Contract
Триглав Осигурување АД бул. 8-ми Септември бр. 16 1000 Скопје
УС-одг 20-12-мк
Општи услови за осигурување од одговорност кон трети лица
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
[1] Одделните изрази во овие Услови ги имаат следните значења: осигурувач е Триглав Осигурување АД, Скопје, друштво за осигурување со кое е склучен Договорот за осигурување; договарач на осигурувањето е лице кое склучува Договор за осигурување со осигурувачот;
осигуреник е лице чијашто одговорност е покриена со осигурувањето;
трето лице е лице кое не е субјект на Договорот за осигурување, односно лице чија одговорност не е покриена со осигурувањето. За трето лице не се сметаат лица вработени кај осигуреникот, освен ако не е поинаку договорено;
сума на осигурување по штетен настан е највисок износ на обврската на осигурувачот за поединечен осигурен случај;
сума на осигурување во годишен агрегат е максималниот износ на осигурена сума до која осигурувачот дава покритие во период од една (1) осигурителна година;
полиса е исправа за склучен Договор за осигурување;
осигурен случај е иден, неизвесен и независен од волјата на осигуреникот настан врз основа на кој настануваат обврските на осигурувачот од Договорот за осигурување, односно настан предизвикан од осигурен ризик;
премија за осигурување е договорен износ кој договарачот на осигурувањето му го плаќа на осигурувачот;
извор на опасности е дејност (занимање), ствари (подвижни и недвижни), правен однос или одредено својство од кое може да настане одговорност како ризик покриен со ова осигурување; франшиза е учество на осигуреникот во штета;
надомест на штета е износ кој го плаќа осигурувачот врз основа на склучениот Договор за осигурување, но по настанување на осигурен случај;
чисто имотна штета е штета која претставува економска загуба која не настанала ниту со повреда на телото или здравјето на некое лице ниту со оштетување, односно уништување на ствари.
[2] Овие услови се темелат врз Законот за облигационите односи и Законот за супервизија на осигурувањето, како и останатите подзаконски акти донесени врз основа на овие закони, и на соодветен начин се применуваат на договорот за осигурување кој што го склучуваат договарачот на осигурувањето и осигурувачот.
[3] Општите услови се составен дел на понудата и договорот за осигурување што договарачот на осигурувањето, односно осигуреникот ќе го склучи со Триглав Осигурување АД, Скопје.
А. ЗА СИТЕ ИЗВОРИ НА ОПАСНОСТИ
член 1: осигурен случај
[1] Осигурувачот ја покрива штетата врз основа на оштетни побарувања кои третото лице ги поднесува кон осигуреникот поради иден, неизвесен и независен од волјата на осигуреникот настан (несреќен случај), којшто произлегува од изворот на опасност наведен во полисата и кој за последица има:
1) телесни повреди, заболување или смрт на лицето (нематеријални штети);
2) уништување, оштетување или исчезнување на предмети (материјални штети).
[2] За трети лица од став (1) не се сметаат и сите вработени кај осигуреникот, ако не е поинаку договорено.
[3] Ако во Договорот за осигурување е посебно договорено, осигурувањето ја покрива и одговорноста за штетата од изворот на опасност за која важечката тарифа на премии одредува посебна премија или доплаток на премија.
[4] Одговорноста за штета поради губење или исчезнување на предмети е осигурена само ако е посебно наведено во полисата или во овие Услови (подетално уредено во Дел Б – За поединечни извори на опасности). Ако е склучено такво осигурување, за него важат одредбите кои овие Услови ги пропишуваат за оштетување на предмети.
[5] Само ако е посебно договорено, осигурувањето опфаќа и одговорност за чисто имотна штета, која е последица на дејство, пропуст или грешка.
[6] Ако регистрираната дејност како извор на опасност спаѓа во подрачје на чисти имотни штети, таа дејност се осигурува посебно.
член 2: проширување на осигурувањето од одговорност
[1] Во рамките на изворот на опасности опфатени со осигурувањето, кај осигурување од одговорност кое произлегува од дејноста, вклучена е и одговорност:
1) на осигуреникот:
а) поради употреба или поседување, закуп или користење на земјиште, објект и простор кои се користат исклучиво за намена на осигуреникот;
б) поради употреба или закуп на објекти во општествена сопственост, наменети исклучиво за вработени, како на пример мензи, бањи, домови за одмор и слично, како и спортски игралишта;
в) поради употреба на дигалки за лица и товарни дигалки; г) поради употреба на самоодни работни машини кои
функциски делуваат, но не се движат;
д) поради складирање на гориво и погонско гориво;
ѓ) поради оштетување, кражба или исчезнување на предмети на вработените на осигуреникот, освен пари, скапоцености, часовници, технички предмети (како што се фотоапарати, камери, преносни компјутери и телевизори, оружје, мобилни телефони и сл.), хартии од вредност и сите видови на документи, под услов да се чуваат во затворени простории;
2) на законски застапници на осигуреникот или лица кои ги водат осигурените погони или нивни делови, додека ја имаат таа улога;
3) на сите останати вработени, за штети кои ги предизвикуваат со извршувањето на својата работа.
[2] Ако се работи за објекти од став (1) точка 1 алинеја а) и б) од овој член, со осигурувањето е опфатена и одговорноста:
а) на осигуреникот како инвеститор или изведувач на градежни работи (новоградба, преправка, поправка, одржување, варосување, копањеитн.), доколку пресметковната вредност на тие работи во секој поединечен случај не изнесува повеќе од 60 % од минималната сума на осигурување, а не помалку од 10 000 евра;
б) на лица на кои им е доверено чистењето и осветлувањето на земјиштето, за барања кои се поставени кон нив во врска со извршување на тие должности;
в) на лица кои поради правата на плодоужување или користење ќе дојдат на местото на осигуреникот, додека ја имаат таа улога;
г) поради постоење на гаража, која е на земјиште или во објект од став (1) точка 1) алинеја а) и б) од овој член, ако не се работи за гаража дадена под закуп, за гаража која се употребува за извршување на дејности, или за хотелска гаража.
член 3: исклучувања
[1] Осигурувачот не ја покрива и не ја надоместува штетата ако осигуреникот ја предизвика со крајно невнимание. За намерно предизвикана штета се смета:
1) дејство кое осигуреникот ќе го изврши и покрај тоа што неговата штетна последица била извесна;
2) свесно кршење на правилата или упатствата;
3) сознание за расипливост или недостатоци на стоката, производите или услугите.
[2] Ако не е поинаку договорено, осигурувањето ги исклучува отштетните побарувања за:
1) несреќа настаната со активно дејствување на коњички, велосипедски, моторни или автомобилски трки, натпревари и приредби со боречки спортови, како и при подготовки за тие трки и борби (тренинг);
2) барања поради штети на предмети кои осигуреникот на кој било начин ги има на чување (закуп, чување, обработка, преработка и сл.).
[3] Од осигурувањето се исклучени оштетните побарувања:
1) поради штета на предмети, ако причината за штета била при работа на нив, или при работа со нив (предмет или средство за обработка, преработка, испитување и сл.);
2) поради штета на лица и предмети, настаната поради производи кои осигуреникот на кој било начин ги пуштил во промет;
3) поради нарушување на здравјето и оштетување на лицето до кое доаѓа поради постапка на лекување, здравствени и други зафати, како и постапки врз тие лица како што се породување, нега на тело, козметички зафати сл.
4) поради нарушување на здравјето и оштетување на животни до кое доаѓа поради постапка на лекување, здравствени и други зафати, како и постапки врз тие животни како што се кастрирање, осеменување, потковување, дресирање;
5) поради штети предизвикани од загадена околина (еколошки штети);
6) поради штети на предмети, ако штетата е последица од дејство на температура, гас, пареа, влага, врнежи, чад, прашина, тресење, чукање и сл. (емисија), ако таквите влијанија дејствуваат штетно;
7) на осигуреникот и неговото семејство, како и на неговите деловни соработници и нивните семејства; за семејство се смета брачен партнер и лица кои осигуреникот за време на штетниот настан ги издржува. Кај работонеспособните или ограничено способните лица, за осигуреници се сметаат нивниот законски застапник и неговото семејство.
[4] Не се исклучени оштетните побарувања кои се однесуваат на одговорност од поседување на куќа (подетално во член 7) и
одговорност на косопственик или членови кои живеат со него во заедничко домаќинство, поради штета која настанала при користење на заеднички делови од куќата:
1) поради оштетување на лица и предмети, ако до несреќата дошло поради дејство на нуклеарна енергија, освен одговорност за штета на лица од радиоизотопи кои се користат за мирољубиви цели (во медицината, биологијата, индустријата, земјоделството и сл.);
2) поради штети до кои дошло при употреба или поседување на воздушни летала, пловни објекти, како и сите видови на копнени возила и приколки; а за работни самоодни машини исклучувањето важи само кога тие се во движење;
3) одговорност на осигуреникот врз основа на договорено проширување на неговата одговорност и за случаи за кои не одговара согласно законот;
4) поради штети до кои доаѓа затоа што осигуреникот не ги отстранил особено опасните околности, како што побарал осигурувачот од него. Како особено опасна околност, во случај на дилема, се смета околност поради која веќе дошло до несреќата;
5) поединечно оштетување кое изнесува 1.000 МКД или помалку.
член 4: територијално важење на осигурувањето
[1] Со осигурувањето се опфатени осигурени случаи што настанале на територијата на Република Северна Македонија, а на територијата на други земји само ако тоа посебно се договори или ако е предвидено со посебни одредби, освен доколку не се работи за чисто имотна штета.
Б. ПОЕДИНЕЧНИ ИЗВОРИ НА ОПАСНОСТИ
член 5: приклучни ленти
[1] Осигурувањето опфаќа и одговорност за настаната штета поради: а) употреба на индустриски ленти (шумски, полски и приклучни),
лифтови или жичници, ако се врши бесплатен превоз; б) употреба на складишта најмени од железницата.
[2] Ако е посебно договорено, осигурувањето опфаќа и одговорност: а) поради оштетување на туѓи возила при товар и истовар со дигалки или/и уреди за товар и истовар, освен за штети при оптоварување на уредите кои го спуштаат товарот со паѓање;
б) поради употреба на индустриски ленти, лифтови или жичници со плаќање на возарина.
член 6: градежна, монтажна и друга дејност
[1] Освен одговорност од општи градежни и монтажни компании, покриена е одговорноста на компании со следните дејности: длабинско дупчење, минирање, зајмување градежни и монтажни скелиња, зајмување градежни машини, градежно гипсирање, производство на бетонски производи, изработка на вештачки камен, добивање на песок и чакал, експлоатација на каменолом, столарија, изградба на бунари и сл.
[2] Одговорноста која произлегува од проект што го изработил осигуреникот е вклучена во осигурувањето, но не е покриена одговорноста за штета на објектот за кој е изработен проектот.
[3] Осигурувањето покрива одговорност за штети на подземни уреди (гасни, водоводни, електрични водови, канали, темели и сл.) само доколку оправданите оштетни побарувања преминуваат износ од 20.000 МКД и ако штетата не е исклучена од осигурување согласно член 3 став (3), точка 1), од овие Услови.
[4] Осигурувањето опфаќа и одговорност поради минирање, при што е исклучена штета на предметите:
а) ако поради природата на работата се смета дека предметите ќе се оштетат, иако се исполнети безбедносните прописи;
б) ако се работи за предмети кои при минирањето биле на оддалеченост помала од 75 м од точката на минирање, доколку не е поинаку договорено.
[5] Осигурувањето ги покрива сите минирања извршени кај една
градба, односно проект, најмногу до висина на сумата на осигурување наведена во полисата.
[6] Oд осигурувањето согласно член 3 став (2) точка 2, и став (3) точка 1 од овие Услови, во секој случај е исклучена одговорност за штета на објект кој ќе го изгради осигуреникот или на кој работи, односно работел.
[7] Осигурувањето не покрива штета поради оштетно побарување кое се однесува на оштетување на соседни градежни објекти затоа што не била обезбедена соодветна заштита (појачување, поткрепа и сл.).
[8] Од осигурување е исклучена штета до која ќе дојде доколку осигуреникот или она лице на кое му е доверен надзорот, предизвика несреќен случај со свесно кршење на техничките прописи.
член 7: земјоделство и шумарство
[1] Осигурувањето вклучува и одговорност:
а) поради поседување и употреба на животни за намена во сопствено земјоделство и стопанство;
б) поради сечење дрва во сопствена шума. За сечење дрва во туѓа шума осигурувањето е ограничено на сечење за сопствена потреба.
[2] Осигурувањето опфаќа и:
а) одговорност на осигуреникот согласно член 14 (кај физички лица);
б) одговорност поради минирање за кое важат одредбите од член 6 став (4) од овие Услови;
в) одговорност на осигуреникот како нарачател и изведувач на работи на патишта за сопствено движење, под услов трошоците за пресметката да не надминуваат износ од
500.000 МКД. За овој извор на опасност се употребуваат одредбите од член 6 од овие Услови.
член 8: поседување на куќа и земјиште
[1] Осигурувањето се однесува и на одговорност од извор на опасности согласно член 2 став (2) од овие Услови.
[2] Ако објектот има повеќе сопственици чиј идеален дел од објектот не надминува 30 % од целокупната вредност, осигурувањето ги покрива штетните настани, ако не е поинаку договорено, за оштетни побарувања кои се однесуваат на сосопственикот или членовите кои живеат со него во заедничко домаќинство, при употреба на заеднички делови од куќата, ако барањата се поставени кон другите сосопственици, но само во сразмер на висината на идеалните делови на останатите сосопственици на заедничкиот простор.
член 9: поседување и одгледување на животни и трговија со нив
[1] Осигурувањето се проширува и на одговорност на кој било чувар
– одгледувач и друго лице, кое се грижи за животните за кои се однесува осигурувањето.
член 10: хотели, пансиони, угостителски објекти, туристички домови и слично
[1] Осигурувањето опфаќа и одговорност:
а) поради помошни погони кои припаѓаат на компанијата, како што се пералници, пекарници, месарници и слично, кои се употребуваат само за сопствена употреба;
б) поради поседување предмети за спорт и забава за гостите.
[2] Покритието на осигурувачот се однесува и за барања кон осигуреникот кои произлегуваат од одговорност за исчезнување или кражба на предмети кои се наоѓаат во најмените соби и им припаѓаат на гостите при ноќевање или на членовите на нивните семејства, освен возила од сите видови, нивните составни делови, како и предметите кои се наоѓаат во возилата. За исчезнување или кражба на пари, скапоцености, часовници, технички предмети (како што се фотоапарати, камери, преносни
компјутери и телевизори, мобилни телефони, оружје и сл.), хартии од вредност и сите видови на документи кои им припаѓаат на гостите при ноќевање, или на членовите на нивните семејства, осигурувачот гарантира само ако тие предмети се приложени на чување кај осигуреникот и ако тој ги чува во заклучена сигурносна благајна.
[3] Осигурувањето не покрива побарувања поради исчезнување или кражба на предмети кои им припаѓаат на гостите, од заедничките простории на хотелот, пансионот, угостителските објекти, туристичките домови и слично, освен ако се дадени на чување.
[4] Ако предметите се изгубат или исчезнат, осигуреникот мора веднаш да го извести надлежниот орган за внатрешни работи (полиција).
член 11: базени
[1] Осигурувањето опфаќа и одговорност во базени:
а) за оштетување, исчезнување или кражба на предмети оставени во кабина или гардероба на базените, освен одговорност за кражба и исчезнување на пари, скапоцености, часовници, технички предмети (како што се фотоапарати, камери, преносни компјутери и телевизори, мобилни телефони, оружје и сл.), хартии од вредност и сите видови на документи кои им припаѓаат на гостите при ноќевање или на членовите на нивните семејства, а за кои осигурувачот гарантира само ако тие предмети се приложени на чување кај осигуреникот и ако тој ги чува во заклучена благајна. Осигуреникот мора губењето или исчезнувањето на предметите веднаш да го пријави кај надлежниот орган за внатрешни работи (полиција).
б) поради поседување на предмети за спорт и забава на гостите.
член 12: болници, здравствени домови, санаториуми, амбуланти и слично
[1] Покритието на осигурувачот се однесува и за оштетување, исчезнување или кражба на предмети кои им припаѓаат на пациенти, нивни придружници и посетители. За пари, скапоцености, часовници, технички предмети (како што се фотоапарати, камери, преносни компјутери ителевизори, мобилни телефони, оружје и сл.), хартии од вредност и сите видови на документи кои им припаѓаат на гостите при ноќевање или на членовите на нивните семејства, осигурувачот гарантира само ако тие предмети се приложени на чување кај осигуреникот и ако тој ги чува во заклучена сигурносна благајна. Осигуреникот мора губењето или исчезнувањето на предметите веднаш да го пријави кај надлежниот орган за внатрешни работи (полиција).
[2] Во осигурувањето не се вклучени оштетни побарувања за лица
кои се на работа кај осигуреникот или кои, поради природата на својата работа или поради научно испитување, се изложени на дејство од уреди и посебни медицински процедури.
член 13: трговски друштва
[1] Осигурувањето опфаќа и одговорност:
а) поради поседување или закуп на зграда, земјиште, простор и уреди кои се наменети исклучиво за потребите на трговското друштво, како што се, на пример, вежбалници, игралишта, стрелишта и слично;
б) за штети предизвикани од настани кои се вообичаени и предвидени со статут, на пример: обраќања на членови на органи на управување и надзор на друштвени свечености и слично;
в) за штети кои произлегуваат од службената дејност на лицата кои се овластени да го застапуваат друштвото;
г) поради поседување и употреба на велосипед.
[2] Осигурувањето опфаќа и лична одговорност на органите на управување и надзор поради нивните активности во настаните
на друштвото. Не е осигурена личната одговорност за дејност која не е во интерес на друштвото.
[3] Кај пожарникарски друштва осигурувачот гарантира за отштетни побарувања кои настануваат на вежби, при спасување и помош, но не ја гарантира штетата на предмети за чие осигурување и спасување друштвото било ангажирано.
[4] Ако е посебно договорено во осигурувањето, опфатена е и одговорноста поради:
а) настани кои ги надминуваат рамките на вообичаени приредби на друштвото (на пр., изложби, свечености организирани од државни институции, јавни претпријатија и други друштва основани од страна на државата и слично);
б) поседување на животни;
в) поседување на згради и земјиште кои не се наменети за непосредна дејност на друштвото;
г) поседување и имот на сите видови друштва (на пр., сопствени ресторани, бањи и слично).
член 14: одговорност на физички лица
[1] Осигурувањето се однесува на одговорност на осигуреникот:
а) од опасности во секојдневниот живот, но не и од опасности од извршување на занимање, производство или посебно опасни дејности;
б) како претпоставен на работниците за помош во куќа и како сопственик на стан;
в) како сопственик и корисник на велосипед без мотор;
г) како спортист, ако не се работи за летала, моторни возила, водени моторни возила, боречки спортови и лов;
д) како сопственик на оружје за одбранбени и натпреварувачки цели.
[2] Осигурувањето исто така опфаќа и:
а) во истиот опсег како што е одредено во претходниот став, брачниот партнер на осигуреникот и неговите деца, ако тие лица живеат во заедничко домаќинство;
б) домашни работници (на пр. куќни помошници) во опсегот на одговорност од извршување на домашните работи кои им се доверени.
член 15: училишта, казнено-поправни установи и слично
[1] Осигурувањето исто така опфаќа одговорност:
а) на членови на органите на управување, учители, службеници и работници при извршување на службата;
б) за гардеробата на учениците, освен пари, скапоцености, часовници, технички предмети (како што се фотоапарати, камери, подвижни компјутери и телевизори, мобилни телефони, оружје и сл.), хартии од вредност и сите видови на документи. Осигуреникот мора веднаш да го пријави губењето или исчезнувањето на предметите кај надлежниот орган за внатрешни работи (полиција);
в) поради излети, екскурзии, школски приредби и слично.
член 16: спортски настани
[1] Осигурувањето опфаќа и одговорност на организатори на велосипедски, мотоциклистички и автомобилски трки, за време на самата трка, но само ако службениот орган ја затворил тркачката патека за јавен сообраќај и ако уредно и навремено ја пријавил трката кај надлежниот орган.
член 17: уреди за забава
[1] Осигурувањето опфаќа и одговорност за настаната штета при монтирање и демонтирање на уреди за забава.
член 18: гардероби
[1] Осигурувањето опфаќа одговорност поради оштетување, исчезнување или кражба на предмети дадени на чување во гардероба, која за тоа издала соодветна потврда за чување.
[2] Од осигурувањето е исклучена одговорност за пари, скапоцености, часовници, технички предмети (како што се фотоапарати, камери, подвижни компјутери и телевизори, мобилни телефони, оружје и сл.), хартии од вредност и сите видови на документи.
[3] Осигуреникот мора постојано да се грижи гардеробата да биде под постојан надзор од страна на лице од службата за обезбедување или друго лице за таа намена, инаку обврската на осигурување престанува. Осигуреникот мора веднаш да го пријави губењето или исчезнувањето на предметите кај надлежниот орган за внатрешни работи (полиција).
член 19: чување на возила
[1] Осигурувањето опфаќа одговорност поради оштетување или кражба на цело возило и исчезнување или замена на возилото дадено на чување.
[2] Ако е договорено, осигурувањето покрива и штета поради кражба на поединечни делови на возилото кои се прицврстени за него или се заклучени во него, освен за пари, скапоцености, очила за сонце, часовници, технички предмети (како што се фотоапарати, камери, подвижни компјутери, мобилни телефони, таблети и телевизори, вокмени, оружја и сл.), хартии од вредност и сл.
[3] Исчезнувањето или кражбата на целото возило или на неговите делови, осигуреникот мора веднаш да го пријави кај надлежниот орган за внатрешни работи (полиција).
член 20: чисто имотни штети
[1] Осигурувањето опфаќа одговорност за грешки кои се направени за времетраење на обврската на осигурувачот. Ако дојде до грешка поради пропуст, во случај на дилема, се смета дека грешката настанала напладне оној ден во кој најдоцна би требало да биде завршена работата за да не дојде до штета.
[2] Од осигурувањето се исклучени оштетните побарувања:
а) кои се побаруваат пред странски судови, или барања поради кршење на странски прописи, или барања поради дејствување во странство;
б) поради надминување на сметката и кредитот; в) поради прекршување на набавните рокови;
г) поради посредување или препорака за парични, земјишни или други економски работи, без разлика дали за тоа се плаќа или е бесплатно;
д) за штета настаната поради дефицит при водење на благајната, грешки во исплатата и проневера на вработените лица кај осигуреникот;
ѓ) за штета која ќе настане со свесно кршење на законските прописи или упатства и услови на овластениот (ополномоштениот) или кое било друго свесно кршење на обврските;
е) за штета која ќе настане така што осигуреникот или лицето за кое тој одговара ќе превиди грешка во сметката или грешка во нацртот при мерење.
[3] Ако не е поинаку договорено, обврската на осигуреникот е ограничена на една четвртина од сумата за осигурување која е договорена за оштетување на предметите.
[4] Одредбите од другите членови на овие Услови соодветно се употребуваат и за осигурување на чисто имотни штети, ако не се во спротивност со одредбите на овој член.
В. ОПШТ ДЕЛ
член 21: околности значајни за оцена на ризикот (опасни околности)
[1] При склучување на Договорот за осигурување, договарачот е должен да ги пријави кај осигурувачот сите околности што се значајни за процена на ризикот (тежина на ризикот) што ги знае, односно мора да ги знае. За околности важни за оцена на ризикот се сметаат оние што на договарачот на осигурувањето
му се познати и врз основа на кои е определена премијата, како и оние што се наведени во Договорот за осигурување. Тие околности може да ги одредат договарачот на осигурувањето и осигурувачот заедно.
[2] Договарачот на осигурувањето е должен веднаш да го извести осигурувачот за секоја промена на околностите за времетраење на Договорот за осигурување, која може да биде значајна за процена на ризикот.
[3] Договарачот на осигурувањето мора на осигурувачот да му овозможи преглед и ревизија на ризикот.
член 22: ограничување на местото и времето на осигурување
[1] Обврската на осигурувачот важи само ако несреќниот случај настане по почетокот или пред крајот на осигурителното покритие. Ако причината за настанот произлегува во време пред склучување на осигурувањето или во време кога обврската на осигурувачот била прекината, осигурувањето ја покрива штетата само ако на осигуреникот до склучување на осигурувањето, односно до повторното осигурување, не му била позната причината за настанот.
[2] Ако не е поинаку договорено, осигурувањето ја покрива одговорноста само за несреќни случаи кои се случуваат на територијата на Република Северна Македонија.
член 23: склучување на договор за осигурување
[1] Договорот за осигурување може да се склучи врз основа на понуда, која договарачот на осигурувањето во писмена форма ја поднесува до осигурувачот.
[2] По приемот на понудата, осигурувачот може да побара дополнување или појаснување. Се смета дека понудата пристигнала кај осигурувачот кога го добил бараното дополнување или појаснување.
[3] Писмената понуда доставена до осигурувачот за склучување на Договор за осигурување го обврзува понудувачот, ако не одредил пократок рок, во период од 8 дена од денот на пристигнување на понудата кај осигурувачот. Ако осигурувачот во тој рок не го одбие барањето, кое не отстапува од условите што ги предложил за осигурување, ќе се смета дека го прифатил барањето и дека договорот е склучен.
[4] Во случај да е склучен на далечина, осигурувачот може да одреди дека Договорот за осигурување е склучен со самата уплата на премијата.
член 24: плаќање на премијата и последици од неплаќање
[1] Договарачот на осигурувањето ја плаќа премијата одеднаш, освен ако не е поинаку договорено.
[2] Ако е договорено плаќање на рати, тогаш договарачот на осигурувањето ја плаќа првата рата во моментот на склучување на Договорот за осигурување или издавањето на лист на покритие, освен ако не е поинаку договорено.
[3] Осигурувачот има право сите доспеани неплатени рати од премијата да му ги одбие на осигуреникот при исплатата на штета. Кај тотална штета, сите неплатени рати од премијата доспеваат за наплата и се одбиваат од износот за надоместок на штета при исплатата.
[4] Ако на договарачот на осигурувањето му се признал попуст за времетраење на осигурувањето, а осигурувањето од кои било причини престанало пред истекот на тоа време, осигурувачот има право да ја наплати разликата до премијата што договарачот на осигурувањето би требало да ја плати кога Договорот за осигурување би бил склучен само за периодот до прекинувањето. Во случај да престане важноста на Договорот за осигурување поради неплаќање на доспеаната премија, договарачот на осигурувањето треба да ја плати премијата за неплатеното време до денот на престанок на важноста
на Договорот за осигурување, или целокупната премија за тековната година на осигурувањето. Ако до денот на престанок на осигурувањето настане осигурен случај за кој осигурувачот исплатил оштета, договарачот на осигурувањето е должен да ја плати целокупната премија за тековната година на осигурување.
член 25: поврат на премија
[1] Во случај на предвремено раскинување на Договорот за осигурување, осигурувачот е должен да врати дел од премијата за неискористеното време на осигурување, ако осигурената опасност престанала да постои по склучувањето на Договорот за осигурување.
[2] Ако осигурената опасност престанала да постои пред почетокот на осигурувањето, осигурувачот ја враќа целокупната платена премија за осигурување, намалена за манипулативните трошоци.
[3 Во другите случаи на престанување на важноста на Договорот за осигурување пред завршување на периодот за кој е платена премијата, на осигурувачот му припаѓа премијата до оној ден до кој трае неговата обврска, ако не е поинаку договорено.
член 26: настанување на осигурен случај
[1] Кај осигурување од одговорност се смета дека осигурен случај настанал во моментот кога ќе настане штетниот настан опфатен со осигурителното покритие, поради кој би можело да се поднесе оштетно побарување кон осигуреникот.
[2] Ако не е поинаку договорено, осигуреникот учествува во секоја штета со определен износ за франшиза, при што оштетата која осигурувачот е должен да ја исплати по осигурениот случај се намалува за износот на име франшиза кој е договорен во Договорот за осигурување.
[3] За настанување на еден осигурен случај се смета:
а) ако за еден штетен настан има повеќе оштетни побарувања; б) ако повеќе штетни настани се појавуваат од иста причина;
в) ако повеќе штетни настани се појавуваат поради иста причина, меѓу кои има правна, техничка или економска врска.
член 27: обврски на осигуреникот при настанување на осигурен случај
[1] Осигуреникот е должен да го извести осигурувачот за настанување на осигурен случај во рок од 3 дена од денот кога тој дознал за него, и да му ги достави сите оригинални документи што се потребни за утврдување на висината на штетата.
[2] Ако против осигуреникот или лицето за кое тој е одговорен се покрене постапка поради сомневање за извршено казнено дело, или е покрената тужба, или пак е донесена одлука во казнена постапка, осигуреникот е должен за тоа да го извести осигурувачот дури и ако веќе го пријавил осигурениот случај согласно став 1 на овој член.
[3] Ако против осигуреникот се побарани оштетни побарувања или ако против негова волја е приложена тужба за надомест на штета, осигуреникот е должен исто така без одложување да го извести осигурувачот и да ги достави оригиналните документи што ги содржат тие барања.
[4] Осигуреникот е должен водењето на судската постапка за надомест на штета да му го препушти на осигурувачот и да му издаде овластување за застапување на лицето одредено од страна на осигурувачот.
[5] Осигуреникот е должен обработката на оштетните побарувања да му ја препушти на осигурувачот, бидејќи тој самиот не е овластен да го одбие оштетното побарување, а особено не смее да го признае.
[6] Ако осигуреникот го оневозможи осигурувачот да ги реши оштетните побарувања со спогодба, осигурувачот не е должен да ги исплати вишокот, каматите и трошоците кои ќе настанат поради тоа.
член 28: обврски на осигурувачот при настанување на осигурениот настан
[1] Осигурувачот е должен детално да ги испита оштетните побарувања како за основата така и за висината, да ги прифати оправданите побарувања, како и да се погрижи за одбрана на договарачот на осигурувањето од неоснованите или прекумерни оштетни побарувања. Според оваа одредба се дава основниот опсег на штетата за кој осигурувачот гарантира согласно член 1 став 1 и останатите одредби од овие Услови.
[2] Покритието на осигурувачот важи за судските трошоци на осигуреникот и за штети поради судски трошоци што му се досудени на оштетениот само тогаш кога судската постапка од самиот почеток ја води лично тој или лице кое тој го одредува, но заедно со оштетата, само до висина на сумата на осигурување содржана во полисата.
[3] За трошоци за одбрана на осигуреникот во кривична постапка покритието на осигурувачот важи само во случај доколку изречно прифати и се обврзе да ги сноси трошоците за бранител, односно трошоците на кривичната постапка.
[4] На товар на осигурувачот паѓа – ако се исполнети другите услови за тоа – само оној дел на оправдани трошоци кои одговараат на соодносот меѓу сумата на осигурување и досудениот износ на оштета на оштетениот. Ако тоа не е можно да се утврди, осигурувачот за тие оправдани трошоци е обврзан во сооднос меѓу сумата на осигурување и висината на тужбените барања.
[5] Сумата на осигурување претставува горна граница на обврска на осигурувачот, без разлика на бројот на оштетени лица. Повеќе временски поврзани штети претставуваат една штета, ако настанат поради иста причина или ист причинител.
[6] Ако не е поинаку договорено, осигурувањето се склучува со 10 % учество (франшиза) во секоја штета од страна на осигуреникот, најмалку 250 евра во денарска противвредност, а најмногу 2.000 евра во денарска противвредност.
[7] Осигурувачот е должен да го исплати надоместот или сумата определена со Договорот во договорениот рок кој не може да биде подолг од 14 дена, сметајќи од кога осигурувачот добил известување дека настанал осигурениот случај. Ако за утврдување на постоењето на обврската на осигурувачот и на нејзиниот износ е потребно извесно време, овој рок почнува да тече од денот кога е утврдено постоењето на неговата обврска и нејзиниот износ.
член 29: постапка на вештачење
[1] Во случај договорните страни да не се согласат при заедничко утврдување и процена на штетата, секоја од договорните страни може да побара утврдување и процена на штетата од комисија на стручни лица (вештаци). Предмет на вештачење можат да бидат само спорни околности во поглед на настанување на осигурениот случај, обемот на оштетување и висината на штетата.
[2] Секоја од договорните страни назначува свој вештак во писмена форма. За вештаци можат да се назначат лица кои не се во работен однос кај осигурувачот, односно осигуреникот. Пред почетокот на вештачењето, двајцата вештаци назначуваат трет вештак кој дава свое мислење кога тврдењата на двајцата вештаци се различни и само во границите на неопходните заклучоци. Мислењето на третиот вештак е конечно и може да се оспори само во случај на грешка во пресметката.
[3] Секоја договорна страна ги покрива трошоците за вештакот кој го именувала, а за третиот вештак ги делат трошоците по половина Заклучоците на вештакот се обврзувачки за двете страни.
член 30: измени на условите за осигурување или тарифата на премии
[1] Ако осигурувачот ги промени условите за осигурување или тарифата на премии, треба да го извести договарачот на
осигурувањето во рок согласно законските прописипред почетокот на тековната година на осигурување.
[2] Договарачот на осигурувањето има право во законски предвидениот рок по приемот на известувањето да го откаже Договорот за осигурување. Договорот престанува да важи со завршувањето на тековната година на осигурување.
[3] Ако договарачот на осигурувањето не го откаже Договорот за осигурување во рокот согласно став 2 на овој член, следната година тој се менува согласно со новите услови за осигурување и тарифата на премии.
член 31: промена на податоци
[1] Договарачот е должен да го извести осигурувачот за: промена на адресата на живеење, односно седиштето, промена на своето име или презиме, односно називот на правното лице, во рок од 15 дена од настанување на промената.
[2] Ако договарачот ги промени податоците наведени во став 1 од овој член, а притоа не го известил осигурувачот, доволно е осигурувачот да прати известување до договарачот на последната позната адреса и да го наслови на последното познато име, односно назив на фирмата.
[3] Во случај на неуспешен обид за доставување на препорачаната пратка до осигуреникот, осигурувачот вратената пратка ќе ја смета како уредно доставена и ќе ја чува во своето седиште. Договарачот на осигурувањето се согласува дека вратените недоставени пратки се сметаат за примени од денот на првиот обид за доставување и дека е запознат со содржината на пратката.
член 32: форма на договорот за осигурување и начин на известување
[1] Документацијата кон Договорот за осигурување и во врска со Договорот за осигурување мора да биде на македонски јазик и во пишана форма, или во договорена електронска форма, и стапува на сила од денот на приемот.
[2] Сите известувања и изјави што треба да се дадат според одредбите на Договорот за осигурување мора да бидат во писмена форма.
[3] Како ден на прием се смета следниот работен ден по препорачано предадената пратка, пратена на последната дадена адреса од страна на примачот.
член 33: примена на закон
[1] За правата и обврските на договорните страни што не се регулирани со овие Услови ќе се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи и Законот за супервизија на осигурување. Ако со овие Услови некое прашање е утврдено спротивно на законските прописи, ќе се применуваат одредбите од законот.
член 34: надлежност во случај на спор
[1] Споровите што настануваат меѓу договарачот на осигурувањето односно осигуреникот, од една страна, и осигурувачот, од друга страна, ги решава стварно и месно надлежниот суд според седиштето на осигурувачот.
член 35: вонсудско решавање на спорови
[1] Договорните страни се согласни дека сите спорови што произлегуваат од овој Договор ќе се решаваат по мирен пат.
[2] Договарачот на осигурувањето и осигуреникот се согласни дека за сите спорни прашања, жалби и несогласувања кои произлегуваат од односот со осигурувачот, ќе го известат истиот без одложување. Известувањата во форма на приговор од овој став се доставуваат во писмена форма, од што со сигурност може да се утврди содржината на известувањето и времето на неговото праќање.
[3] Примениот приговор од став 2 на овој член осигурувачот ќе го
проследи до Комисијата за приговори. Комисијата за приговори е должна да донесе одлука по приговорот во писмена форма без одложување, но најдоцна во рок од 30 дена од денот на прием на приговорот.
член 36: надзор над друштвото за осигурување
[1] Орган надлежен за вршење надзор на осигурителното друштво е Агенцијата за супервизија на осигурување.
[2] Во случај осигуреникот да не е задоволен од односот на осигурувачот во текот на траењето на Договорот за осигурување, може да достави претставка до Агенцијата за супервизија на осигурување како надлежен орган за надзор над работењето на осигурувачот.
член 37: Информации во врска со обработка на лични податоци
[1] Идентитет и контакт на податоците на контролорот и офицерот за заштита на личните податоци:
Назив: Триглав Осигурување АД, Скопје Седиште: бул.„8-ми Септември“ бр.16, Скопје e-mail: xxxx@xxxxxxx.xx
Офицер за заштита на личните податоци: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx
*Дополнителни податоци за офицерот за заштита на личните податоци може да најдете на интернет страницата на Друштвото xxxxx://xxx.xxxxxxx.xx/xx/xx-xxx/xxxxxxxx
член 38: Обработка и заштита на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје врши обработка (собирање, евидентирање, организирање, чување итн.) на лични податоци на осигуреници, договорувачи на осигурување, нивните законски застапници или полномошници во согласност со одредбите на Законот за заштита на лични податоци и другите релеванти позитивни законски прописи, применувајќи соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на безбедност на личните податоци. Собраните лични податоци се дел од збирките на лични податоци на Триглав Осигурување АД, Скопје, а Триглав Осигурување АД, Скопје во својство на контролор на личните податоци, истите ги користи совесно, законито и согласно целта за која се собрани.
член 39: правен основ за обработката на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје собира, обработува, чува, користи и доставува лични податоци кои се неопходни при склучување на договорите за осигурување (полиси), врз основа на член 109 од Законот за супервизија на осигурување, а во согласност со Законот за заштита на личните податоци.
[2] Личните податоци се неопходни за обработка од страна на Триглав Осигурување АД, Скопје со цел исполнување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за осигурување, односно обработката на истите претставува основа за оценување на осигурително покритие и степен на оштета.
член 40: цели за обработката на личните податоци
[1] Личните податоци (телефонски број и електронска адреса – e-mail), Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува со цел остварување на контакт заради ефикасно остварување на права и обврските кои произлегуваат од договорите за осигурување (полиси). Овие податоци за цели доставување на рекламни материјали, промоции, понуди како и за други цели на директен маркетинг од страна на Групацијата Триглав во Република Северна Македонија, ќе бидат искористени само доколку имате дадено согласност, преку одбирање на соодветната опција за согласност.
[2] Соцелводењенапостапказанадоместнаштетаивоспоставување на бази на податоци за настанати штети, оценување на
осигурително покритие и степен на оштета Триглав Осигурување АД, Скопје обработува и копии од документи во кои се содржани и лични податоци.
[3] Личните податоци од став 1 и став 2 на овој член Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува само врз основа на претходна согласност од субјектот на личните податоци, а недавањето на согласност за обработка на овие податоци може да има за последица несоодветно оценување на осигурително покритие или степен на оштета или пак неисплаќање на оштетно барање.
[4] Согласноста за обработка на личните податоци од ставот 3 на вој член може да се повлечево секое време преку доставување на известување за повлекување на согласност по пошта на следната адреса: „бул.8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје“ со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx. Со повлекување на согласноста за обработка на лични податоци Триглав Осигурување АД, Скопје ќе прекине со понатамошна обработка на личните податоци и истите ќе ги избрише од базите на податоци со што можат да настанат последици наведени во став 3 од овој член.
член 41: рокови на чување на лични податоци
[1] Личните податоци, Триглав Осигурување АД, Скопје ги чува во рок за цело времетраење на договорниот облигационен однос, односно најмногу до 10 години по истекот на договорот за осигурување или во случај на настанување на штета, 10 години по затворањето на случајот на настанување на штетата, односно од денот на целосната исплата на надоместокот за настаната штета согласно член 109 став 8 од Законот за супервизија на осигурување.
[2] По истекот на роковите од став 1 на овој член личните податоци ќе бидат избришани/уништени од базите на податоци на Триглав Осигурување АД, Скопје и истите нема да се обработуваат за други цели.
член 42: права на субјектите на личните податоци
[1] Остварување на правата кои произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци (право на пристап, корекција, бришење, ограничување на обработката на лични податоци, приговор и преносливост), се врши преку доставување на барање на електронската адреса на офицерот за заштита на лични податоци: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx. На истата електронска адреса може да се достави барање во врска со сите прашања поврзани со обработката на личните податоци.
[2] Доколку субјектот на лични податоци смета дека обработката на личните податоци за целите наведени член 40, од страна на Триглав Осигурување АД, Скопје не е во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци, или пак смета дека е повредено некое право за заштита на личните податоци, има право да поднесе барање за утврдување на прекршување на прописите за заштита на личните податоци до Агенцијата за заштита на личните податоци како надлежен орган за вршење на надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци на територијата на Република Северна Македонија.
член 43: пренос на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје е дел од Групацијата Триглав. Личните податоци на субјектите на лични податоци се пренесуваат во рамките на Групацијата, односно во матичното друштвото Заваровалница Триглав каде што личните податоци се обработуваат само за цели на чување. При вршење на преносот на личните податоци се обезбедува високо ниво на технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци. Исто така, во рамките на Групацијата Триглав се обезбедуваат сите неопходни заштитни мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци преку стандардни клаузули за заштита на личните податоци кои се
одобрени од страна на Европската комисија. Сите дополнителни информации во однос на заштитните мерки може да се добијат со поднесување на барање до по пошта на следната адреса: „xxx.0- ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје“ со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса oficer. xx@xxxxxxx.xx.
член 44: обработка на лични податоци за цели на директен маркетинг
[1] Личните податоци за цели на директен маркетинг, Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува само врз основа на експлицитна согласност за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг кои ги врши Триглав Осигурување АД, Скопје или поврзаните друштва од рамките на Групација Триглав во Република Северна Македонија за своите услуги и услугите на поврзаните друштва од рамките на Групација Триглав во Република Северна Македонија.
[2] Согласноста за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг може да се повлече во секое време, бесплатно, со писмено барање (доставено на следната електронска адреса: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx, или по пошта до Триглав Осигурување АД, Скопје, бул.„8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје, со назнака “До Офицерот за заштита на лични податоци”).
член 45: санкциска клаузула рестриктивна мерка за спречување на перење пари и финансирање на тероризам
[1] Осигурувачот не дава осигурително покритие, односно не ја покрива одговорноста на осигуреникот за настаната штета или не исплаќа какви било други поволности, без оглед на Договорот за осигурување, доколку таквата исплата или плаќањето на каква било друга поволност би го изложила осигурувачот на некакви санкции, забрани или ограничувања врз основа на резолуциите на Обединетите нации или на трговски или економски санкции, кршење на законите или прописите на Европската Унија, Обединетото Кралство или САД.
член 46: изјава за информираност
[1] Договарачот на осигурувањето/осигуреникот со потписот на договорот за осигурување/полисата изречно потврдуваат дека при склучувањето на Договорот за осигурување, од страна на осигурувачот писмено се известени за сите податоци согласно членовите 49 и 50 од Законот за супервизија во осигурувањето и дека пред склучувањето на осигурувањето им е оставено разумно време за донесување на конечна одлука за склучување на Договорот за осигурување. Согласно ова, договарачот/ осигуреникот со потписот на договорот за осигурување/полисата потврдуваат дека се известени и за правото за поднесување на жалба.
член 47: влегување во сила
[1] Овие Општи услови влегуваат во сила со денот на нивното донесување, а ќе се применуваат од 01.01.2021 година