Contract
Општи услови за осигурување на стакло
член 1: дефиниции и воведни одредби
[1] Изразите употребени во овие услови го имаат следново значење:
осигурувач - Триглав Осигурување АД, Скопје, друштво за осигурување со кој е склучен договорот за осигурување;
договорувач на осигурувањето - лице кое склучува договор за осигурување;
осигуреник - лице чиј имот и/или имотен интерес се осигурува. Договорувачот на осигурувањето и осигуреникот претставуваат исто лице, освен кај осигурување за туѓа сметка;
полиса - исправа за склучениот договор за осигурување;
премија - износ кој го плаќа договорувачот врз основа на договорот за осигурување;
надомест од осигурување – износ кој го плаќа осигурувачот според склучениот договор за осигурување.
[2] Овие услови се темелат врз Законот за облигационите односи, Законот за супервизија на осигурувањето, како и останатите подзаконски акти донесени врз основа на овие закони, и на соодветен начин се применуваат на договорот за осигурување кој што го склучуваат договарачот на осигурувањето и осигурувачот.
[3] Општите услови се составен дел на понудата и договорот за осигурување што договарачот на осигурувањето, односно осигуреникот ќе го склучи со Триглав Осигурување АД, Скопје.
член 2: осигурителни опасности (ризици)
[1] Осигурувањето покрива штета што настанала како резултат на пукање, кршење или разбивање на стакло или други осигурени предмети.
[2] Осигурувањето не покрива штети што настанале:
1) при преместување или сместување на осигурените предмети во простории кои не се наведени во полисата за осигурување;
2) поради гребаници и слични оштетувања на површината на осигурените предмети;
3) лизгање или слегување на земјиште;
[3] Штетите на слики, натписи и украси се покриена само доколку настанале истовремено со штетата на самиот осигурен предмет на кој што се наоѓа сликата, натписот или украсот.
[4] Ако се осигуруваат светлечки цевки и светлечки паноа со делови од придружната опрема, осигурувањето покрива и штети поради кршење,прегорување и пожар на придружната опрема.
[5] Ако е посебно договорено, осигурувањето исто така покрива и штети на осигурените предмети што настанале затоа што причинителот ги оштетил со боја или други супстанции.
член 3: предмет на осигурување
[1] Предмет на осигурување на стакла е следново:
1) Стакло, светлечки натписи и реклами, слики, натписи и украси изработени на осигурените стакла, плочи од природен и вештачки камен на маси, излози, полици и слично; сообраќајни огледала и сообраќајни знаци, разни паноа и културни, историски, како и надгробни споменици. Покрај светлечките натписи и реклами се осигуруваат и нестаклените делови и рамки како составен дел на истите;
2) Неонските цевки и другите светлечки паноа со сите нивни делови или без нив.
[2] Ако е договорено со договорот за осигурување, предмет на осигурување можат да бидат и предмети во излози ако постои опасност од уништување или оштетување во осигурен случај. Осигурувањето не покрива исчезнување на предметите.
[3] Според овие услови предмет на осигурување не може да биде следново:
1) предмети од шупливо стакло, стакла на сијалици и рефлектори, расветни тела од сите видови; рендгенски, кварцни, радио, телевизиски и други ламби (цевки); флуоресцентни цевки и уреди за
флуоресцентно осветлување, стакла кои се користат како инструменти за работа во процесот на производство, леќи и стаклени топки, како и залихи на стакла и стаклена стока од секаков вид;
2) Веќе напукнати, изгребани и оштетени предмети;
3) Стакла во оштетени рамки.
[4] Осигурени се само оние предмети што се наведени во полисата за Осигурување.
член 4: вредност на осигурените предмети
Вредноста на осигурените предмети ја претставува нивната набавна цена зголемена за трошоците за превоз, пренос, поставување и монтажа, односно цената за изработка на нова слика, натпис или украс на стакло или стаклени букви.
член 5: место на осигурување
[1] Осигурувањето важи додека осигурените предмети се наоѓаат во местото кое е наведено во полисата.
[2] Во случај на проширување или промена на местото на осигурување, потребно е посебно да се утврди во договорот за осигурување дека осигурувањето важи и за предметите на проширеното, односно променетото место.
член 6: пресметка на штети
[1] Штетата што е покриена со осигурувањето се пресметува во висина на трошоците утврдени при ликвидација на осигурениот случај за поставување на ново стакло или други предмети од ист вид и својства или за изработка на нови слики, натписи, украси или букви од стакло.
Евентуално намалување на вредноста на оштетениот предмет поради абење и старост не се применува, но тоа не важи и за нивните придружни делови кои се осигурени заедно со светлосните цевки и паноа.
[2] Ако заради начинот на изработка не е можно да се замени искршеното стакло, а да не се замени и рамката, тогаш и таа е покриена со осигурувањето.
[3] Ако осигурувачот не бил во можност да изврши увид на штетата, осигуреникот е должен да ги зачува доказите за настанатата штета.
[4] Осигурувачот може да ја надомести штетата во паричен износ или да ја доведе во состојбата пред штетниот настан.
Ако се врши надомест со доведување во состојбата пред штетниот настан, остатоците остануваат во сопственост на осигурувачот. Во сопственост на осигурувачот преминува и стаклото употребено за привремено застаклување. Ако се врши надомест на штетата во пари, осигуреникот може според договорот да ги задржи вредносните остатоци кои се пресметуваат по пазарна цена при настанување на осигурен настан, како и по состојбата во која биле веднаш по осигурениот настан. Вредноста на остатоците се одбива од износот на пресметаната штета.
член 7: трошоци по настанување на осигурен случај
[1] Со пресметката на штетата е опфатен и надомест на трошоците за следново:
1) неопходно привремено застаклување;
2) отстранување и повторно местење на предметите кои го попречуваат поставувањето на нови предмети (на пример, заштитна мрежа, заштитни решетки, ролетни за сонце и слично).
[2] Осигурувањето не ги покрива трошоците за отстранување или намалување на опасности, ниту трошоците за посредување на противпожарни и други друштва кои по природата на својата работа се должни да пружат бесплатна помош при осигурен случај.
член 8: сума на осигурување
[1] Ако не е поинаку договорено, осигурувачот гарантира надомест на штета само до висината на договорената сума на осигурување.
[2] Договорувачот на осигурувањето или осигурувачот можат да бараат намалување на сумата на осигурување и премијата за наредната осигурена година, ако сумата на осигурување значително ја надминува осигурената вредност.
[3] Ако договорот за осигурување е склучен без сума на осигурување или на неограничена вредност, тогаш се смета дека осигурувањето е склучено на реалната вредност.
член 9: обврски на осигурувачот (надомест од осигурување)
[1] Ако сумата на осигурување е еднаква со вредноста на осигурените предмети или повисока од неа, при ликвидација на штета осигурувачот го плаќа полниот износ на пресметаната штета, но најмногу до висина на вредноста на осигурените предмети.
[2] Ако сумата на осигурување при ликвидација на осигурениот случај е пониска од вредноста на осигурените предмети (подосигурување), осигурувачот ја надоместува пресметаната штета само во сооднос меѓу сумата на осигурување и вредноста на осигурените предмети, но најмногу до сумата на осигурување.
[3] Во случај кога осигурувањето е склучено по метод на прв ризик, осигурувачот го надоместува полниот износ на пресметаната штета, но најмногу до договорената сума на осигурување. Одредбите за подосигурување од став 2 од овој член во тој случај не се применуваат.
[4] Ако во договорот за осигурување е утврдено осигуреникот сам да сноси дел од штетата (учество), при пресметката на надоместокот од осигурување се применува и договореното учество на осигуреникот во штетата.
[5] Потребните трошоци за мерките за отстранување или намалување на штетата, а кои по настанувањето на осигурениот настан се преземаат по налог на осигурувачот, осигурувачот е должен да ги врати во целост независно од сумата на осигурување.
[6] При ликвидација на осигурен случај се исплаќа надомест од осигурување кој се намалува за евентуално исплатената аконтација, ревалоризирана по стапката на пораст на трошоците за живот во Република Северна Македонија од денот на уплатата на аконтацијата до ликвидацијата на осигурениот случај.
член 10: ограничување на обврските поради други осигурувања
[1] Ако стаклата и другите предмети се осигурени и со други видови на осигурување (на пример, осигурување од пожар), при осигурен настан се плаќа надомест од осигурување по основ на другите осигурувања. По основ на осигурување на стакло се плаќа надомест само ако покритието по другото осигурување не е доволно и тоа во висина на износот на непокриениот дел од штетата.
член 11: опасни околности
[1] При склучување на договор за осигурување, договорувачот на осигурувањето е должен да ги пријави кај осигурувачот сите околности кои се важни за процена на ризикот (тежина на ризикот) со кои бил запознаен, односно со кои би морал да биде запознаен. Како околности кои се важни за процена на ризикот посебно се сметаат околностите кои на договорувачот на осигурувањето му се познати и врз чија основа се одредува и пресметува премијата, како и оние кои се наведени во договорот за осигурување. Тие околности може заедно да ги одредат договорувачот на осигурувањето и осигурувачот.
[2] Договорувачот на осигурувањето е должен да му овозможи на осигурувачот преглед на ризикот.
член 12: склучување на договор за осигурување
[1] Договорот за осигурување се склучува врз основа на писмена или усна понуда.
[2] По приемот на понудата осигурувачот може да бара дополнување или појаснување. Се смета дека понудата стигнала до осигурувачот кога го примил барањето за дополнување или појаснување.
[3] Одредбите за склучување на договор за осигурување се применуваат и тогаш кога ќе се промени постојниот договор за осигурување, освен во случај на промена на условите за осигурување или тарифата на премии.
член 13: плаќање на премијата
[1] Првата рата или еднократна премија, договорувачот на осигурувањето е должен да ја плати при склучување на договорот за осигурување, а остатокот од премијата за кој е договорена динамика за плаќање на рати треба да се плати најдоцна пред истекот на осигурувањето. Доколку е договорено премијата да се плаќа на рати, за наплата доспеваат сите рати во тековната година на осигурување кога настанал осигурениот случај.
[2] Доколку е договорено премијата да се плаќа на рати за изминатото време, може да се пресметува редовна камата на износот на премијата за која е договорено одложено плаќање. Ако ратата не е платена до денот на доспевање, може да се пресметува и законска камата.
[3] За датум на плаќање на премијата се смета денот кога налогот се евидентира од страна на банката на осигурувачот.
[4] Ако и без разлика на договореното време на осигурување во договорот била определена пониска премија, а осигурувањето од кои било причини престанало пред истекот на тој временски период, осигурувачот има право да ја побарува разликата до онаа премија која договорувачот на осигурувањето би морал да ја плати кога договорот за осигурување бил склучен само за толку време колку што реално траело осигурувањето.
[5] Во случај на престанок на важноста на договорот за осигурување поради неплаќање на доспеаната премија, договорувачот мора да ја плати неплатената премија за времето до денот на престанок на важноста на договорот за осигурување или целокупната премија за тековната година на осигурување, ако до денот на престанок на осигурувањето настанал осигурен случај за кој осигурувачот мора да исплати надомест од осигурување.
член 14: поврат на премија
[1] На осигурувачот во целост му припаѓа премијата за тековната година на осигурување, доколку осигурениот предмет е уништен како последица на осигурените опасности.
[2] Осигурувачот враќа дел од премијата за неискористеното време на осигурување ако осигурениот предмет е уништен од поради настанување на неосигурени опасности.
[3] Ако осигурениот предмет е уништен пред почетокот на покритието, осигурувачот ја враќа вкупната платена премија.
[4] Во останатите случаи на престанок на важноста на договорот за осигурување пред завршување на периодот за кој е платена премијата, на осигурувачот му припаѓа премијата до денот до кој трае неговото покритие, освен ако не е поинаку договорено.
член 15: осигурен настан
Кај осигурување на предмети се смета дека осигурениот случај настанал во моментот кога поради еден од осигурените опасности дошло до оштетување на осигурениот предмет.
член 16: обврски на осигуреникот по настанување на осигурен случај
[1] Осигуреникот е должен да пријави кај осигурувачот настанувањето на осигурен случај најдоцна во рок од три дена од денот кога дознал за истиот .
[2]Осигуреникот е должен веднаш да го извести надлежниот орган за внатрешни работи (полиција) за осигурениот случај кој настанал поради пожар или експлозија, како и провална кражба и разбојништво односно обид за такво дејствување и да наведе кои предмети биле уништени или оштетени.
[3] Осигуреникот е должен да му ги достави сите податоци на осигурувачот и други докази кои се потребни за утврдување на причината, опсегот и висината на штетата.
член 17: постапка при вештачење
[1] Секоја договорна страна може да побара утврдување на спорните околности од страна на вештаци.
[2] Секоја страна назначува по еден вештак кои не се во работен однос со странките. Назначените вештаци пред почетокот на работата назначуваат трет вештак кој дава свое мислење само кога
заклучоците на првите два вештака се различни, но само во граница на неопходните заклучоци.
[3] Секоја договорна страна ги покрива трошоците за вештакот кој го именувала, а за третиот вештак трошоците се делат на половина.
[4] Заклучоците од вештаците се обврзувачки за двете страни. член 18: осигурување по настанување на осигурен случај
[1] По настанување на осигурениот случај во кој осигурените предмети биле оштетени, осигурувањето продолжува без промени.
[2] За предметите кои според договорот за осигурување се сметаат за уништени, осигурувањето по настанување на осигурениот случај престанува да важи.
член 19: промена на условите за осигурување или тарифата на премии
[1] Ако осигурувачот ги промени условите за осигурување или тарифата на премии, за промената е должен да го извести договорувачот на осигурувањето во рок согласно законските прописи.
[2] Договорувачот на осигурувањето има право во законски предвидениот рок по приемот на известувањето да го откаже договорот за осигурување. Договорот престанува да важи по истекот на тековната година на осигурување.
[3] Ако договорувачот на осигурувањето не го откаже договорот, договорот се менува со почетокот на следната година во согласно со новите услови за осигурување или тарифата на премии.
член 20: промена на адреса
[1] Договорувачот на осигурувањето е должен да го извести осигурувачот за промена на адресата на живеење, односно седиштето или своето име односно името на фирмата во рок од 15 дена од денот на промената.
[2] Ако договорувачот на осигурувањето ја промени адресата на станот, односно седиштето или своето име односно името на фирмата, а при тоа не го известил осигурувачот, доволно е осигурувачот да испрати известување до договорувачот на осигурувањето на последната позната адреса и да го наслови на последното познато име.
член 21: начин на известување
[1] Договорите за содржината на договорот за осигурување се важечки само акдоколкуо се склучени во писмена форма.
[2] Сите известувања и изјави што треба да се дадат според одредбите на договорот за осигурување мора да бидат во писмена форма.
[3] Известувањето или изјавата се дадени навремено ако пред истекот на рокот се испратат со препорачано писмо.
[4] Изјавата која треба да се даде на друго лице важи од моментот кога истото ќе ја прими.
член 22: примена на закон
За правата и обврските на договорните страни што не се уредени со овие услови се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи и Законот за супервизија на осигурување. Ако со овие услови одредено прашање е уредено спротивно на законските прописи, ќе се применуваат одредбите од законот.
член 23: информации во врска со обработка на лични податоци
[1] Идентитет и контакт на податоците на контролорот и офицерот за заштита на личните податоци: Назив: Триглав Осигурување АД, Скопје
Седиште: бул.„8-ми Септември“ бр.16, Скопје
Офицер за заштита на личните податоци: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx
* Дополнителни податоци за офицерот за заштита на личните податоци може да најдете на интернет страницата на Друштвото xxxxx://xxx.xxxxxxx.xx/xx/xx-xxx/xxxxxxxx
член 24: обработка и заштита на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје врши обработка (собирање, евидентирање, организирање, чување итн.) на лични податоци на осигуреници, договорувачи на осигурување, нивните законски застапници или полномошници во согласност со одредбите на Законот за заштита на лични податоци и другите релеванти позитивни законски прописи, применувајќи соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на безбедност на личните податоци. Собраните лични податоци се дел од збирките на лични податоци на Триглав Осигурување АД, Скопје, а Триглав Осигурување АД, Скопје во својство на контролор на личните податоци, истите ги користи совесно, законито и согласно целта за која се собрани.
член 25: правен основ за обработката на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје собира, обработува, чува, користи и доставува лични податоци кои се неопходни при склучување на договорите за осигурување (полиси), врз основа на член 109 од Законот за супервизија на осигурување, а во согласност со Законот за заштита на личните податоци.
[2] Личните податоци се неопходни за обработка од страна на Триглав Осигурување АД, Скопје со цел исполнување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за осигурување, односно обработката на истите претставува основа за оценување на осигурително покритие и степен на оштета.
член 26: цели за обработката на личните податоци
[1] Личните податоци (телефонски број и електронска адреса – e-mail), Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува со цел остварување на контакт заради ефикасно остварување на права и обврските кои произлегуваат од договорите за осигурување (полиси). Овие податоци за цели доставување на рекламни материјали, промоции, понуди како и за други цели на директен маркетинг од страна на Групацијата Триглав во Република Северна Македонија, ќе бидат искористени само доколку имате дадено согласност, преку одбирање на соодветната опција за согласност.
[2] Со цел водење на постапка за надомест на штета и воспоставување на бази на податоци за настанати штети, оценување на осигурително покритие и степен на оштета Триглав Осигурување АД, Скопје обработува и копии од документи во кои се содржани и лични податоци.
[3] Личните податоци од став 1 и став 2 на овој член Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува само врз основа на претходна согласност од субјектот на личните податоци, а недавањето на согласност за обработка на овие податоци може да има за последица несоодветно оценување на осигурително покритие или степен на оштета или пак неисплаќање на оштетно барање.
[4] Согласноста за обработка на личните податоци од ставот 3 на овој член може да се повлече во секое време преку доставување на известување за повлекување на согласност по пошта на следната адреса:
„бул.8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје“ со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx. Со повлекување на согласноста за обработка на лични податоци Триглав Осигурување АД, Скопје ќе прекине со понатамошна обработка на личните податоци и истите ќе ги избрише од базите на податоци со што можат да настанат последици наведени во став 3 од овој член.
член 27: рокови на чување на лични податоци
[1] Личните податоци, Триглав Осигурување АД, Скопје ги чува во рок за цело времетраење на договорниот облигационен однос, односно најмногу до 10 години по истекот на договорот за осигурување или во случај на настанување на штета, 10 години по затворањето на случајот на настанување на штетата, односно од денот на целосната исплата на надоместокот за настаната штета согласно член 109 став 8 од Законот за супервизија на осигурување.
[2] По истекот на роковите од став 1 на овој член личните податоци ќе бидат избришани/уништени од
базите на податоци на Триглав Осигурување АД, Скопје и истите нема да се обработуваат за други цели.
член 28: права на субјектите на личните податоци
[1] Остварување на правата кои произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци (право на пристап, корекција, бришење, ограничување на обработката на лични податоци, приговор и преносливост), се врши преку доставување на барање на електронската адреса на офицерот за заштита на лични податоци: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx. На истата електронска адреса може да се достави барање во врска со сите прашања поврзани со обработката на личните податоци.
[2] Доколку субјектот на лични податоци смета дека обработката на личните податоци за целите наведени во член 26, од страна на Триглав Осигурување АД, Скопје не е во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци, или пак смета дека е повредено некое право за заштита на личните податоци, има право да поднесе барање за утврдување на прекршување на прописите за заштита на личните податоци до Агенцијата за заштита на личните податоци како надлежен орган за вршење на надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци на територијата на Република Северна Македонија.
член 29: пренос на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје е дел од Групацијата Триглав. Личните податоци на субјектите на лични податоци се пренесуваат во рамките на Групацијата, односно во матичното друштвото Заваровалница Триглав каде што личните податоци се обработуваат само за цели на чување. При вршење на преносот на личните податоци се обезбедува високо ниво на технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци. Исто така, во рамките на Групацијата Триглав се обезбедуваат сите неопходни заштитни мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци преку стандардни клаузули за заштита на личните податоци кои се одобрени од страна на Европската комисија. Сите дополнителни информации во однос на заштитните мерки може да се добијат со поднесување на барање до по пошта на следната адреса: „бул.8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје“ со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx.
член 30: обработка на лични податоци за цели на директен маркетинг
[1] Личните податоци за цели на директен маркетинг, Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува само врз основа на експлицитна согласност за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг кои ги врши Триглав Осигурување АД, Скопје или поврзаните друштва од рамките на Групација Триглав во Република Северна Македонија за своите услуги и услугите на поврзаните друштва од рамките на Групација Триглав во Република Северна Македонија.
[2] Согласноста за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг може да се повлече во секое време, бесплатно, со писмено барање (доставено на следната електронска адреса: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx, или по пошта до Триглав Осигурување АД, Скопје, бул.„8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје, со назнака “До Офицерот за заштита на лични податоци”).
член 31: Санкциска клаузула – рестриктивна мерка за спречување на перење пари и финансирање тероризам
[1] Осигурувачот не дава осигурително покритие, односно не ја покрива одговорноста на осигуреникот за настаната штета или не исплаќа какви било други поволности, без оглед на Договорот за осигурување, доколку таквата исплата или плаќањето на каква било друга поволност би го изложила осигурувачот на некакви санкции, забрани или ограничувања врз основа на резолуциите на Обединетите нации, или на трговски или економски санкции, на кршење на законите или прописите на Европската Унија, Обединетото Кралство или САД.
член 32: приговор (вонсудско решавање на спорови)
[1] Договорните страни се согласни дека сите спорови што произлегуваат од овој Договор ќе се решаваат
по мирен пат.
[2] Договарачот на осигурувањето, осигуреникот, односно корисникот на осигурување се согласни дека за сите спорни прашања, жалби и несогласувања кои произлегуваат од односот со осигурувачот ќе го известат истиот без одложување. Известувањата во форма на приговор од овој став се доставуваат во писмена форма, од што со сигурност може да се утсодржината на известувањето и времето на неговото праќање.
[3] Договарачот на осигурувањето, осигуреникот, односно
корисникот на осигурување кој смета дека со одлуката (решението) на осигурувачот за отштетното побарување му се нарушени правата од осигурувањето, може да поднесе приговор до Комисијата за приговори (жалби) на осигурувачот.
[4] Комисијата за приговори (жалби) е должна да донесе одлука по приговорот во писмена форма, без одложување, но чнајдоцна во рок од 30 дена од денот на прием на приговорот.
член 33: меродавно право и судска надлежност
[1] За правата и обврските на договорните страни што не се регулирани со овие Услови, ќе се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи и Законот за супервизија на осигурување. Ако со овие Услови некое прашање е утврдено спротивно на законските прописи, ќе се применуваат одредбите од Законот.
[2] Споровите што настануваат помеѓу осигуреникот, на една страна, и осигурувачот, на друга страна, ги решава стварно и месно надлежниот суд според седиштето на осигурувачот.
член 34: надзор над друштвото за осигурување
[1] Орган надлежен за вршење надзор на осигурителното друштво е Агенцијата за супервизија на осигурување.
[2] Во случај осигуреникот да не е задоволен од односот на осигурувачот во текот на траењето на Договорот за осигурување, може да достави претставка до Агенцијата за супервизија на осигурување, како надлежен орган за надзор над работењето на осигурувачот.
член 35: застарување на барањата
[1] Побарувањата од договорите за осигурување застаруваат во согласност со одредбите од Законот за облигациони односи.
член 36: изјава за информираност
[1] Договарачот на осигурувањето/осигуреникот со потписот на договорот за осигурување/полисата изречно потврдуваат дека при склучувањето на Договорот за осигурување, од страна на осигурувачот писмено се известени за сите податоци согласно членовите 49 и 50 од Законот за супервизија во осигурувањето и дека пред склучувањето на осигурувањето им е оставено разумно време за донесување на конечна одлука за склучување на Договорот за осигурување. Согласно ова, договарачот/осигуреникот со потписот на договорот за осигурување/полисата потврдуваат дека се известени и за правото за поднесување на жалба.
член 37: влегување во сила
[1] Овие Општи услови со назнака УС-ста 20/12-мк влегуваат во сила со денот на нивното донесување, а ќе се применуваат од 01.01.2021 година