Contract
ОПШТИ УСЛОВИ ЗА РАБОТЕЊЕ СО ДЕНАРСКА ТРАНСАКЦИСКА СМЕТКА НА ФИЗИЧКИ ЛИЦА – РЕЗИДЕНТИ
1. ПОИМИ И ДЕФИНИЦИИ
Имател на сметка е физичко лице - резидент кое со Xxxxxxx ќе склучи договор за денарска трансакциска сметка.
Овластено лице е лице кое ќе биде писмено овластено од страна на Имателот на сметката за располагање со средствата на сметката. Застапник е законски застапник или старател кој, во рамките на законското овластување или овластувањето дадено со одлука на надлежен орган, го застапува Имателот на трансакциската сметка, кој има ограничена деловна способност или е деловно неспособен.
Денарска трансакциска сметка e единствен и неповторлив нумерички податок што служи за идентификација на учесникот во платниот промет односно Имателот на сметката, преку која истиот врши плаќања во денари, и тоа уплата на готови пари на трансакциска сметка, пренос на средства од една на друга трансакциска сметка и исплата на готови пари од трансакциска сметка.
Налог за плаќање е налог или овластување на Имателот на сметката за Xxxxxxx, на товар на таа сметка, да изврши пренос на паричните средства во корист на друга сметка или во корист на сметка на Банката и во корист на примачот на плаќањето, или од сметката да исплати готовина. Налогот мора да ги содржи сите законски пропишани елементи, без оглед на неговата форма и начинот на доставување на Банката.
Прием на налогот значи доставување, односно предавање на налогот на Банката од страна на Имателот на сметката, на договорен начин.
Прифаќање на налогот значи констатирање на условите за извршување на налогот. Банката го прима налогот доколку налогот е правилно пополнет, доколку ги содржи сите податоци што се бараат според закон и ако за него е обезбедено покритие.
Покритие на сметка е покритие на сметка за плаќање на налог односно износот на расположливото салдо на сметката.
Расположливо салдо е сума на позитивната состојба на средствата и износот на одобрените (дозволените) пречекорувања на сметката.
2. ПРЕДМЕТ
1. Со овие општи услови ТТК Банка АД Скопје ги определува условите за отворање, за водење и за затворање сметки на Имателите на сметки, роковите, поврзани со извршувањето на налозите, пресметка на каматата на средствата на сметките, надоместоците и трошоците во врска со вршењето на услугите, начините и роковите за известување на имателите, рекламациите и важноста на општите услови.
2. Составен дел од овие општи услови се:
⮚ Извадок од важечката Одлука за тарифата за надоместоците на услугите што ги врши ТТК Банка АД Скопје којшто се однесува на работењето што е предмет на овие општи услови;
⮚ Извадок од важечката Одлука за политиката на каматните стапки на ТТК Банка АД Скопје којшто се однесува на работењето што е предмет на овие општи услови;
⮚ Термински планови за вршење платен промет со странство и во земјата преку сметката (во продолжение: термински планови).
3. ОТВОРАЊЕ ТРАНСАКЦИСКА СМЕТКА И ОВЛАСТУВАЊЕ ЗА РАБОТЕЊЕ СО СМЕТКА
1. Правниот однос помеѓу Xxxxxxx и Имателот на сметката настанува со денот на потпишувањето на договорот за трансакциска сметка. Составен дел на договорот за сметка се општите услови и другата документација потребна за отворање сметка. Банката му предава еден примерок од овие општи услови на Имателот на сметката пред, односно при склучувањето на договорот.
2. Банката му отвора на Имателот на сметката трансакциска сметка врз основа на:
⮚ Поднесено барање за отворање сметка коешто ќе го поднесе деловно способно физичко лице, односно законскиот застапник на лице кое нема целосна деловна способност;
⮚ Приложена документација за идентификација на Имателот на сметката, застапникот и лицата овластени за располагање со средствата на сметката, во согласност со прописите, вклучувајќи ги прописите од областа на спречување на перење пари;
⮚ Приложени податоци и друга потребна документација во согласност со важечките прописи и интерните акти на Банката.
Документацијата потребна за отворање сметка треба да биде прикажана во оригинал, при што Xxxxxxx задолжително задржува фотокопија од прикажаната документација.
3. Xxxxxxx веднаш, а најдоцна во рок од еден работен ден по приемот на барањето за отворање сметка и целосно комплетираната документација, склучува договор за трансакциска сметка и ја отвора сметката или, пак, го одбива барањето. Имателот на сметката може да почне да работи преку сметката веднаш, а најдоцна првиот работен ден по склучувањето на договорот. Xxxxxxx го задржува правото да го одбие отворањето на сметката без притоа да ја наведе причината за одбивањето на барањето за отворање сметка.
4. Банката може да отвори само една денарска трансакциска сметка на резидент - физичко лице.
5. Банката отвора трансакциска сметка на физичко лице врз основа на барање за отворање сметка, кое ќе го поднесе деловно способно физичко лице, односно законскиот застапник на лице кое нема целосна деловна способност. Со отворањето на сметката Xxxxxxx му издава на Имателот на сметка картичка за трансакциска сметка.
6. Имателот на сметката може изречно и писмено да овласти трети лица. За располагање со средствата на сметката на Имателот на сметката.
Банката издава картичка за трансакциска сметка за овластеното лице. Овластувањето не може да се пренесува на други лица и не може да се однесува на затворање на сметката. Овластеното лице не може да поднесе барање за дозволено пречекорување на состојбата на сметката или за издавање платежна картичка.
7. Лицата овластени за располагање со средствата на сметката кај Xxxxxxx мора да го депонираат својот потпис.
Потписите, доставени до Банката, важат сè до писменото отповикување на овластувањето за располагање со средствата, односно службено известување за смрт на лицето.
8. Застапникот кој, во рамките на законското овластување или овластувањето дадено со одлука на надлежен орган, го застапува Имателот на сметката, кој е ограничено деловно способен или не е деловно способен, не може да овласти трети лица за располагање со сметката.
9. Повлекување или измена на даденото овластување за располагање со средствата се врши само врз основа на писмено барање на Имателот на сметката.
1
4. АЖУРИРАЊЕ ПОДАТОЦИ
1. Банката врши ажурирање на документацијата за идентификација на клиентот веднаш по истекувањето на рокот на важност на документот за идентификација, врз основа на важечки документ за идентификација.
Ажурирање на документацијата за идентификација на клиентот може да се врши и во пократок рок, врз основа на нивото на ризик од ПП/ФТ на клиентот и во согласност со релевантните интерни акти на Банката.
2. Имателот на сметката мора да ја известува навремено Xxxxxxx за сите промени на своите лични и други податоци, на овластените лица и други податоци што се однесуваат на водењето на сметката и се наведени во барањето за отворање сметка.
3. Банката е должна навремено да ги ажурира сите пријавени промени од претходниот став.
4. Сите информации и податоци што се однесуваат на водењето на трансакциската сметка се од доверлива природа и претставуваат деловна тајна, освен во случаите кога информациите и податоците треба да се достават врз основа на писмено барање на суд, извршител, други државни органи и трети лица, врз основа на нивните овластувања во согласност со позитивните законски прописи.
5. Имателот на сметката се согласува и ѝ дозволува Xxxxxxx во секое време да може да обезбеди податоци кои се однесуваат на водењето на сметката и се наведени во барањето за отворање сметка.
5. ИЗВРШУВАЊЕ ПЛАТНИ ИНСТРУМЕНТИ И РАСПОЛАГАЊЕ СО СРЕДСТВА
1. Преку денарската трансакциска сметка ќе се вршат сите плаќања и обработки на приливи, преноси на средства од/на денарски влог, од/на денарски депозит, готовински уплати и исплати и други трансакции во согласност со прописи. Имателот преку
трансакциската сметка може да врши платен промет во земјата со воспоставување платни инструменти за готовински и безготовински плаќања. Банката не извршува плаќање по платен инструмент од блокирана сметка, со исклучок во случаите и по условите предвидени со пропис.
2. Содржината на воспоставените платни инструменти што ги доставува Имателот на сметката треба да биде јасна, читлива и прецизна, со целосно пополнување на битните елементи, во согласност со прописите за платниот промет. ТТК Банка АД Скопје не одговара за штетата којашто може да настане доколку се предизвика задоцнување во извршувањето на платниот инструмент, ако тоа задоцнување е предизвикано од дополнителна проверка на податоците или други причини предизвикани од Имателот на сметката или налогодавачот.
3. Платните инструменти се извршуваат во согласност со терминскиот план за работење утврден од Банката.
4. При доставување на платните инструменти, Имателот на сметката има можност доставувањето да го врши на сите приемни места за платни инструменти во Банката.
5. Имателот има можност плаќањата на другите учесници во платниот промет чии трансакциски сметки се кај другите носители на платниот промет да ги извршува:
‐ Преку системот на клириншката куќа, доколку износот не е повисок од 1.000.000,00 денари и во кој плаќањата се сметаат за конечни по извршеното пребивање во согласност со терминскиот план за работа пропишан од клириншката куќа, и
‐ Во реално време преку системот за порамнување на НБРСМ т.н. МИПС доколку плаќањата се повисоки од 1.000.000,00 денари или пониски од 1.000.000,00 денари, но имаат третман на итни плаќања, при што Xxxxxxx ги извршува промптно. Висината на износот на мало меѓубанкарско плаќање ја утврдува НБРСМ и е променлива.
6. Банката може да му одобри на Имателот на сметката, физичко лице - резидент, дозволено пречекорување на состојбата на сметката.
7. Банката се обврзува дека, преку трансакциската сметка за Имателот на сметката, ќе прима уплати и ќе врши исплати во границите на средствата на сметката и во границите на дозволеното пречекорување, во согласност со договорот за дозволено пречекорување кој ќе го склучи со Имателот на сметката.
8. Налозите за плаќање што физичкото лице - Имател на сметката ѝ ги доставува на Xxxxxxx мора да ги содржат сите пропишани елементи во согласност со прописите. Налогот може да биде доставен во писмена хартиена форма или на друг начин во согласност со договорените услови со клиентот.
Банката го прифаќа налогот за плаќање кога се исполнети следниве услови:
⮚ Ако налогот е потпишан од овластени лица и ги содржи сите потребни инструкции и податоци за плаќање;
⮚ Ако налогот е проследен со сите документи пропишани со законските и подзаконските акти и интерни акти на Банката;
⮚ Ако е обезбедено покритие на сметка на Имателот на сметката кај Банката за извршување на налогот за плаќање и плаќање на надоместоци и трошоци на Банката.
Имателот на сметката е одговорен за точноста и за целосноста на податоците во налогот. Банката ги одбива налозите што не ги исполнуваат условите за прием или за кои дополнително во тек на обработката ќе се утврди дека не ги исполнуваат потребните услови.
9. Банката е овластена да врши плаќања, како и да го ограничи располагањето со средствата на сметка, без налог и дополнителна согласност од Имателот на сметката само во следните случаи:
- Заради плаќање по основ на судски одлуки, налози за извршување од надлежен извршител во согласност со Законот за извршување, решенија за присилна наплата на други надлежни органи или во други случаи предвидени со задолжителни прописи;
- Врз основа на одлука на суд или н а друг надлежен орган а во согласност со важечките прописи (при блокирање на сметката во случај на обезбедување, привремени мерки итн.);
- Врз основа на посебни договори, договорни овластувања, писмено овластување од Имателот на сметката и во други случаи предвидени со законите и со другите прописи.
10. Банката е овластена да ја одобрува трансакциската сметка на Имателот на сметката доколку изврши уплати на повисоки износи од пресметаните достасани обврски по основ на користење други производи или услуги во Банката, освен во случаите кога изрично ќе се произнесе поинаку.
11. За располагање и пристап до средствата од трансакциската сметка, на барање и со овластување од сопственикот на сметката, Банката може да издаде дебитна картичка на сопственикот и на друго лице кое сопственикот на сметката го овластува да располага со паричните средства од неговата тековна сметка.
12. Имателот на сметката и овластеното лице можат да ја користат дебитната картичка за трансакции на шалтер, на ПОС- терминалите (продажни места) и на банкомати во земјата и во странство.
13.Услуги што Имателот на сметката може да ги користи се: трајни налози, електронско банкарство, услуги за електронско известување преку мобилен телефон (СМС порака/и) или е-пошта и др.
5.1. Налози за плаќање во корист на нерезидент
Плаќањата во денари во корист на нерезиденти се вршат во согласност со прописите што го регулираат платниот промет со странство и со паралелна примена на обрасците од денарски платен промет и обрасците пропишани од НБРСМ за платен промет со странство.
6. РЕКЛАМАЦИИ
Имателот е должен да ја информира Xxxxxxx, во утврдениот рок, за сите евентуални рекламации во врска со спроведените трансакции преку сметката, врз основа на податоците за состојбата и прометот на трансакциската сметка, со доставување потврда од реализиран платен инструмент, извод за трансакциската сметка или друг документ од кој може да се види податокот за рекламацијата.
7. ДОПОЛНИТЕЛНИ УСЛУГИ
Банката му овозможува на Имателот на сметката и дополнителни услуги поврзани со денарската трансакциска сметка, за што Банката и Имателот на сметката се договараат со посебен договор.
8. ИЗВЕСТУВАЊЕ
1. Имателот на сметката е должен, најдоцна во рок од 3 дена, да ја извести Xxxxxxx за сите промени во врска со промените на своите лични и други податоци, за овластените лица и за други податоци што се однесуваат на водењето на сметката и се наведени во барањето за отворање сметка. Банката не одговара за штетата настаната поради непочитувањето на обврските во врска со известувањето за промените.
2. Банката го известува Имателот на сметката за промените на состојбата на сметката, преку извод од состојба и промет на сметка, што го издава на начин (каналите на достава се по избор на клиентот: на шалтерите на Банката, преку пристап во електронско банкарство, преку е-пошта и/или СМС-порака/и) и во согласност со договорот за отворање сметка или со друг посебен договор.
3. Доколку Имателот на сметката не го оспори изводот во рок од 15 дена по приемот, се смета дека го одобрил.
4. Банката го известува Имателот на сметката и за сите промени во условите на работењето со сметката, преку најмалку ден од следните начини: преку истакнување на промените на официјалната интернет-страница на Банката, преку изводот од сметката, преку известување стигнато по е-пошта, преку известување стигнато со СМС-порака/и, преку истакнување на промените на јавно место во филијалите и во експозитурите на Банката или преку редовна пошта. Информацијата ќе биде достапна во рок од 5 дена од настанување на промената.
5. Доколку Имателот на сметката не поднесе приговор или барање за раскинување на договорот во рок од 15 дена од моментот во кој известувањето за промената му станало достапно, односно во рок од 30 дена по завршување на месецот во кој е извршена промената на условите во работењето, односно промената во содржината на договорот, се смета дека Имателот на сметката се согласува со новите промени и дека ги прифаќа во целост и тие стануваат составен дел на договорот.
9. КАМАТИ, ПРОВИЗИИ, ТРОШОЦИ И ДРУГИ ПОБАРУВАЊА И ОБВРСКИ
1. Позитивната состојба на трансакциската сметка ќе се смета за паричен депозит по видување во Банката којашто ја води сметката.
2. Xxxxxxx пресметува камата на средствата на сметката во роковите, на начин и според каматна стапка кои се определени со важечката одлука за каматни стапки на ТТК Банка АД Скопје. Xxxxxxx ја запишува пресметаната камата на крајот на пресметковниот период и при затворањето на сметката.
Пресметката на каматата на средствата по видување на денот на потпишување на договорот е декурзивна, со месечна пресметка и исплата.
Банката ја плаќа/наплатува пресметаната камата со одобрување/задолжување на сметката. Банката ја наплатува пресметаната активна камата со задолжување на сметката од расположливото салдо на трансакциската сметка што го вклучува износот на сопствените средства на Имателот на сметката и до износот на дозволено пречекорување на сметката – доколку е корисник на истото.
3. Банката има право на Имателот на сметката да му пресмета надоместоци и фактички трошоци за вршење на услугите според важечката тарифа за надоместоци за услугите што ги врши Банката објавена на вообичаен начин. Банката ги наплатува пресметаните надоместоци и трошоци од работење со сметката со задолжување на сметката од сопствените средства на Имателот на сметката, односно од расположливото салдо на трансакциската сметка што го вклучува износот на сопствените средства на Имателот на сметката и до износот на дозволено пречекорување на сметката – доколку Имателот на сметката е корисник на истото.
Доколку при наплата на надоместоците и трошоците по основ работењето со трансакциската сметка се надмине износот на дозволеното пречекорување, Имателот на сметката е должен веднаш да го подмири истиот.
При доспевање на обврските по основ надоместоци и трошоци по основ на работењето со трансакциската сметка доколку Имателот на сметката нема обезбедено покритие од сопствени средства, тој е должен веднаш да обезбеди покритие, односно да ги подмири достасаните обврски.
4. Имателот на сметката изречно и неотповикливо ја овластува Банката да ја задолжува сметката за наплата на надоместоците и трошоците за вршењето на банкарските услуги, во согласност со Одлуката за тарифата на надоместоците за услуги што ги врши
TTK Банка АД Скопје.
5. Имателот на сметката ја овластува Банката да ја задолжува сметката во рамките на расположливото салдо на сметката клиентот за измирување на доспеани, а ненаплатени обврски кон Банката и по сите основи од користење други производи и услуги во Банката.
10. ЗАТВОРАЊЕ СМЕТКА
1. Имателот на сметката може да го раскине договорот со поднесување писмено барање. Договорот може да се раскине со заемна согласност на двете договорни страни, со отказен рок од 15 дена. Имателот на сметката не може да го раскине договорот во предвидениот отказен рок доколку на сметката има евидентирано достасани, а неподмирени обврски кон Банката.
2. Xxxxxxx ќе ја затвори сметката и без писмено барање на Имателот на сметката во случаи предвидени со законските и подзаконските акти (врз основа на судско решение или одлуки на други државни органи).
3. Банката ќе ја затвори и ќе ја укине сметката којашто нема салдо и промени во последните 2 години и не е блокирана, за што задолжително ќе го извести Имателот на сметката.
4. Xxxxxxx може да го раскине договорот без отказен рок ако утврди дека Xxxxxxxx на сметката се однесува спротивно на одредбите од овој договор, Општите услови и важечките прописи.
5. Во случај на раскинување на договорот, Xxxxxxx ќе ги пренесе средствата од сметката на Имателот на сметката на друга сметка врз основа на инструкции од Имателот или во согласност со одлука од суд и од друг надлежен државен орган или институција.
6. Договорот престанува да важи со денот на затворање на сметката.
11. ЗАШТИТА НА ПОДАТОЦИ
1. Во согласност со важечките законски прописи Xxxxxxx се обврзува да обезбеди тајност и да ги чува податоците за работењето со сметката.
2. Податоците за работењето со сметката може да се достават само на Имателот на сметката, на овластен орган во согласност со закон или на трети лица врз основа на согласност на Имателот на сметката.
3. Xxxxxxx и Имателот на сметката се должни да ги чуваат како доверливи сите податоци и информации за кои е дојдено до сознание во текот на работењето / водењето на сметката.
4. Заради заштита на своите интереси, Имателот на сметката е должен да ги заштити и да ги чува како строго доверливи сите податоци поврзани со работењето со сметката.
5. Банката не одговара за каква било штета којашто може да настане за Имателот на сметката како резултат на непочитување на обврските од претходните ставови.
6. Xxxxxxx ќе обезбеди заштита на личните податоци за Имателот - законскиот застапник и овластените лица во согласност со законската регулатива. Личните податоци ќе се користат само за потребите на работењето со сметката, врз основа на согласност на субјектите на личните податоци и во случај и на начин предвиден со закон или со друг пропис.
7. Xxxxxxx ќе обезбеди заштита на личните податоци за Имателот на сметката и за овластените лица во согласност со законската регулатива. Личните податоци ќе се користат само за потребите на работењето со сметката, врз основа на согласност на субјектите на личните податоци и во случај и на начин предвиден со закон или со друг пропис.
Имателот на сметката неотповикливо ја овластува Xxxxxxx да прибира лични податоци за имателот на сметката од државните органи на Република Северна Македонија.
Со потпишувањето договор за отворање трансакциска сметка Имателот на сметката слободно и изречно ја изјавува својата волја и дава согласност Xxxxxxx да ги користи неговите лични и финансиски податоци (вклучувајќи го и ЕМБГ), како и да ги дава неговите лични и финансиски податоци (вклучувајќи го ЕМБГ) на трето лице, со кое Банката има склучено посебен договор за пренос на податоци, во согласност со законските прописи, со цел ажурирање наплата.
Со потпишување договор за отворање трансакциска сметка Имателот на сметката слободно и изречно дава согласност на Банката податоците кои се сметаат за деловна тајна да бидат откриени на трето лице, со кое Банката има склучено посебен договор за пренос на податоци, со цел ажурирање наплата.
12. ОСТАНАТИ ОДРЕДБИ
1. Во согласност со важечките правни прописи, упатствата и одлуките донесени врз нивна основа и со нејзината политика, Xxxxxxx може да ги менува општите услови, за што Имателот на сметката мора да го запознае во согласност со вообичаениот начин на комуницирање или на еден од следните начини: со објавување на информацијата на изводот на неговата сметка, со објавување на интернет-страницата на Банката, на видно место во експозитурите (филијалите) и сл.
2. Xxxxxxx ќе го објави текстот на изменетите Општи услови на интернет-страницата на ТТК Банка АД Скопје и тој ќе биде достапен во сите експозитури и филијали на Банката и може да се подигне на барање на Имателот на сметката.
3. Ако Имателот на сметката не се согласува со измената на Општите услови, тој може да поднесе писмен приговор или да поднесе барање за раскинување на договорот и да бара затворање на сметката, во спротивно се смета дека се согласува со предложените измени и тие стануваат составен дел на договорот.
Ако Xxxxxxx не го прими барањето за раскинување на договорот во рок од 15 дена по завршување на месецот во кој е објавена информацијата, се смета дека Имателот на сметката се согласува со променетите Општи услови и тие стануваат составен дел на договорот.
4. Банката не одговара за прекин на услугите поврзани со извршување на платниот промет во земјата и за последиците од настанатиот прекин, кој е надвор од контрола на Банката, односно кој е последица на виша сила и околности што не можеле да бидат предвидени, спречени, отстранети или избегнати од страна на Банката.
5. Доколку настанат промени во законските прописи што го регулираат работењето со сметката, Xxxxxxx ќе ги примени новите законски прописи и одредбите што ќе влезат во сила во времето на важење на договорот за отворање трансакциска сметка.
Доколку таквите промени не одговараат на интересите на Имателот на сметката, тој има право да го раскине овој договор во рок од 15 дена од настанувањето на промената.
6. За сè што не е наведено во овие услови ќе се применуваат позитивните прописи што ја уредуваат оваа област.
7. Овие општи услови се составен дел од договорот за отворање и за водење на сметката и важат од 22.11.2021 година.