Contract
УПГД– 1/2020 Број: 02-23446/3 од 17.09.2020
Датум на примена: 17.09.2020
УСЛОВИ ЗА ПРОДОЛЖЕНА ГАРАНЦИЈА ЗА ДИГИТАЛНА ОПРЕМА
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
член 1
Изразите употребени во овие услови го имаат следното значење:
1.Осигурувач – Сава Осигурување АД Скопје,
2.Договорувач на осигурување – лице кое со осигурувачот склучува договор за осигурување;
3.Осигуреник - лице, чиј имот е осигуран и на кого му припаѓаат правата од осигурувањето;
4.Сума на осигурување – износ на кој имотот односно имотниот интерес е осигуран;
5.Премија – износ кој се задржува, односно плаќа за осигурување по договорот за осигурување;
6.Полиса - документ на договорот за осигурување;
7.Лист на покритие - потврда која привремено ја заменува полисата;
8.Дигитална опрема – мобилни телефони, таблети, преносни компјутери (лаптопи);
9.Основна гаранција од страна на производителот - законски задолжителна или со други прописи регулирана гаранција од страна на производителот на дигиталната опрема со која се обезбедува остранување на недостатоците, замена на дигиталната опрема, враќање на купопродажните средства или друг начин на заштита на потрошувачот, во случај да дигиталната опрема не работи исправно или ги нема карактеристиките наведени во гаранцијата или рекламниот материјал, во случај на предизвикана штета или расипување на дигиталната опрема, предизвикани од грешка во планирањето, материјалот или изработката, грешка во пресметката, услугата за поправка и/или предизивикана штета или уништување;
10.Партнер - правно лице кое се занимава со трговија, поправка, сервис и одржување на дигитална опрема кое со осигурувачот има склучено соодветен договор;
11.Контакт центар – организациска единица на осигурувачот која осигуреникот, треба да ја контактираат при настанување на осигурен случај и која стои на располагање 24 часа на ден, на бесплатниот телефонски број кој е наведен на полисата за осигурување.
СКЛУЧУВАЊЕ НА ДОГОВОР ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
член 2
(1) Договор за осигурување на имотот може да склучи лице кое има интерес да не настане осигурен случај, затоа што би претрпел некоја материјална загуба.
(2) Договор за осигурување е склучен кога договорувачот ќе ја потпише полисата за осигурување или листот на покритие.
Усната понуда направена до осигурувачот за склучување на договор за осигурување не ги обврзува ниту понудувачот, ниту осигурувачот.
ПОЛИСА И ЛИСТ НА ПОКРИТИЕ
член 3
(1) Во полисата за осигурување мора да бидат наведени: договорните страни, осигурениот предмет (со наведување на марка, врста, тип, модел, сериски број и ИМЕИ број на дигиталната опрема), ризикот опфатен со осигурувањето,
траењето на осигурувањето и периодот на покритие, сумата на осигурување или дека осигурувањето е неограничено, премијата или придонесот, датумот на издавањето на полисата и потписи на договорните страни.
(2) Полисата за осигурување може да биде привремено заменета со лист на покритие, во која се внесуваат суштествените состојки на договорот.
(3) Осигурувачот е должен да го предупреди договорувачот на осигурувањето дека условите за осигурувањето се составен дел на договорот и да му го предаде нивниот текст, ако тие Услови не се отпечатени на самата полиса.
(4) Извршувањето на обврските од став 3 мора да биде констатирано на полисата.
(5) Во случај на несогласување на некоја одредба од членовите за осигурување и некоја одредба од полисата, ќе се примени одредбата од полисата.
ПРИМЕНА НА УСЛОВИТЕ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
член 4
(1) Овие Услови се применуваат за осигурување на дигитална опрема и нудат покритие на продолжена гаранција после истекување на рокот на основната гаранција на производителот.
ПРЕДМЕТ НА ОСИГУРУВАЊЕ
член 5
(1) Предмет на осигурување може да биде исклучиво нова дигитална опрема:
1) Мобилни телефони;
2) Таблети;
3) Преносни компјутери (лаптопи) купена кај партнерот.
(2) При купување на поединечни компоненти од дигитална опрема, осигурувањето важи исклучиво за поединечно купените компоненти.
(3) Предмет на осигурување не се и не можат да бидат ни кога нивната вредност е вклучена во вредноста на дигиталната опрема:
1) дополнително вградени делови кои не се декларирани од страна на производителот,
2) потрошен материјал како што се: полначи на батерии, медиуми за снимање и чување на податоци, дискови, батерии, електронски пенкала, СИМ картички, дополнителни мемориски картички, торбички, слушалки, далечински управувачи и слично.
ОСИГУРАНИ ОПАСНОСТИ
член 6
(1) Согласно овие услови за продолжена гаранција на дигитална опрема, осигурувачот има обврска да ги надомести трошоците
настанати во случај на штета на дигиталната опрема а според условите на основната гаранција во времетраењето на продолжениот гаранциски период, по истекот на основниот гаранциски период на дигиталната опрема.
(2) Осигурувачот има обврска исклучиво доколку штетата на дигиталната опрема после истекот на основната гаранција биде предизвикана поради грешка во изработката, недостаток во материјалите или во калапот, грешка на производителот во пресметката, сервисирањето или склопувањето и/или за штетата или уништувањето кои се покриени со основната гаранција.
(3) Осигурувачот во никој случај нема обврска за штети или уништување на дигиталната опрема настанати во времетраење на основната гаранција.
ТЕРИТОРИЈАЛНО ПОКРИТИЕ
член 7
(1) Обезбедувањето на услуги согласно осигурителното покритие по овие услови за осигурување е на територија на Република Северна Македонија.
ПОЧЕТОК И КРАЈ НА ОСИГУРИТЕЛНОТО ПОКРИТИЕ
член 8
(1) Покритието на продолжената гаранција за осигурената дигитална опрема почнува да важи по истек на 24-тиот час од денот на престанок на важноста на основната гаранција на производителот, а престанува да важи по истекот на 24-тиот час од денот кој во полисата е наведен како датум на престанок на осигурувањето, максимално до 12 месеци.
(2) Без оглед на договорениот период на важење на осигурувањето, осигурителното покритие по овие услови престанува во случај на:
1) целосна штета на предметот на осигурување. Како целосна штета се смета штета настаната на осигурената дигитална опрема кога трошоците за поправка на истата ја надминува вредноста на осигурената дигитална опрема,
2) прекин на основната гаранција од производителот.
СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ И ВРЕДНОСТ НА ОСИГУРАНИОТ ПРЕДМЕТ
член 9
(1) Сума на осигурување за дигиталната опрема претставува новонабавната вредност на дигиталната опрема според фактура односно фискална сметка. Сумата на осигурување претставува износ на максималната обврска на осигурувачот.
(2) Вредноста на осигураниот предмет – дигитална опрема, преставува новонабавната вредност на дигитална опремата, намалена за износот на почетното амортизирање (техничко и економско).
(3) Месечните амортизациони стапки со кои се пресметува процентот на амортизираноста на опремата изнесуваат:
1) за мобилни телефони 3%
2) за таблети 3%
3) за преносни компјутери (лаптопи) 3%.
ПЛАКАЊЕ НА ПРЕМИЈАТА
член 10
(1) Договорувачот на осигурувањето е должен да ја плати премијата на осигурувањето, но осигурувачот е должен да ја
прими уплатата на премијата од секое лице кое има правен интерес таа да биде платена.
(2) Ппемијата се плаќа во договорените рокови, а ако треба да се исплати одеднаш, се плаќа при случување на договорот.
(3) На износот на премијата што се плаќа во договорени рокови може да се пресмета и наплати договорена камата.
(4) Ако договорувачот на осигурувањето не ја плати премијата во договорениот рок, осигурувачот може, покрај главницата, да му пресмета и затезна камата.
(5) Место на плаќање на премијата е местото во кое договорувачот на осигурувањето има свое седиште односно живеалиште, ако со договорот не е определено некое друго место.
ОБВРСКА НА ОСИГУРЕНИКОТ КОГА ЌЕ НАСТАНЕ ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
член 11
(1) Кога ќе настане осигурен случај врз основа на кој се бара надомест од осигурувањето, осигуреникот е должен да постапи на овој начин:
1) веднаш да превземе сé што е во негова можност за да ги ограничи неговите штетни последици и при тоа да се придржува кон упатствата што му ги дал осигурувачот или неговиот претставник;
2) што порано, а најдоцна во рок од 3 дена да го извести осигурувачот за настапување на осигурениот случај преку контакт центар на осигурувачот и писмено да ја потврди пријавата направена усно, телефонски, телеграфски или на било кој друг сличен начин;
3) веднаш по настанувањето на осигурениот случај, ако е тоа можно, односно кога тоа приликите го дозволуваат, да се поднесе на осигурувачот попис на уништените, односно оштетените предмети со приближно назначување на нивната вредност;
(2) Осигуреникот е должен, независно од рокот во кој ја поднел пријавата за штетата, на претставникот на осигурувачот да му ги даде сите податоци и други докази потребни за утврдување на причината, обемот и висината на штетата. Осигурувачот, исто така, може да бара осигуреникот да прибави и други докази, ако тоа е неопходно потребно и оправдано.
(3) Ако осигуреникот не ја изврши својата обврска за известување на осигурувачот од став 1, точка 2 од овој член, должен е да му ја надомести на осигурувачот штетата која тој би ја имал поради тоа.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
член 12
(1) Кога ќе ја прими пријавата за настанат осигуран случај, осигурувачот е должен веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена, да пристапи кон утврдување и процена на штетата.
ИСКЛУЧУВАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ НА ОСИГУРУВАЧОТ
член 13
(1) Осигурувачот не е должен да надомести штета од било каков вид, ако таа е директно или индиректно предизвикана од:
1) Војна, инвазија, дејства на странски непријатели, непријателски или воени операции (без оглед дали војна е објавена или не), граѓанска војна, буна, револуција, востание, граѓански немири, имајќи го
во предвид учеството во, или големината на востанието, воената или узурпаторската сила;
2) Некое дејство на тероризам. За примена на ова исклучување дејство на тероризам значи дејство, кое вклучува, но не е ограничено на употреба на сила или насилство и/или закана со нив на лице или група на лица, без оглед дали дејствуваат сами или во корист на или во врска со било која организација(и) или влада(и) обврзани со политички, религиозни, идеолошки или етнички цели и причини, вклучувајки и намера да се влијае на влада и/или да се изложи јавноста или дел од јавноста под страв;
3) Биолошка или хемиска контаминација. За примена на ова исклучување контаминација значи контаминирање, труење или превентива и/или ограничување на употреба на објект поради влијание на хемиски и/или биолошки материи;
4) Проектили, бомби, гранати и воено-експлозивни средства.
(2) Исклучени се: штети, загуби, трошоци и надоместоци од секаков вид директно или индиректно настанати од, како последица или во врска со дејство превземено за контрола, превенција, санирање, угушување или на било кој начин се однесува на точките 1),2),3) и 4) од став 1 од овој член.
(3) Ако осигурувачот потврди дека поради исклучочите од став 1 или 2 од овој член, штетата, загубата, надоместокот или трошокот не се покриени со осигурувањето, товарот за докажување на спротивното паѓа на осигуреникот.
(4) Осигурувачот не е должен да надомести штета, ако таа е предизвикана намерно или со измама на договорувачот на осигурувањето, осигуреникот или корисникот на осигурувањето. Но, ако се остварил осигурен случај, осигурувачот е должен да ја надомести секоја штета предизвикана од некое лице за чии постапки осигуреникот одговара по било кој основ, без оглед на тоа дали штетата е предизвикана од немарност или намерно.
(5) Исто така исклучени се обврските на осигурувачот:
1) Во случај на штета предизвикана од електромагнетен импулс предизвикан од човек или на природен начин;
2) Во случај на индиректна штета, на нематеријални губитоци во врска со осигурениот случај, со губиток на заработката и казните;
3) За директна или индиректна штета на други апарати и уреди;
4) За отклонување на помали недостатоци, особено на оние штети предизвикани заради гребење и рибање и други недостатоци на изгледот на дигиталната опрема, кои не влијаат на техничката исправност на опремата;
5) За редовно одржување, чистење, и други услуги;
6) За недостатоци во надворешниот дизајн, производството или за други недостатоци кои подлежат на обврска на призводителот да ги повлече од пазарот, таканареченото нашироко распространето повлекување на производи на глобално ниво (epidemic or pandemic racalls);
7) За штети предизвикани како директна или индиректна последица од земјотрес, пожар, удар од гром, невреме, град, поплава или други неповолни временски услови;
8) За било какви штети доколку серискиот број на предметот на осигурување е променет, уништен, отстранет или не е повеќе препознатлив;
9) За штети предизвикани од 'рѓа, оксидација, влага, несоодветна температура, акумулација на песок или прашина;
10) За штети предизвикани од непочитување на упатствата на производителот за ракување со дигитална опрема;
11) За штети на заменската дигитална опрема;
12) За штети предизвикани од употреба на неисправна опрема која причинила штета на дигиталната опрема која е предмет на осигурување, како и било каква одговорност за оштетување на туѓ имот како последица на грешка или неисправност на дигиталната опрема;
13) За штети кои настанале како последица на несоодветна, непрописна или невообичаена употреба, чистење или одржување на дигиталната опрема;
14) За штета на софтверот на дигиталната опрема;
15) За било кој вид на одговорност на производителот на дигиталната опрема;
16) Доколку осигуреникот самостојно ги отстрани недостатоците или штетата;
17) Доколку осигуреникот не постапи согласно неговите обврски наведени во член 11, став (1), точка 2);
18) Доколку ист недостаток се повтори на веќе направена поправка за која гаранција дава овластениот сервис;
19) За дополнителните трошоци за подобрување на дигиталната опрема во текот на поправката;
20) За сите случаи кога основната гаранција не важи или истата се исклучува и кои се наведени во основните гарантни услови.
ВИСИНА НА НАДОМЕСТОТ ОД ОСИГУРУВАЊЕ
член 14
(1) Осигурувачот е во обврска да го исплати надомест од осигурувањето за штетата предизвикана со настанување на осигурениот случај по одредбите на овие услови.
(2) Висината на надоместот се утврдува:
1) во случај на поправка на недостаток или штета на дигиталната опрема, осигурувачот е должен да ги надомести трошоците за поправка, според цената на материјалите и работната рака како и транспортните трошоци настанати во врска со осигурениот случај во време на настанување на осигурениот случај,
2) Во случај да поправката на дигиталната опрема не е технички можна или е економски неоправдана (тотална штета), бидејки трошоците за поправка се повисоки од вредноста на опремата, висината на надомест се утврдува во висина на вредноста на осигурениот предмет во моментот на настанување на осигураниот случај.
(3) Износот на надоместот не може да биде поголем од штетата што осигуреникот ја претрпел со настанувањето на осигурениот случај.
ИСПЛАТА НА НАДОМЕСТ ОД ОСИГУРУВАЊЕ
член 15
(1) Кога ќе настане осигурен случај, осигурувачот е должен да го исплати надоместот или сумата определена со договорот во договорениот рок, кој не може да биде подолг од 14 дена,
сметајќи од кога осигурувачот добил известување дека настанал осигуран случај.
(2) Ако за утврдување на постоењето на обврската на осигурувачот или на нејзиниот износ е потребно извесно време, овој рок почнува да тече од денот кога е утврдено постоењето на неговата обврска и нејзиниот износ.
(3) Ако износот на обврската на осигурувачот не биде утврден во рокот одреден во став 1 на овој член, осигурувачот е должен на барање од овластено лице да го исплати износот на неспорниот дел од својата обврска на име xxxxx.
(4) Осигурувачот за една иста опрема може да плати надомест на штета најмногу до три пати во текот на траењето на осигурувањето на продолжената гаранција.
(5) Во случај на тотална штета, оштетената дигитална опрема преоѓа во сопственост на осигурувачот.
ВРАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈА
член 16
(1) Ако осигурениот предмет биде уништен пред почетокот на обврската на осигурувачот, на договорувачот на осигурувањето му се враќа износот на платената премија.
(2) Ако осигурениот предмет биде уништен по отпочнувањето на обврската на осигурувачот од ризиците што не се опфатени во осигурувањето, на договорувачот на осигурувањето му се враќа износот на премијата за неискористеното времетраење на осигурувањето.
(3) Ако осигурениот предмет биде уништен по отпочнувањето на обврската на осигурувачот од ризиците опфатени со осигурувањето, на осигурувачот му припаѓа целиот износ на премијата за тековната година на осигурувањето, односно за договореното времетраење на осигурувањето.
(4) Со престанување на договорот за осигурување во сите други случаи пред истекот на времето за кое премијата е платена, премијата му припаѓа на осигурувачот само до завршетокот на денот до кога тој бил во обврска, освен ако не е поинаку договорено.
ПРЕТСТАВКИ ОД ОСИГУРЕНИЦИ
член 17
(1) Осигуреникот, корисникот на осигурување или трето оштетено лице има право да поднесе претставка до друштвото за осигурување доколку смета дека друштвото не се придржува кон одредбите од договорот за осигурување, согласно Законот за супервизија на осигурување.
(2) Друштвото за осигурување е должно да се произнесе по претставката на осигуреникот/корисникот на осигурувањето/трето оштетено лице во рок од 30 дена од денот на поднесување на претставката.
(3) Доколку не е задоволен од одговорот на друштвото за осигурување или ако друштвото за осигурување не одлучи и писмено не го извести во рокот од 30 дена од денот на поднесувањето на претставката, осигуреникот/корисникот на осигурување/третото оштетено лице има право да поднесе претставка/жалба до Агенцијата за супервизија на осигурување, согласно Законот за супервизија на осигурување и подзаконските акти донесени врз основа на овој закон.
ПОСТАПКА НА ВЕШТАЧЕЊЕ
член 18
(1) Секоја од договорните страни може да бара одредени спорни факти да ги утврдат вештаци. Барањето се доставува во
писмена форма до другата договорна страна. Ако другата договорна страна се сложува со тоа, се пристапува кон постапка на вештачење.
(2) Секоја договорна страна писмено именува свој вештак. Избраните вештаци пред почетокот на работата избираат трет вештак, како претседател кој не може да биде од редовите на лицата кои се во работен однос со осигурувачот и осигуреникот.
(3) Вештаците му предаваат на осигурувачот и осигуреникот по еден примерок од својот писмен наод во определен рок. Ако наодите на вештаците меѓусебно отстапуваат, осигурувачот, нивните писмени наоди веднаш ќе му ги предаде на третиот вештак, кој своето стручно мислење го дава само во границите на констатациите од двата вештаци.
(4) Констатациите на вештаците се задолжителни за двете страни.
(5) Секоја договорна страна ги сноси трошоците за вештакот што го бира и половина од трошоците за третиот вештак.
НАДЛЕЖНОСТ ВО СЛУЧАЈ НА СПОР
член 19
(1) Во случај на спор помеѓу договорувачот на осигурувањето, осигуреникот и осигурувачот, надлежен е стварно надлежниот суд според местото на седиштето на осигурувачот.
НАЧИН НА ИЗВЕСТУВАЊЕ
член 20
(1) Сите известувања и пријави што договорувачот на осигурувањето е должен да ги направи во смисла на одредбите од овие и други услови на осигурување, задолжително треба писмено да се потврдат ако се направени усно, преку телефон, телеграма или на било кој друг начин. Како ден на приемот на известувањето, односно пријавата ќе се смета денот кога е примено известувањето, односно пријавата. Ако известувањето односно пријавата се испраќа препорачано, како ден на приемот ќе се смета денот на предавањето во пошта.
(2) Спогодбите што се однесуваат на содржината на договорот важат само ако писмено се склучени.
ПРОМЕНА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
член 21
(3) Осигуреникот е должен да го извести осигурувачот за: промена на адресата на живеење, односно седиштето, промена на своето име или презиме, односно називот на фирмата, промена на трансакциска сметка, промена на телефонски број за контакт, во рок од 15 дена од денот на настанување на промената.
(4) Доколку осигуреникот ги променил личните податоци наведени во точка 1 од оваа одредба, а за тоа не го известил осигурувачот, осигурувачот известувањето кое мора да му го соопшти на осигуреникот ќе го испрати на адресата на неговото последно живеалиште или седиште или ќе го адресира на последното познато име и презиме, односно назив на фирма.
(5) Ако договорувачот на осигурувањето не го откаже договорот за осигурување во рокот од став 2 од овој член, договорот за осигурување во почетокот на наредниот период на осигурувањето се менува во сообразност со извршените измени во Условите за осигурување, односно Тарифата на премии.
ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ
член 22
(1) Осигуреникот, согласно Законот за заштита на личните податоци изречно се согласува неговите лични податоци да се користат за натамошна обработка од страна на осигурувачот во својство на контролор и од страна на обработувачи на лични податоци за спроведување на конкретните права и обврски од договорот за осигурување, каде осигуреникот е договорна страна или на барање на осигуреникот, пред негово пристапување кон договорот.
(2) Осигуреникот изречно се согласува и го овластува осигурувачот во интерес на работата, а во врска со правата и обврските кои произлегуваат од овој договор, да се интересира за неговите лични податоци (адреса на живеење, вработеност, имотна состојба и примања) кај одговорните државни органи или било која друга надлежна институција, и истите да ги употреби доколку е тоа потребно за извршување на одредбите од овој договор.
(3) Осигуреникот му дозволува на осигурувачот неговите лични податоци да бидат дадени на користење и на други надлежни институции кои за тоа поднеле писмено барање, а во врска со извршување на нивните редовни работи во согласност со закон.
(4) Личните податоци на осигуреникот можат да се користат само во рамките на работите кои произлегуваат од правата и обврските на овој договор и се чуваат во законски утврдените рокови. Осигурувачот се обврзува дека личните податоци на осигуреникот внимателно ќе ги чува во согласност со прописите за заштита на личните податоци.
ПРИМЕНА НА ЗАКОН
член 23
(1) За односите помеѓу Осигуреникот на една страна и Осигурувачот од друга страна, се применуваат и одредбите од Законот за облигациони односи (ЗОО).
НАДЛЕЖЕН ОРГАН
член 24
(1) Надлежен орган за супервизија врз работењето на друштвото за осигурување е Агенцијата за супервизија на осигурување, до која Осигуреникот/корисникот на осигурувањето/третото оштетено лице може да достави претставка/жалба во однос на друштвото за осигурување согласно Законот за супервизија на осигурување.
ДАТУМ НА ПРИМЕНА
член 25
Овие Услови се донесени на 2-та седница на Одборот на директори на САВА осигурување одржана на ден 17.09.2020 година.
Овие Услови влегуваат во сила со денот на донесувањето.
САВА осигурување, x.x. Скопје
Одбор на директори
Претседател Xxx Xxxx