Contract
20101262522
КОЛЕКТИВНИ ДОГОВОРИ
Врз основа на член 203 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08, 130/09) и согласно член 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 10/08), Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат, склучија
К О Л Е К Т И В Е Н Д О Г О В О Р
НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ
А. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој колективен договор се уредуваат правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работодавачот, како и условите и начинот на остварување на правата и обврските од работен однос и други прашања од работните односи или во врска со работните односи.
Член 2
Работодавач во смисла на овој колективен договор е Министерството за внатрешни работи на Република Македонија (во натамошниот текст: Министерството) претставувано од министерот за внатрешни работи (во натамошниот текст: министерот), кое вработува работници врз основа на договор за вработување.
Член 3
Работник во смисла на овој колективен договор е лице кое заснова работен однос врз основа на склучен договор за вработување на неопределено или определено време, со полно, со пократко од полното и со скратено работно време во Министерството.
Член 4
Синдикат во смисла на овој колективен договор е Македонскиот полициски синдикат претставуван од претседателот на Македонскиот полициски синдикат (во натамошниот текст: Синдикатот) и неговите овластени претставници.
Член 5
Овој Колективен договор се применува непосредно и е задолжителен за сите работници кои имаат засновано работен однос односно имаат склучено договори за вработување во Министерството, со исклучок на работниците во Министерството кои имаат статус на државни службеници согласно Законот за државните службеници.
Член 6
Со овој колективен договор односно со договорот за вработување можат да се предвидат права кои за работниците се поповолни отколку што ги определува Законот за работни односи, ако тоа не е во спротивност со закон.
Член 7
За прашањата кои не се уредени со овој колективен договор, се применуваат одредбите од соодветните закони.
Б. ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ
I. ЗАСНОВАЊЕ НА РАБОТЕН ОДНОС
1. Услови, начин и постапка за засновање на работен однос
Член 8
За потребата од прием на нови работници одлучува министерот во согласност со потребите уврдени во актите за организација и работа и систематизација на работните места во Министерството, Бирото за јавна безбедност (во натамошниот текст: Бирото) и Управата за безбедност и контраразузнавање (во натамошниот текст: Управата).
Член 9
Условите за засновање на работен однос во Министерството, принципите при вработување во Министерството, начините на засновање на работен однос, постапката на селекција и избор на лица кои засноваат работен однос во Министерството, склучувањето на договор за вработување и видовите договори за вработување, како и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на работниците во Министерството се пропишани и се остваруваат согласно Законот за внатрешни работи, Законот за полиција, Законот за работни односи и подзаконските прописи што произлегуваат од Законот за внатрешни работи за селекција и избор на лица кои засноваат работен однос во Министерството, за начинот и постапката за остварување на системот на кариера на овластените службени лица во Министерството, како и за начинот и постапката на оценување на овластените службени лица во Министерството.
Член 10
Постапката за селекција и избор на лица кои засноваат работен однос во Министерството врз основа на јавен оглас, ја спроведува комисија за селекција и избор на лица кои засноваат работен однос во Министерството, формирана од министерот.
Комисијата од ставот 1 на овој член се формира по потреба односно во случаите кога се врши прием на нови работници во Министерството.
Комисијата е составена од претседател и четири члена – претставници од организациските единици во зависност од организациската поставеност на работното место за кое има потреба да се заснова работен однос. Во работата на комисијата учествува и секретар-записничар без право на глас.
Комисијата работи согласно одредбите од Законот за внатрешни работи, Законот за полиција, Правилникот за селекција и избор на лица кои засноваат работен однос во Министерството и прописите од областа на работните односи.
2. Приправници
Член 11
Министерството може да склучи договор за вработување на неопределено или определено време со лице кое за првпат започнува да врши работа соодветна на видот на своето стручно образование и нема претходно работно искуство – како приправник за одредено работно место.
Член 12
Приправникот се оспособува за самостојно и стручно вршење на работите и задачите на работното место за кое склучил договор за вработување (приправнички стаж).
Приправничкиот стаж трае девет месеци.
Приправничкиот стаж на полицаец – приправник трае шест месеци.
2.1. Обука на приправник
Член 13
Приправничкиот стаж приправникот го поминува на обука согласно одредбите од Законот за внатрешни работи и Правилникот за обука во Министерството.
Член 14
По спроведување на обуката приправникот полага приправнички испит.
Приправничкиот испит од ставот 1 на овој член се состои од два дела: теоретски и практичен дел.
Член 15
Приправничкиот испит се полага согласно програма донесена од министерот.
Програмата од ставот 1 на овој член ја изготвуваат организациските единици надлежни за управување со човечки ресурси за потребите на Министерството, во Бирото и Управата.
Програмата содржи план со наставни единици во кои се разработени сите прашања според надлежностите на организациските единици во Министерството.
Член 16
За полагање на приправнички испит министерот формира испитни комисии.
Испитните комисии од ставот 1 на овој член се формираат на ниво на Министерството
– за полагање приправнички испит за работници распоредени во организациските единици што вршат работи за потребите на Министерството, во Бирото – за полагање приправнички испит за работници распоредени во организациските единици во Бирото и во Управата – за полагање приправнички испит за работници распоредени во организациските единици во Управата.
Член 17
Испитните комисии од членот 16 на овој колективен договор се составени од претседател и членови (сите испитувачи) и нивни заменици, од кои еден член и заменик се од соодветната област односно организациската единица во која работи приправникот. Во работата на комисијата учествува и секретар-записничар, без право на глас.
За претседател, член односно заменик во испитната комисија за полагање приправнички испит може да биде определен работник со VII/1 степен на образование или 240 ЕКТС и работно искуство во Министерството од најмалку 10 години.
Член 18
За полагање на приправничкиот испит приправникот поднесува писмено барање до организациската единица надлежна за управување со човечки ресурси во Министерството, Бирото односно Управата, согласно организациската поставеност на организациската единица во која работи приправникот.
Член 19
Испитните комисии од членот 16 од овој колективен договор по правило одржуваат испити секој месец.
Претседателот на комисијата го определува денот и часот за полагање на стручниот испит и за тоа се известува приправникот преку соодветната организациска единица најдоцна седум дена пред полагањето на приправничкиот испит.
За време на полагањето на приправничкиот испит секретарот на испитната комисија води записник кој го потпишуваат претседателот и членовите на комисијата.
Резултатот од испитот се оценува со ,,го положил испитот“ или ,,не го положил испитот“.
Оценка за резултатот од испитот се донесува со мнозинство на гласови од испитувачите на комисијата.
Член 20
На приправникот кој го положил приправничкиот испит му се издава уверение за положен стручен испит за приправници.
Уверението од ставот 1 на овој член го потпишува претседателот на испитната комисија.
Член 21
Приправникот кој нема да положи дел или целиот приправнички испит има право на повторно полагање по истекот на 30 дена од претходното полагање на испитот.
3. Распоредување на работниците
Член 22
Работникот работи на работно место во организациската единица на Министерството за кое склучил договор за вработување.
Работникот во текот на работниот однос може да биде распореден на друго работно место, различно од она на кое претходно работел, во транспарентна постапка, на негово барање или по потреба на Министерството.
Распоредувањето на работникот се врши под услови и на начин утврдени во Законот за внатрешни работи, Правилникот за начинот на остварување на системот на кариера во Министерството и одредбите од овој колективен договор.
Член 23
По исклучок од членот 22 став 2 од овој колективен договор, транспарентноста на постапката не се однесува на распоредување на работници на определени работни места во Бирото и Управата.
Работните места во Бирото и Управата од ставот 1 на овој член се утврдени во посебна листа на работни места за кои не се спроведува транспарентна постапка.
Листата од ставот 2 на овој член ја утврдува министерот, по предлог на директорот на Бирото односно Управата.
3.1. Услови за распоредување на работник
Член 24
Работник во Министерството може да биде распореден на друго работно место само ако се исполнети следните услови:
- работното место на кое се распоредува работникот е во организациска единица во местото на живеалиште на работникот;
- работното место на кое се распоредува е слободно или упразнето;
- работникот во целост ги исполнува условите пропишани во актот за систематизација на работните места утврдени за работното место на кое се врши распоредување (вид на образование, потребно работно искуство и слично) и
- на работното место на кое работникот се распоредува се вршат исти или xxxxxx работи со работите што се вршат на работното место од кое работникот се распоредува.
3.2. Распоредување по потреба на Министерството
Член 25
Работникот може да биде распореден по потреба на Министерството кога:
- се исполнети условите од членот 24 од овој колективен договор и кога за работното место на кое се распоредува работникот е утврдена основна плата што е еднаква со основната плата од работното место од кое се распоредува и
- во Министерството се вршат промени во организациската структура или во однос на бројот на работните места во актите за организација и систематизација на работните места во Министерството, а нема потреба да се намали бројот на вработените, доколку се исполнети условите од членот 24 од овој колективен договор и кога за работното место на кое се распоредува работникот е утврдена основна плата што е еднаква со основната плата од работното место од кое се распоредува.
Во случај кога поради причините од ставот 1 алинеја 2 на овој член нема слободно работно место, работникот се распоредува на друго работно место за кое се исполнети условите од членот 24 алинеи 1, 2 и 3 од овој колективен договор, при што ја задржува основната плата од работното место од кое се распоредува, доколку истата за него е поповолна.
3.3. Распоредување на работник на Министерството надвор од местото на неговото живеалиште
Член 26
По исклучок од членот 24 алинеја 1 од овој колективен договор, работник на Министерството по негово барање или по потреба на Министерството може да биде распореден и во организациска единица различна од организациската единица на Министерството во која дотогаш работел која е надвор од местото на неговото живеалиште, во случај кога се исполнети условите од членот 24 алинеи 2, 3 и 4 од овој колективен договор, заради:
- недостаток на работници со соодветна стручна подготовка и работна способност за конкретните работи и задачи x
- давање стручна помош во извршувањето на работите и задачите на организациската единица во која се распоредува работникот.
Распоредувањето на работникот од ставот 1 на овој член, се врши за временски период од најмногу шест месеци и не може да се изврши распоредување на работникот по истиот основ пред истекот на четири години од истекот на последното распоредување.
По истекот на временскиот период од ставот 2 на овој член, работникот се распоредува на работното место на кое бил распореден пред распоредувањето согласно ставот 1 на овој член.
Член 27
Работникот распореден согласно членот 26 од овој колективен договор има право на основна плата во висина на основната плата што ја имал на работното место од кое е распореден, доколку за него е поповолна. Доколку со распоредувањето од членот 26 од овој колективен договор се врши унапредување на работникот, работникот има право на основна плата во висина на основната плата на работното место на кое се распоредува, односно унапредува.
Покрај правото од ставот 1 на овој член, работникот има право и на еднократен надоместок во висина на едномесечна нето плата остварена во последниот месец пред распоредувањето, надоместок за патни и селидбени трошоци, обезбедено сместување или
стан, седум дена платено отсуство по истекот на три месеци и надоместок на трошоци за превоз заради посета на потесното семејство од кое работникот живее одвоено.
Надоместокот на патни трошоци согласно ставот 2 на овој член, се исплатува за патните трошоци направени при првото упатување на работникот на работното место на кое е распореден и неговото последно враќање во местото на живеалиште, во висина на најниската цена на возниот билет во јавниот сообраќај.
Надоместокот на трошоците за превоз заради посета на потесното семејство согласно ставот 2 на овој член, се исплатува еднаш месечно, во висина на најниската цена на возниот билет во јавниот сообраќај.
Надоместокот од ставовите 3 и 4 на овој член, се исплатува доколку на работникот не му е обезбеден друг вид на превоз од Министерството.
3.4. Распоредување од времен карактер
Член 28
Распоредување на работник на друго работно место може да биде и од времен карактер, поради замена на привремено отсутен работник.
Распоредувањето од ставот 1 на овој член може да трае најмалку еден месец, а најмногу една година.
При распоредувањето од ставот 1 на овој член, работникот ја задржува основната плата утврдена за работното место од кое се распоредува доколку истата за него е поповолна.
По истекот на временскиот период од ставот 2 на овој член, работникот се распоредува на работното место на кое бил распореден пред распоредувањето согласно ставот 1 на овој член.
3.5. Распоредување на барање на работникот
Член 29
Работник во Министерството може да биде распореден на друго работно место и на негово барање, дококу ги исполнува условите од членот 24 алинеи 2, 3 и 4 од овој колективен договор.
3.6. Распоредување во други случаи
Член 30
Работник на Министерството може да биде распореден на друго работно место доколку се исполнети условите од членот 24 алинеи 1, 2 и 3 од овој колективен договор и кога со одлука на здравствената комисија е утврдено дека работникот е неспособен за вршење на работите и задачите на работното место каде што работи заради нарушена психофизичка или општа здравствена способност која настапила како последица од повреда при работа или професионална болест.
Работникот од ставот 1 на овој член, ги задржува сите права од работен однос од работното место од кое се распоредува.
3.7. Причини поради кои работникот не може да биде распореден на друго работно место
Член 31
Работник во Министерството не може да биде распореден на друго работно место за време на отсуство од работа поради болест или повреда, бременост, раѓање и родителство, како и за време на другите случаи на платено и неплатено отсуство од работа согласно со Законот за внатрешни работи и одредбите од овој колективен договор.
3.8. Задржување на бројот на остварени платни рангови од претходното работно место
Член 32
Ако работникот е распореден на друго работно место, за кое е утврдена основна плата што е еднаква со основната плата од работното место од кое се распоредува работникот и ако на работното место на кое се распоредува се вршат исти или сродни работи со работите што ги вршел работникот на претходното работно место, работникот го задржува бројот на платните рангови што ги остварил на работното место од каде што е распореден.
3.9. Начин на вршење на распоредување
Член 33
Одлука за распоредување и унапредување на овластени службени лица донесуваат посебни комисии за распоредување и унапредување, формирани од страна на министерот.
Комисиите за распоредување и унапредување се составени од претседател, четири члена и нивни заменици, од кои еден член и заменик се претставници на Синдикатот, а еден член и заменик е променлив и е раководител на организациската единица каде што е систематизирано работното место за кое се спроведува постапка за распоредување, односно унапредување. Во работата на комисијата учествува и секретар-записничар без право на глас.
За претседател, член односно заменик во комисија за распоредување и унапредување може да биде определен работник со VII/1 степен на образование или 240 ЕКТС и работно искуство од најмалку 10 години.
Член 34
Распоредување на работник во Министерството се врши со решение за распоредување донесено од страна на министерот или од него овластен раководен работник.
Во решението од ставот 1 на овој член треба да се образложат причините поради кои е извршено распоредувањето на работникот на друго работно место, согласно одлуката на комисијата за распоредување и унапредување.
Против решението за распоредување работникот има право на приговор до надлежната второстепена комисија при Владата на Република Македонија, во рок од 15 дена од денот на приемот на решението за распоредување.
Приговорот против решението од ставот 1 на овој член, не го одлага неговото извршување.
Член 35
На работник кој од неоправдани причини во рок од три дена од денот на врачување на решението не се јави на работното место на кое е распореден, Министерството му го откажува договорот за вработување.
II. ПРАВА НА РАБОТНИЦИТЕ И НИВНАТА ПОЛОЖБА
1. Работно време
Член 36
Работното време на работниците во Министерството изнесува 40 часа во работна недела (полно работно време).
Во Министерството може да се воведе работно време пократко од 40 часа во работната недела со акт на министерот, во случаите и под услови утврдени со Законот за работни односи.
Работното време на летечкиот персонал во Министерството изнесува 37 часа во работната недела.
Правата на работниците од ставовите 2 и 3 на овој член се изедначени со правата на работниците кои работат 40 часа во работната недела.
Член 37
Во зависност од природата и карактерот на работите и задачите во одделни организациски единици во Министерството, работата се врши во смени и трае непрекинато.
Работата во смени од ставот 1 на овој член го подразбира секој метод на организирање на работата во смени ва која работниците се сменуваат едноподруго на исто работно место во согласност со одреден план и кое може да биде континуирано или со прекини, вклучувајќи ја потребата за работниците да работат во различно време во даден период на денови или недели.
Министерот одлучува кои организациски единици во Министерството работат во смени и го определува распоредот на работното време, согласно закон и одредбите од овој колективен договор.
Член 38
Работното време на вработените во Министерството може да трае подолго од со закон пропишаниот максимум во работната недела во услови кога се извршуваат неодложни работи и задачи согласно Законот за внатрешни работи и Законот за полиција или во врска со тие работи и задачи.
Работа подолга од 40 часа во неделата може да нареди министерот, директорот на Бирото односно Управата, раководен работник или работник кој раководи со организациска единица.
Наредбата од ставот 2 на овој член се издава во писмена форма, а по исклучок може да се издаде и усмена наредба, која се изготвува во писмена форма по создавање услови за тоа, но не подоцна од два дена.
При издавање на наредбата од ставот 2 на овој член, задолжително треба да се имаат предвид законските одредби кои го ограничуваат или на друг начин го регулираат обемот и постапката за работа подолга од полното работно време.
Во случаите од ставовите 1, 2 и 3 на овој член, работникот е должен да ги извршува работите и задачите со кои е задолжен.
Член 39
Ноќна работа се смета работењето ноќно време.
Ноќно време е периодот меѓу 22,00 часот и 6,00 часот наредниот ден.
Член 40
Работното време помеѓу 00 часот и 24 часот во недела се смета како работа во недела.
за:
Член 41
Работа подолга од полното работно време и работа ноќно време не смее да се определи
- работник-жена за време на бременост;
- работник-жена која има дете до една година;
- работник на кој според наод на лекарска комисија е утврдено дека работата ноќно време може негативно да му влијае врз преостанатата работна способност;
- на работник кој има полно работно време пократко од 36 часа неделно, каде што опстојуваат поголеми опасности од повреди или здравствени оштетувања и
- на работник кој работи со скратено работно време во согласност со прописите за пензиско и инвалидско осигурување (инвалидност), прописите за здравствено осигурување (медицинска рехабилитација) или други прописи (родителски обврски).
За работа подолга од полното работно време и работа ноќно време потребна е писмена согласност на работникот во следните случаи:
- на работник - мајка на дете до три години;
- на работник - родител на дете со посебни потреби;
- на работник - самохран родител на дете до шест години;
- на работник повозрасен од 57 години – жена и 59 години – маж;
- на работник со намалена работна способност.
2. Одмор
2.1. Дневен одмор
Член 42
Работникот има право на одмор во текот на дневната работа во траење од 30 минути.
Во организациските единици на Министерството во кои според карактерот и природата на работите и задачите не се дозволува прекин на работата, како и во услови на работа со странки, дневниот одмор се организира на начин кој обезбедува работата да не се прекинува.
Работниците кои работат во смени од 12 часа, дневниот одмор од ставот 1 на овој член, можат да го користат во два дела.
Времето на користење на дневниот одмор со одлука го определува Владата на Република Македонија.
Времето за одмор од ставот 1 на овој член се засметува во работното време.
2.2. Одмор меѓу два последователни работни дена
Член 43
Работникот има право на одмор помеѓу два последователни работни дена во траење од најмалку 12 часа непрекинато.
2.3. Неделен одмор
Член 44
Работникот има право на неделен одмор од најмалку 24 часа непрекинато. Ден на неделен одмор по правило е недела или друг ден во неделата.
2.4. Годишен одмор
Член 45
Работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена во текот на една календарска година, сметајќи ги како неработни денови саботите, неделите, празниците определени со закон, слободните денови и други случаи на оправдано отсуство од работа.
Член 46
Работникот има право на користење на пропорционален дел од годишниот одмор во вкупен износ по два дена за секој месец работа, ако:
- во календарската година во која склучил работен однос не се стекнал со правото на целосен годишен одмор;
- работниот однос му престанал пред изминувањето на рокот, по истекувањето на кој би добил право на целосен годишен одмор.
Член 47
Работникот кој за првпат заснова работен однос се стекнува со правото на цел годишен одмор кога ќе оствари непрекината работа од најмалку шест месеци, без оглед на тоа дали работникот работи полно работно време или пократко работно време од полното.
Член 48
Годишниот одмор по правило се користи во текот на календарската година.
Годишниот одмор може да се користи и во два дела, со тоа што првиот дел задолжително треба да трае најмалку 12 работни дена непрекинато во текот на календарската година, а вториот дел најдоцна до 30 јуни следната календарска година.
Годишниот одмор што не бил искористен во тековната календарска година заради отсуство на работникот поради боледување или повреда, породилно отсуство или отсуство заради нега и чување на дете, работникот има право да го искористи до 30 јуни следната календарска година.
Член 49
Должината на годишниот одмор на работникот се определува според следните критериуми:
1. должина на пензискиот стаж;
2. степен на сложеност на работите и задачите кои работникот ги извршува и условите под кои се извршуваат;
3. здравствена состојба.
Член 50
По основ на критериумот ,,должина на пензискиот стаж“ согласно член 49 точка 1 на овој колективен договор, работникот се стекнува со право на годишен одмор:
- за пензиски стаж од шест месеци до две
години - 20 работни дена;
- за пензиски стаж од две до осум
години - 21 работни дена;
- за пензиски стаж од осум
до 15 години - 22 работни xxxx;
- за пензиски стаж од 15 до
20 години - 24 работни дена;
- за пензиски стаж над 20 години - 26 работни xxxx.
Член 51
Должината на годишниот одмор според критериумот ,,степен на сложеност на работите и задачите кои работникот ги извршува и условите под кои истите се извршуваат“ согласно член 49 точка 2 од овој колективен договор, се зголемува и тоа:
- за одредени овластени службени лица кои при извршувањето на работите и задачите во полициските станици за гранична контрола се изложени на јонизирачко зрачење
(работа со рентген апарати), како и за овластените службени лица во воздухопловните единици - за шест дена;
- за овластените службени лица и пилотите, со исклучок на работниците опфатени во алинеја 1 на овој став – за четири дена;
- за работниците во печатница – за три дена.
Воздухопловниот персонал има право на надомест на трошоците за кондициско рекреативен одмор во објектите за одмор и рекреација на Министерството или во други објекти, во висина на износот на трошоците во објектите на Министерството, кој во текот на една календарска година трае десет дена, вклучувајќи го и времето поминато на пат до местото за одмор и враќање во местото на живеење.
Надоместокот на трошоците од ставот 2 на овој член ги опфаќа и трошоците за патување до местото за одмор и враќање во местото на живеење, во висина на најниската цена на возниот билет во јавниот сообраќај, доколку не му е обезбеден друг вид превоз.
Член 52
По основ на критериумот ,,здравствена состојба“ согласно член 49 точка 3 од овој колективен договор, годишниот одмор за работник инвалид со најмалку 60% телесно оштетување, повозрасен работник (над 59 години возраст-маж и над 57 години возраст – жена), како и за работник кој негува и чува дете со посебни потреби, се зголемува за три дена.
Член 53
Работникот не може да се откаже од правото на годишен одмор, ниту тоа право може да му се ускрати.
Член 54
На работникот може да му се прекине односно одложи користењето на годишниот одмор во услови и на начин утврдени со Законот за внатрешни работи и Законот за полиција.
Правото на надомест на реалните трошоци кои настанале поради прекинувањето односно одложувањето на годишниот одмор согласно ставот 1 на овој член, работникот го остварува врз основа на писмено барање и документи кои ќе ги приложи како доказ за настанатите трошоци како патни и дневни трошоци за враќање од местото на користење на годишиот одмор, преостанати уплати за престој во хотел, карти за превоз, користен организиран превоз и слично.
Член 55
Распоредот на користење на годишните одмори на работниците во Министерството се утврдува врз основа на план.
Планот на годишните одмори од ставот 1 на овој член го утврдува раководителот на организациската единица, на таков начин кој ќе овозможи непречено извршување на работите на истата, како и за можностите да се задоволат барањата на работниците во организациската единица.
Врз основа на утврден распоред односно план, поединечни решенија за користење на годишен одмор донесува министерот или од него овластен работник.
Решенијата за годишен одмор се донесуваат најдоцна до крајот на месец април во тековната година со состојба на пензискиот стаж во истиот месец.
3. Отсуство од работа
Член 56
Работникот има право на платено отсуство до седум работни дена во текот на календарската година во следните случаи:
- за стапување во брак - пет дена;
- за стапување во брак на деца - три дена;
- за раѓање/посвојување на дете - два дена;
- за смрт на сопружник или дете - пет дена;
- за смрт на родител, брат/сестра - три дена;
- за смрт на родител на сопружник - два дена;
- за смрт на дедо или баба - еден ден;
- за полагање на стручен испит како обврска
во Министерството - три дена;
- за одбрана на магистратура, докторат x
полагање на правосуден испит - три дена;
- за полагање на друг поединечен испит - еден ден;
- за селидба на семејство од едно во друго
место - три дена;
- за селидба на семејство во исто место - два дена;
- за прв училишен ден на прваче - еден ден;
- за елементарни непогоди - седум дена;
- за учество во спортски, културни и други манифестации кога го претставува
Министерството - три дена;
- за други оправдани случаи - еден ден.
Отсуството од работа во смисла на ставот 1 на овој член се користи во деновите на траење на основот.
Отсуството од работа по основите предвидени во ставот 1 на овој член не може да се користи повеќе од седум работни дена во текот на една календарска година.
Член 57
Покрај правото на платено отсуство до седум работни дена утврдени во членот 56 од овој колективен договор, работникот има право на платено отсуство и во случаите на остварување на правото на платено отсуство согласно членот 27 став 2 од овој колективен договор.
Член 58
Работниците доброволни крводарители имаат право на два последователни слободни работни дена за секое давање крв.
Член 59
Работникот има право на отсуство од работа без надомест на плата (неплатено отсуство) најдолго три месеци во една календарска година во следните случаи:
- за потребите предвидени во членот 56 од овој колективен договор, по барање на работникот;
- за нега на болен член на семејство;
- за лекување на своја сметка;
- за патување во странство заради неодложни потреби;
- за изградба, доградба или поправка на куќа односно стан;
- за учество во спортски, културни и други манифестации;
- за други неодложни лични работи и други случаи утврдени со закон.
Покрај случаите од ставот 1 на овој член, работник во Министерството на негово барање, а со согласност на министерот има право на неплатено отсуство во времетраење од најмногу две години, поради стручно усовршување кое не е финансирано од страна на Министерството.
Работникот е должен во рок од 15 дена по завршување на неплатеното отсуство од ставот 2 на овој член, да се врати на работа и да биде распореден на работно место кое одговара на видот на неговата стручна подготовка што ја имал пред да замине на неплатеното отсуство.
Член 60
Работникот поднесува барање за отсуство од работа без надомест на плата до раководителот на организациската единица каде е распореден.
Раководителот на организациската единица дава мислење по поднесеното барање од ставот 1 на овој член.
Член 61
Решение за отсуство од работа согласно членовите 56 и 59 од овој колективен договор донесува министерот или од него овластен работник.
Против решението од ставот 1 на овој член работникот има право на приговор до надлежната второстепена комисија при Владата на Република Македонија.
Член 62
За време на неплатеното отсуство на работникот му мируваат правата и обврските од работниот однос.
4. Користење на објектите за одмор и рекреација
Член 63
Министерството се грижи за одржување на објектите наменети за одмор и рекреација.
Во објектите од ставот 1 на овој член, министерот може да определува соодветен дел што ќе се користи за службени потреби.
Условите и начинот на користење на објектите за одмор и рекреација ги утврдува Комисија за одмор и рекреација во Министерството.
Комисијата од ставот 3 на овој член ја формира министерот и истата е составена од претседател и четири членови од кои претседателот и двајца членови се претставници на Синдикатот.
Член 64
Цената на услугите за користење на објектите за одмор и рекреација и условите на плаќање ги утврдува организациската единица во Министерството надлежна за финансиски, материјално-технички и логистички работи, по предлог на Комисијата за одмор и рекреација од членот 63 од овој колективен договор.
Основ за утврдување на висината на цената на услугите за користење на објектите за одмор и рекреација се реалните материјални трошоци настанати за време на користењето на објектот.
Член 65
Распоредот на смените пред сезоната на годишни одмори го утврдува Комисијата за одмор и рекреација, во зависност од бројот на поднесени барања.
Смените утврдени за користење на објектите за одмор и рекреација не можат да бидат пократки од седум дена.
Член 66
За користење на објектите за одмор во месеците јули и август, Комисијата за одмор и рекреација објавува соопштение во почетокот на јуни, со рок за поднесување на барање.
Конечниот распоред за користење на објектите за одмор и рекреација по смени се објавува најдоцна пет дена пред почетокот на сезоната за одмор.
5. Безбедност и здравје на работниците при работа
5.1. Обврски на Министерството
Член 67
Министерството има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа на работниците, од секој аспект поврзан со работата.
Министерството во рамките на своите надлежности задолжително презема мерки неопходни за безбедност и здравје при работа на работниците, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука, практикување соодветна организација на работа, пропишување на потребните средства и обезбедување нивна достапност за работниците, уредување на начинот, видовите, мерките и нормативите за безбедност и здравје при работа.
Член 68
Министерството има обврска да воведе такви заштитни мерки и да избере такви работни методи кои ќе го подобрат нивото на безбедноста и здравјето на работниците при работа.
Мерките за безбедност и здравје при работа, опремата и облеката за заштита на работниците и начинот на нејзина употреба се уредува со интерен акт донесен од страна на министерот во согласност со Синдикатот.
Член 69
Министерството е должно при планирањето и набавката на опрема и средства за работа да се консултира и соработува со Синдикатот, особено во однос на можните последици и опасности кои произлегуваат од изборот на опремата и средствата за работа.
Член 70
Министерството има обврска да обезбеди мерки за безбедност и здравје при работа, особено преку:
- назначување стручни лица за безбедност и здравје при работа;
- обука на работниците за безбедно извршување на работата;
- обезбедување опрема за лична заштита и нејзина употреба;
- редовно следење на здравствената состојба на работниците;
- задолжително упатување на лекарски преглед пред здравствената комисија на Министерството односно Комисијата за оцена на работната способност во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија на работници кои поради привремена неспособност за работа подолго од 60 дена непрекинато или подолго од 120 дена со прекин, отсуствувале од работа;
- задолжителни годишни здравствени прегледи;
- други мерки утврдени со закон.
Во случаите на задолжително упатување на лекарски преглед согласно ставот 1 алинеја 5 на овој член, Министерството им исплатува на работниците надомест за патни трошоци во реален износ на трошоците во висина на најниската цена на возниот билет во јавниот сообраќај, доколку не е организиран друг вид на превоз од Министерството. Доколку во овие случаи не можат да се користат средства од јавниот сообраќај или друг вид на превоз, на работникот му се признава надомест на трошоците за користење на сопствен автомобил за службени потреби до 30% од цената на литар гориво за соодветното возило, по поминат километар со патен налог.
Министерството има обврска да обезбеди и психолошко советување во секој случај кога работниците во извршувањето на своите работни обврски употребиле или врз нив било употребено огнено оружје.
5.2. Претставник на работниците за безбедност и здравје при работа
Член 71
Претставник на работниците за безбедност и здравје при работа е синдикалниот претставник избран на синдикален состанок на Синдикатот.
Претставникот од ставот 1 на овој член има право:
- да ги согледува состојбите во врска со безбедноста при работа;
- да разговара со претставници на Министерството за потребите и проблемите на безбедноста и здравјето при работа;
- да ја извести инспекцијата на трудот за определени неправилности, да присуствува, да ги даде своите идеи и да има увид во записникот составен од инспекторот;
- да побара од Министерството информации за процените за безбедноста и здравјето;
- на посебна обука за безбедност и здравје и
- на непречено вршење на неговата функција како претставник на работниците за безбедност и здравје при работа.
5.3. Права и обврски на работниците
Член 72
Работниците во Министерството имаат право на соодветна обука за безбедност и здравје при работа.
Член 73
Право и обврска на секој работник во Министерството е да се грижи за сопствената и безбедноста и здравјето на другите работници, како и да биде запознаен и обучен во врска со примената на мерките за безбедност и здравје при работа.
Член 74
Во спроведувањето на мерките за безбедност и здравје при работа Синдикатот има право и обврска да учествува и даде мислење во:
- планирање и унапредување на условите за работа и воведување нова технологија на работниот процес;
- да биде информиран за сите промени од влијание за безбедноста и здравјето на работниците;
- да се грижи за примената на прописите и спроведување на мерките и актот за безбедност и здравје на работниците при работа;
- да го информира и бара интервенција на надлежниот орган за инспекција на трудот кога ќе оцени дека се загрозени животот и здравјето на работникот, ако Министерството пропушта или одбива да го направи тоа;
- да поднесе приговор на наодот на инспекцискиот орган;
- други случаи на недоследна примена на позитивните законски прописи во областа на безбедноста и здравјето на работниците при работа и одредбите на овој колективен договор.
Член 75
Синдикатот покренува постапка пред надлежните органи доколку Министерството не ги преземе пропишаните мерки и средства за безбедност и здравје на работниците при работа.
5.4. Забрана за дискриминација, вознемирување и полово вознемирување и психичко вознемирување (мобинг)
Член 76
Се забранува секаков вид дискриминација и ставање во нееднаква положба на работниците во Министерството заради расата, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба односно инвалидност, религиозното, политичкото или друго убедување, членување во синдикатите, националното и социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба или заради други лични околности.
Член 77
Забрането е секаков вид вознемирување или полово вознемирување како несакано однесување, вербално или невербално физичко однесување, кое има за цел или претставува повреда на достоинството на работникот и предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување.
Член 78
Забрането е сакаков вид психичко вознемирување на работното место (мобинг) како негативно однесување од поединец или група кое често се повторува, а претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на работниците и предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување, чија крајна цел може да биде престанок на работниот однос или напуштање на работното место.
5.5. Посебна заштита на одредени категории работници
Член 79
На работник-инвалид на трудот односно работник неспособен за вршење на работите и задачите на работното место каде што работи, му се обезбедува посебна заштита согласно закон и одредбите на овој колективен договор.
Член 80
Воздухопловниот персонал за вршење воздухопловно-техничка служба, има право на дополнителна – зајакната исхрана.
Член 81
На работниците во Единицата за специјални задачи, Единицата за брзо распоредување и на летачкиот персонал, Министерството им организира бесплатна исхрана.
III. ОСИГУРУВАЊЕ НА РАБОТНИЦИТЕ
Член 82
Министерството е должно да ги осигура работниците во Министерството за случај на смрт, телесно оштетување или губење на работната способност настанати како резултат на несреќа при работа.
Член 83
Во случај на професионално психофизичко нарушување на здравјето на работниците утврдено од соодветна здравствена комисија, Министерството е должно да ги покрие сите трошоци настанати во врска со неговото лекување.
Под сите трошоци во смисла на став 1 на овој член се подразбираат трошоците за лично учество при користење на здравствени услуги во примарна, специјалистичко- консултативна и болничка здравствена заштита и надомест на патните тршоци ако работникот е упатен да користи здравствени услуги надвор од местото на живеење.
Надоместокот на трошоците за лично учество при користење на здравствени услуги го исплатува Министерството, во висина на платеното учество од страна на работникот.
Надоместокот на патните трошоци го исплатува Министерството, во висина на трошоците за превоз во јавниот сообраќај.
IV. ПЛАТА, НАДОМЕСТОЦИ НА ПЛАТА И ДРУГИ ПРИМАЊА
1. Плата
Член 84
Работникот има право на плата и надоместок на плата согласно закон, одредбите од овој колективен договор и договорот за вработување.
Платата на работникот му се обезбедува од средствата на Министерството сразмерно на извршената работа, во согласност со условите утврдени со закон и одредбите од овој колективен договор.
Член 85
Министерството е должно на работникот да му исплатува плата и надоместок на плата и на работникот му дава потврда за тоа.
Платата се пресметува и исплатува во паричен износ најмалку еднаш месечно.
Придонесите и даноците на платата на работникот ги плаќа Министерството со исплата на платата.
Поединечниот износ на утврдената плата на работникот и неговата исплата, немаат јавен карактер.
1.1. Составни делови на плата
Член 86
Платата на овластено службено лице во Министерството се состои од:
- основна компоненета и
- исклучителна компонента.
Основната компонента на платата ја сочинуваат:
- основна плата;
- зголемување за 20% односно за 30% за овластени службени лица и
- додаток за кариера.
Исклучителна компонента на платата ја сочинуваат:
- додаток за работна успешност;
- работен додаток на плата x
- вонреден работен додаток на плата (прекувремена работа).
1.1.1. Основна компонента на плата
1.1.1.1 Основна плата
Член 87
Со основната плата се вреднува образованието и сложеноста на работите на работното место утврдено со актот за систематизација на работните места на кое овластеното службено лице е распоредено, како и неговото работно искуство.
Образованието и сложеноста од ставот 1 на овој член се вреднуваат согласно одредбите од овој колективен договор, во зависност од видот и природата на работите што се вршат на работнтото место.
Работното искуство се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со кој се вреднува образованието и сложеноста за работното место, за секоја започната година пензиски стаж, а најмногу до 20%.
Член 88
Образованието и сложеноста на работите на работното место се вреднуваат со бодови.
Бодовите од ставот 1 на овој член, како и групирањето на одделни работни места согласно образованието и сложеноста на работите, се утврдува со Листа на плата.
Листата на плата од ставот 2 на овој член ја донесува министерот, со претходно мислење на Синдикатот.
Листата на плата претставува класифицирана информација со степен на класификација
,,строго доверливо“.
Вредноста на бодот се утврдува со решение на министерот, со претходно мислење на Синдикатот.
Вредноста на бодот од ставот 1 на овој член се корегира односно усогласува доколку според податоците на Државниот завод за статистика месечниот пораст на трошоците за живот изнесува над 5% во последните три месеци, доколку се обезбедени средства во Буџетот на Република Македонија.
1.1.1.2. Зголемување на износот на средствата наменети за плата за 20% и за 30%
Член 89
Поради видот, природата и сложеноста на работите што се извршуваат, како и поради тежината на работите и посебните услови под кои тие се извршуваат, на овластените службени лица во Министерството се врши вреднување на работата со зголемување на износот на средствата наменети за плата и тоа:
- на овластените службени лица кои вршат стручни или граѓански работи и на овластените службени лица за безбедност и контраразузнавање, кои согласно со актот за систематизација на работните места во Управата немаат полициски овластувања се врши зголемување за 20% на основната плата и
- на полициските службеници согласно Законот за полиција и на овластените службени лица за безбедност и контраразузнавање кои согласно со актот за систематизација на работните места во Управата имаат полициски овластувања, се врши зголемување за 30% на основната плата.
1.1.1.3. Додаток за кариера
Член 90
Со додатокот за кариера се врши вреднување на професионалноста на овластеното службено лице во Министерството со што се обебедува стимулација на успешност и стручно извршување на работите, професионален развој на работното место и постојаност во работата.
Стекнувањето на додатокот за кариера зависи од овластеното службено лице – поединец кој треба да ги исполни условите утврдени со овој закон за унапредување во платен ранг.
Вреднувањето од ставот 1 на овој член се врши во процентуален износ во висина од 5% што се смета на основната плата, доколку овластеното службено лице на работното место на кое работи е унапредено во платен ранг утврден со закон и одредбите од овој колективен договор.
Утврдениот износ од ставот 3 на овој член претставува составен дел на основната плата и на тој износ се врши наредното вреднување на додатокот на кариера, кога лицето е унапредено во нов повисок платен ранг.
1.1.2. Исклучителна компонента
1.1.2.1. Додаток за работна успешност
Член 91
Додатокот за работна успешност на овластеното службено лице се определува сразмерно на извршените работи на работното место на кое работи, односно доверените работи и неговиот придонес во вкупното работење на организациската единица во која работи и Министерството во целина.
Член 92
Утврдувањето на додатокот за работна успешност се врши врз основа на конкретно извршените работи од страна на секој работник и на организациската единица каде работи, во целина.
Член 93
Доколку се утврди дека работникот ги извршил доверените работи односно неговиот придонес во вкупното работење на организациската единица и Министерството е со особен успех и квалитет, може да се предложи утврдување на додаток за работна успешност.
Додатокот за работна успешност ќе се утврди особено во следните случаи:
- особено ангажирање во извршувањето на работите и задачите од работното место или други определни работи и извршување на истите со особен квалитет;
- покажана иницијативност во работата преку давање корисни предлози и решенија што придонесуваат за поголема ефикасност и остварување на поголеми резултати во работата;
- извршување на посеопфатни работи и задачи во однос на работите и задачите кои обично се извршуваат;
- покажана особена стручност и професионалност во примена на законски и други прописи;
- значителен придонес во спречување на сторување кривични дела и други недозволени дејствија;
- извршување на работи и задачи во случаи кога е потребно одлучување на поединец со што се придонесува за зголемување на угледот на Министерството;
- успешно извршување на работи и задачи од отсутен работник во текот на подолг временски период x
- учество во изведување на поединечини или групни, локални или републички акции и постигнување на особен успех во истите.
Член 94
Додатокот за работна успешност се определува во процентуален износ во висина до
15% од основната компонента на платата на работникот.
Член 95
Предлог за утврдување на додаток за работна успешност поднесува раководителот на организациската единица каде работи работникот за кого се предлага додаток за работна успешност.
Предлогот од ставот 1 на овој член се поднесува до организациската единица надлежна за управување со човечки ресурси за потребите на Министерството, во Бирото и Управата согласно организациската поставеност на организациската единица во која работи работникот од ставот 1 на овој член.
Организациската единица надлежна за управување со човечки ресурси од ставот 2 на овој член, го разгледува предлогот за утврдување додаток за работна успешност и дава мислење за неговата усогласеност со критериумите предвидени во членовите 91, 92 и 93 од овој колективен договор.
Доколку се утврди дека предлогот се заснова на пропишаните критериуми, се доставува на согласност до министерот, директорот на Бирото односно Управата, во зависност од организациската припадност на организациската единица во која работи работникот за кого е доставен предлогот.
Ако постои согласност во смисла на ставот 4 на овој член, решение за утврдување додаток за работна успешност донесува министерот или од него овластен раководен работник.
1.1.2.2. Работен додаток на плата
Член 96
Работен додаток на плата се исплаќа за ноќна работа, работа во недела, работа за време на празници утврдени со закон, работа во смени, како и заради посебни услови за работа и опасност по живот, односно постоење на висок ризик во извршувањето на работите и задачите на овластените службени лица во организациските единици утврдени во членот 99 од овој колективен договор.
Работниот додаток на плата за ноќна работа, работа во недела, работа за време на празници утврдени со закон и работа во смени, се пресметува и исплаќа на основната компонента на платата на работникот.
Работниот додаток на плата за посебни услови за работа и опасност по живот, односно постоење на висок ризик во извршувањето на работите и задачите на овластените службени лица во организациските единици утврдени во членот 99 од овој колективен договор, се пресметува и додава на основната компонента на платата на работникот.
Член 97
Работен додаток на плата се исплаќа на работникот по час и тоа:
- за работа ноќно време и работа во недела 40%;
- за работа во денови на празник и неработни
денови утврдени со закон 50%;
- за работа во смени 5%.
За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест на плата што му припаѓа во тие денови кога не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50%.
Додатоците на плата од ставовите 1 и 2 на овој член меѓусебно не се исклучуваат.
Член 98
За извршените работи и поминато време на работа согласно членот 97 од овој колективен договор, раководителот на организациската единица води соодветна евиденција.
Контрола на евиденцијата од ставот 1 на овој член врши непосредно повисокиот раководен работник и лица непосредно задолжени од министерот, директорот на Бирото односно Управата, согласно организациската поставеност на организациската единица.
Член 99
Заради посебните услови за работа и опасноста по живот односно постоење на висок ризик во извршувањето на работите и задачите на овластените службени лица, се утврдува додаток на плата за одделни работни места во следните организациски единици:
1. Хеликоптерска единица:
- началник на Хеликоптерска единица 62%;
- пилот 48%;
- авиоинженер 35%;
- авиомеханичар 16%;
2. Единица за специјални задачи 45%;
3. Единица за брзо распоредување 45%;
4. Посебна единица на полиција 20%;
- припадници на Посебната единица на полиција
кои извршуваат работа од областа на логистика 10%
1.1.2.3. Вонреден работен додаток на плата
Член 100
Xxxxxxxx работен додаток на плата се исплаќа за работа подолга од полното работно време – прекувремена работа.
Член 101
Вонредниот работен додаток на плата се исплаќа на основната компонента на платата на работникот.
Вонредниот работен додаток на плата се исплаќа по час во висина од 40%.
Член 102
Наместо зголемување на платата согласно членот 101 на овој колективен договор, со согласност на работникот може да се определи истиот да користи слободни денови.
1.2. Евидентирање на работниот додаток и вонредниот работен додаток на плата
(прекувремена работа)
Член 103
Начинот на евидентирање на реализираните часови прекувремена работа, ноќна работа, работа во недела, работа за време на празници утврдени со закон, работа во смени, како и начинот на пополнување на месечните списоци за евиденција на работните часови во Министерството се врши согласно посебен интерен акт донесен од министерот.
1.3. Плата за одредени категории работници
1.3.1. Плата за работници со намалена способност
Член 104
Работник со намалена работна способност (инвалид) што настанала со работа во Министерството, а кој е распореден на друго работно место по тој основ, не може да има плата пониска од платата што ја имал пред распоредувањето.
1.3.2. Плата на приправник
Член 105
Платата на приправник се утврдува во висина од 80% од износот на најниската основна плата што се исплаќа во Министерството за соодветниот вид на образование.
1.3.3. Плата за време на обука на работник кој нема статус на приправник
Член 106
За време на обуката на работник на Министерството кој нема статус на приправник му се исплаќа плата во висина од 80% од основната компонента на платата утврдена за работното место за кое е склучен договорот за вработување.
1.3.4. Плата за време на обука на работник за самостојно вршење на работите на работното место на кое е распореден
Член 107
За време на обуката заради оспособување на работник за самостојно вршење на работите на работното место на кое е распореден, на работникот му се исплаќа 80% од основната компонента на платата утврдена за работното место на кое се распоредува или основната компонента на платата утврдена за работното место од кое работникот се распоредува, доколку истата е поповолна за него.
2. Надоместоци на плата
Член 108
На работникот му припаѓаат надоместоци на плата за:
- годишен одмор;
- празници утврдени со закон или друг пропис;
- отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство;
- нега на дете;
- обука;
- јавување на покани на други органи до кое е дојдено без вина на работникот и
- во други случаи утврдени со закон и одредбите од овој колективен договор.
Член 109
За време на привремена неспособност за работа до седум дена, работникот има право на надомест на плата во висина од 70%, до 15 дена почнувајќи од првиот ден на боледувањето – надомест на плата во висина од 80% и до 21 ден за сите денови - надомест на плата во висина од 90%.
За професионални заболувања и повреди на работа и за други случаи утврдени со закон, надоместокот на плата се утврдува во висина од 100%.
На работниците кои имаат статус на овластени службени лица само во случаите за време на лична непособност за работа (болест) или повреда на работа им се исплатува надомест на плата во висина на основната компонента на платата на работникот зголемена за делот од исклучителната компонента кој се утврдува заради посебните услови за работа и опасноста по живот односно постоење на висок ризик во извршувањето на работите и задачите утврден во членот 99 од овој колективен договор.
Основ за пресметување на надоместоците од ставовите 1 и 2 на овој член е основната компонента на платата на работникот зголемена за делот од исклучителната компонента утврдена во ставот 3 на овој член, исплатена во претходниот месец пред почетокот на отсуството.
Член 110
Во случаите од членот 108 од овој колективен договор, на работникот му припаѓа надомест на плата во висина на основната компонента на платата на работникот зголемена за делот од исклучителната компонента кој се утврдува заради посебните услови за работа и опасноста по живот односно постоење на висок ризик во извршувањето на работите и задачите утврден во членот 99 од овој колективен договор.
Член 111
На работникот кој со посебни ангажирања и квалитет во извршувањето на работите и задачите позначително ќе придонесе во остварувањето на функцијата на Министерството може да му се додели награда во висина до една негова нето плата (основна компонента) односно друг вид на награда согласно посебен акт за доделување награди, благодарници и признанија, донесен од министерот.
Предлог за доделување на наградата од ставот 1 на овој член, поднесува раководителот на организациската единица во која работи односно е ангажиран работникот за кого се предлага доделување на награда.
Решение за доделување на награда согласно ставот 1 на овој член донесува министерот или од него овластен раководен работник.
Член 112
За извршување на работите и задачите на припадниците на резервниот состав им припаѓаат следните надоместоци:
- надоместок за извршување на работите и задачите;
- трошоци за сместување;
- еднократна парична помош во случај на смрт, повреда или оштетување на организмот;
- погребни и други трошоци и
- други надоместоци.
Под други надоместоци во смисла на став 1 алинеја 5 на овој член се подразбира:
- надоместок за еднодневен ангажман на припадниците на резервниот состав;
- надоместок за додаток на плата за ноќна работа, работа во недела, работа за време на празници утврдени со закон, работа во смени, како и вонреден работен додаток (прекувремена работа).
Надоместокот од ставот 2 алинеја 1 на овој член се исплатува во случаите на ангажирање на припадниците на резервниот состав за период не подолг од три дена.
Член 113
Припадниците на резервниот состав кои се во работен однос или вршат самостојна дејност, примаат паричен надоместок по основ на невработеност или примаат пензија, имаат право на паричен надоместок во висина на плата или надоместок исплатен за последниот месец пред повикувањето или ангажирањето, односно во висина на пензијата.
Припадниците на резервниот состав кои не се во работен однос, имаат право на паричен надоместок во висина на нето плата (основна компонента) на работник на Министерството на работно место полицаец, за полно работно време и просечен ефект.
Припадниците на резервниот состав од ставот 1 на овој член имаат право и на разлика од надоместокот до висината на нето платата (основна компонента) на работник на Министерството на работното место полицаец, доколку надоместокот е понизок од платата.
Припадниците на резервниот состав од ставовите 1 и 2 на овој член, имаат право и на надоместок за додаток на плата за ноќна работа, работа во недела, работа за време на празници утврдени со закон, работа во смени, како и вонреден работен додаток (прекувремена работа).
Надоместокот за еднодневен ангажман од членот 112 став 2 алинеја 1 од овој колективен договор, се утврдува во висина на 4% од просечната месечна нето плата исплатена во Република Македонија во претходните три месеци.
Член 114
Член на екипаж на воздухоплов на Министерството кој се стекнува со звање ,,пробен тест-пилот“, ,,техничар/инженер за летање на сериски возхухоплов“, за секој извршен пробен лет впишан во регистарот на Министерството, има право на паричен надоместок во висина на 12% од просечната месечна нето плата исплатена во Република Македонија во претходните три месеци.
3. Други примања
Член 115
Работникот има право на надоместок за годишен одмор (регрес) во висина на една просечна месечна нето плата исплатена во Република Македонија во претходните три месеци, доколку се обезбедени средства во Буџетот на Република Македонија.
Член 116
Работникот има право на надоместок за службено патување во Републиката, согласно закон за извршување на Буџетот на Република Македонија.
Под службено патување во Републиката се подразбира патување на кое работникот се упатува по налог на министерот или од него овластен работник со задача да изврши определени службени работи надвор од седиштето на организациската единица во која работникот работи.
Во налогот за службено патување од ставот 2 на овој член се наведува личното име на работникот, својството на работникот во извршувањето на работите и задачите, траењето и целта на патувањето, превозното средство што ќе го користи, како и другите потребни податоци.
Член 117
За службено патување во Републиката, на работникот му припаѓа надоместок на трошоците согласно закон за извршување на Буџетот на Република Македонија, кој опфаќа:
- надоместок за исхрана и ноќевање;
- надоместок за патни трошоци на работникот од работното место до местото во кое се упатува за извршување на службената работа и
- надоместок на други трошоци што ќе ги направи работникот во врска со вршењето на службеното патување.
Член 118
Надоместокот за дневницата за службено патување согласно закон за извршување на Буџетот на Република Македонија, се пресметува од часот на тргнување на работникот на службеното патување до часот на враќањето со превозно средство и тоа:
1. цела дневница, за секои 24 часа поминати на службено патување, како и за времето поминато на службен пат повеќе од 12 часа;
2. половина дневница, за времето поминато на службеното патување од осум часа до 12
часа.
Доколку работникот во ист ден, дел од работното време го помине на работното место, а еден дел е на службен пат, но помалку од осум часа, часовите поминати на службен пат над полното работно време му се сметаат за прекувремена работа.
Доколку работникот е на службен пат надвор од редовно планираното работно време во текот на неделата, во деновите сабота, недела и празник утврден со закон, но помалку од осум часа, часовите поминати на службен пат му се сметаат за прекувремена работа.
Член 119
Надоместокот за дневница за службено патување во Републиката без трошоци за ноќевање се утврдува во висина определена со закон за извршување на Буџетот на Република Македонија,.
Доколку на работникот за време на службеното патување во Републиката му е обезбедено сместување и исхрана, на работникот му припаѓа 20% од дневницата утврдена во ставот 1 на овој член.
Трошоците за ноќевање за време на службеното патување се признаваат во полн износ, според приложената сметка, освен за хотелите ,,de lux“категорија.
Член 120
На припадниците на Единицата за брзо распоредување и Единицата за специјални задачи, согласно закон за извршување на Буџетот на Република Македонија, им припаѓа надоместок за дневница за службено патување во Републиката кога припадниците на овие единици се акциски ангажирани надвор од подрачјето на град Скопје.
Доколку службеното патување на припадниците на единиците од ставот 1 на овој член траело повеќе од 12 часа се исплатува цела дневница, во износ утврден согласно закон, а ако службеното патување траело од осум до 12 часа се исплатува 50% од утврдениот износ на дневницата за службено патување.
За време на обуката и вежбовните активности на припадниците на Единицата за брзо распоредување и Единицата за специјални задачи, кога се обезбедени ноќевање и исхрана, се исплатува 20% од утврдениот износ на дневницата за службено патување.
За времето додека се во формацијата на Посебната единица на полицијата, согласно закон за извршување на Буџетот на Република Македонија, припадниците на оваа единица имаат право на надомест на дневница за службено патување во Републиката кога се акциски ангажирани како припадници на Посебната единица на полицијата надвор од матичниот сектор за внатрешни работи. Доколку службеното патување траело повеќе од 12 часа се исплатува цела дневница, во износ утврден согласно закон, а ако службеното патување траело од осум до 12 часа се исплатува 50% од утврдениот износ на дневницата за службено патување.
За време на обуката и вежбовните активности на припадниците на посебната единица на Полицијата надвор од подрачјето на матичниот сектор за внатрешни работи, кога се обезбедени ноќевање и исхрана, се исплатува 20% од утврдениот износ на дневницата за службено патување.
Член 121
Надоместокот за патни трошоци согласно членот 117 алинеја 2 од овој колективен договор, ги опфаќа трошоците за превоз со превозните средства во јавниот сообраќај.
Ако работникот се упатува на службено патување на кое поради итноста на извршувањето на работата не можат да се користат средства од јавниот сообраќај или службено возило, на работникот му се признава надоместок на трошоците за користење на сопствен автомобил за службени потреби до 30% од цената на литар гориво за соодветното возило, по поминат километар со патен налог.
Член 122
Работник кој посетува семинар, советување или курс надвор од местото на живеење има право на сместување и исхрана и надомест на патни трошоци за едно доаѓање и враќање.
Ако семинарот, советувањето односно курсот трае повеќе од еден месец, работникот има право на надомест на патни трошоци еднаш месечно.
Доколку на работникот за време на семинарот, советувањето или курсот во Република Македонија му е обезбедена исхрана, му припаѓа 20% од износот на дневницата утврдена во членот 119 од овој колективен договор.
Член 123
По извршеното службено патување работникот е должен во рок од три работни дена да поднесе сметка за патните трошоци.
Кон сметката за патните трошоци се приложува налог за службено патување, картата за превозното средство што е користено при службеното патување, сметката за ноќевање и сметки за други трошоци што ги направил работникот во врска со вршењето на службеното патување.
Член 124
Надоместокот на трошоците за службено патување во странство се утврдува во висина на дневницата за службеното патување пропишана за работниците во органите на државната управа.
Надоместокот за дневницата за службено патување во Републиката и странство со додатоците на плата утврдени во членовите 97 и 100 од овој колективен договор меѓусебно се исклучуват.
Член 125
Службеното патување во Републиката може да трае до 15 дена непрекинато.
Ако службеното патување од ставот 1 на овој член трае подолго од 15 дена непрекинато, се смета како работа на терен.
Член 126
Работникот има право на надоместок за работа на терен во висина од 30% од просечната месечна нето плата исплатена во Република Македонија во претходните три месеци.
Член 127
Надоместоците за дневниците за службено патување и теренскиот додаток меѓусебно се исклучуваат.
Член 128
На работникот му припаѓа надоместок за одвоен живот од семејството утврден согласно посебен закон.
Надоместокот за одвоен живот и надоместокот за теренскиот додаток меѓусебно се исклучуваат.
Член 129
На работникот му припаѓа отпремнина при заминување во пензија во висина утврдена согласно закон.
Член 130
За непрекината работа во ефективно траење од 20 години во Министерството на работникот му се доделува јубилејна награда во висина на месечна просечна нето плата исплатена во Република Македонија во претходните три месеци, доколку се обезбедени средства во Буџетот на Република Македонија.
Член 131
На работникот му се исплатува помош по основ на солидарност, во висина утврдена со закон:
- во случај на боледување на работникот подолго од шест месеци;
- во случај на потешки последици од елементарни непогоди согласно законот со кој се уредува заштитата и спасувањето;
- помош на семејството во случај на смрт на работникот;
- помош на работникот во случај на смрт на член на потесното семејство (родител, брачен другар, деца родени во брак или вон брак, пxxxxxxx, посвоени деца и деца земени на издржување) доколку живеел во заедница. Живеењето во заедница подразбира вработениот и членот на потесното семејство да се со место на живеење на иста адреса што се докажува со соодветен документ за идентификација (лична карта односно пасош).
За доделување на помош од ставот 1 на овој член решение донесува министерот, односно од него овластен работник.
Помошта по основ на солидарност се остварува по поднесено писмено барање од страна на работникот, а во случаите од ставот 1 алинеја 3 на овој член, врз основа на барање поднесено од член на потесното семејство на работникот.
Член 132
Работник во Министерството кој при вршењето или во врска со вршењето на работите ќе го загуби животот, ќе се погребе на трошок на Министерството во местото кое ќе го определат членовите на неговото потесно семејство.
Погребните трошоци од ставот 1 на овој член се исплаќаат во висина од 15 просечни месечни нето плати исплатени во Република Македонија во последните три месеци.
На потесното семејство на работникот од ставот 1 на овој член му припаѓа еднократен паричен надоместок во висина на вкупниот износ од остварените нето плати (основна компонента) во последните 24 месеци или вработување на член од потесното семејство на работникот во Министерството.
За членови на потесното семејство во смисла на овој член се сметаат брачниот другар, децата и родителите на работникот од ставот 1 на овој член.
V. ОБУКА НА РАБОТНИЦИТЕ
1. Случаи кога се спроведува обука
Член 133
Во Министерството се врши обука на работниците во следните случаи:
1. кога определено лице за првпат заснова работен однос (обука на приправник);
2. кога определено лице врз основа на спроведена постапка за селекција е избрано за кандидат за полицаец (основна обука за полицаец);
3. заради оспособување на работник за самостојно вршење на работите на определено работно место и
4. заради континуирана обука на работник.
Обуката од ставот 1 на овој член се спроведува за сите работници во Министерството независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување и имотната и општествената положба.
2. Субјекти надлежни за спроведување на обука
Член 134
Обуката во Министерството се спроведува на следните начини:
- со ментор;
- во Центарот за обука на Министерството или
- со ангажирање на други лица и субјекти.
Член 135
Начинот на спроведување на обуката, како и начинот на планирање, подготвување, управување, координирање, следење и евалуација на активностите во врска со обуката на работниците во Министерството се врши согласно одредбите на Законот за внатрешни работи, Правилникот за обука во Министерството и одредбите од овој колективен договор.
Член 136
Работниците од членот 133 став 1 точка 1 од овој колективен договор по истекот на обуката полагаат приправнички испит.
Приправничкиот испит се полага на начин утврден во членовите од 14 до 21 од овој колективен договор.
Член 137
Работниците од членот 133 став 1 точка 3 од овој колективен договор полагаат посебен испит.
Испитот од ставот 1 на овој член се состои од теоретски и практичен дел, а се полага пред комисија формирана од министерот.
Комисијата од ставот 2 на овој член се формира по потреба и истата е составена од претседател, два члена и нивни заменици. Во работата на комисијата учествува секретар- записничар и менторот кој ја спровел обуката на работникот, кои немаат право на глас.
Претседател на комисијата од ставот 3 на овој член е раководителот на организациската единица во која работи работникот, а членовите се претставници од организациските единици од соодветната област.
За претседател, член односно заменик во комисијата може да биде определен работник со VII/1 степен на образование или 240 ЕКТС.
Член 138
Испитот од членот 137 од овој колективен договор се полага согласно посебна програма изготвена од организациската единица во која работи работникот кој се обучува. Во програмата од ставот 1 на овој член се содржи план со наставни единици во кои се разработени сите прашања зависно од проблематиката на работа на организациската единица, согласно надлежноста на организациската единица во која се обучува
работникот.
Ако организациската единица во која работникот работи е составена од повеќе организациски единици (одделенија во рамки на сектор) надлежни за различни области, во секоја организациска единица се изготвува посебна програма според областа за која е надлежна конкретната организациска единица.
Член 139
За полагање на испитот од членот 137 од овој колективен договор работникот кој се обучува поднесува писмено барање до организациската единица надлежна за управување со човечки ресурси во Министерството, Бирото односно Управата, согласно организациската поставеност на организациската единица во која работи работникот што се обучува.
Член 140
Комисијата од членот 137 од овој колективен договор, се состанува по поднесени барања за полагање испит за самостојно вршење на работите на одредено работно место.
Претседателот на комисијата го определува денот и часот за полагање на посебниот испит и за тоа се известува работникот преку соодветната организациска единица најдоцна седум дена пред полагањето на посебниот испит.
За полагањето на испитот се води записник кој го потпишуваат претседателот и членовите на комисијата.
Резултатот од испитот се оценуваат со ,,го положил испитот“ или ,,не го положил испитот“.
Оценка за резултатот од испитот се донесува со мнозинство на гласови од претседателот и членовите на комисијата.
Член 141
На работникот кој го положил испитот од членот 137 од овој колективен договор му се издава уверение за оспособеност за самостојно вршење на работите на конкретното работно место за кое работникот го полагал испитот.
Уверението од ставот 1 на овој член го потпишува претседателот на испитната комисија.
Член 142
Работникот кој нема да положи дел или целиот испит од членот 136 од овој колективен договор има право на повторно полагање по истекот на 30 дена од првото полагање на испитит.
Работникот кој по истекот на обуката за оспособување за самостојно вршење на работите на одредено работно место нема да го положи испитот од членот 137 од овој колективен договор по втор пат или без оправдани причини не се јавил на полагање, се распоредува на друго работно место согласно закон, подзаконски пропис и одредбите на овој колективен договор, со основна плата во висина на основната плата од работното место од кое бил распореден на работното место за кое не го положил испитот од членот 137 од овој колективен договор.
VI. УНАПРЕДУВАЊЕ НА ОВЛАСТЕНИТЕ СЛУЖБЕНИ ЛИЦА
Член 143
Овластените службени лица во Министерството можат да бидат унапредени согласно одредбите од Законот за внатрешни работи и Правилникот за начинот и постапката за остварување на системот на кариера на овластените службени лица во Министерството и одредбите од овој колективен договор.
Член 144
Во процесот на унапредување на друго работно место не смее да се врши прескокнување на степенот на работно место во хиерархијата на работни места утврдени во актот за систематизација на работните места во Министерството.
Член 145
Одлука за распоредување и унапредување на овластените службени лица комисиите за распоредување и унапредување од членот 33 од овој колективен договор.
VII. ОЦЕНУВАЊЕ НА ОВЛАСТЕНИТЕ СЛУЖБЕНИ ЛИЦА
1. Оценување на овластените службени лица
Член 146
Работата на овластените службени лица, освен работата на министерот, заменикот на министерот, државниот секретар и директорите на Бxxxxx x Управата, се оценува најдоцна до крајот на првото тримесечје во тековната година за претходната календарска година.
Овластеното службено лице кое отсуствувало од работа подолго од шест месеци во текот на една календарска година (боледување, неплатено отсуство и слично), како и работникот на Министерството кој за првпат засновал работен однос до Министерството во годината за која се врши оценувањето и работел пократко од шест месеци, нема да биде оценувано.
Ако овластеното службено лице по потреба на Министерството е упатено на обука и од тие причини отсуствува од работа подолго од шест месеци во текот на една календарска година, се оценува само за периодот во кој бил на работа во текот на календарската година.
2. Критериуми за оценување на овластеното службено лице
Член 147
Оценување на овластено службено лице се врши врз основа на подготвен профил на работно место, како и критериумите што се однесуваат на резултатите од неговата работа, како и личните квалитети што тој ги покажал во текот на работењето, и тоа:
- стручност;
- обем на работа (колку работа завршил);
- навременост (кога ги завршил работите);
- самостојност;
- креативност;
- прецизност;
- доверливост;
- соработка;
- организирање на работата;
- интердисциплинарност;
- однос кон странките;
- комуникација и
- други способности поврзани со работата.
3. Видови на оцени
Член 148
Оценување на овластено службено лице се врши со следниве оцени:
- се истакнува;
- задоволува;
- делумно задоволува и
- не задоволува.
4. Субјект надлежен за оценување на овластено службено лице
Член 149
Оценувањето на овластено службено лице го врши неговиот непосреден раководен работник.
По исклучок од ставот 1 на овој член, доколку во организациската единица во која овластеното службено лице работи, нема раководен работник, оценувањето го врши непосредно повисокиот раководен работник.
Доколку овластеното службено лице во текот на календарската година биде распореден на друго работно место, оценувањето го врши новиот раководен работник, врз основа на писмен извештај што претходниот раководен работник задолжително го изготвува.
Доколку раководниот работник во текот на календарската година биде распореден на друго работно место или му престане вработувањето, оценувањето на овластените службени лица со кои раководел го врши новиот непосредно раководен работник, врз основа на писмен извештај што претходниот раководен работник задолжително го изготвува.
5. Обврска за известување на овластеното службено лице за извршеното оценување
Член 150
Овластеното службено лице задолжително треба да биде известено за извршеното оценување од страна на непосредниот раководен работник, најдоцна во рок од 15 дена од извршеното оценување.
Известувањето од ставот 1 на овој член овластеното службено лице го потврдува во образецот за оценување.
6. Обврска за известување на непосредно претпоставениот раководен работник за извршеното оценување
Член 151
Раководниот работник кој го врши оценувањето е должен да го запознае непосредно претпоставениот раководен работник односно министерот за извршеното оценување.
7. Начин на оценување на овластените службени лица
Член 152
Начинот на оценување на овластените службени лица во Министерството се врши согласно одредбите од Правилникот за начинот и постапката на оценување на овластеното службено лице, содржината на извештајот за извршеното оценување, образецот за оценување и начинот на водење на евиденција и одредбите од овој колективен договор.
8. Право на приговор
8.1. Комисии за преиспитување на оцената
Член 153
Овластеното службено лице кое не е задоволно од оцената, може во рок од осум дена од денот на известувањето за извршеното оценување, да поднесе приговор до комисиите за преиспитување на оцената, што ги формира министерот.
Комисиите од ставот 1 на овој член се формираат во Министерството – за преиспитување на оцената за овластени службени лица во организациските единици кои вршат работи за потребите на Министерството; во Бирото – за преиспитување на оцената за овластени службени лица во организациските единици во Бирото и во Управата – за преиспитување на оцената за овластени службени лица во организациските единици во Управата.
Комисиите се составени од претседател, двајца членови и нивни заменици, од кои еден член и заменик се претставници на Синдикатот, со мандат од четири години, со право на реизбор. Во работата на комисијата учествува и секретар – записничар, без право на глас.
Член 154
Приговорот од членот 153 од овој колективен договор ги содржи следните податоци:
- лично име на овластеното службено лице кое го поднесува приговорот;
- работно место на кое е распоредено овластеното службено лице;
- број и датум на образецот за оценување на овластените службени лица во кој е утврдена оцената за која се поднесува приговорот;
- податоци за оценувачот;
- причини поради кои се поднесува приговорот;
- дел од оцената на кој се однесува приговорот;
- факти и докази во прилог на наводите изнесени во приговорот и слично.
Член 155
Комисијата за преиспитување на оцената по приемот на приговорот од членот 153 од овој колективен договор, приговорот со приложените документи го доставува до овластеното службено лице кое го извршило оценувањето - оценувачот, на одговор.
Одговорот по приговорот од ставот 1 на овој член, оценувачот го доставува до комисијата во рок од пет работни дена.
Во одговорот на приговорот, оценувачот може да се изјасни за наводите во приговорот и да предложи докази.
Доколку оценувачот го оспорува приговорот во целост, должен е да ги наведе фактите врз кои ги заснова своите наводи и евентуалните докази со кои се утврдуваат тие факти.
Член 156
Комисијата за приспитување на оцената работи на расправа. Расправата ја свикува и со неа раководи претседателот на комисијата.
За расправата по оценка на комисијата може да се повикаат подносителот на приговорот, оценувачот и други лица.
Член 157
На расправата претседателот на комисијата утврдува дали се присутни сите повикани лица и започнува со утврдување на фактичката состојба, преку читање на приговорот, одговорот на приговорот и изведување на предложените усни односно писмени докази.
Член 158
За текот на расправата, комисијата за преиспитување на оцената води записник. Записникот од ставот 1 на овој член содржи:
- состав на комисијата;
- датум и место на одржување на расправата;
- присутни лица на расправата;
- број и датум на приговорот;
- број и датум на одговорот на приговорот;
- податоци за подносителот на приговорот;
- податоци за оценувачот;
- податоци за доказите што се изведени на расправата;
- искази на сведоците;
- исказот на овластеното службено лице даден на расправата;
- како и други докази што се изведени на расправата.
Записникот го потпишуваат претседателот и членовите на комисијата и работникот ако истиот е присутен на расправата.
Член 159
Комисијата работи и одлучува во полн состав.
По завршување на расправата, комисијата пристапува кон советување и гласање, почитувајќи ги принципите за објективност и непристрасност.
Одлуката од ставот 1 на овој член, комисијата ја донесува со мнозинство гласови, без присуство на јавноста.
Претседателот односно членот на комисијата кој гласал спротивно на мнозинството има право на издвоено мислење, кое може писмено да го образложи.
Член 160
Комисијата може да донесе одлука со која:
- ќе го отфрли приговорот како неблаговремен;
- ќе го одбие приговорот како неоснован;
- ќе ја преиначи оцената на работникот во делот кој е оспорен и доколку тоа преиначување влијае врз годишната оцена утврдена во образецот за оценување, ќе изврши преиначување и на годишната оцена.
Одлуката од ставот 1 на овој член комисијата ќе ја донесе во рок од 45 дена од денот на приемот на приговорот.
Одлуката комисијата ја доставува до надлежната организациска единица за управување со човечки ресурси, до подносителот на приговорот и до оценувачот.
Одлуката на комисијата е конечна.
VIII. ИНФОРМИРАЊЕ НА СИНДИКАТОТ И РАБОТНИЦИТЕ
Член 161
Министерството е должно да обезбеди редовно и навремено информирање на Синдикатот и на работниците за:
- покрената постапка за изменување и дополнување на актите за организација и работа и систематизација на работните места во Министерството;
- решенија што влијаат врз економската и социјалната положба на работниците во Министерството;
- одлуки со кои се уредуваат правата и обврските на работниците;
- примената на одделни одредби од колективниот договор и
- за синдикалните активности.
Информирањето од ставот 1 на овој член се врши писмено, а по исклучок, за одредени работи информирањето може да се изврши по електронски пат и усно.
IX. СИНДИКАТ
1. Услови за работа на Синдикатот
Член 162
Министерството е должно да создаде услови за активности на Синдикатот согласно закон и одредбите од овој колективен доовор, а во врска со заштитата на правата на работниците од работен однос утврдени со закон и колективен договор.
На барање на Синдикатот, Министерството му доставува податоци и информации за оние прашања што имаат најнепосредно влијание на материјалната и социјалната положба на членовите на Синдикатот (работниците) и ги разгледува мислењата и предлозите на Синдикатот во постапката на донесување на одлуки и решенија што имаат влијание врз материјалната и социјалната положба на работниците односно во остварувањето на правата на работниците.
Синдикални претставници се членовите на органите и телата утврдени со статутот на Синдикатот.
Синдикатот изготвува список на синдикални претставници и истиот го доставува до министерот односно соодветната организациска единица надлежна за управување со човечки ресурси за потребите на Министерството, во Бирото односно Управата.
Министерството на синдикалниот претставник му доставува покани со материјали за работните состаноци на кои се одлучува за правата на работниците и му се овозможува негово учество на истите.
На претседателот и генералниот секретар на Синдикатот им се овозможува непречено комуницирање со министерот, а по исклучок во случај на негова спреченост со раководниот работник што тој ќе го овласти, а на другите синдикални претставници на ниво на организациска единица им се овозможува непречно комуницирање со раководните работници на ниво на организирање на синдикалната организација (полициска станица, сектор за внатрешни работи, регионален центар за гранични работи), кога тоа е неопходно за остварување на правата на работниците, функциите и активностите на Синдикатот.
Министерот и претседателот на Синдикатот најмалку еднаш во период од два месеци остваруваат работна средба, со цел анализа на социјално-економската и професионална состојба на работниците во Министерството.
Член 163
Министерството на претставниците на Синдикатот од членот 162 став 6 од овој колективен договор им овозможува и обезбедува стручни, административни и технички услови за работа заради остварување на синдикалните функции, како и услови за пресметување и уплата на синдикалната членарина и тоа:
1. за редовно остварување на функциите на Синдикатот им обезбедува простории за работа односно:
- една канцеларија со канцелариски мебел и телефон (интерна и излезна телефонска линија) и поврзување со INTRA-INTERNET и LOTUS програмата на Министерството, во кругот на седиштето на Министерството за потребите на претседателот и генералниот секретар на Синдикатот;
- локална телефонска линија и INTERNET конекција од Министерството во канцеларијата на седиштето на Синдикатот;
- канцеларија со канцелариски мебел, маса за состаноци и телефонска линија во кругот на седиштето на Министерството, за потребите на синдикалниот претставник на Министерството;
- канцеларии со канцелариски мебел и телефонска линија за потребите на синдикалните претставници во секторите за внатрешни работи и регионалните центри за гранични работи;
- користење на салите за состаноци (со претходна резервација на салите).
2. За остварување на финансиско-сметководствените работи на Синдикатот се обезбедува пресметка и уплата на синдикалната членарина, за чија висина и начин на распределба одлучува Синдикатот. За начинот на спроведување на задршка на плати на работниците за комерцијални аранжмани на работниците во организација на Синдикатот, се склучува посебен договор меѓу Министерството и Синдикатот.
3. За редовно остварување на синдикалните активности на синдикалните претставници од членот 162 став 3 од овој колективен договор им се обезбедуваат и следните материјално-технички услови:
- континуирано дваесетичетиричасовно користење на службено возило за службени патувања во земјата и странство за претседателот и генералниот секретар на Синдикатот, со обврска за доставување на писмен месечен извештај за начинот на користење на службеното возило;
- ангажирање на капацитетите за протокол на Министерството при посета на високи претставници од странство како гости во посета на Синдикатот;
- ангажирање на преведувачи при официјални, службени посети на претставниците на Синдикатот во странство;
- користење на телекомуникациските врски и експедиција на поштата;
- умножување на материјали и користење на средства и машини за оваа намена;
- печатење на материјали, прирачници и други публикации.
4. За редовно остварување на синдикалните активности се обезбедува и користење на објектите за одмор и рекреација на Министерството, игралишта и други објекти заради одржување на советувања, семинари и состаноци со претседателите на основните организации и синдикалните претставници, како и за одржување на работнички спортски игри, културни манифестации и слично, без надомест на трошоците за ноќевање.
Член 164
Синдикалните состаноци на ниво на основни организации и синдикални подружници по правило се одржуваат кон крајот на работното време односно во меѓусменскиот временски интервал.
Министерот односно директорот на Бирото односно Управата или раководителот на организациската единица поради итни потреби со образложен заклучок, може да побара состанокот на синдикалното членство или на органите на основните организации на Синдикатот да се одложи, до надминување на причините поради кои истиот е одложен.
2. Права на синдикалните претставници
Член 165
Синдикалните претставници од членот 162 став 6 од овој колективен договор покрај посебната заштита утврдена со Законот за работни односи и Општиот колективен договор за јавнот сектор на Република Македонија, заради вршење на синдикални активности во согласност со закон и колективен договор, за време на вршењето на својата должност во Синдикатот и две години по нејзиниот престанок, не може:
- да му се откаже договорот за вработување поради деловни причини;
- да му се откаже договорот за вработување без согласност на претседателството на Синдикатот.
Член 166
На синдикалните претставници Министерството им овозможува ослободување од работа заради нивно ефикасно вршење на функциите на Синдикатот, за учества на синдикални состаноци, семинари, советувања, конгреси и конференции и други видови на синдикални активности согласно Статутот на Синдикатот и Програмата за работа и тоа најмногу до:
- за синдикалниот претставник (синдикална подружница) 16 работни часа месечно;
- за претседател на основна организација на Синдикатот 24 работни часа месечно;
- за синдикален претставник на ниво на сектори за внатрешни
работи и регионални центри за гранични работи 26 работни часа месечно;
- за членовите на синдикалните органи и тела 32 работни часа месечно.
Синдикалните претставници за времето поминато за синдикални активности добиваат полн надомест на плата и ги користат сите права од работен однос.
За учество во активностите од ставот 1 на овој член на синдикалните претставници, со налог на раководителот им се одобрува користење на службено возило за најмалку четири учесници.
Член 167
Доколу претседателот на Синдикатот функцијата ја врши волонтерски, за остварување на неговите обврски и функции кои произлегуваат од Статутот на Синдикатот и Програмата за работа и за учество во работата на други облици на синдикално организирање, ќе биде ослободен од работните обврски во траење од 64 работни часа месечно.
На претседателот на Синдикатот за времето поминато во вршење на синдикални активности добива полн надомест на плата за работното место на кое е распореден согласно актот за систематизација на работните места во Министерството и истиот ги користи сите права од работниот однос.
Ослободувањето од вршење на работните обврски во смисла на ставот 1 на овој член и на синдикалните претставници, се врши во договор со раководителот на организациската единица каде тие се распоредени, при што се обезбедува непречено вршење на работните обврски.
Во организациската единица од ставот 3 на овој член се врши и евидентирање на времето поминато во вршење на синдикални активности.
Член 168
Доколу претседателот и генералниот секретар на Синдикатот функцијата ја вршат професионално согласно Статутот на Синдикатот, Министерството се обврзува да ја исплатува нивната плата во висина на платата за работното место на кое дотогаш работеле.
Доколку Синдикатот склучи договори за вработување и со други лица заради свои потреби, овие лица треба да ги исполнуваат посебните услови за засновање на работен однос во Министерството утврдени со Законот за внатрешни работи и Законот за полиција.
Претседателот и генералниот секретар на Синдикатот за начинот на вршење на својата фукција во писмена форма го известуваат министерот, најдоцна во рок од 15 дена по нивниот избор.
Член 169
Синдикатот на секои 1.500 членови може да назначи по едно професионално лице од редовите на своите членови, заради извршување на координативните, административните, организациските и финаниските работи на Синдикатот на одредено подрачје.
Бројот на назначените професионални лица од ставот 1 на овој член, не може да биде поголем од пет.
За времето додека ги извршува работите од ставот 1 на овој член, лицето од ставот 1 на овој член е ослободено од работните обврски кои ги имало до неговото назначување.
Министерството е должно да му исплатува плата на лицето од ставот 1 на овој член во висина на платата која истото ја остварувало во Министерството до моментот на неговото назначување.
Член 170
За време на својот професионален ангажман во Синдикатот, претседателот, генералниот секретар и назначените лица од членот 169 на овој колективен договор, од страна на непосредните раководни работници не можат да бидат оценети со пониска оцена од ,,задоволува“.
3. Економско-социјален совет
Член 171
Со цел следење и унапредување на економската, социјалната и професионалната состојба на вработените во Министерството; иницирање на соодветни нормативни прашања во врска со овие состојби; односот на платите во и надвор од Министерството, како и влијанието на промените на животните трошоци врз платите; давање насоки за надминување на одделни спорни прашања; следење на спроведувањето на одредбите на овој колективен договор; посредување при одредени спорни состојби односно судир на надлежности меѓу одделни организациски единици на Министерството и органи и тела на Синдикатот, како и други прашања од заеднички интерес во Министерството, се основа Економско –социјален совет.
Член 172
Економско-социјалниот совет го сочинуваат државниот секретар на Министерството, генералниот секретар на Синдикатот и по двајца претставници од Министерството и Синдикатот.
Министерот и претседателот на Синдикатот можат да се вклучат во работата на Економско-социјалниот совет по своја оцена односно по покана од советот.
Член 173
Економско-социјалниот совет редовно се состанува најмалку еднаш во период од два месеци, а по иницијатива на потписниците на овој колективен договор и почесто.
Претседавањето со седниците на советот е променливо и ротира на секои шест месеци меѓу државниот секретар на Министерството и генералниот секретар на Синдикатот.
По секоја одржана седница на Економско-социјалниот совет, се изготвува писмено извесување до министерот и претседателот на Синдикатот.
Член 174
Министерството ги овозможува административно-техничките услови за работа на Економско-социјалниот совет.
X. ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА ШТРАЈК
1. Право на штрајк
Член 175
Работниците во Министерството правото на штрајк можат да го остваруваат на начин и под услов битно да не се нарушува редовното извршување на внатрешните односно полициските работи.
Заради спречување на евентуални штетни последици од неизвршување на внатрешните работи за време на штрајкот, министерот или од него овластен работник е должен да обезбеди потребно функционирање на организациските единици во процесот на работата.
Во случајот од ставот 2 на овој член работниците се должни да постапуваат по соодветните наредби.
Доколку работниците не постапат согласно со ставот 3 на овој член, министерот односно од него овластен работник е должен да го обезбеди остварувањето на работниот процес со заменување на соодветни работници.
2. Обврска за најавување на штрајк
Член 176
Организаторот на штрајкот е должен да го најави штрајкот на министерот и да ја достави одлуката за стапување во штрајк, како и програмата за начинот и обемот на вршење на работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат за времето на штрајкот, најдоцна седум дена пред почетокот на штрајкот.
3. Работи што се вршат за време на штрајк
Член 177
За време на организиран штрајк во Министерството е неопходно да се извршуваат работите и задачите:
- за организирање и сервисирање на телекомуникациските и информатичките системи и системот на криптозаштитата, за неодложни потреби;
- за издавање на лични исправи (патна исправа, лична карта, сообраќајна и возачка дозвола) на граѓаните за неодложни потреби;
- од делокруг на работа на Управата и
- други работи и задачи согласно посебен закон.
4. Забрана за штрајк
Член 178
Се забранува штрајк во Министерството во воена, вонредна или кризна состојба.
Во случај на сложена безбедносна состојба, нарушување на јавниот ред и мир во поголем обем, природни непогоди и епидемии или загрозување на животот и здравјето на луѓето и имотот во поголем обем, во штрајк истовремено не може да учествуваат повеќе од 10% од работниците во Министерството и штрајкот не може да трае подолго од три дена.
Доколку штрајкот започнал пред настапувањето на кој било од условите од ставовите 1 и 2 на овој член, работниците во Министерството се должни штрајкот веднаш да го прекинат.
Член 179
За време на штрајк работниците имаат право на надомест во висина на основната плата на работникот.
XI. МАТЕРИЈАЛНА ОДГОВОРНОСТ ОДНОСНО НАДОМЕСТОК НА ШТЕТА
Член 180
Работникот е должен навремено и квалитетно да ги извршува работите и задачите сврзани со неговото работно место, да ги почитува правилата и прописите и да гради стручна и професионална одговорност, да ги чува средствата за работа и со нив одговорно да ракува и постапува.
Член 181
Работник кој намерно или од небрежност ќе предизвика штета на Министерството во работата, односно во врска со работата должен е да ја надомести.
Член 182
Ако штетата ја предизвикале повеќе работници, секој работник е одговорен за делот од штетата што ја предизвикал.
Ако за секој работник поедничено не може да се утврди делот на штетата што ја предизвикал, се смета дека сите работници се подеднакво одговорни и штетата ја надоместуваат во еднакви делови.
Ако повеќе работници предизвикале штета, за штетата одговараат солидарно.
Член 183
Секој работник има право и должност да пријави причинета штета. Пријавата за штетата по правило содржи:
- лично име на работникот кој ја предизвикал штетата;
- податоци за штетата и
- докази.
Пријавата од ставот 2 на овој член се поднесува до подносителите на барањето од членот 184 од овој колективен договор.
1. Постапка за надомест на штета
Член 184 Постапката за надомест на штетата се поведува со барање. Барање за надомест на штета можат да поднесат:
- директорот на Бирото;
- директорот на Управата;
- раководни работници во Министерството и
- раководителот на соодветната организациска единица каде работникот бил распореден во моментот на предизвикување на штетата.
Барањето од ставот 1 на овој член по правило содржи:
- лично име на работникот;
- време, место и начин на предизвиканата штета;
- висина на предизвиканата штета;
- докази во врска со предизвиканата штета;
- писмено изјаснување на работникот во однос на околностите и начинот на кој е предизвикана штетата и
- потпис на подносителот на барањето.
Член 185
Барањето за надомест на штета се доставува до соодветните организациски единици за правни односно заеднички работи за потребите на Министерството, во Бирото и Управата.
Член 186
Организациската единица од членот 185 од овој колективен договор, барањето за надомест на штета го доставува до работникот за кого се поведува постапка за материјална одговорност односно надоместок на штета и до Комисијата за утврдување на материјална одговорност.
Барањето од членот 184 од овој колективен договор се доставува лично на работникот, по правило на работното место каде е распореден, односно во работните простории каде што истиот работи, односно на адреса на неговото живеалиште односно престојувалиште.
Доколку работникот не може да се пронајде на работното место каде е распореден, односно работните простории каде што истиот работи, односно на адресата на неговото живеалиште односно престојувалиште или ако работникот одбие да му биде врачено барањето, истото се објавува на огласната табла во седиштето на организациската единица во која работи работникот.
По истекот на осум дена дена од денот на објавување на огласната табла од ставот 3 на овој член, се смета дека уредно е извршено врачување на барањето за надомест на штета на работникот.
2. Комисии за утврдување на материјална одговорност
Член 187
За утврдување на материјална одговорност со решение на министерот се формираат комисии.
Комисии за утврдување материјална одговорност се формираат во Министерството, Бирото, Управата и во секторите за внатрешни работи.
Комисиите од ставот 2 на овој член ги сочинуваат претседател, два члена и нивни заменици, чиј мандат трае четири години, со право на реизбор. Во работата на комисијата учествува и секретар – записничар, без право на глас.
Член 188
Комисијата за утврдување на материјална одговорност работи на расправа.
На расправата по барање на работникот може да присуствува и синдикалниот претставник за организациската единица каде работи работникот за кого се води постапката за утврдување на материјална одговорност.
Претседателот на комисијата може да бара подносителот на барањето да го дополни или образложи барањето и да приложи и други потребни докази.
Член 189
Комисијата за утврдување на материјална одговорност, врз основа на барањето, приложените докази и исказите на работникот ја утврдува одговорноста на работникот за сторената штета, висината и начинот на сторување на штетата.
Комисијата го сослушува непосредно претставникот на Синдикатот, доколку истиот е присутен на расправата.
Член 190
За текот на расправата за утврдување на материјална одговорност, комисијата води записник.
Записникот од ставот 1 на овој член содржи:
- состав на комисијата;
- датум и место на одржување на расправата;
- податоци за присутните на расправата;
- број и датум на барањето за надомест на штета;
- податоци за подносителот на барањето;
- податоци за работникот за кого се води постапка за утврдување на материјална одговорност;
- изјава на работникот;
- податоци за писмените докази што се изведени на расправата;
- изнесеното мислење на претставникот на Синдикатот (доколу истиот учествува во постапката);
- како и други докази што се изведени на расправата.
Записникот го потпишуваат претседателот и членовите на комисијата и работникот ако истиот е присутен на расправата.
Член 191
По завршување на расправата Комисијата за утврдување на материјална одговорност донесува одлука.
Со одлуката комисијата ја утврдува одговорноста на работникот и го задолжува да ја надомести висината на штетата или го ослободува поради неутврдена одговорност или непостоење на докази за сторената штета.
Комисијата ја донесува одлуката со мнозинство на гласови.
Комисијата одлуката ја донесува во рок од 45 дена од денот на приемот на барањето за надомест на штета.
Член 192
Доколку работникот со писмен акт односно на записник од членот 190 од овој колективен договор се согласува да ја надомести штетата може да побара од комисијата за утврдување на материјална одговорност истата да ја надомести со запирање на одреден износ од неговата плата на повеќе рати.
Писмениот акт од ставот 1 на овој член се поднесува до комисијата за утврдување на материјална одговорност.
Член 193
Против одлуката на комисијата за утврдување на материјална одговорност работникот има право на приговор до министерот во рок од осум дена од денот на приемот на одлуката.
Министерот со решение одлучува по поднесениот приговор од ставот 1 на овој член. Решението на министерот од ставот 2 на овој член е конечно.
Работникот кој не е задоволен од конечното решение на министерот, има право во рок од 30 дена од денот на приемот на решението да бара заштита на своите права пред надлежниот суд.
Член 194
Во случаи кога износот на причинетата штета неспорно може да се утврди врз основа на доказ од службената евиденција што ја води надлежната организациска единица на Министерството и ако работникот со писмен акт се согласува да ја надомести штетата и притоа се откажува од правото на приговор, по барањето од членот 184 од овој колективен договор решение за надомест на штета непосредно донесува министерот.
Предлогот за донесување решение за надомест на штета се доставува до министерот од страна на организациските единици од членот 185 од овој колективен договор.
Решението од ставот 1 на овој член е конечно.
Член 195
Доколку работникот во рок од три месеци од конечноста на одлуката не ја надомести штетата, Министерството поведува постапка пред надлежниот суд.
3. Ослободување на работникот од плаќање надомест на штета
Член 196
Министерот може да го ослободи работникот од плаќање надомест на штетата во целост или делумно, во случај кога работникот според својата општа имотна состојба не е во можност да ја надомести штетата без последици за своето нужно издржување односно за нужното издржување на своето семејство.
Решение за ослободување од плаќање надомест на штетата донесува министерот на предлог на Комисијата во врска со ослободување од плаќање на надомест на штета на работник на Министерството.
Член 197
Постапката за ослободување од плаќање надомест на штета се поведува врз основа на посебно образложено писмено барање поднесено од работникот кој е задолжен да ја надомести штетата.
Барањето од ставот 1 на овој член се поднесува до комисијата во врска со ослободување од плаќање на надомест на штета на работник на Министерството, во рок од 30 дена од конечноста на решението од членовите 191, 193 и 194 став 1 од овој колективен договор.
Кон барањето од ставот 1 на овој член работникот е должен да поднесе уверение од надлежниот орган на управата за имотна состојба, односно други документи и податоци со цел аргументирање на основаноста на барањето, како и да приложи мислење од Синдикатот за основаноста и оправданоста на барањето и други докази.
Член 198
Комисијата од членот 196 став 2 од овој колективен договор е составена од претседател, четири члена и нивни заменици. Во работата на комисијата учествува и секретар – записничар, без право на глас.
Комисијата работи на седница и одлуката ја донесува со мнозинство на гласови. Одлуката комисијата ја донесува во рок од 60 дена од денот на приемот на барањето.
4. Надомест на материјална штета на работник
Член 199
Ако работникот на работа или во врска со работата претрпи материјална штета или штетата на работникот е предизвикана со кршење на правата од работниот однос, Министерството е должно да му ја надомести материјалната штета на работникот според општите начела за одговорност за штета.
Член 200
Постапката за надомест на материјална штета од членот 199 од овој колективен договор се поведува со образложено барање на оштетениот работник.
Барањето од ставот 1 на овој член се поднесува до посебна комисија на ниво на Министерството составена од пет члена и заменици од кои еден член и заменик се претставници на Синдикатот. Во работата на комисијата учествува и секретар – записничар, без право на глас.
Член 201
Комисијата од членот 200 од овој колективен договор, се формира по потреба и истата го утврдува постоењето на материјалната штета, околностите под кои таа настанала и нејзината висина.
Одлуката комисијата ја донесува во рок од 45 дена од денот на приемот на барањето.
Член 202
Против одлуката на комисијата од членот 201 од овој колективен договор, работникот има право на приговор до министерот, во рок од осум дена од денот на доставувањето на одлуката.
Министерот со решение одлучува по поднесениот приговор. Решението на министерот е конечно.
Работникот кој не е задоволен од конеченото решение на министерот, има право во рок од 30 дена од приемот на решението да бара заштита на своите права пред надлежниот суд.
Член 203
Министерството одговара за штетата која работникот ќе ја предизвика на поединци или правни лица во работата или во врска со работата.
Министерството има право да бара од работникот надомест на извршената исплата, ако работникот штетата ја предизвикал намерно или од крајно невнимание.
XII. ДИСЦИПЛИНСКА ОДГОВОРНОСТ
1. Причини за дисциплинска одговорност и случаи кога истата не е исклучена
Член 204
За кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, работникот на Министерството одговара дисциплински.
Одговорноста за сторено кривично дело односно прекршок не ја исклучува дисциплинската одговорност на работникот во Министерството.
2. Видови на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски
Член 205
Работник во Министерството одговара дисциплински за полесни и потешки случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски.
3. Полесни и потешки случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски
Член 206
Работникот врши полесно кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со закон, одредбите на овој колективен договор, правила и прописи на Министерството и договорот за вработување, доколку:
1) не го почитува работниот ред и дисциплина;
2) не ги извршува или несовесно и ненавремено ги извршува работните обврски;
3) не се придржува кон прописите кои важат за вршење на работите на работното место;
4) не се придржува на утврденото работно време, распоредот и користењето на работното време;
5) не побара отсуство или навремено писмено не го извести министерот, односно раководителот на организациската единица или друг одговорен работник за отсуството од работа;
6) поради болест или оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа во рок од 48 часа писмено не го извести министерот, односно раководителот на организациската единица или друг одговорен работник;
7) со средствата за работа не постапува совесно или во согласност со техничките упатства за работа;
8) настане штета, грешка во работењето или загуба, а за тоа веднаш не го извести министерот, односно раководителот на организациската единица или друг одговорен работник;
9) не ги одржува средствата и опремата за заштита при работа согласно со прописите за заштита при работа;
10) предизвикува неред и насилнички се однесува за време на работата;
11) незаконски или неовластено ги користи средствата на Министерството;
12) не дава податоци или дава неточни податоци што според прописите им се даваат на овластените органи или граѓани;
13) не укажува правна и друга помош во рамките на своите овластувања на странката во остварување на нејзините законски права и правни интереси и
14) избегнува обука.
Член 207
Работникот врши потешко кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, утврдени со закон одредбите на овој колективен договор, правила и прописи на Министерството и договорот за вработување, доколку:
1) неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година;
2) го злоупотреби боледувањето;
3) не се придржува кон прописите за здравствена заштита, заштита при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и ги повредува прописите за заштита на животната средина;
4) внесе, употеби или е под дејство на алкохол и наркотични средства;
5) стори кражба или во врска со работата намерно или со крајно невнимание предизвика штета на Министерството;
6) оддаде класифицирана информација;
7) изврши злоупотреба на лични податоци;
8) постапува спротивно на правилата и прописите на Министерството;
9) го злоупотреби или пречекори даденото овластување;
10) избегнува лекарски преглед заради утврдување на работната способност;
11) непристојно се однесува кон странки;
12) противправно прибавува лична корист во врска со вршењето на работите и задачите;
13) изврши послуга или овозможување на послуга на друго лице со пари или со други работи од вредност кои на работникот му се доверени во вршењето на работите и задачите;
14) врши определни работи, самостојна или дополнителна стопанска или професионална дејност на начин и под услови спротивно на Законот за внатрешни работи и Законот за полиција;
15) изврши дејствие што претставува кривично дело или изврши дејствие кое претставува прекршок против јавниот ред и мир и
16) основа, раководи, застапува, претставува политичка партија, членува во органите на партијата утврдени со нејзиниот статут, изразува и застапува партиски ставови и убедувања во вршењето на работите и задачите, носи или истакнува партиски симболи во просториите или во службените возила на Министерството и партиски се организира или дејствува во Министерството.
4. Видови дисциплински мерки и отстранување на работник од работното место
Член 208
Во зависност од степенот на одговорноста на работникот, условите под кои е направена повредата на работните обврски, поранешната работа и однесување на работникот, тежината на повредата и нејзините последици, на работникот со решение може да му се изрече една од следните дисциплински мерки:
1) писмено предупредување;
2) парична казна која не може да биде поголема од 15% од последната исплатена месечна нето плата на работникот, во траење од еден до шест месеци;
3) распоредување на работно место кое согласно хиерархијата на работни места утврдени со актот за систематизација на работните места во Министерството е најмногу два степени пониска од работното мсто од кое работникот се распоредува;
4) условно откажување на договорот за вработување и
5) откажување на договорот за вработување.
Член 209
Доколку работникот во рок од една година од денот на изрекувањето на дисциплинска мерка – парична казна согласно член 208 точка 2 од овој колективен договор, повторно стори кршење на работниот ред и дисциплина или не ги исполнува работните обврски утврдени со овој закон, министерот му изрекува мерка условно откажување на договорот за вработување и истовремено определува дека таа мерка нема да се изврши ако работникот за времето што ќе го определи министерот, а кое не може да биде пократко од шест месеци, ниту подолго од една година, не стори ново кршење на работниот ред и дисциплина или повторно не ги исполнува работните обврски.
Член 210
До донесување на решение во дисциплинска потстапка што се води против одреден работник, работникот со писмена одлука се отстранува од работното место и од Министерството во случаи утврдени со прописите за работни односи, ако настане една од следните ситуации:
- непосредно го загрозува животот или здравјето на работниците или други лица или се оштетуваат средства од поголема вредност;
- присуството на работа и понатамошната работа во Министерството штетно ќе се одразува врз работењето на Министерството;
- го осуетува или оневозможува утврдувањето на одговорноста за повреда на работните обврски и
- кога против него е покрената кривична постапка за кривично дело сторено на работа или во во врска со работата.
За време на отстранувањето од работното место и од Министерството на работникот му се утврдува и исплатува надоместок во висина од 80% од износот на платата што работникот ја остварил во месецот пред отстранувањето од работното место.
Член 211
Решение во случајот од член 210 од овој колективен договор донесува министерот, директорот на Бирото, односно Управата или други работници овластени од министерот.
По решението од ставот 1 на овој член, работникот има право на приговор до комисијата за одлучување по приговор против решение за отстранување од работно место, во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението.
Решението на комисијата од ставот 2 на овој член е конечно.
Приговорот против решението од ставот 1 на овој член не го одлага извршувањето на решението.
Член 212
Доколку на работник во Министерството поради потешки случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски му биде изречена дисциплинската мерка откажување на договорот за вработување, работникот има право на отказен рок, во траење од еден месец од денот на врачувањето на решението за откажување на договорот за вработување, освен во случаите од членот 207 точка 1 од овој колективен договор, како и во случаите кога на работникот му е изречена мерка притвор.
Член 213
За време на отказниот рок, Министерството е должно на работникот да му овозможи отсуство од работа заради барање ново вработување, четири часа во текот на работната недела.
Член 214
За време на отказниот рок и отсуство од работа заради барање на ново вработување на работникот му се утврдува и исплатува надоместок во висина на платата што работникот ја остварил во месецот пред донесување на решението за откажување на договорот за вработување.
5. Комисии за утврдување на дисциплинска одговорност
Член 215
За водење на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност во случаите утврдени со закон министерот со решение формира комисии за утврдување на дисциплинска одговорност.
Комисиите од ставот 1 на овој член се формираат во Министерството, Бирото, Управата, секторите за внатрешни работи и во Секторот за гранични работи и миграции и регионалните центри за гранични работи.
Комисиите се составени од претседател и двајца членови и нивни заменици, чиј мандат трае четири години, со право на реизбор, како и секретар – записничар без право на глас. Во работата на комисијата учествува и претставник од организациската единица за внатрешна контрола и професионални стандарди кој нема право на глас.
За претседател, член односно заменик во комисиите може да биде определен работник со завршено VII/1 степен на образование или 240 ЕКТС кредити и работно искуство од најмалку 10 години.
6. Постапка за утврдување на дисциплинска одговорност
Член 216
Во случај кога е утврдено дека работникот врши кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски од членовите 206 и 207 од овој колективен договор и договорот за вработување, се поднесува предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
Предлог од ставот 1 на овој член може да поднесе раководителот на организациската единица каде работникот бил распореден во моментот на сторување на повредата, директорот на Бирото, директорот на Управата и работници овластени од министерот (овластени предлагачи).
Член 217
Предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност по правило ги содржи следните елементи:
- лично име на работникот за кого се поднесува предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност;
- работно место на кое е распореден работникот за кого се поднесува предлогот;
- опис на дејствијето/та со кое е извршено кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски;
- наведување на квалификација на дејствието/та од алинејата 3 на ставот 1 на овој член, со конкретно наведување дали тоа според оценка на предлагачот претставува полесно, односно потешко кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски согласно членот 206 односно членот 207 од овој колективен договор;
- време, начин и место на вршење на дејствијето со кое е извршено кршењето на работниот ред и дисциплина и неисполнување на работните обврски;
- последици што настанале со кршењето на работниот ред и дисциплина и неисполнување на работните обврски;
- наведување на доказ/и со кој се потврдува таквото однесување, односно доказ што е во прилог на фактот дека е извршено конкретното дејствије (службена белешка, писмен извештај, информација, пријави, изјави од сведоци и слично);
- наведување на лично име на лице кое може да биде повикано во својство на сведок;
- податок дали работникот за кого се поднесува предлогот дотогаш одговарал за кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски во Министерството и за кои, како и
- податок во врска со претходни наградувања на работникот во Министерството.
Во прилог на предлогот од ставот 1 на овој член се доставуваат доказите што се наведени во истиот и други документи што според оценка на предлагачот се од значење за конкретниот случај.
Член 218
Предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност предлагачот го доставува до соодветните организациски единици за правни односно заеднички работи за потребите на Министерството, во Бирото и Управата.
Член 219
Организациските единици од членот 218 од овој колективен договор, предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност го доставуваат до:
- работникот за кого е поднесен предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност кој има право писмено да се произнесе по наводите во рок од 24 часа од приемот на предлогот;
- комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност;
- синдикалниот претставник на организациската единица каде што е покрената постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, кој во рок од три дена има право да достави писмено мислење во однос на предлогот до организациската единица од членот 218 од овој колективен договор. Претставникотот на Синдикатот мислењето во однос на предлогот може да го изнесе и усно на расправа пред комисијата.
Предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност се доставува лично на работникот, по правило на работното место каде е распореден, односно во работните простории каде што истиот работи, односно на адреса на неговото живеалиште односно престојувалиште.
Доколку работникот не може да се пронајде на работното место каде е распореден, односно работните простории каде што истиот работи, односно на адресата на неговото живеалиште односно престојувалиште или ако работникот одбие да му биде врачен предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, предлогот се објавува на огласната табла во седиштето на организациската единица во која работи работникот.
По истекот на осум дена од денот на објавување на огласната табла од ставот 3 на овој член, се смета дека уредно е извршено врачување на предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на работникот.
Член 220
Во случај кога организациската единица за внатрешна контрола и професионални стандарди, согласно посебен пропис доставува иницијатива за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против определен работник во Министерството, овластениот предлагач до кого е доставена инцијативата е должен да поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност согласно одредбите од овој колективен договор и за тоа да ја извести организациската единица за внатрешна контрола и професионални стандарди.
Поднесувањето на предлогот и доставувањето на известувањето до организациската единица согласно ставот 1 на овој член, овластениот предлагач е должен да го изврши навремено, заради почитување на роковите утврдени во членот 236 од овој колективен договор.
Член 221
Во случај на кршење на работнот ред и дисциплина или неисполнување на обврските од членот 206 точки 4, 5 и 6 и членот 207 точка 1 од овој колективен договор, како и во случај кога на работникот по поднесена кривична пријава му е одредена мерка притвор, предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност организациската единица од членот 218 од овој колективен договор го доставува до министерот непосредно заради донесување на решение без водење на посебна постапка пред комисијата согласно одредбите од овој колективен договор.
Член 222
Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност е должна итно да го разгледа предлогот за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и доколку утврди дека истиот не ги содржи елементите од членот 217 од овој колективен договор и во прилог не се доставени доказите на кои се врши повикување, веднаш бара негово дополнување.
Член 223
Претседателот на комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност по приемот на предлогот закажува расправа.
За присуство на расправата од ставот 1 на овој член со писмена покана се повикуваат:
- работникот за кого е поднесен предлогот за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност;
- синдикалниот претставник на организациската единица каде што е покрената постапката за утврдување на дисциплинска одговорност и
- подносителот на предлогот односно негов претставник.
Член 224
Поканата од членот 223 од овој колективен договор содржи:
- лично име на лицето кое се повикува;
- време и место на одржување на расправата,
- причина за повикување и
- својство во кое се повикува лицето во постапката.
Поканата се доставува лично на работникот, по правило на работното место каде е распореден, односно во работните простории каде што истиот работи, односно на адреса на неговото живеалиште односно престојувалиште.
Доколку работникот не може да се пронајде на работното место каде е распореден, односно работните простории каде што истиот работи, односно на адресата на живеалиштето односно престојувалиштето или ако работникот одбие да му биде врачена поканата за расправа, поканата за расправа со предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност се објавува на огласната табла во седиштето на организациската единица во која работи работникот. По истекот на осум дена дена од денот на објавување на огласната табла од ставот 3 на овој член, се смета дека уредно е извршено врачување на поканата за расправа за утврдување на дисциплинска одговорност на работникот.
Член 225
Ако работникот не се јави на поканата, односно не дојде да присуствува на расправата, а нема односно не достави доказ дека е оправдано отсутен, Комисијата расправата ја одржува во негово отсуство.
Ако за првата расправа работникот е отсутен од оправдани причини, комисијата ја одложува расправата за три дена и потоа ја одржува расправата без оглед на отсуството на работникот.
Член 226
Пред почетокот на расправата, преседателот на комисијата за утврдуваање на дисциплинска одговорност утврдува дали се присутни сите повикани лица и го проверува нивниот идентитет.
Член 227
Кога се исполнети условите за одржување на расправа, претседателот на комисијата започнува со читање на предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, а потоа го повикува работникот да се изјасни по наводите во предлогот.
Претседателот, членовите на комисијата, претставникот на Xxxxxxxxxx и предлагачот односно неговиот претставник и работникот за кого се води постапката имаат право да поставуваат прашања на работникот и сведоците.
Претседателот ги објавува заклучоците на комисијата за одржување или одложување на расправата и се грижи за правилно водење на записникот од расправата.
Член 228
По изјаснувањето на работникот по наводите во предлогот, комисијата преминува на изведување на доказите, што се доставени од предлагачот и работникот за кого се води постапката.
Доказите од ставот 1 на овој член се изведуваат со:
- наведување на бројот и датумот на писмените извештаи, информации, службени белешки, изјави, пријави и други писмени акти и нивно читање и
- усно сослушување на сведоци.
На расправата комисијата може да одлучи да се изнесат и изведат и дополнителни докази.
При изведувањето на доказите, комисијата се води од начелото на слободна оценка на доказите.
Член 229
По изведување на доказите на расправата за утврдување на дисциплинска одговорност претставникот на Синдикатот го изнесува мислењето доколку е присутен или се чита доставеното писмено мислење.
Член 230
По изведување на сите предложени докази, претседателот на Комисијата го повикува работникот да даде завршен збор во однос на фактичката состојба и неговата одговорност, а потоа претседателот објавува дека расправата е завршена.
Член 231
За текот на расправата за утврдување на дисциплинска одговорност, се води записник. Записникот од ставот 1 на овој член содржи:
- состав на комисијата,
- датум и место на одржување на расправата,
- присутни лица на расправата;
- број и датум на предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност,
- податоци за подносителот на предлогот;
- податоци за работникот за кого се води постапка за утврдување на дисциплинска одговорност,
- исказ на работникот;
- податоци за писмените докази што се изведени на расправата;
- исказите на сведоците,
- усно изнесеното мислење на претставникот на Синдикатот, односно податоци за писменото поднесено мислење на
Синдикатот,
- завршен збор на работникот даден на расправата;
- како и други докази што се изведени на расправата.
Записникот од ставот 1 на овој член го потпишуваат претседателот и членовите на комисијата и работникот, ако истиот е присутен на расправата.
Член 232
По завршување на расправата, комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност пристапува кон советување и гласање и ја утврдува одговорноста на работникот со мнозинство гласови и изготвува писмен предлог за утврдување на дисциплинска одговорност до министерот за донесување на решение.
Член 233
Предлогот за утврдување на дисциплинска одговорност содржи:
- состав на комисијата што ја водела постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, со наведување на бројот и датумот на решение со кој е формирана;
- законскиот основ за поднесување на предлогот;
- датум и место на одржување на расправата;
- број и датум на предлогот за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност;
- податоци за подносителот на предлогот (лично име и работно место на кое е распореден);
- краток опис на утврдената фактичката состојба со наведување на доказите со кои е утврдена истата;
- квалификација на утврденото полесно, односно потешко кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски;
- утврдување на законските прописи кои со сторувањето се повредени;
- образложение во кое се врши посебен осврт на утврдената фактичка состојба на начин што се наведува кои факти се утврдени во постапката и со кои докази, оценка на изведените докази и сите отежнителни и олеснителни околности што се земени во предвид;
- предлог за изрекување на дисциплинска мерка и законскиот основ за нејзино предлагање.
Член 234
Ако комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност врз основа на спроведената постапка, односно одржана расправа, на советувањето и гласањето од членот 232 од овој колективен договор утврди дека работникот не е одговорен или не се исполнети условите за донесување на решение за изрекување дисциплинска мерка, му предлага на министерот да го отфрли предлогот односно да ја запре постапката.
Член 235
Ако министерот не се согласува со предлогот на комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност, предметот може да го врати на повторно разгледување доколку фактичката состојба е неправилно или нецелосно утврдена или погрешно е применет материјалниот пропис или може да донесе решение за изрекување на друга дисциплинска мерка.
7. Решение за изрекување дисциплинска мерка
Член 236
Решението за изрекување дисциплинска мерка министерот го донесува во писмена форма на предлог на комисиите за утврдување на дисциплинска одговорност.
Решението од ставот 1 на овој член содржи вовед, изрека и образложение за основот и причините за изрекување на дисциплинската мерка.
Министерот го донесува решението во рок од три месеци од денот на пријавувањето на повредата на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, а најдоцна во рок од шест месеци од денот кога е сторена повредата.
Како ден на пријавување од ставот 3 на овој член се смета денот на поднесувањето на предлогот за утврдување на дисциплинска одговорност од овластениот подносител.
Член 237
Против решението за изрекување дисциплинска мерка работникот има право на приговор во рок од осум дена од денот на приемот на решението.
Приговорот од ставот 1 на овој член се поднесува преку Министерството до надлежната второстепена комисија при Владата на Република Македонија.
Приговорот против решението за престанок на договорот за вработување не го одлага извршувањето на решението.
8. Известување на организациската единица за внатрешна контрола и професионални стандарди
Член 238
За донесеното решение по завршување на секоја постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на работник во Министерството, организациските единици од членот 218 од овој колективен договор се должни веднаш да ја информираат организациската единица за внатрешна контрола и професионални стандарди.
XIII. УКАЖУВАЊЕ НА РАКОВОДИТЕЛОТ НА ОРГАНИЗАЦИСКАТА ЕДИНИЦА ЗА НЕСООДВЕТНО ОДНЕСУВАЊЕ ОДНОСНО НЕСООДВЕТНО ИЗВРШУВАЊЕ НА
РАБОТНИТЕ ЗАДАЧИ ОД СТРАНА НА РАБОТНИКОТ
Член 239
Во случаите од членот 206 од овој колективен договор, непосредниот раководител на организациската единица може да му укаже на работникот за неговото несоодветно однесување односно несоодветно извршување на а работните задачи со посочување да го подобри своето работење во наредниот период, како и укажување за можноста за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност доколку не го подобри своето однесување односно работење.
Укажувањето од ставот 1 на овој член може да биде усно и писмено.
За укажувањето од ставот 2 на овој член, непосредниот раководител на организациската единица изготвува службена белешка.
Писменото укажување од ставот 2 на овој член се изготвува во два примерока, од кои едниот му се врачува на работникот.
Службената белешка од ставот 3 на овој член и писменото укажување од ставот 4 на овој член се чуваат во архивата на организациската единица во која работи работникот и истите можат да се користат за евиденција на работењето односно однесувањето на работникот во процесот на неговото оценување, како и во постапката за утврдување на дисциплинска одговорност.
Член 240
Писменото укажување од членот 239 од овој колективен договор содржи:
- лично име на работникот;
- работно место на кое е распореден и назив на организациската единица;
- временски период за кој е утврдено несоодветно однесување односно несоодветно извршување на работните задачи;
- краток опис на работната задача што не е извршена или неквалитетно е извршена, односно краток опис на однесувањето на работникот и
- евентуални последици од таквото работење односно однесување на работникот.
XIV. ПРЕКИНУВАЊЕ И ОТКАЖУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ
1. Прекинување на договор за вработување по сила на закон
Член 241
Министерството ги прекинува договорите за вработување на овластените службени лица и на работниците кои дополнително се стекнале со статус на овластено службено лице, по сила на закон, со навршување на 40 години пензиски стаж на овластеното службено лице, без оглед на неговите години на возраст.
Старосната пезија од ставот 1 на овој член се утврува во висина определена со закон.
2. Откажување на договор за вработување
Член 242
Откажување на договор за вработување во Министерството може да се врши заради утврдена дисциплинска одговорност на работникот согласно закон и одредбите од овој колективен договор, како и во други случаи утврдени со закон и одредбите од овој колективен договор.
2.1. Откажување на договор за вработување заради дисциплинска одговорност на работникот
Член 243
На работникот во Министерството ќе му се откаже договорот за вработување во случаите кога за него е утврдена дисплинска одговорност односно му е изречена дисиплинска мерка откажување на договорот за вработување согласно закон и одредбите од овој колективен договор.
2.2. Други случаи на откажување на договорот за вработување
Член 244
Нa работникот во Министерството ќе му се откаже договорот за вработување и во случаите ако:
- биде оценет со оцена „не задоволува“ двапати последователно или во последните пет години најмалку три пати,
- се утврди дека при вработувањето премолчил или дал невистинити податоци во однос на општите и посебните услови за вработување;
- во рок од 15 дена по завршување на неплатеното отсуство не се врати на работа согласно членот 123 од Законот за внатрешни работи и
- од неоправдани причини во рок од три дена од денот на врачувањето на решението за распоредување не се јави на работното место на кое е распореден.
2.2.1. Откажување на договор за вработување поради правосилна пресуда
Член 245
На работник во Министерството на кој со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, поради која не може да врши работи подолго од шест месеци или ќе мора заради издржување на казна затвор да отсуствува од работа повеќе од шест месеци, му се откажува договорот за вработување во Министерството со денот на врачувањето на правосилната пресуда.
Решение за откажување на договорот за вработување согласно со ставот 1 на овој член го донесува министерот.
2.2.2. Откажување на договор за вработување од деловни причини (економски, технолошки,
структурални или слични промени)
Член 246
На работникот може да му престане договорот за вработување со отказ поради деловни причини (економски, технолошки или слични промени) во случај кога во Министерството се воведуваат нови промени во структурата, реорганизацијата, програмата и технологијата, а кои ќе предизвикаат потреба од намалување на бројот на работниците.
Член 247
Министерството е должно да го извести Синдикатот за намерата за донесување на одлука за откажување на договорот за вработување поради деловни причини на поголем број на работници, причините за престанување на потребите од работата на работниците, а предвидениот број и категоријата на вишокот на работници и за предвидениот рок во кој ќе престане потребата од работа на работниците.
Покрај известувањето од ставот 1 на овој член, Министерството треба со Синдикатот да ги разгледа можните начини за спречување и ограничување на бројот на откажување на договорите за вработување и мерките што ќе се преземат за спречување и ублажување на штетните последици од откажувањето.
Известувањето треба да се достави најдоцна 30 дена пред донесувањето на одлуката за откажување на договорот за вработување поради деловни причини на поголем број на работници.
Член 248
По завршувањето на активностите од членот 247 од овој колективен договор, Министерството задолжително писмено ја известува службата надлежна за посредување при вработување за причините за престанување на потребите од работата на работниците, предвидениот број и категоријата на вишокот на работници, како и за предвидениот рок во кој ќе престане потребата од работа на работниците.
Писменото известување од ставот 1 на овој член се доставува заради барање помош и услуги од службата за посредување при вработување согласно со закон.
Член 249
Мерки кои треба да ги преземе Министерството за да го спречат или сведат на најмала мерка откажувањето на договорот за вработување поради деловни причини (економски, технолошки или слични промени) се:
- ограничување на нови вработувања;
- утврдување на намалување на бројот на работниците на одреден временски период, како би се овозможило природен одлив на работната сила по основ на исполнување на услови за пензионирање, со доброволно раскинување на договорот за вработување и слично;
- внатрешно прераспоредување на работниците кои се утврдени за технолошки вишок, вклучувајќи и распоредување на работни места во организациски единици надвор од местото на нивното живеалиште, со согласност на работниците;
- дооспособување и преквалификација;
- ограничување на прекувремената работа.
Член 250
Министерот е должен работниците на кои ќе им престане работниот однос поради деловни причини (економски, технолошки или слични промени), да ги извести најдоцна еден месец во случаи на поединечен престанок на договорот за вработување или во случаи на престанок на помал број работници, а три месеци во случаи на престанок на работниот однос на повеќе од 150 работници или 5% од вкупниот број вработени во Министерството пред престанок на договорот за вработување.
Во случаите од ставот 1 на овој член, министерот е должен да го извести Синдикатот.
Член 251
Министерството пред да го откаже договорот за вработување од деловни причини, може на работникот да му понуди:
1) распоредување на работно место во организациска единица надвор од местото на неговото живеалиште соодветно на степенот на образование на работникот;
2) стручно оспособување (обука, преквалификација или доквалификација за работа во Министерството или кај друг работодавач) или
3) вработување кај друг работодавач без огласување, со преземање и склучување на договор за вработување за вршење на работи кои одговараат на неговата стручна подготовка, односно квалификација;
4) склучување на нов договор за вработување.
Член 252
Во случаи на откажување на договор за вработување од деловни причини, Министерството е должно на работникот да му исплати испратнина, односно еднократен надомест во висина на нето плата за секои пет години работен стаж во Министерството, чиј износ не може да биде повисок од шест нето плати на работникот.
Основицата за пресметка на испратнината од ставот 1 на овој член е просечната нето плата на работникот исплатена во последните шест месеци пред отказот.
Испратнината се исплатува со денот на престанокот на работниот однос.
Член 253
Бројот и структурата на работниците на кои им престанува договорот за вработување од деловни причини се утврдува врз основа на следните критериуми:
1. стручна подготовка и квалификација;
2. работно искуство;
3. работен стаж;
4. здравствена состојба;
5. успешноста во работењето;
6. вид и значење на работното место;
7. возраст;
8. економско-социјална состојба.
Член 254
Кога за определен број работници престанала потребата за работа, а на работното место работат два или повеќе работници, за вишок се утврдуваат работниците кои исполнуваат еден од условите за остварување на правото на пензија.
Член 255
Наведените критериуми од членот 253 од овој колективен договор се вреднуваат со искажување во бодови, врз основа на кои се утврдува приоритетна листа на работниците кои работеле на наведеното работно место за задржување на работа и во зависност од остварениот поголем број бодови.
1. Стручна подготовка на работникот
Овој критериум се вреднува според степенот и видот на стручната подготовка. а) степен на сручна подготовка
- основно образование 10 бода;
- средно образование 15 бода;
- вишо образование или 180 ЕКТС 20 бода;
- високо образование или 240/300 ЕКТС 25 бода; б) вид на стручна подготовка
- содветна за работното место 5 бода;
- несоодветна за работното место 0 бода.
2. Работно искуство
Овој критериум се вреднува според бројот на годините поминати на работа во Министерството во ефкетивно траење.
а) до 10 години 5 бода;
б) од 11 до 20 години 10 бода;
в) од 21-30 години 15 бода;
г) над 30 години 20 бода.
3. Работен стаж
Овој критериум се вреднува според бројот на годините утврдени како вкупен работен стаж и тоа:
- за секоја година работен стаж по еден бод, но најмногу до 25 бода.
4. Здравствена состојба
Здравствената состојба се утврдува врз основа на наод од здравствената комисија на Министерството или друг здравствен орган сметано од денот на утврдување на приоритетна листа и тоа:
а) утврден степен на намалена работна способност
како последица од повреда на работа или професионално заболување 10 бода; б) останати инвалиди на трудот 5 бода.
5. Успешност во работењето
Овој критериум се вреднува според следните мерила:
а) подпросечна успешност во работењето 0 бода;
б) просечна успешност во работењето 20 бода;
в) надпросечна успешност во работењето 40 бода.
Успешноста се утврдува за период од најмалку 12 претходни месеци со писмено мислење на раководителот на организациската единица, имајќи ги предвид остварените резултати во работењето, изразени со утврдувањето на додатокот за работна успешност, годишни оценки за работа, како и изречените дисциплински мерки во постапка за дисциплинска одговорност, награди и слично.
6. Вид и значење на работното место
Овој критериум се вреднува според работното место, односно според сложеноста и одговорноста на истото и тоа:
а) работно место со II степен на сложеност 10 бода;
б) работно место со III степен на сложеност 15 бода;
в) работно место со IV степен на сложеност 20 бода;
г) работно место со V степен на сложеност 25 бода;
д) работно место со VI степен на сложеност 30 бода;
ѓ) работно место со VII степен на сложеност 35 бода;
е) работно место со VIII и IX степен на сложеност 40 бода.
Во зависност од работното место на кое работникот работел, на работникот му следуваат:
а) на исто или слично работно место 5 бода;
б) на друго работно место 2 бода.
7. Возраст на работникот
За секоја година возраст над 18 години, работникот добива по еден бод, но најмногу до
20 бода.
8. Економско-социјална состојба
Овој критериум се вреднува според:
а) работник кој има приход по член на семејство
до 50% од просечната месечна нето плата исплатена
во Република Македонија 10 бода;
б) работник кој има приход по член на семејство
од 50% до 100% од просечната месечна нето плата исплатена во Република Македонија
5 бода;
в) работник кој има приход по член на семејство
над 100% од просечната месечна нето плата исплатена во Република Македонија
0 бода;
г) работник кој има дополнителни приходи од
дополнителна работа или од обработлив имот 10 бода; д) работник кој има основано правно лице
за вршење на самостојна дејност на свое име 10 бода.
Како член на семејство во смисла на овој критериум се смета брачниот другар и децата, како и децата кои не се во брачна заедница, а живеат заедно со работникот.
Член 256
Доколку според критериумите утврдени во членот 255 од овој колективен договор работниците кои се утврдени во приоритетна листа имаат ист број на вкупно остварени бодови, предност да го задржат работното место имаат:
- работник-жена за време на бременост и работничка со дете на возраст до две години;
- работник - самохран родител односно посвоител на дете до седум години;
- работник - родител на дете со посебни потреби;
- работник - инвалид на трудот и работник со професионално заболување;
- еден од брачните другари што се вработени во Министерството;
- работник чиј брачен другар е невработен;
- работник - претставник на Синдикатот;
- работник кој има пет години до остварување на правото на пензија.
Член 257
За водење на постапка за донесување на решение за престанок на договорот за вработување со отказ од деловни причини (економски, технолошки или слични промени), министерот со решение формира комисија.
Комисијата од ставот 1 на овој член е составена од претседател, два члена и нивни заменици, од кои еден член и еден заменик предлага Синдикатот.
Комисијата врз основа на критериумите утврдени во членот 255 од овој колективен договор, изготвува писмен предлог до министерот за донесување конкретно решение.
Ако министерот не се согласува со предлогот на комисијата поради нецелосно или необјективно применување на критериумите од членот 253 односно нивно несоодветно вреднување согласно членот 255 од овој колективен дговор, може предметот да го врати на повторно разгледување до комисијата или да донесе поинакво решение.
Против решението на министерот одлучува надлежна комисија при Владата на Република Македонија.
На работникот не може да му престане договорот за вработување ако не му се обезбеди едно од правата утврдени со закон и одредбите од овој колективен договор.
3. Причини поради кои не може да се откаже договорот за вработување
Член 258
Договорот за вработување не може да се откаже поради:
1. членство во Синдикатот или учество во синдикални активности во согласност со закон и одредбите на овој колективен договор;
2. поднесување на тужба или учество во постапка против Министерството во врска со кршење на договорните и други обврски од работниот однос пред арбитражни, судски и управни органи;
3. отсуство од работа за време на породилно отсуство;
4. одобрено боледување;
5. користење на одобрено отсуство од работа и годишен одмор;
6. учество во воена вежба;
7. обука за потребите на Министерството и
8. други случаи на мирување на работниот однос утврдени со закон.
Член 259
Договорот за вработување на работникот не може да му престане со отказ од страна на министерот ако не постои оправдана причина за неговото однесување или ако причината не е заснована на потребите на функционирањето на Министерството.
XV. ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА РАБОТНИЦИТЕ
1. Постапка по приговор
Член 260
Заради остварување на правата од работен однос работникот има право да поднесе барање односно приговор кој се поднесува до органот надлежен за одлучување во втор степен.
Работникот има право на приговор против решенијата донесени од страна на министерот односно друг овластен работник од него определен со овој колективен договор, а се однесуваат на неговите правата, обврски и одговорности.
Постапката по барањето односно приговорот од ставот 1 на овој член е итна.
Член 261
Министерот односно од него овластен работник е должен при одлучувањето за сите права и обврски од работен однос на работникот да му врачи одлука во писмена форма.
Член 262
За решавање на споровите настанати во врска со заштитата на правата на работниците утврдени со овој колективен договор, потписниците на овој колективен договор можат да поведат спор пред надлежниот суд.
2. Бесплатна правна помош
Член 263
Ако против овластеното службено лице се поведе или води кривична, прекршочна или парнична постапка поради употреба на средства за присилба или заради други интервенции во вршењето на работата, како и за учество во сообраќајна незгода со моторно возило при вршењето на работата, Министерството му обезбедува бесплатна правна помош во врска со водење на постапката.
Министерството ќе му обезбеди бесплатна правна помош и на граѓанин кој му укажал помош на овластено службено лице во вршење на службената должност, ако против него е поведена кривична, прекршочна или парнична постапка, за дејствие сторено во врска со укажаната помош.
Член 264
Основаноста на барањето се утврдува врз основа на оценка за оправданоста на употребата на средства за присилба и мислење од непосредниот раководен работник за основаноста на барањето.
Во случаите на учество во сообраќајна незгода со моторно возило при вршењето на работата, за основаноста на барањето се доставува писмено мислење од непосредниот раководен работник и мислење од организациската единица надлежна за внатрешна контрола и професионални стандарди.
Член 265
За барањето за бесплатна правна помош одлучува министерот, директорот на Бирото односно Управата по претходно доставено писмено барање од страна на работникот.
Член 266
Бесплатна правна помош се исплаќа на ополномоштениот бранител по завршување на судската постапка со доставување на правосилна пресуда или друг акт со кој се завршува постапката пред надлежниот суд и со доставување на фактура согласно адвокатскиот тарифник.
XVI. РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИ И АРБИТРАЖА
Член 267
За спогодбено решавање на индивидуален или колективен работен спор што не може да се реши со меѓусебно договарање меѓу потписниците на овој колективен договор, се формира мировен совет.
Секој од учесниците – потписници на овој колективен договор, именуваат по еден член во мировниот совет за усогласување од ставот 1 на овој член.
Претседателот на мировниот совет се избира од редот на вработените со спогодба на Министерството и Синдикатот.
Член 268
Постапката за усогласување започнува на барање на еден од учесниците – потписници на колективниот договор и истата треба да заврши во рок од 30 дена од денот на доставувањето на барањето од другиот учесник.
Секое усогласување што учесниците – потписници на колективниот договор ќе го постигнат задолжително треба да биде во писмена форма и потпишано од потписниците на овој колективен договор.
Со усогласените ставови учесниците – потписници на колективниот договор пристапуваат кон изменување и дополнување на овој колективен договор.
Член 269
Ако постапката за усогласување од членот 268 од овој колективен договор заврши неуспешно, спорот се решава пред арбитражен совет.
Арбитражниот совет од ставот 1 на овој член треба да го реши спорот во рок од 60
дена.
Член 270
Арбитражниот совет е составен од пет членови – по два арбитри од Министерството и Синдикатот, а претседателот го именуваат арбитрите спогодбено.
Претседателот на арбитражниот совет е дипломиран правник со положен правосуден испит, кој ги исполнува условите согласно Законот за медијација и истиот нема склучено договор за вработување во Министерството.
Арбитражниот совет одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
Одлуките на арбитражниот совет се обврзувачки за потписниците на овој колективен доовор и имаат сила на извршна исправа.
XVII. ЗАЕМНА КООРДИНАЦИЈА НА КОМИСИИТЕ
Член 271
Комисиите формирани во Министерството согласно одредбите од овој колективен договор најмалку еднаш годишно одржуваат заеднички работни средби односно се советуваат заради координација и заемно усогласување на ставовите и методологијата на работа.
XVIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ Член 272
Доколку со актите за систематизација на работните места во Министерството донесени согласно Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/09, 35/10), како посебен услов за определено работно место е предвиден вид на образование различен од видот на образование утврден како посебен услов за истото работно место со претходните акти за систематизација на работните места, за работниците распоредени на тие работни места согласно претходните акти за систематизација на работните места, ќе се цени дека го исполнуваат условот за тоа работно место во однос на видот на образование согласно новите акти за систематизација на работните места во Министерството.
Член 273
Постапките од областа на работните односи кои се започнати пред денот на влегување во сила на овој колективен договор, ќе се завршат согласно прописите кои важале до моментот на влегување во сила на овој колективен договор.
Член 274
Посебните акти чие донесување е предвидено со овој колективен договор, министерот ќе ги донесе во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој колективен договор.
Член 275
Комисиите чие формирање е предвидено согласно одредбите на овој колективен договор, ќе се формираат во рок од еден месец од денот на влегување во сила на овој колективен договор.
Член 276
За следење на примената на одредбите на овој колективен договор, Министерството и Синдикатот формираат комисија за следење, примена и толкување на одредбите од овој колективен договор.
Секоја од страните – потписници на овој колективен договор именува по двајца претставници за членови во комисијата од ставот 1 на овој член.
Член 277
Овој колективен договор се склучува за време од две години.
Важноста на овој колективен договор може да се продолжи со писмена согласност на страните – потписници на договорот, што се склучува најдоцна 30 дена пред истекот на важноста на колективниот договор.
По истекот на рокот од ставот 1 на овој член, одредбите на колективниот договор се применуваат до склучувањето на нов колективен договор.
Член 278
Секоја страна – потписник на овој колективен договор може да предложи изменување и дополнување на колективниот договор.
Предлогот за изменување и дополнување во писмена форма се доставува до другата страна – потписник на овој колективен договор, која е должна да се произнесе најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на предлогот.
Во случај кога другата страна – потписник на договорот не го прифати односно не се произнесе по предлогот во рокот утврден во ставот 2 на овој член, страната – предлагач може да запчне постапка пред арбитражниот совет.
Член 279
Одредбата на членот 97 став 1 алинеја 2 од овој колективен договор ќе се применува до
1.01.2012 година.
Одредбата на членот 70 став 3 од овој колективен договор ќе се применува по една година од денот на влегување во сила на овој колективен договор.
Oдредбата на членот 97 став 2 од овој колективен договор ќе се применува од 1.01.2012
година.
Член 280
Начинот на пресметување на платата, додатоците на плата и другите примања утврден во Глава ,,IV. ПЛАТА, НАДОМЕСТОЦИ НА ПЛАТА И ДРУГИ ПРИМАЊА“, ќе се врши по
истекот на три месеци од денот на влегување во сила на овој колективен договор.
Член 281
Одредбите со кои се уредува надоместокот за службено патување во Републиката, ќе се применуваат доколку се утврдени со законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за тековната година.
Член 282
Со влегување во сила на овој колективен договор престанува да важи Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (,,Службен весник на Република Македонија“ бр. 8/98, 12/00, 2/03, 3/04, 16/06 и 21/09).
Член 283
Овој колективен договор се регистрира во министерството надлежно за работите во областа на трудот, а се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.
Член 284
Овој колективен договор влегува во сила со денот на склучувањето, а ќе се применува од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“.
Бр. 0402-430 Бр. 141-67897/1
14 септември 2010 година 13 септември 2010 година Скопје Скопје
Македонски Полициски синдикат
Министерство
За внатрешни работи
Претседател, Министер,