, Договорувачот на осигурувањето може да го раскине договорот
Обврски на Осигуреникот кога ќе настане осигурен случај Член 37
(1) Кога ќе настане осигурен случај врз основа на кој се бара надоместок од осигурувањето, Договорувачот / Осигуреникот е должен:
• веднаш да преземе се’ што е во негова можност за да ги ограничи неговите штетни последици и при тоа да се придржува кон упатствата што му ги дал Осигурувачот или неговиот претставник;
• да го извести Осигурувачот за настапување на осигурениот случај најдоцна во рок од три дена од кога дознал за тоа;
• што порано, а најдоцна во рок од три дена, писмено да ја потврди пријавата направена усно, телефонски, телеграфски или на било кој друг сличен начин;
• во сите случаи предвидени со прописи, а особено кога штетата е предизвикана од пожар, експлозија, кражба, провална кражба, разбојништво и сообраќајна незгода, да се пријават на надлежниот орган за внатрешни работи и да се наведе кои предмети се уништени, односно оштетени или се исчезнати при настанувањето на осигурениот случај;
• веднаш по настанувањето на осигурениот случај, ако е тоа можно, односно кога тоа приликите го дозволуваат, да се поднесе на Осигурувачот попис на уништените, односно оштетените предмети со приближно назначување на нивната вредност;
• до доаѓањето на претставникот на Осигурувачот на самото место да не се менува состојбата на оштетените, односно уништените предмети, освен ако промената е потребна во јавен интерес или поради намалување, односно поради продолжување со нормално производство;
• По утврдена обврска за надомест на штета Осигуреникот треба да ги чува и да ги врати заменетите делови на Осигурувачот, а за истите да достави влезни фактури за набавка и сервисен налог со спецификација;
• Ако промената се изврши поради продолжување со нормално производство, Осигуреникот е должен за тоа веднаш да го извести Осигурувачот преку телефон, по меил или на било кој друг начин и да чека негова согласност.
Доколку Осигуреникот не се придржува по писмените насоки на Осигурувачот во делот на процена, поправка на опремата и стварите, како и комплетирање на документите, а за тоа е уредно известен Осигурувачот нема обврска да ја надомести таквата штета.
(2) Договорувачот на осигурувањето е должен, независно од рокот во кој ја поднел пријавата за штетата, на претставникот на Осигурувачот да му ги даде сите
податоци и други докази потребни за утврдување на причината, обемот и висината на штетата. Осигурувачот исто така може да бара Осигуреникот да прибави и други докази, ако тоа е неопходно потребно и оправдано.
(3) Ако Осигуреникот не ја изврши својата обврска за известување на Осигурувачот од став (1), точка 2) од овој член во одредено време, должен е да му ја надомести на Осигурувачот штетата која би ја имал овој поради тоа.
Спречување на осигурениот случај и спасување Член 38
(1) Осигуреникот е должен да ги преземе пропишаните, договорените и сите други мерки потребни за да се спречи настапувањето на осигурениот случај, а ако осигурениот случај настапи, е должен да преземе се’ што е во негова моќ да се ограничат неговите штетни последици.
(2) Осигурувачот е должен да ги надомести трошоците, загубите како и другите штети причинети со разумен обид да се отстрани непосредната опасност од настапувањето на осигурениот случај, како и со обид да се ограничат неговите штетни последици, па и тогаш ако тие обиди останале без успех.
(3) Ако Осигуреникот не ја исполни својата обврска за спречување на осигурениот случај или обврската за спасување, а за тоа нема оправдување, обврската на Осигурувачот се намалува за онолку за колку што настанала поголема штета поради тоа неисполнување.
(4) Ако е одреден или договорен рокот до кога треба да се спроведуваат мерките за спречување на остварувањето или зголемувањето на опасноста (превентивни мерки), надоместокот на Осигуреникот се исплатува и тогаш кога осигурениот случај настанал до истекот на тој рок и ако штетата е во причинска врска со пропишаните односно договорените мерки.
(5) Осигурувачот има право да врши контрола на договорените и други одредби за заштитни мерки од ставот (1) на овој член.
ОБРАБОТКА И ЧУВАЊЕ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
Член 39
(1) Договорувачот на осигурувањето и Осигуреникот (клиент) дава согласност осигурувачот да собира, чува, обработува и ги користи личните податоци кои се неопходни за склучување и реализација на договорот за осигурување (полиса), односно оценување на осигурително покритие и степен на оштета, во земјата и доколку е потребно и во странство, во согласност со член 109 од Законот за супервизија на осигурување и законските одредби за заштита на личните податоци, правата на потрошувачите и внатрешните акти на Осигурувачот.
(2) Оваа согласност се однесува и на овластените лица односно овластени лица за застапување и посредување, како и договорни обработувачи на лични податоци на осигурувачот кои може да ги обработуваат личните податоци на осигуреникот, да ги доставуваат податоците до осигурувачот, како и да вршат проверка на точноста и промените на личните податоци кај надлежни државни органи и установи и други правни и физички лица, кои располагаат со тие податоци.
(3) Личните податоци кои се обработуваат врз законска основа, клиентот има обврска сам да ги обезбеди и да ги достави до Осигурувачот. Доставувањето на лични податоци
со цел склучување (исполнување) на договор е доброволно, но треба да се има предвид дека ако личните податоци кои се неопходни за давање на услугата не бидат доставени од клиентот, тие услуги не ќе може да бидат обезбедени од страна на Осигурувачот.
(4) Клиентот дава согласност на осигурувачот да ги користи личните податоци (име и презиме, адреса за комуникација, електронска адреса и/или телефонски број, но не и податоците за здравствената состојба) за цели на вршење директен маркетинг за себе и поврзани друштва во земјата и во странство, но само врз основа на претходно дадена изречна изјава на согласност за оваа цел, а во согласност со прописите со кои се уредува заштитата на личните податоци Во изјавата за согласност, задолжително треба да биде наведено дека клиентот може во секое време бесплатно и на едноставен начин, трајно или привремено да ја повлече согласноста за вршење на директен маркетинг, и тоа со писмено барање доставено или испратено на адресата на осигурувачот.
(5) Осигурувачот врши обработка (собирање, евидентирање, организирање, чување итн.) на личните податоци на клиентот, неговиот законски застапник или полномошник во согласност со прописите за заштита на личните податоци и другите соодветни позитивни законски прописи, применувајќи соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на безбедност при обработка на личните податоци кои се подетално пропишани со интерните акти за обезбедување на безбедност при обработката на личните податоци. Собраните лични податоци се дел од збирките на лични податоци на осигурувачот кој во својство на контролор на личните податоци, ги користи совесно, законито и согласно целта за кои се собрани.
(6) Здравствените податоци односно личните податоци кои се однесуваат на здравјето на клиентот се посебна категорија на лични податоци во согласност со Законот за заштита на личните податоци (чувствителни лични податоци), поради што уживаат посебна заштита, односно подлежат на построг режим на заштита.
(7) Осигурувачот воспоставува заштитни мерки за обработка и чување на здравствените податоци.
(8) Xxxxxxxx има право да бара од осигурувачот да ги дополни, исправи или избрише неговите лични податоци, ако истите се нецелосни, неточни или неажурирани и доколку се исполнети целите за нивна обработка или ако биле незаконски обработувани. За да го оствари ова право, клиентот доставува или испраќа писмено барање на адресата на осигурувачот.
(9) Осигурувачот ги чува личните податоци во временски период до исполнување на целта заради која истите се обработуваат, што е во согласност со прописите за заштитата на личните податоци и интерните акти за обезбедување на безбедност при обработката на личните податоци каде што овие рокови се подетално утврдени.
(10) Дополнителни информации во однос на заштита на личните податоци: xxxx://xxx.xxxxxx.xx/xxxxxxx-xx-xxxxx-xxxxxxxx/.
V. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ Рокови на застареност кај 40
(1) Побарувањата на Договорувачот на осигурување застаруваат за осигурување за три години, сметано од денот на настанувањето на штетата.
(2) Ако заинтересираното лице докаже дека до денот определен во став (1) на овој член не знаело дека настанал осигурениот случај, застарувањето почнува од денот кога дознало за тоа, со тоа што во секој случај побарувањето застарува за пет години од денот определен во став (1) на овој член.
(3) Побарувањата на Осигурувачот по било кој основ (долг, регрес и сл.), а кои
произлегуваат или се во врска со договорот за осигурување застаруваат за три години.
(4) Кога во случај на осигурување од одговорноста на трет, оштетеното лице бара надомест од Осигуреникот или го добие од него, застарувањето на барањето на Осигуреникот спрема Осигурувачот почнува од денот кога оштетеното лице барало по судски пат надомест од Осигуреникот, односно кога Осигуреникот го обесштетил.
(5) Непосредно барање на трето оштетено лице спрема Осигурувачот застарува за истото време за кое застарува неговото барање спрема Осигуреникот одговорен за штетата.
(6) Застарувањето на побарување кое му припаѓа на Осигурувачот спрема третото лице одговорно за настапување на осигурениот случај почнува да тече тогаш кога и застарувањето на побарување на Осигуреникот спрема тоа лице и се навршува во истиот рок.
Начин на пријава и известувања Член 41
(1) Сите известувања и пријави, што Договорувачот на осигурувањето и Осигурувачот се должни да ги направат во смисла на одредбите од овие и други услови на осигурување, задолжително треба писмено да се потврдат ако се направени усно, преку телефон, телеграма или на било кој друг начин.
(2) Како ден на приемот на известувањето односно пријавата ќе се смета денот кога е примено известувањето односно пријавата. Ако известувањето односно пријавата се испраќа препорачано, како ден на приемот ќе се смета денот на прием во архивата на Осигурувачот.
Промена на податоци на Договорувачот на осигурувањето Член 42
(1) Договорувачот на осигурувањето е должен за промената на името или адресата, односно за промената на називот - фирмата и седиштето (на деловни простории), да го извести Осигурувачот во рок од 15 дена од денот на настанувањето на промената.
(2) Ако Договорувачот на осигурувањето не го извести Осигурувачот за промените од претходниот став, за било какво известување упатено од Осигурувачот до Осигуреникот доволно е Осигурувачот да му испрати само препорачано писмо според последните податоци за адресата на станот, деловните простории, односно називот - фирмата, со кои располага.
(3) Известувањето станува полноважно во денот во кој во нормални околности истото било доставено.
Влијание на стечајот врз осигурувањето Член 43
Во случај на стечај на Осигурувачот, договорот за осигурување престанува по истекот на 30 дена од отворање на стечајот.
Член 44
За се’ што не е предвидено со овие услови важат одредбите од Законот за облигационите односи и посебните услови за осигурување на имоти.
Постапка по приговори Член 45
Доколку Оштетениот не се согласил по однос на обемот или висината на оштетното побарување, има право на приговор во рок од 30 дена од приемот на писменото известување од Осигурувачот до Второстепената комисија за решавање на штети по приговор, која е должна во рок од 30 дена да одговори и одлучи по приговорот.
Постапка по жалба Член 46
Договорувачот, односно Осигуреникот во однос на работењето на Друштвото има право на жалба до Агенцијата за супервизија на осигурување како надлежен орган за супервизија на друштвата за осигурување.